У.бр.7/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 71 и членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 21 април 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 68 став 2 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).

2. Ганча Стојановски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Во иницијативата, подносителот наведува дека по издадено Решение за издавање нотарски платен налог поднел приговор до судот при што истиот бил отфрлен од страна на судот со образложение, дека не можел лично да поднесе приговор бидејќи, согласно член 68 од Законот за нотаријатот, приговорот против решение за издавање на нотарски платен налог го составувал адвокат и морал да содржи адвокатски печат и потпис.

Подносителот, сметал дека бил повреден членот 16 од Уставот, којшто ја гарантирал слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, односно дека секој закон требало да биде во согласност со Уставот.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија, да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одредба од член 68 став 2 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018) ја има следната содржина:

Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд со Решение У.бр.141/2016 од 05.07.2017 година, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на член 68 став 2 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016 и 142/2016), бидејќи утврдил дека истиот не е во спротивност со Уставот.

Од образложението на наведеното решение, во однос на оспорениот член 68 став 2 од Законот за нотаријатот, Судот утврдил дека присуството на адвокатите во постапката пред нотар било со цел обезбедување правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред органите во вршењето на јавно овластување утврдено со Законот за адвокатурата и друг закон. Оттука, целта за присуство на адвокатите во постапката пред нотарот била обезбедување и давање правна помош.

Освен тоа, во предметната иницијатива сметаме дека не се изнесени доволно аргументи и јасни укажувања за неуставноста на оспорениот член 68 став 2 од Законот бидејќи, подносителот како единствен аргумент го наведува фактот дека не му било дозволено лично да поднесе приговор против решението со коешто му било издаден нотарски платен налог, без притоа да даде аргументирани наводи и причини во која правна насока оспорената одредба од Законот е во спротивност со членот 16 од Уставот.

5. Имајќи предвид дека Уставниот суд веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.7/2021
21 април 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати