У.бр.57/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 56 и член 82 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 мај 2019 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УТВРДУВА дека на лицето Павлина Зефиќ, адвокат од Скопје и лицето Панче Тошковски, адвокат од Скопје, им е повредено правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 и член 16 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

2. СЕ ПОНИШТУВААТ:

1) Решение 09 КОК-40/18 од 16.10.2018 година донесено од Основниот суд Скопје 1 Скопје, со кое се казнува со парична казна бранителот на обвинетиот Митко Пешов, Павлина Зефиќ, адвокат од Скопје во износ од 1000 евра во денарска противвредност по 615,00 денари вредност на 10 евра или во вкупен износ од 61.500,00 денари, а ова да го стори во рок од 15 дена по правосилноста на решението, под страв на присилно исполнение.
2) Решение 09 КОК-40/18 од 16.10.2018 година донесено од Основниот суд Скопје 1 Скопје, со кое се казнува со парична казна бранителот на обвинетиот Митко Пешов, Панче Тошковски, адвокат од Скопје во износ од 1000 евра во денарска противвредност по 615,00 денари вредност на 10 евра или во вкупен износ од 61.500,00 денари, а ова да го стори во рок од 15 дена по правосилноста на решението, под страв на присилно исполнение.
3) Решението КОКЖ-47/18 од 17.12.2018 година донесено од Апелациониот суд Скопје, во делот со кој се казнуваат со парична казна бранителите на обвинетиот Митко Пешов, адвокат Павлина Зефиќ од Скопје и адвокат Панче Тошковски од Скопје, во износ за двајцата од по 500 евра во денарска противвредност по 615,00 денари вредност на 10 евра или вкупни износи од по 30.750,00 денари, а ова да го сторат во рок од 15 дена по правосилноста на решението.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“

4. Адвокатот Павлина Зефиќ и адвокатот Панче Тошковски и двајцата од Скопје, до Уставниот суд поднесоа барање за заштита на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, коишто се однесуваат на заштитата на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, загарантирана и со членот 16 од Уставот, а кои биле повредени со решенија на Основниот суд Скопје 1 Скопје, 09 КОК-40/18 од 16.10.2018 година и со решение на Апелациониот суд Скопје КОКЖ-47/18 од 17.12.2018 година.

Според наводите во барањето, со решенијата на Основниот суд Скопје 1 Скопје 09 КОК-40/18 од 16.10.2018 година и Апелациониот суд Скопје КОКЖ-47/18 од 17.12.2018 година, на адвокатите Павлина Зефиќ и Панче Тошковски од Скопје, во својство бранители на странка во наведените предмети, им било повредено правото од член 110 алинеја 3, а во врска со членот 16 од Уставот, коешто се однесувало на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Имено, во барањето за заштита на слободи и права пред Уставниот суд е наведено дека пред Основниот суд Скопје 1 Скопје, се водела постапка под број КОК-40/18, против 33 лица, поради основано сомнение дека било сторено кривично дело од член 313 од Кривичниот законик „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во Република Македонија“. Расправите, поради големиот број обвинети и нивни бранители кои биле ангажирани во предметот, се одвивале во големата сала т.е. судница број 1 во новата зграда на Основниот суд Скопје 1 Скопје.

На ден 16.10.2018 година, била закажана главна расправа на која требало да се сослуша заштитен сведок, со псевдоним С1. Расправата започнала во големата сала на новиот Кривичен суд, но Советот ја прекинал истата, дал пауза од 20 минути со образложение дека треба да се провери дополнително опремата во Судот. По дадената пауза, од страна на судската полиција биле известени дека расправата ќе продолжи во големата судница на старата зграда на Кривичниот суд, која не е предвидена за толкав број на обвинети и бранители.

Во салата во која се преселиле само двајца бранители ангажирани во предметот и тоа Еленко Миланов и Звонко Давидовиќ имале услови за работа односно пред нив постоела маса за пишување/фаќање прибелешки додека останатите обвинети и бранители биле седнати во просторот предвиден за јавност, без соодветни услови за работа.

Од страна на неколкумина бранители, бил побаран збор и било истакнато дека не постојат услови за работа, потенцирајќи ја комплексноста на предметот, сериозноста, како и динамиката на работа. Од страна на бранителите било побарано да бидат обезбедени услови, односно секој бранител да има можност да има пред себе клупа за да може во нормални услови да го следи исказот на заштитениот сведок С1, кој е круцијален, односно да има услови за да се подготви за одбрана на својот клиент, вкрстени прашања. Кон барањата се приклучиле сите бранители, сметајќи дека условите за работа им биле неопходни за следење на предвидените докази за време на расправата.

Со оглед дека Советот се оглушил на барањата на одбраната и бил категоричен дека расправата ќе се држи „сакале ние или не“, сите бранители во конкретиот предмет станале на нозе, без да го нарушуваат редот во судницата, во знак на револт и со цел да се испрати порака до Советот, дека е должен да обезбеди услови за работа за сите. Во барањата се солидаризирале и двајцата бранители кои имале услови за работа (погоре наведени), кои биле единствените што можеле нормално да го следат исказот на овој сведок, за разлика од другите кои своите прибелешки и формирањето на прашања за вкрстено испитување, би можеле да го вршат само пишувајќи на колена.

Додека одбраната била на нозе и барала услови за работа, без да се има намера да се одолговлекува процесот ниту да го навредува судот, од страна на Советот веднаш биле изречени поединечни парични казни за сите бранители во предметот, во висина од 1000 евра во денарска противвредност. Паричните казни биле изречени со поединечни решенија за бранителите – односно решение на Основниот суд Скопје 1 Скопје, КОК-40/18 од 16.10.2018 година.

Благовремено, таквото решение било обжалено. Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по изјавените жалби на ден 17.12.2018 година, донесол решение КОКЖ-47/18, со кое го преиначил решението на Основниот суд Скопје 1 Скопје и ја намалил изречената казна, на износ во висина од по 500 евра во денарска противвредност. Решението е доставено до жалителите на ден 08.01.2019 година.

Според наводите во иницијативата,Уставот во членот 16 ја гарантира слободата на изразување, во која влегуваат слободата на мислата, јавното изразување на мислата, на пристап до информации, слобода на примање и пренесување на информации. Членот 54 став 4 од Уставот упатува дека слободата на јавно изразување на мислата не може да биде ограничена, како што е во конкретниов случај.

Исто така и Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, во членот 10 ја гарантира слободата на изразување и правото на пренесување на информации и идеи без мешање на јавната власт. Ова остварување на слободата може да биде ограничено само во точно предвидени случаи, таксативно дадени во ставот 2 на овој член од Конвенцијата.

Во конкретниов случај, од страна на сите адвокати, бил искажан револт со стоење во судницата, поради немање соодветни услови за работа, во еден од највисоко профилираните кривични случаи. Имено, јасна е улогата која ја имаат адвокатите во едно демократско општество. Нивната улога е да бараат од Судот, како гарант на правата и слободите, да ги спроведува законските одредби, да се грижи за владеењето на правото и да ја стекне довербата кај јавноста. Критицизам од страна на адвокатите е дозволен, но во соодветни рамки.

Ова прашање било разгледувано и од страна на Европскиот суд за човекови права, во пресудата на Големиот Судски Совет Morice v France (апп.бр.29369/10). За Европскиот суд за човекови права, неспорно било прашањето дека зачувувањето на слободата на изразување на адвокатите е предуслов за зачувување на независноста на професијата која ја обавуваат, што е основа за функционирање на правосудниот систем. Европскиот суд за човекови права, преку наведениот предмет, ги анализирал следниве прашања, со цел да утврди дали постои повреда на слободата на изразување на адвокатите:

– Статусот на апликантот како адвокат
– Придонесот на критиката кон дебата од јавен интерес
– Природата на изнесената критика
– Специфичните околности на случајот и
– Изречената санкција.

Во поглед на првата точка, статусот на апликантот, ЕСЧП, наведува дека е особено важно да се цени дали адвокатот ја искажал својата критика/забелешка, во рамки на судницата или надвор од неа. Забелешките испратени до Судот, во рамки на судницата, треба да имаат поголем степен на толеранција, од причина што адвокатот има слобода на изразување при бранењето на интересите на својот клиент. Критиките упатени во судница, може да се подведат и под принципот на правично судење и правото на одбрана на интересите на клиентот.

Второто прашање, коешто треба да се има во предвид, при изрекување санкција кон адвокат, за искажана критика до судот, е видот на критиката која била упатена од негова страна. Особено е важно дали критиката може да придонесе за дебата од јавен интерес, дебата за функционирањето на правосудниот систем. Доколку критиката е кажана во овој контекст тогаш ужива поголема заштита во рамки на слободата на изразување, особено што казнувањето на адвокати, треба да биде исклучок, а не правило во едно демократско општество.

Третото прашање е природата на искажаните критики/ забелешки/ставови, исто така е важна, за ЕСЧП, кога одлучува за повреда на слободата на изразување. ЕСЧП цени дали во конкретен случај станува збор за вредносни ставови искажани од адвокат или пак за пренесување на факти.

Спецификите на случајот, во кој постапувал адвокатот и искажал критика, се битна алатка, за ЕСЧП. Тој смета дека треба да се гледа целиот контекст на случајот, а не само сегменти. Улогата на адвокатот особено во правосудниот систем, е постојано нагласувана од Судот, кој вели дека обврска на адвокатот е да се бори со сите расположливи средства при одбраната на интересите на својот клиент и во негов најдобар интерес.

Конечно, ЕСЧП ја цени санкцијата која била изречена кон адвокатот. Санкцијата ја цени од причина што истата може да доведе кон т.н. „chilling effect“ (ефект на ладење) на адвокатот при давање одбрана за клиентот. Изречената санкција, може да има диспропорционален ефект во практикување на слободата на изразувањето, да не постои легитимна цел за нејзино изрекување и да не е соодветна и неопходна во едно демократско општество, што води кон повреда на членот 10 од Европската Конвенција за човековите слободи и права.

Во иницијативата се наведува доколку се применат горенаведените стандарди, во конкретниов случај, во кој се казнети 25 адвокати, ќе се забележи дека постои не само повреда на Уставот туку и повреда на членот 10 од Конвенцијата, повреда на слободата на изразување. Во овој случај, адвокатите не упатиле навреда кон судот, туку испратиле конструктивна критика, со цел да добијат соодветни услови за работа за сите бранители. Бидејќи барањата на адвокатите не биле воопшто разгледани, истите во знак на револт и критика кон судот за третманот кон адвокатите, застанале на нозе, на тој начин сакајќи да упатат порака до судот, дека е должен да обезбеди услови за работа за сите, особено при сослушување на заштитен сведок. Понатаму, критиката била упатена во рамки на судницата, во која освен обвинетите, бранителите, надлежниот судски совет и записничарот, не биле присутни други лица, од причина што јавноста била исклучена. Целта била да се покрене прашање од интерес за сите учесници во кривичната постапка, за прашањето на несоодветните услови во кои работат адвокатите, потребата од елементарни средства за работа и техничка опрема во судниците. Конструктивната критика била базирана на познати факти, дека не сите судници поседуваат соодветни услови за работа, особено за судење на обемни кривични случаи, како конкретиов предмет. Наведениот случај е специфичен од повеќе аспекти и тоа бројот на обвинетите, кривичното дело коешто им се става на товар, сериозната казна која им е запретена, големиот број на материјални докази, динамиката на судењата, начинот и потребата за испитување на заштитен сведок, предвиден за конкретната главна расправа. На крај треба да се цени и висината на изречената санкција, чиј износ претставува речиси 2 просечни плати во нашата држава. Изречената казна претставува начин за замолчување и своевидно дисциплинирање на адвокатите во конкретиов случај, односно нивно одвратување од барање права како за себе така и за обвинетите кои ги застапуваат.

Токму улога на секој адвокат е да зема учество, односно покренува дебати од јавен интерес, поврзани со функционирањето на судскиот систем. Горецитираната пресуда на ЕСЧП, била номинирана за најдобра пресуда донесена во 2015 година во рамки на Судот, поради нејзината важност во потенцирањето на улогата која ја имаат адвокатите во општеството, кон нивните клиенти и кон судскиот систем чијшто дел се.

Европскиот суд за човекови права, во својата пресуда, ја нагласувал улогата на адвокатите во општеството, нивната мисија и цел и го наведува следново:

„132. Специфичниот статус на адвокатите, им дава централна улога во правосудниот систем, бидејќи тие се посредници меѓу јавноста и судот. Адвокатите играат главна улога во исполнувањето на задачата која ја имаат судовите во едно фундаментално општество- владеењето на правото, а тоа е да стекнат доверба кај јавноста (see Schopfer v. Switzerland, 20 may 1998, && 29-30, Reports 1998-III, Nikula v. Finland, no.31611/96, & 45, ECHR 2002-II, Amihalachioaie v. Moldova, no. 60115/00, & 27, ECHR 2004-III, Kyprianou,cited above, & 173, Andre and Another v. France, no. 18603/03,& 42, 24 July 2008, and Mor, cited above, & 42). Меѓутоа за да постои доверба кај јавноста во правосудниот систем и судството, предуслов е граѓаните да бидат убедени дека адвокатите имаат можност да обезбедат ефективна одбрана (Kyprianou, cited above, &175).“

Во иницијативата се наведува дека втора значајна пресуда на ЕСЧП, донесена во овој контекст е пресудата Bono v France (апп.бр.29024/22), каде е утврдена повреда на членот 10 од Конвенцијата. И во овој предмет станува збор за казнување на адвокат, поради изречена критика кон судот кој постапувал во даден случај, каде тој се јавува како адвокат. Судот во Стразбур, постапувајќи по жалбата, утврдил дека постоело мешање во слободата на изразување на адвокатот, дека жалителот изјавил одредени критики за работата на судскиот систем, но притоа не посочувајќи директно одреден судија, дека дадената критика била дадена во рамки на судница, а не надвор од неа, критиката била со цел да даде најдобра одбрана за својот клиент, изјавената критика била конструктивна и се базирала на фактичка состојба, не постоела можност да се наруши репутацијата на судството кај генералната јавност. Заклучок на ЕСЧП бил дека постои повреда на слободата на изразување на адвокатот, од причина што изречената мерка кон него била диспропорционална со целта која требало да се оствари.

Со барањето пред Уставниот суд, врз основа на наводите дадени во рамки на ова барање, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 51-55 од Деловникот за работа на Уставниот суд, се предлага Судот ако е потребно да одржи јавна расправа и од изведените докази да го уважи барањето за заштита на слободи и права повредени со наведените решенија на надлежните судови.

5. Судот на седницата утврди дека – Основниот суд Скопје 1 Скопје, со посебно решение 09 КОК-40/18 од 16.10.2018 година, го казнил со парична казна бранителот на обвинетиот Митко Пешов, Павлина Зефиќ адвокат од Скопје во износ од 1000 евра во денарска противвредност, а ова да го стори во рок од 15 дена по правосилноста на решението, под страв на присилно исполнение, и со посебно решение со истиот број и датум го казнил со парична казна другиот бранител на обвинетиот Митко Пешов, Панче Тошковски адвокат од Скопје во износ од 1000 евра во денарска противвредност, а ова да го стори во рок од 15 дена по правосилноста на решението, под страв на присилно исполнение.

Имено, од идентичните образложенија на решенијата се гледа дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднело обвинителен акт КО.бр.66/17 од 27.03.2018 година против 29 лица, меѓу кои и против лицето Митко Пешов, за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, од член 313 од Кривичниот законик и против две лица за кривично дело од член 313 в.в. член 24 од Кривичниот законик, како и за две лица КО.бр.66/17 од 20.07.2018 година за кривичното дело од членот 313 од Кривичниот законик (вкупно 33 лица).

Постапувајќи по поднесениот обвинителен акт, Судот закажал главна расправа на ден 16.10.2018 година, која започнала во 10.00 часот во судница во новата зграда на Основниот суд Скопје 1 Скопје со изведување на доказ сослушување на загрозен сведок. Поради технички проблем и неможност истиот да се отстрани во текот на судењето, а за да не дојде до одлагање на расправата, Советот одлучил расправата да продолжи во судница 1 во старата зграда на Основниот суд Скопје 1 Скопје, и тоа им било соопштено на присутните. Бранителите на обвинетите на ова бурно реагирале наведувајќи дека во судницата во која се преселиле и во која требало да следи продолжување на расправата немало услови за работа, а поточно немало клупи пред секој од бранителите, поради што тие без одобрение на Судот станале и стоеле на нозе.

Претседателот на Советот ги замолил бранителите на обвинетите да не ја нарушуваат работата на Судот и да седнат и истовремено ги предупредил доколку и понатаму се однесуваат на ваков начин ќе бидат казнети за нарушување на редот во судницата, а доколку и покрај изречување на парична казна и понатаму продолжат со таквото однесување бранителите може и да ја напуштат судницата, при што ќе се применат одредбите од Законот за кривичната постапка, а обвинетите коишто ќе останат без бранители Судот ќе овозможи веднаш да им бидат поставени бранители по службена должност.

Понатаму, во наведените решенијата на Основниот суд е образложено дека со оглед на тоа што и покрај опомената кон сите што стоеле во судницата, од страна на претседателот на Советот, во случајов,и спрема бранителите на обвинетиот Митко Пешов, адвокатот Павлина Зефиќ и адвокатот Панче Тошковски одбиле да седнат на своите места и со тоа продолжиле да ја оневозможат работата на Судот, односно да го нарушуваат редот во судницата, согласно член 361 став 1 в.в. со член 88 од Законот за кривична постапка поради што се донеле решенијата со кои се казнуваат бранителот Павлина Зефиќ адвокат од Скопје со парична казна во износ од 1000 евра во денарска противвредност, а ова да го стори во рок од 15 дена по правосилноста на решението, под страв на присилно исполнение, а со иста парична казна е казнет и бранителот Панче Тошковски, адвокат од Скопје.

– Апелациониот суд Скопје, со групно Решение КОКЖ-47/18 од 17.12.2018 година мериторно одлучил по изјавните жалби на адвокатите кои биле бранители на обвинетите во наведениот кривичен предмет. Според ова решение:

– во првиот дел: била уважена жалба на адвокатот Нинослав Јакимовски – Нино од Куманово како бранител на двајца обвинети и Решението на Основниот суд Скопје 1 Скопје КОК-40/18 од 16.10.2018 година го укинал, а
– во вториот дел делумно ги уважило жалбите на:

1. адвокат Марија Христова (бранител на обвинетиот Ј. Т.)
2. адвокат Звонко Давидовиќ (бранител на обвинетите Д. Л. и А. В. Н.).
3. адвокат Панче Нефтенов (бранител на обвинетиот О. П.)
4.адвокат Драган Пешевски (бранител на обвинетиот И.Ц.)
5. адвокат Еленко Миланов (бранител на обвинетите Љ. Д., М. П. и И. Д.)
6. адвокат Панче Тошковски (бранител на обвинетиот Митко Пешов)
7. адвокат Христијан Давидовиќ (бранител на обвинетите Д.Л. и А. В.Н.)
8. адвокат Елеонора Јанковиќ (бранител на обвинетите Д. Л. и А. В.Н.)
9. адвокат Ивица Николоски (бранител на обвинетиот С.М.)
10.адвокат Миле Наумовски (бранител на обвинетиот М. П.)
11. адвокат Рубин Двојаков (бранител на обвинетиот Б. Д.)
12. адвокат Јасмина Василевска (бранител на обвинетиот Б. Д.)
13. адвокат Звонко Богдан (бранител на обвинетата Е. Д.)
14. адвокат Дончо Наков (бранител на обвинетите Љ. А., А. А., Б. И., В.Ј. и Ј. Ч.)
15. адвокат Павлина Зефиќ (бранител на обвинетиот Митко Пешов)
16. адвокат Сашо Христовски Липски (бранител на обвинетите С.М.,. М.М. и З.С.)
17. адвокат Валентина Тодоровска (бранител на обвинетите Ј.Ч. и В. Т.)
18. адвокат Петар Василев (бранител на обвинетите О. Р. и Н. М.-К.)
19. адвокат Сања Алексиќ (бранител на обвинетиот Б. И.)
20. адвокат Анка Гоџовска Ингилизова (бранител на обвинетиот Г. Ѓ.-Л.)
21.адвокат Ружица Николовска (бранител на обвинетиот Г. Ѓ.-Л.)
22. адвокат Сашо Јанев (бранител на обвинетиот И. Ј.)
23. адвокат Гоце Ристески (бранител на обвинетите К.М., О. Р., М. Д. и Н. М.-К.)
24. адвокат Александар Новакоски (бранител на обвинетиот С. В.)
25. адвокат Сашко Дуковски (бранител на обвинетите М. Ч.и Б. И.).

Жалбите на наведените 25 адвокати кои биле во својство на бранители на обвинети лица од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со обвинителни акти КО.бр.66/17 од 27.03.2018 година и 20.07.2018 година биле изјавени против решението на Основниот суд Скопје 1 Скопје КОК-40/18 од 16.10.2018 година, со кое адвокатите секој од нив биле казнети со парична казна во износ од 1000 евра во денарска противвредност, од причините кои се образложени во тоа првостепено решение.

Апелациониот суд Скопје, со решението КОКЖ-47/18 од 17.12.2018 година го укинал решението на Основниот суд Скопје 1 Скопје КОК-40/18 од 16.10.2018 година и од вториот дел на решението на Апелациониот суд КОКЖ-47/18 од 17.12.2018 година, се гледа дека постапувајќи по жалбите, делумно се уважени жалбите на адвокатите кои се бранители на обвинетите во наведениот кривичен предмет, изјавени против решението на првостепениот кривичен суд со кои им биле изречени паричните казни.

Апелациониот суд Скопје притоа мериторно одлучил по однос на прашањето за паричните казни на жалителите. Имено, изрекол казни на адвокатите и ги казнил со поблага парична казна од 500 евра во денарска противвредност, за секој адвокат. Решението на Основниот суд Скопје 1 Скопје КОК-40/18 од 16.10.2018 година е преиначено со намалување на паричната казна, од причини што повисокиот суд оценил дека паричните казни од по 1000 евра биле превисоко изречени, што значи заслужувале изрекување казна, парична казна, како што утврдил првостепениот суд, но таа требала да биде поблага, во износ од 500 евра, и со тоа се потврдило дека адвокатите биле виновни и заслужиле парични казни.

– За утврдување на фактичката состојба по однос на барањето поднесено до Уставниот суд, за заштита на слободи и права, Судот го утврди следново:

Во списите по предметот се приложени двете посебни решенија со ист број 09 КОК-40/18 од 16.10.2018 година на Основниот суд Скопје 1 Скопје, кои се однесуваат на изречените парични казни од по 1000 евра во денарска противвредност, посебно на адвокат Павлина Зефиќ и посебно на адвокат Панче Тошковски.

Со колективното решение на Апелациониот суд Скопје КОКЖ-47/18 од 17.12.2018 година, меѓу другите жалби, делумно се уважени и посебната жалба на адвокатот Павлина Зефиќ и посебната жалба на адвокатот Панче Тошковски и се изречени меѓу другите и поблаги парични казни посебно на адвокат Павлина Зефиќ и посебно на адвокат Панче Тошковски.

Факт е дека од решението 09 КОК—40/18 од 16.10.2018 година на првостепениот кривичен суд се произлезени поединечните решенија за секој од адвокатите во постапката, во кои се изречени паричните казни, како што е случајот и со двете решенија со истиот број и датум, посебно за адвокатот Павлина Зефиќ и посебно за адвокатот Панче Тошковски.

Неспорно е и дека Апелациониот суд Скопје, мериторно одлучил и првостепеното решение го преиначил и изрекол поблаги парични казни за адвокатите меѓу кои и за адвокатите Павлина Зефиќ и Панче Тошковски, сметајќи со тоа дека сепак заслужуваат да бидат казнети но со поблаги парични казни.

– Имајќи во предвид дека барањето до Уставниот суд за заштита на слободи и права е лично барање, а во случајов подносители на такво барање до Судот се само двајца адвокати, Павлина Зефиќ и Панче Тошковски, неспорно е дека по барањето ќе се постапува само во рамки на правата и слободите на подносителите на барањето, а не и пошироко во отсуство на барања од други подносители од предметот за изречените парични казни.

Оттука, анализата на Уставниот суд се однесува, во врска со барањето на подносителите само во рамки на решението КОК-40/18 од 16.10.2018 година кое се однесува за адвокатот Павлина Зефиќ, решението КОК-40/18 од 16.10.2018 година кое се однесува за адвокатот Панче Тошковски, и за решението на Апелациониот суд Скопје КОКЖ-47/18 од 17.12.2018 година во делот на изречената казна со парична казна на адвокатот Павлина Зефиќ и адвокатот Панче Тошковски, како бранители на обвинетиот Митко Пешов, за секој од нив во износ од по 500 евра во денарска противвредност по 615,00 денари вредност на 10 евра или во вкупен износ од по 30.750,00 денар, а ова да го сторат во рок од 15 дена по правосилноста на решението под страв на присилно исполнение.

Судот во оценувањето дали постои ограничување на слободата на мислата и јавното изразување на мислата утврдена со член 110 алинеја 3, а гарантирана со членот 16 од Уставот на Република Северна Македонија, го примени трипартитниот тест, кој произлегува од самата формулација на ставот 2 од членот 10 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и истиот се состои во испитување:

1. дали ограничувањето на слободата на изразување на мислата е пропишано со закон,
2. дали ограничувањето е насочено кон остварување на легитимна цел и
3. дали ограничувањето е „неопходно во едно демократско општество“.

6. Според член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Конкретно прашањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата има посебна правна рамка и во меѓународните акти со третман на значајно прашање во едно демократско општество.

Според членот 19 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, 1) Никој не може да биде вознемируван поради своето мислење; 2) Секој има право на слобода на изразување; тоа право подразбира слобода да се бараат, примаат и шират известувања и идеи од секој вид, без оглед на границите, било усно, писмено, по пат на печат или во уметничка форма или со кое било друго средство во свој избор; 3) Вршењето на слободата предвидена во став 2 на овој член повлекува посебни обврски и одговорности. Тоа може да биде подложено на одредени ограничувања кои сепак мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни: а) за почитување на правата и угледот на другите лица; б) за заштита на националната безбедност или јавниот поредок или јавното здравје или морал.

Според членот 10 од Европската Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи: „1) секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слобода на мислење и слобода на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа. 2) Остварувањето на овие слободи коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, и кои се неопходни во едно демократско општество заради заштита на државната безбедност, територијалниот интегритет и јавна безбедност, заштитата на редот и спречување нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето.

Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и Европската конвенција за човековите права поаѓаат од правото на поединецот слободно да го манифестира своето уверување и совест и слободно да ја изрази својата мисла, без никакво ограничување и во која било форма, и, истовремено, упатуваат на ограничувањата на оваа слобода, кои мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни, односно неопходни во едно демократско општество.

Уставот на Република Северна Македонија поаѓа од гарантирање на самата слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е општ, генерален за сите поединци и токму од аспект на оваа општост мора да се толкува одредбата од член 54 став 4 од Уставот со која се упатува дека само во случаи утврдени со Уставот можат да се ограничат.

Меѓутоа, ова не значи дека не постои никакво ограничување за поединецот во манифестирањето на генерално загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во со закон санционираните дејствија, без оглед дали се работи за кривична или граѓанско-правна санкција. Оттука, уставно-правен спор дали постои повреда на со Уставот загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација, се сведува на уставно – правна оцена дали со ваквата санкција е повредена самата содржина на уставно гарантираната слобода на поединецот.

Слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, Уставот на Република Северна Македонија не содржи ниту специјална ниту генерална законска резерва која би ги определила границите на остварувањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги притоа во предвид меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.

Ваквото високо ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот на Република Северна Македонија, интерпретирани во светлината на меѓународното право не може да важи неограничено. Заради обезбедување на заедничкиот живот, правниот поредок мора да ја ограничи слободата на поединецот за да ја заштити слободата на другите, односно содржински да го ограничи нивното важење.

Слободата на изразување на мислата на адвокатите, пак, преставува посебен контекст.

Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба, што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Со Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ број 53/02,60/06,29/07,106/08,135/11,113/12 и 148/15), е определено дека адвокатот е слободен, самостоен и независен во својата работа и во рамките на законот, актите на комората и овластување самостојно одлучува за начинот на застапување на правата и интересите на странката. Согласно овој закон правната помош на странката адвокатот ја дава совесно и стручно согласно со закон, кодексот на адвокатска етика и другите акти на комората и како тајна го чува она што му го доверила странката.

Согласно член 21 став 1 од овој закон адвокатот не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење при давањето правна помош и вршењето на јавни овластувања, а согласно ставот 2 од истиот член од Законот, адвокатот во вршењето на адвокатската дејност има имунитет. Согласно ставот 3 на овој член од Законот, адвокатот не може да биде лишен од слобода ниту притворен за кривично дело сторено во вршењето на адвокатската дејност без претходна согласност од Адвокатската комора.

Законот за адвокатурата во посебен дел го уредува прашањето за одговорност за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата. Во членовите од 30-32 од Законот се утврдени потешките повреди на адвокатската должност, дисциплинските мерки што можат да му се изречат на адвокатот (јавна опомена, парична казна во висина до десетократен износ на годишната коморска членарина и привремено престанување на правото на вршење адвокатска дејност во траење до една година), правото на жалба и правото на судска заштита. Треба да се истакне дека дисциплинското казнување на адвокатот врз основа на овие одредби е во рацете на надлежен орган на Адвокатската комора.

Поаѓајќи од специфичната улога на адвокатите во процесот на заштита на правото на нивните странки и во насока на промовирање на целите на правдата, на 8-ми Конгрес на ООН за превенција на криминалот и третманот на сторителите одржан во Хрватска 1990 година усвоени се Основните принципи за улогата на адвокатот според кои принципи адвокатите треба да уживаат цивилен и казнен имунитет за релевантни изјави дадени во добра верба во писмените или усните искази во своите професионални излагања пред суд, да можат да ги извршуваат своите професионални функции без закани, попречување, малтретирање или несоодветно мешање, да не бидат подложени на законски обвиненија или административни, економски или други санкции кога постапуваат во согласност на професионалните обврски, стандарди и етика. При извршувањето на правата, адвокатите секогаш ќе треба да се однесуваат во согласност со закон и со признатите стандарди и етика на правната професија.

Во Препораката 2000 (21) на Комитетот на министри на Советот на Европа, се препорачува на државите членки да преземат и да ги засилат сите мерки што ги сметаат за неопходни заради имплементирање на слободата на извршувањето на адвокатската професија при што се предвидува дека адвокатите не треба да бидат подложени на закони со какви и да било санкции или притисок во случај ако постапуваат во согласност со нивните професионални стандарди.

Генералните ставови на Судот во Стразбур е во контекст на основните принципи за улогата на адвокатите и нивната посебна положба во правниот систем. Европскиот суд за човекови права смета дека адвокатот треба да располага со слобода во изнесување на мислење, ставови и критики се додека тоа го прави во рамките на постапката заради успешно застапување на интересите на клиентите. На адвокатот треба да му биде оставено слободно да го искаже своето мислење без воздржување од изнесување на правно релевантни фактички тврдења кои се однесуваат на спротивната страна вклучително и на нејзиниот адвокат.

За Судот не е спорно дека прашањето на слободата на изразување и нејзиното ограничување или злоупотреба е мошне чувствително, а тоа особено кога таа слобода треба да се балансира со правото на честа и угледот, што е прашање кое треба да се утврди во секој конкретен случај.

Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018) во членот 1 утврдил дека предмет на негово уредување е да ги утврди правилата со кои се овозможува правично водење на кривичната постапка, така што никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик и врз основа на законито спроведена постапка. Во основните начела на овој закон се презумпцијата на невиност (член 2), начело на законитост и пропорционалност (член 3), одлучување на начин поповолен за обвинетиот (in dubio pro reo) (член 4), право на правилно судење (член 5) и други набројани начела.

Со членот 70 од овој закон се утврдени правата на обвинетиот, меѓу кои и да има можност да се изјасни за фактите и доказите што го товарат и да ги изнесе сите факти и докази што му одат во прилог и самиот или преку бранител да ги испита сведоците против него, како и да му се обезбеди присуство и испитување на сведоци во негова корист под исти услови, како и сведоците против него.

Според членот 71 од овој закон, е уредено правото на бранител, според кој секое лице осомничено или обвинето за кривично дело има право на бранител во текот на целата кривична постапка против него и бранител може да биде само адвокат.

Во главата 10 од Законот под наслов „Трошоци на кривичната постапка“, со членот 102 се наведени трошоците кои се опфатени од кривичната постапка за издатоци направени од нејзино поведување до нејзино завршување и издатоци за преземени истражни дејствија пред истражната постапка.

Судот одлучува за надоместот на трошоците во кривичната постапка која има финансиска основа на товар на странките, а од друга страна пак средствата за работата на судовите се обезбедуваат со судски буџет, како посебен дел на Буџетот на Републиката, што гледано генерално се елементи кои треба да го детерминираат и од кој аспект пристапат кон водење на правична и фер постапка за обете страни според Законот за кривичната постапка. Имено, во контекст на наведеното, меѓу другото и обезбедувањето на условите на странките во судската постапка за нивно функционално постапување е обврска на органот кој врши јавна функција да го обезбеди и просторот и објектот на судењето, кое не е апсолутно произволна и бесплатна услуга која ја пружа органот, туку суштинска обврска за работење. Оттука и од призма на овој аспект треба да се опсервира членот 346 од Законот за кривичната постапка, според кој:

„(1) Главната расправа се одржува во седиштето на судот и во судската зграда.
(2) Ако во одделни случаи просториите на судската зграда не се погодни за одржување на главната расправа, претседателот на судот може да определи расправата да се одржи во друга зграда.
(3) Главната расправа може да се одржи и во друго место на подрачјето на надлежниот суд, ако тоа по образложен предлог од претседателот на судот го дозволи претседателот на повисокиот суд“.

Понатаму, во делот „Процесни дејствија“ во Главата VIII од Законот за кривична постапка, во членот 88 е уредено прашањето за казнување поради навреда на судот. Според членот 88 е предвидено:

„(1) Судот ќе го казни со парична казна од 200 до 1200 евра во денарска противвредност учесникот во постапката кој во поднесокот или усно, односно на друг начин го навреди судот или лицето кое учествува во постапката. Решението за казнување го донесува судот пред кој е дадена изјавата, а ако тоа е сторено во поднесокот, Судот што треба да одлучи за поднесокот.
(2) Против ова решение е дозволена жалба по која одлучува советот од член 25 став 5 на овој закон.
(3) За казнување на јавниот обвинител, судот ќе го извести надлежниот јавен обвинител на јавното обвинителство.
(4) За казнување на адвокат, судот ќе ја извести Адвокатската комора на Република Македонија.
(5) Кога јавниот обвинител ја води претходната постапка и притоа оцени дека учесник во постапката во изјавата или во поднесокот го навреди судот, јавниот обвинител или друго лице кое учествува во постапката, ќе му достави копија од поднесокот или изјавата на надлежниот суд кој може да донесе решение за казнување од ставот (1) на овој член.
(6) Казнувањето според ставот (1) на овој член не влијае врз гонењето и изрекувањето на казната за кривичното дело извршено со навредата.
(7) Ако според ставот (1) на овој член навредата на судот и покрај изречената парична казна се повторува, судот може да изрече парична казна и до десеткратен износ од казната од ставот (1) на овој член“.

Со членот 231 од овој закон се уредени правата на одбраната при испитување на загрозени сведоци на главната расправа. Според овој член од Законот е предвидено:

„(1) При испитувањето на загрозените сведоци на главната расправа посебно ќе се внимава на правото на обвинетиот и на неговиот бранител да имаат соодветна и доволна можност да го оспоруваат и да ги проверуваат нивните искази.
(2) Пресудата не може да се темели само врз основа на исказот на загрозениот сведок прибавен со примена на одредбите за прикривање на неговиот идентитет или изгледот заради негова заштита и заштита на неговите блиски лица“.

Со членот 359 од овој закон е уредено:

„(1) Главната расправа се одржува непрекинато и тече според редот што е определен во овој закон. Во случаите кога не е можно главната расправа да се заврши на едно рочиште, претседателот одлучува главната расправа да продолжи наредниот работен ден.
(2) Претседателот на советот може да определи да се отстапи од редовниот тек на расправањето поради посебни околности, а особено поради бројот на обвинетите, бројот на кривичните дела и обемот на доказниот материјал“.

Со членот 361 од овој закон е уредено прашањето за казнување поради нарушување на редот и дисциплината.Со овој член е предвидено:

(1) Ако јавниот обвинител, обвинетиот, бранителот, оштете­ниот, законскиот застапник, полномошникот, сведокот, вештакот, преведувачот, односно толкувачот или друго лице кое присуствува на главната расправа го нарушува редот или не се придржува на наредбите од претседателот на советот за одржување на редот, претседателот на советот ќе го опомене. Ако опомената биде безуспешна, советот може да нареди обвинетиот да се отстрани од судницата, а другите лица може не само да ги отстрани, туку и да ги казни со паричната казна предвидена во членот 88 став (1) од овој закон.
(2) По одлука на советот обвинетиот може да биде отстранет од судницата за определено време, а доколку повторно го нарушува редот на главната расправа, тогаш и за сето време додека трае доказната постапка. Пред да се заврши доказната постапка претседа­телот на советот ќе го повика обвинетиот и ќе го извести за текот на главната расправа. Ако обвинетиот продолжи да го нарушува редот и да го навредува достоинството на судот, советот може повторно да го отстрани од заседанието. Во тој случај, главната расправа ќе се доврши без присуство на обвинетиот, а пресудата ќе му ја соопшти претсе­дателот или судија – член на советот во присуство на записничарот.
(3) На бранителот или полномошникот, кој по казната ќе продолжи да го нарушува редот, советот може да му ја ускрати натамошната одбрана, односно застапување на главната расправа и во тој случај странката ќе се повика да земе друг бранител, односно полномошник. Ако е невозможно обвинетиот или оштетениот тоа да го сторат веднаш без штета за своите интереси или ако во случај на задолжителна одбрана не може веднаш да се постави нов бранител или полномошник, главната расправа ќе се прекине или одложи, а на бранителот односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето.
(4) Ако судот го отстрани од судницата приватниот тужител или неговиот законски застапник, главната расправа ќе продолжи и во нивна отсутност, но судот ќе ги предупреди дека можат да земат полномошник.
(5) Ако јавниот обвинител го нарушува редот, претседателот на советот ќе го извести за тоа основниот јавен обвинител, а може и да ја прекине главната расправа и од основниот јавен обвинител да побара да определи друго лице да го застапува обвинителниот акт.
(6) Кога судот ќе казни адвокат кој го нарушува редот ќе ја извести за тоа Адвокатската комора на Република Македонија.
(7) Против решението за казната е дозволена жалба до повисокиот суд.
(8) Против други одлуки што се однесуваат на одржувањето на редот и управувањето со главната расправа не е дозволена посебна жалба.

7. Во конкретниов случај, имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба, содржината на оспорените решенија на судовите, наводите во барањето на апликантите, одредбите од наведените закони, практиката на Европскиот суд за човекови права и актите од меѓународното право, се оцени дека постои повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата која повреда на слободата била сторена со оспорените решенија кои се однесуваат на адвокатот Павлина Зефиќ и адвокатот Панче Тошковски и двајцата од Скопје, а со кои биле казнети со парични казни заради одбивање да седнат на своите места во судницата на главната расправа и со тоа според оценка на надлежните судови, продолжиле да ја попречуваат работата на судот, односно го нарушиле редот во судницата, па согласно член 361 став 1 в.в. со членот 88 од Законот за кривичната постапка се донесени оспорените решенија на судовите за парични казни.

Уставниот суд оцени дека постои повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, утврдени во членот 110 алинеја 3, а гарантирана во членот 16 од Уставот на Република Северна Македонија и содржана во членот 10 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, која со Закон е ратификувана во нашата земја („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1997), преку уставно-судската анализа и со примена на трипартитниот тест кој произлегува од членот 10 од Конвенцијата, поради следново:

– на прашањето дали „ограничувањето“ сторено со казнување со судските одлуки, било пропишано во нашата земја со национален закон, одговорот е „да“, со одредбите од член 88 и член 361 од Законот за кривичната постапка, пропишано е дека за нарушување на редот и дисциплината во текот на судењето и за навреда на судот, неспорно е предвидена казна, и со тоа факт е дека постои законска регулатива за ограничување на слободата на изразување, поради наведените околности, со парична казна;
– на прашањето дали „ограничувањето“ од страна на судовите било насочено за постигнување на „легитимна цел“, одговорот е „да“, основниот кривичен суд имал за цел одржување на главна расправа во конкретен кривичен предмет, на денот (16.10.2018 година) на кој ја закажал главната расправа, која започнала во 10.00 часот во судница во новата зграда на Основниот суд Скопје 1 Скопје, и за остварување на таа легитимна цел настојувал судењето да продолжи дури и во променети услови со преселба во друга судница поради новонастанати технички проблеми, независно од ограничените просторни услови во другата судница, и без доволно клупи за адвокатите да можат да пишуваат од текот на расправата, со цел сепак расправата да се одржи, да не се одолговлекува, поаѓајќи од своето гледиште дека расправата мора да се одржи независно од приговорите и критиките на адвокатите. Поради настанатата ситуација во салата, расправата сепак била одложена и одржана наредниот ден, на 17.10.2018 година. Апелациониот суд го прифатил ставот на првостепениот кривичен суд дека било потребно одржување на главната расправа во променетите услови на 16. 10 2018 година, без оглед што ги намалил паричните казни како основани но превисоки;
– на прашањето дали „ограничувањето“ на слободата на изразување со изрекување на казните, било неопходно во едно демократско општество, одговорот е „не“, со оглед на тоа што мерката на казнување на адвокатите од страна на судовите е непропорционална и претставува прекумерно ограничување на слободата на изразување, спротивно на Уставот во однос на членот 110 алинеја 3 во делот на заштитата на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, а гарантирани со член 16 став 1 од Уставот, со што се повредува и членот 10 од Конвенцијата.

Оспореното ограничување со казнување, иако е предвидено со закон и иако било насочено кон остварување на легитимна цел, не било неопходно да се примени од страна на судовите во конкретната кривична постапка со изрекување на паричните казни за апликантите како дел од поголем број казнети адвокати во единствената сложена постапка на предметот, имајќи предвид дека од друга страна легитимни биле очекувањата и на адвокатите како учесници во постапката во својство на бранители на обвинети странки, да имаат не само столчиња туку и маси за пишување и прибележување во текот на главната расправа на која ќе имало распит и на загрозен сведок. Необезбеду­вањето на функционални услови во другата сала во која била преселена главната расправа и тоа во друг објект, поради настанати „технички пречки“ во салата во која првично била закажана и започната главната расправа, а во преселената сала просторно биле собрани сите учесници во постапката кои биле во голем број поради единствното водење на главната расправа, во која дел биле и апликантите, адвокатите Павлина Зефиќ и Панче Тошковски од Скопје, покажува дека судот предизвикал состојба на функционален проблем со кој било оневозможено непречено вршење на бранителската улога на адвокатите во предметот, а поради тоа апликантите заедно со останатите адвокати не само што го изразиле директно усно своето незадоволство на судечкиот состав во постапката на главната расправа, туку и не сакале да седнат на столчињата и само стоеле во преселената сала. Поради тоа, поради изразување на правото на критика кон судот, како право на јавно изразување на мислата- критиката кон судот, тие биле од судот казнети со парични казни од по 1000 евра во денарска противвредност, меѓу кои и апликантите со оспорените решенија, а потоа Апелациониот суд Скопје, со оспореното решение им ги намалил казните од по 500 евра во денарска противвредност, како што е веќе погоре наведено во овој реферат. Судот со тоа ја попречил и ограничил слободата на изразување на мислата- критика кон судот, во рамки на вршење на бранителската функција на адвокатите, игнорирајќи го фактот дека тој самиот во организирањето на главната расправа суштински придонел да дојде до реакција на адвокатите изразена со протест преку стоење во судницата бранејќи го своето законско право за вршење на бранителската функција на главната расправа за што биле овластени во рамки на нормативата и духот на Законот за кривичната постапка и Законот за адвокатура.Во светло на целината на фактите, произлегува дека со критиките изразени од адвокатите со стоење во судницата и укажување дека немаат услови за работа, не биле надминати границите на прифатливи критики согласно член 10 од Конвенцијата, и не може да се смета казнувањето како неопходно за едно демократско општество, а со тоа ниту првично изречените парични казни од по 1000 евра, што е близу до максималната што може да се изрече согласно законот,а подоцна намалени на по 500 евра, не може да се смета за неопходно во едно демократско општество.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека во конкретниов случај со изнесеното мислење на адвокатите односно апликантите преку изразување на критика кон судот заради нефункционалност на просторните услови во судницата во која било преселено одржувањето на главната расправа, и протестот со стоење во салата на главната расправа, тие не ги надминале границите на можна толеранција која судот можел да ја изрази и прифати како објективна. Адвокатите не ги надминале дозволените граници со кои би ја повредиле честа и угледот на судот, туку изразениот мирен, стоечки протест бил манифестирање на барање на легитимни права за непристрасно и фер судење во сала со функционални можности за тоа, и не на штета на работата на бранителите адвокати кои застапувале обвинети за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од членот 313 од Кривичниот законик.

Согласно член 56 од Деловникот на Уставниот суд, со одлуката за заштита на слободите и правата Уставниот суд ќе утврди дали постои нивна повреда и во зависност од тоа ќе го поништи поединечниот акт, ќе го забрани дејството со кое е сторена повредата или ќе го одбие барањето.

Од погоре изнесената анализа се утврди дека во случајов има основ за мериторно одлучување на Уставниот суд по предметното барање на апликантите. Притоа се посочува на фактот дека во случајов се работи за повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата со акти на надлежни судови во судски постапки, фактите се познати, има одговор на наводите изнесени во барањето, што значи учесниците во постапката пред Уставниот суд јасно се произнеле за фактите на предметот, па со оглед на севкупната уставносудска анализа, се одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.57/2019
29 мај 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.57/2019