У.бр.66/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 април 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2016).

2. Адвокатот Александра Илиева Милчова од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 18 став 2 и членот 53 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека согласно законската поставеност на новововедената категорија регистрационен агент, кој можел да биде адвокат или сметководител, се овозможувало подносителот и преку регистрационен агент да поднесе статусна промена или основање на правен субјект во Централниот регистар на Република Македонија. За остварување на оваа функција согласно Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица и Законот за трговските друштва, регистрациониот агент морало да има полномошно издадено од лицето овластено за застапување, во кое полномошно точно стоело која промена или основање требало да се спроведе, а по спроведувањето на промената полномошното престанувало.

Во иницијативата се нагласува дека согласно член 18 став 2 од Уставот, на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците. Врз оваа уставна основа бил донесен Законот за заштита на личните податоци.

Со оспорениот член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, по членот 34-д се додаваат четири нови членови 34-ѓ, 34-е, 34-ж и 34-з, коишто се цитираат во иницијативата.

Понатаму, се укажува дека по спроведување на промената или основањето во трговскиот регистар, регистрациониот агент – адвокат или сметководител, согласно прописите за чување на правните акти коишто се во сопственост на правните лица, имал обврска да им го предаде во оригинал на оние кои му го издале полномошното – правни лица и тоа за нивна евиденција којашто била пропишана со Законот за трговските друштва (член 210).

Поради тоа обврската за чување на актите на правното лице ја имале единствено правното лице и трговскиот регистар којшто смеел да ги обработува само и единствено за целта за која му биле доставени.

Обврската регистрациониот агент да чува конвертирани списи излегувала од рамките на издаденото полномошно на правното лице и не била во согласност со член 18 став 2 од Уставот.

Исто така, и контролата согласно член 34-ѓ која директорот на кого законодавецот му дал моќ на своите вработени без судски налог или судска наредба да вршат контрола во простории на регистрационен агент, кој покрај сметководител, бил и адвокат, било спротивно на членот 53 и член 18 став 2 од Уставот.

Затоа што адвокатурата била самостојна и независна јавна служба и со воведување на оспорениот член 3 од Законот во правниот систем, го сведувало адвокатот на вработен во Централниот регистар, зависен и подреден, без притоа да има доволно разработена правна регулатива на пример кој би ги понел трошоците коишто законодавецот му ги наметнал на адвокатот да покрај својата основна функција којашто ја има за застапување на правни и физички лица во остварување на своите права пред сите институции во Република Македонија, да одговара на вработени службеници во Централниот регистар кои немале никакви посебни квалификации определени со закон за да ја вршат оваа функција, во смисла на образование или правно искуство, туку само да се вработени во Централниот регистар и да работеле по овластување на директорот.

Ваквото овластување на директорот на Централниот регистар ја подривало независноста на адвокатурата како јавна служба, затоа што регистрационен агент – адвокат, најпрвин бил адвокат, а потоа со функцијата регистрационен агент му се овозможувало електронски да поднесува пријави за упис врз основа на полномошно на правни лица, оваа функција адвокатот ќе ја остварувал согласно Законот за адвокатура и без постоењето на одредбите за регистрационен агент како единствен овластен да ги застапува правните и физичките лица во остварувањето на нивните права пред институциите на Република Македонија, без оглед на формата на вршење на застапувањето во електронска или пак хартиена форма.

Адвокатот не смеел да има две седишта согласно Законот за адвокатура, па оспорениот член 3 задирал во безбедноста на целата адвокатска канцеларија која смеело да биде прегледувана само врз основа на судски налог согласно Законот за адвокатура, на компјутерот на адвокатот имало и други предмети па увид во компјутерот која Законот во член 34-ѓ им го дозволувал на вработените во Централниот регистар било спротивно на член 18 став 2 од Уставот и го загрозувал личниот интегритет на граѓанинот кој му давал доверба за водење на разни предмети на адвокатот, а оваа комуникација била строго доверлива.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека целиот систем на контрола од вработени лица на Централниот регистар бил спротивен на членот 53 од Уставот, затоа што како можел адвокатот да е самостоен и независен кога со оспорените одредби директно се вршел упад во неговите простории.

Притоа, правно неодржливо било објаснувањето дека адвокатот тука не бил адвокат туку бил регистрационен агент, затоа што адвокатот, како што било претходно наведено, не можел да има две седишта, а законодавецот не му обезбедил средства за посебни компјутерски направи и посебни магацини за чување на податоци коишто потоа би требало вработените во Центарлниот регистар да ги контролираат, поради тоа вака поставениот адвокат не можел да биде самостоен и независен, а изложеноста на податоците на граѓаните кои им биле доверени на контролорите од Централниот регистар била спротивна на член 18 став 2 од Уставот и со Законот за заштита на лични податоци и согласно Законот за адвокатура комуникацијата со странките била строго доверлива и не постоела можност за одвојување на седиштето коешто вработените биле овластени да го прегледаат или на компјутерскиот систем којшто бил единствен во канцеларијата на секој адвокат.

На крајот, адвокатот било како регистрационен агент, било како адвокат кога истапува, истапувал врз основа на полномошно во име на своите странки и од нив за какво било обработување на нивни податоци освен оние за кое било издадено полномошното, требало да има посебно овластување. Во недостаток на такво овластување, се загрозувал личниот идентитет на граѓанинот кој не дал согласност неговите податоци да се контролираат по спроведена статусна промена врз основа на закон.

Се воведувал паралелен регистар на податоци од причина што согласно член 82 ставови 1, 2 и 3 (од Законот за трговските друштва) единствен надлежен орган за чување на податоците бил трговскиот регистар и префрлање на оваа обврска на приватни правни лица била во судир со член 18 став 2 од Уставот и претставувала загрозување на личниот интегритет затоа што обработка на податоци во паралелен регистар, кој требало регистрациониот агент согласно оспорениот член 6 (?) да го води на личните податоци (БЕЗ постоење на посебен закон или упатство за начинот на обработка, средства од каде да се обезбеди операционализација, на кого да му бидат достапни овие податоци), па потоа конвертираните податоци да ги предаде во Државен архив на Република Македонија, била забранета со Уставот и со Законот за заштита на лични податоци. И непотребно била ставена обврската кога постоел членот 82 од Законот за трговските друштва.

Обврската за чување паѓала на Трговскиот регистар на Република Македонија, а со контрола на вработените од Централниот регистар без судски налог се загрозувале основните принципи на правната држава, доверливоста на податоците и се задирало во самостојноста и независноста на адвокатот како јавна служба.

Поради наведеното се предлага Уставниот суд да ги укине оспорените одредби од Законот и да ги отстрани од правниот поредок на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 3 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2016), по членот 34-д се додаваат четири нови члена 34-ѓ, 34-е, 34-ж и 34-з, кои гласат:

„Контрола на регистрационен агент
Член 34-ѓ

(1) Централниот регистар врши контрола на носителот на овластување регистрационен агент, во однос на исполнетоста на критериумите за добивање на овластување, постапувањето при поднесување на пријава за упис и извршувањето на услугите за упис преку Системот за е-регистрација.
(2) Контролата од ставот (1) на овој член се спроведува по службена должност, или по претходно поднесена пријава, со претходна најава или ненајавено. Контролата се спроведува теренски преку непосредна проверка во просториите на носителот на овластувањето и преку евидентираните податоци во регистрите.
(3) Централниот регистар изготвува Годишен план за контрола и на својата веб страница објавува листа на субјекти кои ќе бидат предмет на контрола и временскиот период во кој ќе се спроведе истата. Дополнително, субјектите предмет на контролата ги известува и преку евидентираната адреса на електронско сандаче.

Член 34-е

(1) Непосредната теренска контрола опфаќа проверка:
– на идентичноста на податоците содржани во пријавата и прилозите поднесени преку Системот за е-регистрација, со податоците содржани во прилозите доставени до регистрациониот агент од субјектот на упис,
– на исполнетоста на критериумите определени со членот 34-а од овој закон,
– дали за извршената услуга за поднесување на пријавата за упис на основање трговец поединец и трговско друштво постапува согласно со членот 35 став (7) од овој закон, и
– во постапувањето согласно со членот 82 став (4) од Законот за трговските друштва.

Член 34-ж

(1) Непосредната теренска контрола ја спроведуваат службени лица вработени во Централниот регистар, овластени од директорот на Централниот регистар.

Член 34-з

(1) Регистрационите агенти се должни на овластеното службено лице од членот 34-ж од овој закон, да му обезбедат услови за спроведување на контролата како и да му овозможат увид во потребните исправи и податоци.
(2) За спроведената контрола, овластеното службено лице составува записник во кој се евидентира утврдената фактичка состојба. Записникот го потпишуваат овластеното службено лице и контролираниот регистрационен агент.
(3) Доколку регистрациониот агент одбие да го потпише и прими записникот, одбивањето не е од значење за поведување постапка за одземање на овластувањето.
(4) Доколку при спроведувањето на контролата се утврди неисполнување на критериумите предвидени во членот 34-а од овој закон или непостапување согласно со членот 82 став (4) од Законот за трговските друштва, овластеното службено лице со записник го задолжува регистрациониот агент во рок од 15 дена да ги отстрани утврдените недостатоци.
(5) Овластеното службено лице доколку утврди повреда на членот 35 став (7) од овој закон, во записникот ќе констатира дека ќе се поведе постапка за донесување решение за одземање на овластувањето регистрационен агент.
(6) Примерок од записникот од ставот (2) на овој член, овластеното службено лице му доставува на контролираниот субјект на денот на спроведувањето на контролата.”

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, се уредува/уредуваат едношалтерскиот систем, водењето на трговскиот регистар и на регистарот на други правни лица, регистарот на физички и правни лица на кои им е изречена санкција забрана за вршење професија, дејност или должност и привремена забрана за вршење одделна дејност, регистар на казни за сторените кривични дела на правни лица од страна на Централниот регистар на Република Македонија (во натамошниот текст: Централниот регистар), во писмена и електронска форма како и преземањето на водењето на трговскиот регистар, судскиот регистар, регистарот на водните заедници, регистарот на водостопанства, регистарот на здруженија и фондации и регистарот на комори од надлежните судови од страна на Централниот регистар (член 1 став 1)

Според членот 32 од Законот, постапката за упис во регистарот се поведува со поднесување на пријава за упис во писмена форма до канцеларијата на Централниот регистар, или со поднесување на пријава за упис во електронска форма преку едношалтерскиот систем, доколку со друг закон поинаку не е определено.

Согласно членот 34 од истиот закон, подносител на пријавата е лице кое со закон е овластено да поднесува пријава за упис (став 1). Пријавата за упис во електронска форма во име на подносителот од ставот (1) на овој член може да биде поднесена и од страна на регистрационен агент (став 2).

Критериуми за добивање на овластување регистрационен агент се утврдени во членот 34-а од Законот, и тоа:
(1) За добивање на овластување за регистрационен агент, лицето треба да ги исполни следниве критериуми:
1) да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво за вршење на сметководствена дејност, или да е запишан во Именикот на адвокати, или Именикот на адвокатски друштва;
2) да има вработено лицe со уверение за сметководител/овластен сметководител согласно со Законот за вршење на сметководствени работи, или да e вршител на адвокатска дејност согласно со Законот за адвокатурата;
3) да исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за остварување на овластувањето, да има потпишано договор за користење на Системот за е-регистрација со Централниот регистар на Република Македонија и да поседува личен квалификуван дигитален сертификат, согласно со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
4) да има потпишано изјава за заштита на личните податоци пред почетокот на работата и дека ке ги почитува правилата за поднесување пријава за упис определени со закон.
(2) Централниот регистар на Република Македонија ги пропишува формата и содржината на образецот на овластувањето од овој закон.

Со членот 34-д од Законот се пропишани случаите кога Централниот регистар на Република Македонија ќе го одземе издаденото овластување за регистрационен агент.

Со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2016), по членот 34-д се додаваат четири нови членови: 34-ѓ, 34-е, 34-ж и 34-з, кои носат наслов: „Контрола на регистрационен агент“. Со овие одредби се уредува дека Централниот регистар врши контрола на носителот на овластување регистрационен агент, во однос на исполнетоста на критериумите за добивање на овластување, постапувањето при поднесување на пријава за упис и извршувањето на услугите за упис преку Системот за е-регистрација, дека контролата се спроведува по службена должност или по претходно поднесена пријава, со претходна најава или ненајавено, дека контролата се спроведува теренски преку непосредна проверка во просториите на носителот на овластувањето и преку евидентираните податоци во регистрите (член 34-ѓ), се утврдува опсегот на непосредната теренска контрола (член 34-е), дека непосредната теренска контрола ја спроведуваат службени лица вработени во Централниот регистар, овластени од директорот на Централниот регистар (член 34-ж), како и се утврдува должност за регистрационите агенти на овластеното службено лице да му обезбедат услови за спроведување на контролата како и да му овозможат увид во потребните исправи и податоци, како и обврска за овластеното службено лице за спроведената контрола да состави записник во кој се евидентира утврдената фактичка состојба и обврска за постапување по записникот и последиците доколку не се постапи по истиот (член 34-з).

Од анализата на наведените и другите одредби на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, произлегува дека законодавецот ја пропишал постапката за упис во регистарот, при што определил дека пријавата за упис во електронска форма може да биде поднесена и од страна на регистрационен агент, кој е трговец поединец или трговско друштво за вршење на сметководствена дејност или е адвокат, кои треба да ги исполнуваат законски пропишаните услови и критериуми за вршење на оваа дејност.

Решение за овластување регистрационен агент донесува Централниот регистар.

Централниот регистар со решение ќе го одземе овластувањето за регистрацинен агент во случаите утврдени со Законот.

Исто така, Централниот регистар врши и контрола на носителот на овластувањето регистрационен агент, во однос на исполнетоста на критериумите за добивање на овластување, постапувањето при поднесување на пријава за упис и извршувањето на услугите за упис преку Системот за е-регистрација. Контролата се спроведува теренски преку непосредна проверка во просториите на носителот на овластувањето и преку евидентираните податоци во регистрите.

Со иницијативата се оспорува законското решение според кое непосредната теренска контрола на адвокатите како регистрациони агенти, ја спроведуваат службени лица вработени во Централниот регистар, овластени од директорот на Централниот регистар, без судски налог, како спротивно на членот 53 и член 18 став 2 од Уставот.

Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата се неосновани.

Според член 18 став 2 од Уставот, на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Според членот 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Видно од оспорената законска регулатива, теренската контрола на регистрациониот агент законодавецот ја пропишал на единствен начин, независно од тоа дали регистрациониот агент е сметководител или адвокат, со што сите регистрациони агенти се ставени во иста положба во однос на контролата, како што се ставени во иста положба и во однос на исполнувањето на критериумите за добивање на овластување за регистрационен агент и во однос на вршењето на самата дејност.

Централниот регистар е државниот орган којшто е овластен да издава решение за овластување регистрационен агент, да врши одземање на овластувањето и да врши контрола на регистрациониот агент, во која смисла законодавецот пропишал дека службени лица вработени во Централниот регистар, овластени од директорот, ја спроведуваат непосредната теренска контрола на регистрациониот агент, која е јасно и прецизно законски дефинирана. Оттука, неосновани се наводите во иницијативата дека со така пропишаниот начин на вршење на теренската контрола, адвокатот бил сведен на вработен во Централниот регистар, зависен и подреден на вработени службеници кои немале никакви посебни квалификации определени со закон за да ја вршат таа функција и дека со тоа директно се вршел упад во просториите на адвокатот и се нарушувала уставната поставеност на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба.

Во однос на наводите во иницијативата според кои адвокатот постапувал врз основа на полномошно издадено од странката, поради што со непосредната теренска контрола се загрозувал личниот идентитет на граѓанинот кој со полномошното не дал согласност неговите податоци да се контролираат, со што се повредувал член 18 став 2 од Уставот, Судот го имаше предвид следното:

Непосредната теренска контрола е пропишана од страна на законодавецот, во функција на контрола на регистрациониот агент во однос на исполнетоста на критериумите за добивање на овластување, постапувањето при поднесување на пријава за упис и извршувањето на услугите за упис преку Системот за е-регистрација.

Обврската за регистрациониот агент конвертираните прилози (исправи и докази) да ги чува 5 години, а потоа истите да ги предаде во Државниот архив на Република Македонија е пропишана со Законот за трговските друштва (член 82 став 4), и оваа законска одредба не е предмет на оспорување со иницијативата.

Непосредната теренска контрола, помеѓу другото, опфаќа проверка на тоа дали регистрациониот агент постапува согласно член 82 став 4 од Законот за трговските друштва и доколку при контролата се утврди непостапување согласно овој член од Законот за трговските друштва, овластеното службено лице со записник го задолжува регистрациониот агент во рок од 15 дена да ги отстрани утврдените недостатоци, во спротивно следува одземање на овластувањето.

Оттука, произлегува дека дејствијата коишто ги презема регистрациониот агент (чување на конвертираните прилози) и коишто подлежат на контрола, се пропишани со закон, поради што наводите во иницијативата дека со преземањето на овие дејствија се надминувале овластувањата во полномошното дадено на регистрациониот агент од неговиот клиент и се повредувал личниот интегритет на клиентите, се неосновани.

Притоа, треба да се има во вид дека како критериум за добивање на овластување регистрационен агент, законодавецот пропишал дека лицето треба да има потпишано изјава за заштита на личните податоци пред почетокот на работата и дека ќе ги почитува правилата за поднесување пријава за упис определени со закон (член 34-а став1 точка 4), што значи дека постои законски пропишана обврска за регистрациониот агент да ги исполнува и да се придржува кон условите за заштита на личните податоци се додека е носител на овластувањето регистрационен агент, што е во функција на остварување на гаранциите дадени со член 18 став 2 од Уставот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 3 од Законот со член 18 став 2 и членот 53 од Уставот.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.66/2018
3 април 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски