У.бр.78/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 28 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 43 во делот „Државната“ од Законот за Државен пазарен инспекторат („Службен весник на РМ“ бр. 24/2007, 81/2007, 36/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 61/2015, 152/2015 и 53/2016).

2. Игорчо Точев од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата согласно членот 43 од Законот за Државен пазарен инспекторат било определено дека со денот на влегување во сила на овој закон, престанува да важи Законот за Државната пазарна инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/1997, 23/1999, 7/2002 и 20/2002), а во правниот промет пред влегувањето во сила на Законот за Државен пазарен инспекторат, евидирал пропис под името „Закон за пазарната инспекција“ кој во основната форма бил објавен во („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/1997), а не пропис под името „Закон за Државната пазарна инспекција“, што било во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

3. Судот на седница утврди дека согласно член 43 од Законот за Државен пазарен инспекторат („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2007, 81/2007, 36/2011,164/2013, 41/2014, 33/2015, 61/2015, 152/2015 и 53/2016) е предвидено дека со денот на влегување во сила на овој закон, престанува да важи Законот за Државната пазарна инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/1997, 23/1999, 7/2002 и 20/2002).

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во членот 1 од Законот за Државен пазарен инспекторат („Службен весник на РМ“ бр.24/2007, 81/2007, 36/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 61/2015, 152/2015 и 53/2016) е предвидено дека со овој закон се уредуваат начелата, надлежноста, организацијата на пазарната инспекција и постапките на инспекцискиот надзор.

Со членот 1 од Законот за измена и дополнување на Законот за пазарната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/02) насловот на Законот се менува и гласи: „Закон за Државната пазарна инспекција“.

Според член 43 од Законот за Државен пазарен инспекторат („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2007, 81/2007, 36/2011, 18/2013, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 61/2015, 152/2015 и 53/2016) е предвидено дека со денот на влегување во сила на овој закон, престанува да важи Законот за Државната пазарна инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/97, 23/99, 7/02 и 20/02).

Во оваа смисла Судот утврди дека подносителот на иницијативата не ја земал во предвид содржината на сите измени на Законот за Државната пазарна инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/1997, 23/1999, 7/2002 и 20/2002), ова дотолку повеќе што во Законот за Државната пазарна инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/02) е објавена исправката на Законот, а не и негова измена.

Поаѓајки од анализата на наведените уставни и законски одредби во однос на наводите во иницијативата со која се бара оценување на уставност на содржината од законската одредба која уште пред поднесувањето на иницијативата е изменета, Судот оцени дека постојат други процесни пречки за одлучување по истата, поради што иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.78/2017
28.11.2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски