У.бр.77/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 372 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015).

2. Љупчо Велковски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Подносителот со иницијативата го оспорува член 372 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), и смета дека оспорената одредба била во спротивност со член 8, член 9, член 15, член 24 став 1, член 50, член 51 и член 54 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот, наведува дека оспорената одредба од член 372 став 2 од Законот за парничната постапка, го нарушувала и ограничувала правото само за одредена група на граѓани и само затоа што вредноста на нивниот спор не надминувала одредена сума, што не било случај со другата група граѓани чиј спор ја надминувал одредената сума. Го ограничувало правото на граѓаните незадоволни од судската пресуда да бараат заштита на своите права пред највисокиот судски орган во Република Северна Македонија и ги лимитирал во правната постапка.

Исто така, во иницијативата се наведува дека така дефинираната одредба од член 372 став 2 од Законот, била дискриминаторска, а законодавецот не смеел да ограничува права бидејќи не била прогласена воена или вонредна состојба, а со оспорената одредба се ограничувале две права на одредена група на граѓани, и тоа основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, со кои на граѓаните им се гарантирало правото на фер и правично судење како и владеење на правото.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од член 272 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015).

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 372 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), е со следната содржина:

„Странките можат да изјават ревизија против второстепена пресуда, ако вредноста на предметот на спорот на побиваниот дел на пресудата надминува 1.000.000 денари“.

4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Северна Македонија досега во два наврати ја оценувал уставноста на одредбата од член 372 став 2 од Законот за парничната постапка, притоа во првиот случај со Решение У.бр.35/2006 од 13.09.2006 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 372 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005), согласно кој странките можеле да изјават ревизија против второстепена пресуда ако вредноста на предметот на спорот на побиваниот дел на пресудата надминувал 500.000 денари. Во вториот случај со Решение У.бр.59/2011 од 09.05.2012 година, Судот исто така не повел постапка за оценување на уставноста на член 372 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010), согласно кој странките можеле да изјават ревизија против второстепена пресуда, ако вредноста на предметот на спорот на побиваниот дел на пресудата надминувал 1.000.000 денари, притоа вака утврденото законско решение е важечко, и е предмет на оспорување и во конкретниот случај.

Имено, Судот и во двете претходно наведени решенија утврдил дека право е на законодавецот покрај жалбата како редовен правен лек да предвиди и вонредени правни лекови, односно да ја предвиди ревизијата како вонреден правен лек кој странките можеле да го изјават доколку се исполнети одредени предуслови, а тоа е вредноста на спорот или видот на спорот поради што не можело да се постави прашањето за нивната согласност со уставните одредби на кои се повикувале подносителите на иницијативите.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на член 372 став 2 од Законот за парничната постапка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.77/2021
9 септември 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска