У.бр.58/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

1) Одлуката за утврдување на потребата за поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема, бр.08-76/12 од 14.03.2017 година, донесена од страна на Општина Неготино, објавена во „Службен гласник на општина Неготино“ бр.3/2017 од 14.03.2017 година.

2) Одлука за утврдување на стандарди и нормативи за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Неготино бр.08-76/13 од 14.03.2017 година, донесена од Општина Неготино објавена во „Службен гласник на општина Неготино“ бр.3/2017 година од 14.03.2017 година.

2. Звонко Танев од Неготино, преку неговите полномошници Силвана и Никола Данчеви, адвокати од Струмица, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одлуки биле во спротивност со одредбите од Законот за локална самоуправа и Законот за градење.

Подносителот во иницијативата наведува дека во членот 36 од Законот за локална самоуправа била утврдена надлежност на советот на општините како единици на локална самоуправа. Во истиот член под став 1 точка 15 било утврдено дека советот врши и други работи утврдени со закон.

Според наводите во иницијативата, во наведениот член не било утврдено дека советот на општината со своја одлука може да ги утврдува стандардите и нормативие за поставувње на урбана опрема бидејќи со Законот за градење не било предвидено локалната самоуправа да ги утврдува таквите стандарди и нормативи. Општите стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема како и посебните стандарди за поставување на урбана опрема и тоа поединечно за секој вид урбана опрема од одлуката за утврдување на стандарди и нормативи за поставување на урбана опрема биле во спротивност со член 80 и член 80-а од Законот за градење.

Ова од причина што во член 80 став 1 од Законот за градење се предвидувало дека урбана опрема се поставувала на јавни површини кои претставуваат градежно изградено и уредено земјиште без притоа да се наруши основната намена на просторот и безбедноста на сообраќајот. Потребата за поставување на урбана опрема ја утврдувал советот на општината, советите на општините во Градот Скопје и Советот на Градот Скопје. Од овој член на Законот се констатирало дека Советот на општина Неготино треба да донесе одлука единствено за утврдување на потребата за поставување на урбана опрема.

Во членот 2 од Одлуката за утврдување на потребата за поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на опрема била утврдена потребата за поставување на урбана опрема во смисла на оваа одлука се смета за утврдена доколку за нејзино поставување се исполнети општите и посебните стандарди утврдени во Одлуката за утврдување на стандарди за поставување на урбана опрема за подрачјето на Општина Неготино како и условите, начинот и постапката утврдена во оваа одлука.

Повикувањето на одлуката за утврдување на стандарди и нормативи за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Неготино како облигаторен услов сметајќи го како утврдување на потребата за поставување на урбана опрема била во спротивност со член 80 став 1 од Законот за градење и член 36 од Законот за локална самоуправа.

Во член 4 од Одлуката за утврдување на потребата за поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрението за поставување на урбана опрема.

Во членот 12 од истата одлука е уреден престанокот на важењето на одобрението за поставување на урбана опрема и пред истекот на времето за кое самото одобрение е издадено.

Наведените членови биле во спротивност со членот 80-а од Законот за градење и член 81 став 1 од истиот закон каде било предвидено дека за поставување на урбана опрема советот на општината, советите на општините на Градот Скопје и Советот на Градот Скопје донесуваат програма со која се утврдува бројот, видот и големината на урбаната опрема, како и локациите и објектите на кои може да се постави истата.

Во член 81 став 1 од Законот за градење, пак било предвидено дека со одобрението за поставување на времен објект и одобрението за поставување на урбана опрема се утврдуваат условите, начинот и рокот за поставување и отстранување на времениот објект, односно урбана опрема, а според став 2 од истиот член и закон министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот донесува упатство за начинот на изготвување на годишната програма за поставување на времени објекти и микролокациски услови и ја пропишува формата и содржината на одобрението за поставување на времени објекти и одобрението за поставување на урбана опрема.

Оттука, донесените одлуки од Советот на Општина Неготино цитирани во уводниот дел на оваа иницијатива а кои се како такви објавени во „Службен гласник на Општина Неготино“ бр.3/17 биле во спротивност со одредбите од Законот за градење и Законот за локална самоуправа и како такви се незаконити, а воедно и спротивни на одредбите на Уставот.

Со сега оспоруваните одлуки се настојувало да се легализираат одредени објекти во кои урбаната опрема била поставена спротивно на одлуката од 2001 година, а со сега донесените одлуки истата урбана опрема се вклопува во одредбите од истите.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за утврдување на потреба за постапување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема содржи вкупно IV глави, систематизирани на следниов начин.

I – Општи одредби,
II – Постапка за добивање на одобрение,
III – Надзор, и
IV – Преодни и завршни одредби.

Одлуката за утврдување на стандарди и нормативи за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Неготино содржи вкупно IV глави, систематизирани на следниов начин.

I – Општи одредби,
II – Општи стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема,
III – Посебни стандарди за поставување на урбана опрема, и
IV – Преодни и завршни одредби.

4. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другото, е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Според Амандман XVII точка 1 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштита на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналната дејност, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Во член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, кој член е сместен во глава III, со наслов: „Надлежноста на општините“, се предвидува дека општините, меѓу другото, се надлежни за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавање на одобрение за градење, на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.

Членот 36 став 1 точка 15 од Законот уредува дека надлежностите на советот на општината е и да врши други работи утврдени со закон.

Во членот 80 став 1 од Законот за градење се предвидува дека урбана опрема се поставува на јавни површини кои претставуваат градежно изградено и уредено земјиште без притоа да се наруши основната намена на просторот и безбедноста на сообраќајот. Потребата за поставување на урбана опрема ја утврдува советот на општината, советите на општините во Градот Скопје и Советот на Градот Скопје.

Од воспоставената судска практика на Уставниот суд на Република Македонија, произлегува дека Уставниот суд во однос на подзаконските акти од областа на просторното и урбанистичкото планирање (урбанистички планови, програми за поставување на урбана опрема итн.) е надлежен да ја оценува постапката за нивното донесување, но не и да ја оценува нивната содржина, што како стручно-техничко прашање е во надлежност на Министерството за транспорт и врски во фазата на давање согласност на овие подзаконски акти.

Оспорената одлука ја утврдува потребата за поставување на урбана опрема и истовремено ги уредува условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема на јавни површини на подрачјето на Општина Неготино, што е во согласност со членот 22 од Законот за локалната самоуправа, односно надлежноста на општината за урбано планирање и уредување на просторот.

Истовремено, со оспорената одлука се уредува и постапката за доставување на одобрение за поставување на урбана опрема.

Со Одлуката за утврдување на стандарди и нормативи за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Неготино, јасно и децидно се утврдува дека урбанистичката опрема се поставува согласно одредбите на законите, како и посебни проекти доколку такви се изготвени за јавни површини од посебен интерес за градот.

Советот на Општина Неготино, според Судот, постапувајќи во рамките на членот 80 од Законот за градење, ги донесе сега оспорените одлуки со кои ја утврдил потребата за поставување на урбана опрема, и притоа ги утврдува условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема, што е во смисла на член 80 став 2 и член 81 од Законот за градење.

Од направената уставно-судска анализа, Судот оцени дека оспорените одлуки не можат да се доведат под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, ниту по однос на одредбите од Законот за локална самоуправа и Законот за градење.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.58/2017
13 декември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски