Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 19 октомври 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 5, 7, 8 и 165 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ бр.120/2018).
2. Адвокатот Јован Јоанидис од Aдвокатското друштво „Јоанидис“ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата означена во точката 1 од Решението.
Подносителот на иницијативата ги оспорува членовите 5, 8 и 165 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ бр. 120/2018) и смета дека истите не се во согласност со член 213 од Законот за кривична постапка, член 17 и член 30 став 2 од Законот за адвокатура, глава 5 „Професионалните тајни“ од Кодексот на етика на Адвокатската комора и член 12 од Правилникот за дисциплинска одговорност.
Според подносителот на иницијативата, во Законот за кривичната постапка е предвидено дека адвокат е лице кое не може да биде сведок во однос на тоа што го дознава во вршењето на своето занимање, дотолку повеќе што истиот согласно Законот за адвокатура, Кодексот на етика на Адвокатската комора и Правилникот за дисциплинска одговорност, е должен да го чува како тајна она што му го доверила странката.
Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека со примената на членовите 5, 8 и 165 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ бр. 120/2018) се задира и директно во правото на странката на бранител или полномошник во постапката, односно во неговите слободи и права, бидејќи на овој начин кај секој граѓанин ќе постои страв дека за она што го доверил на својот бранител или полномошник ќе биде поведена постапка против него во која како сведок ќе биде неговиот полномошник или бранител, а од друга страна се задира и во правото на вршење на адвокатската функција со оглед дека сега адвокатот не знае дали треба да постапува како инспектор или како полномошник, односно бранител што директно раѓа недоверба кај странките.
Подносителот на барањето, по укажувањето на Судот на 6 јуни 2022 година, достави до Судот поднесок како прецизирање на претходно доставената иницијатива. Во прецизирањето на иницијативата наводите во голем дел се идентични со првичната иницијатива, со тоа што сега го оспорува и член 7 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ бр.120/2018), ги цитира членовите 12, 18 и 53 од Уставот на Република Северна Македонија и наведува дека оспорените законски членови се во директна спротивност со истите.
Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените членови 5, 7, 8 и 165 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ бр.120/2018), по што истите да се укинат како спротивни на членовите 12, 18 и 53 од Уставот, на член 213 од Законот за кривична постапка, член 17 и член 30 став 2 од Законот за адвокатура, глава 5 „Професионалните тајни“ од Кодексот на етика на Адвокатската комора, како и на член 12 од Правилникот за дисциплинска одговорност.
3. Судот на седницата утврди дека оспорените членови 5, 7, 8 и 165 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ бр.120/2018), за време на нивната примена биле со следната содржина:
Член 5
Субјекти се лицата кои имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам предвидени со овој закон (во натамошниот текст: субјекти) и тоа:
1. Финансиски институции и подружници, филијали и деловни единици на странски финансиски институции кои согласно со закон вршат дејност во Република Македонија;
2. Правни и физички лица кои ги вршат следниве услуги:
а) посредување во промет со недвижности;
б) ревизорски и сметководствени услуги;
в) давање совети од областа на даноците;
г) давање на услуги како инвестиционен советник и
д) давање на услуги за организирање и спроведување на аукции;
3. Нотари, адвокати и адвокатски друштва кои вршат јавно овластување согласно со закон;
4. Приредувачи на игри на среќа:
а) лотариски игри на среќа;
б) игри на среќа во казино;
в) игри на среќа во обложувалница;
г) игри на среќа во автомат клуб;
д) електронски игри на среќа;
ѓ) томбола од затворен тип и
е) интернет игри на среќа;
5. Даватели на услуги на трустови или правни лица;
6. Централен депозитар за хартии од вредност и
7. Правни лица кои вршат дејност на примање во залог на подвижни предмети и недвижности (заложувалници).
Член 7
(1) Нотарите, адвокатите и адвокатските друштва кои вршат јавни овластувања согласно со закон се должни да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам во случаите кога даваат правни услуги за нивните клиенти кои се однесуваат на следниве активности:
а) купопродажба на подвижни предмети, недвижности, содружнички удели или акции;
б) тргување и управување со имот;
в) отворање и располагање со банкарски сметки, сефови и други финансиски активности;
г) основање или учество во работењето или управувањето на правни лица, трустови или правни аранжмани и
д) застапување на клиенти во трансакции.
(2) Обврските кои произлегуваат од овој закон не се однесуваат на адвокатите и адвокатските друштва кога вршат функција на одбрана и застапување на клиентот во судска постапка. Во овој случај адвокатите и адвокатските друштва, на барање на Управата, во рок од седум дена треба да достават писмено образложение за причините поради кои не постапиле согласно со одредбите од овој закон.
Член 8
Мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам (во натамошниот текст: мерки и дејствија), кои ги преземаат субјектите се:
– изготвување на проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам и нејзино редовно ажурирање,
– воведување и примена на програми за ефикасно намалување и управување со идентификуваниoт ризик од перење пари и финансирање на тероризам,
– анализа на клиентите,
– известување и доставување на податоци, информации и документација до Управата согласно со одредбите од овој закон и подзаконските акти донесени врз негова основа,
– чување, заштита и водење евиденција на податоци,
– именување на овластено лице и негов заменик и/или формирање на оддел за спречување на перење пари и финансирање на тероризам,
– спроведување на внатрешна контрола и
– други мерки кои произлегуваат од одредбите на овој закон.
Член 165
(1) Глоба во износ од 12.000 до 15.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на лице кое врши јавно овластување или физичкото лице, ако:
– адвокатите и адвокатските друштва на барање на Управата не достават писмено образложение согласно со членот 7 став (2) од овој закон,
– не спроведе проценка на ризикот согласно со членот 10 од овој закон, – не изготви и применува програма согласно со членот 11 став (1) од овој закон,
– не донесе програма, редовно не ја следи и оценува нејзината адекватност, усогласеност и ефикасност согласно со членот 11 став (2) од овој закон,
– не ги спроведе мерките за анализа на клиентот од членот 14 од овој закон,
– не го идентификува и потврди идентитетот на клиентот, ополномоштувачот или вистинскиот сопственик согласно со членот 15 од овој закон,
– не го идентификува и потврди идентитетот на клиентот согласно со членот 16 од овој закон,
– не го идентификува и потврди идентитетот на ополномоштувачот согласно со членот 17 од овој закон,
– не го идентификува и потврди идентитетот на вистинскиот сопственик согласно со членот 18 од овој закон,
– не го следи деловниот однос согласно со членот 31 од овој закон,
– не спроведе поедноставена анализа на клиентот согласно со членот 32 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа на клиентот согласно со членот 33 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа на клиент кој не е физички присутен согласно со членот 35 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа на клиентот – носител на јавна функција согласно со членот 36 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа на клиентот од високо ризични држави согласно со членот 37 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа кон сложени и невообичаени трансакции согласно со членот 38 од овој закон,
– не обезбеди примена на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам согласно со членот 41 од овој закон,
– ги довери обврските за анализа на клиентот на трети лица спротивно на членот 42 од овој закон,
– не утврди идентитет на клиент согласно со членот 43 став (1) од овој закон,
– не утврди идентитет на клиент согласно со членот 45 од овој закон,
– не утврди идентитет на клиент согласно со членот 46 од овој закон,
– не утврди идентитет на клиент согласно со членот 47 став (1) од овој закон,
– прими готовина спротивно на членот 48 од овој закон,
– извршат регистрација на хартии од вредност, друг имот или правни работи, или за пријавување или вршење на пренос на пари, хартии од вредност или друг имот, можат да извршат таква регистрација или пренос спротивно на членот 48 став (2) од овој закон,
– не достави податоци до Управата согласно со членот 53 од овој закон, – не ја извести Управата и не ја задржи трансакцијата согласно со членот 54 став (2) од овој закон,
– не достават до Управата податоци, информации и документи во форма на извештај согласно со членот 54 став (3) од овој закон,
– не ги достави извештаите до Управата согласно со членот 56 од овој закон,
– не именуваат овластено лице и негов заменик согласно со членот 57 став (1) од овој закон,
– користење на податоците обезбедени со овој закон спротивно на членот 60 од овој закон,
– го известат клиентот или трето лице согласно со членот 61 став (1) од овој закон,
– не преземе потребни мерки за заштита на податоците согласно со членот 61 став (3) од овој закон.
(2) На лицето кое врши јавно овластување или физичкото лице за дејствијата од ставот (1) на овој член покрај глобата може да му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност согласно со закон.
4. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд уредено е дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, станува збор за одредби кои повеќе не се во правниот поредок, бидејќи на 12.07.2022 година влезе во сила новиот Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.151/2022) со кој престана да важи Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија” бр. 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.275/19 и 317/20) во кој се содржани оспорените одредби.
Имајќи предвид дека Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот, нема надлежност да постапува за правна регулатива што повеќе не е во важност, Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.58/2022
19 октомври 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска