Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 20 јуни 2018 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 4 став 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2014, 53/2016 и 11/2018).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата поднесена од Никола Источки, адвокат од Ресен, со Решение У.бр. 63/2017 од 18 април 2018 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 4 став 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, предлог за разрешување на претседателот и членот на Државната комисија може да поднесе и Владата на Република Македонија.
5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Согласно член 68 став 1 алинеја 15 од Уставот, Собранието на Република Македонија врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон.
Според членот 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според член 91 алинеја 13 од Уставот, Владата на Република Македонија врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон.
Организацијата, начинот на работа и надлежноста на Владата на Република Македонија се уредени со Законот за Владата („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/2016).
Според член 4 од Законот за Владата, вo рамките на правата и должностите утврдени со Уставот и со закон, Владата ја утврдува економската и развојната политика на државата, утврдува мерки за нејзино остварување и му предлага мерки на Собранието за остварување на политиката што се од негова надлежност, ја утврдува политиката на извршување на законите и други прописи на Собранието, го следи нивното извршување и врши други работи утврдени со закон.
Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка е основана во 2014 година со Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2014)
Според член 1 од Законот, државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка (во натамошниот текст: Државната комисија) е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во прв степен во инспекциска постапка како и по жалби против одлуките за прекршок што се донесени од прекршочен орган, кога со закон е пропишано да одлучуваат во прекршочна постапка. Во постапката за решавање по жалби Државната комисија ги применува одредбите од Законот за општата управна постапка, Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоците доколку со овој или друг закон поинаку не е уредено.
Според членот 2 од Законот, државната комисија е државен орган кој е самостоен во својата работа и има својство на правно лице. Државната комисија има стручна служба. На вработените во стручната служба се применуваат одредбите од законот со кој се регулираат правата и обврските на административните службеници. Државната комисија се финансира од Буџетот на Република Македонија.
Во членот 3 од Законот е утврден составот на Државната комисија која е составена од претседател и шест члена кои функцијата ја извршуваат професионално. Претседателот и членовите на Државната комисија ги избира по пат на јавен конкурс и ги разрешува Собранието на Република Македонија на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија. Претседателот и членовите на Државната комисија се избираат за период од пет години со право на повторен избор.
Престанокот на мандатот на претседателот и членовите на Државната комисија е уреден со членот 4 според кој на претседателот или членот на Државната комисија мандатот му престанува, ако:
– тоа сам го побара,
– наврши 64 години старост и
– настапи смрт на претседателот или членот.
Според ставот 2 на овој член од Законот, Претседателот или членот на Државната комисија се разрешува пред истекот на мандатот, ако:
– трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата, што го утврдува Собранието на Република Македонија,
– е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или
– врши работи кои се неспојливи со функцијата член или претседател на Државната комисија.
Согласно оспорениот став 3 на членот 4, предлог за разрешување на претседателот и членот на Државната комисија може да поднесе и Владата на Република Македонија.
За постоењето на причини за разрешување на претседателот или членот на Државната комисија пред истекот на мандатот, претседателот (или заменикот во случај на разрешување на претседателот) е должен да го извести Собранието на Република Македонија, во рок од 30 дена од денот на дознавањето (став 4). Собранието на Република Македонија започнува постапка за утврдување на предлог за избирање на претседател и членови на Државната комисија најмалку три месеци пред истекот на нивниот мандат. Постапката за избирање треба да заврши најмалку 30 дена пред редовниот истек на мандатот на претседателот и членовите (став 5).
Според членот 6 од Законот, Државната комисија за своето работење поднесува годишен извештај до Собранието на Република Македонија до крајот на март во тековната година за претходната година, за усвојување.
6. Одредбата од член 4 став 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надор и прекршочната постапка беше оспорена од аспект на принципот на поделба на власта и владеењето на правото, односно дека со ваквото овластување на Владата извршната власт навлегувала во законодавната власт иако меѓу нив постоела јасна уставна поделеност, што претставувало и повреда на уставното начело на владеењето на правото и правната сигурност.
Наводите на подносителот на иницијативата, Судот ги прифати како основани, од причина што според одредбите од Законот, претседателот и членовите на Државната комисија ги предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, а ги избира и разрешува Собранието. За Судот, определбата на законодавецот е јасна во смисла на тоа дека целокупниот процес на предлагање, избор и разрешување на претседателот и членовите на Комисијата е во надлежност на Собранието и неговите тела, така што логично би било Собранието, коешто според овој закон е надлежно да ги разрешува претседателот и членовите, тоа да го прави на предлог на собраниската Комисија за прашањата на избори и именувања, којашто согласно Законот е надлежна да го предлага изборот на претседателот и членовите на Комисијата. Во член 91 алинеја 13 од Уставот е предвидена надлежност на Владата на Република Македонија да врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон, но не е предвидено таа да предлага разрешување на функционерите што ги избира Собранието. Со вклучувањето на Владата во овој процес, преку можноста таа да предложи разрешување на претседателот или член на Државната комисија, според мислењето на Судот се навлегува во сферата на работа на Собранието и се нарушува принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Покрај тоа, во Законот воопшто не е уредена постапката за разрешување, ниту пак се утврдени критериумите кога Владата може да предложи разрешување на претседателот или член на Државната комисија. Отсуството на законско регулирање на овие аспекти според Судот, создава правна несигурност на граѓаните што е спротивно на уставното начело на владеењето на правото.
Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорената одредба од член 4 став 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка не е во согласност со уставните начела на владеењето на правото и поделбата на државната власт од член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 91 од Уставот на Република Македонија.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.63/2017
20 јуни 2018 гoд.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски