У.бр.76/2019

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 47 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 22 јануари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на членот 54 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/2019).

2. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијативата поднесена од Божна Гаговска од Скопје, со Решение У. бр. 76/2019 од 4 декември 2019 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 54 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/2019), затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, со свој акт бр.09-16/1 од 03.01.2020 година, го извести Уставниот суд дека има донесено Правила за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 162/2019 од 6 август 2019 година), со кои го има изменето членот 54 од Правилата за снабдување со топлинска енергија.

Изменетиот член 54 од Правилата има осум става и нова содржина, за разлика од претходно важечкиот, кој имаше три става и друга содржина.

Ставот 1 од новиот член, ја има задржано претходната содржина, со минимални допрецизирања на постапката во точките 4) и 8) и со додавање на нова точка 10), со која се пропишува дека по прифаќање на барањето на сопственикот и подмирување на сите доспеани обврски спрема снабдувачот по основ на испорачана топлинска енергија, договорот за снабдување со топлинска енергија се смета за раскинат.

Ставовите 2 и 3 се заменети со нови ставови 2, 3, 4, 5, 6, 7 и 8, со кои суштински се менува содржината и на нов, различен начин се пропишува обврска за плаќање на надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, односно се пропишуваат услови за ослободување од плаќање на таквата обврска.

Согласно член 47 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако се утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека Уставниот суд, при донесување на Решението У.бр.76/2019, ја немал предвид наведената измена на Правилата, поради што поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба.

Оценувањето на уставноста и законитоста на новиот член 54 од Правилата за топлинска енергија подразбира потреба од нова анализа на одредбата, за што нема услови во оваа фаза на постапката. Таквата анализа е можна доколку пред Уставниот суд биде оспорена уставноста и законитоста на новиот член 54 од Правилата.

Поради наведеното, Судот утврди дека се настапени условите од член 47 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за запирање на постапката, поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.

3. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.76/2019
22 јануари 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати