У.бр.62/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 7 февруари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 20 став 2, во делот: „За претседател и член на спогодбениот совет може да биде именувано лице со завршено високо образование од правна или економска струка“, од Законот за вонсудско спогодување („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2014).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред наведува дека оспорената одредба, како и целината на Законот, не пропишуваат други услови за тоа кој може да биде именуван за претседател и член на спогодбениот совет, освен тоа да биде „лице со завршено високо образование од правна или економска струка“. Но, имајќи ги предвид дејствијата што се пропишани со Законот за претседателот и членовите на спогодбениот совет, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба била нејасна со оглед дека, како што била конципирана, не давала одговор за оправданоста на нејзиното постоење, а нејасноста се состоела во следното: 1) дали претседателот и членовите на спогодбениот совет требало да бидат државјани на Република Македонија или не, а доколку биле државјани на Република Македонија и завршиле факултет во странска високообразовна институција, дали нивните дипломи требало да бидат нострифицирани или не; 2) дали било оправдано да не се пропишат поблиски услови за претседателот и членовите на спогодбениот совет кои се дипломирани правници и дипломирани економисти, имајќи ја предвид поставеноста на образовниот систем во високото образование според кое постојат дипломирани правници и дипломирани економисти со 180, 240 и дури со 320 кредити според ЕКТС системот; 3) дали било оправдано да не се пропише поблиску дека претседателот и членовите на спогодбениот совет треба или не треба да се вработени во Министерството за економија; 4) дали било оправдано да не се пропише дополнителниот услов искуство односно стручност и компетентност, кое би требало да го поседуваат тие лица, имајќи предвид дека според Законот за вонсудско спогодување постои одговорност на претседателот и членовите на спогодбениот совет при донесување на одлуки, при давање упатства на повереникот за средствата и работењето на должникот, за прегледување на пописот на доверители и пописот на должниковите должници, пријавени побарувања и други работи во врска со подготвување на одлучувањето на спогодбениот совет; 5) дали било оправдано да не се пропише мандат односно траењето на статусот претседател и член на спогодбениот совет; 6) дали било оправдано да не се определи дали спогодбениот совет е тело во состав на Министерството за економија, како и дали е повремено или постојано тело; 7) дали било оправдано да не се пропише начинот на носење одлуки од страна на спогодбениот совет?

Во иницијативата понатаму се наведува дека тематиката која била обработена во Законот за вонсудско спогодување била сложена, а дејствијата кои биле овластени да ги преземаат претседателот и членовите на спогодбениот совет ги засегале правата на сите страни вклучени во постапката за вонсудско спогодување, па оспорената одредба можела да доведе до арбитрарност при именување на претседател и членови на спогодбениот совет така што еден кандидат би бил поставен во поповластена состојба во однос на други кандидати при именување за тој совет, поради што оспорената одредба не го вградила во потполност начелото од членот 32 на Уставот за правото на работа и еднаквоста на условите за достапност на секое работно место. Во таа смисла, оспорената одредба би можела да се доведе во прашање и во однос на членот 9 од Уставот, а освен тоа нејасноста, нецелосноста односно неподробното обработување на постапката за именување на претседател и член на спогодбениот совет во смисла дали тоа својство се стекнува врз основа на јавно објавен конкурс/оглас или на друг начин, не било во согласност ниту со правната сигурност вградена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Подносителот на иницијативата предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и потоа укинување на оспорениот дел од член 20 став 2 на Законот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената законска одредба е систематизирана во делот од Законот посветен на „Органи во постапката за вонсудско спогодување“ (членови 19-25).

Според член 19 од Законот, „органи во постапката за вонсудско спогодување се спогодбен совет и повереник.“

Во член 20 став 1 од Законот се определува дека „постапката на вонсудско спогодување ја води спогодбен совет составен од три члена (во натамошниот текст: спогодбен совет) од кои едниот е претседател на советот“, а во ставот 2 од истиот член се предвидува дека „претседателот и членовите на спогодбениот совет ги именува министерот за економија. За претседател и член на спогодбениот совет може да биде именувано лице со завршено високо образование од правна или економска струка.“

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, „Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.“

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на содржината на законските одредби со Уставот, а од изнесената одредба од Деловникот на Уставниот суд произлегува дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за прашањата покренати со неа.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека со иницијативата не се проблематизира содржината на оспорениот дел од член 20 став 2 на Законот за вонсудско спогодување, туку непостоење на други услови кои според подносителот на иницијативата се важни за вршење на работите од делокругот на спогодбениот совет при вонсудско спогодување, а тие аспекти на оспорување на законската одредба не се во надлежност на Уставниот суд. Поради тоа, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.62/2017
7 февруари 2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски