У.бр.56/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 јули 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 197 став 7 од од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010, 48/2010, 24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013, 120/2013, 187/2013, 38/2014, 41/2014, 138/2014, 88/2015, 192/2015, 6/2016, 30/2016, 61/2016, 64/2018 и 120/2018).

2. Ивица Димитриев и Мартин Насков, адвокати од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на член 197 став 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорениот член 197 став 7 од Законот за трговските друштва не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 51 став 1 и член 55 од Уставот.

Неуставноста на оспорената одредба јасно се забележува со самото тоа што со неа се ограничува правото на содружниците на слободно учество на пазарот и претприемништвото само во поглед на купувањето/продавањето, односно само при пренос на уделот, додека вакво ограничување при стекнување на удел со основање на друштвото Законот не предвидел, со што граѓаните, поконкретно содружниците кои вршат пренос на веќе стекнатиот удел се наоѓаат во нееднаква положба со оние граѓани/содружници кои стекнуваат удел при основање на друштво.

Тоа значи дека содружниците при основање на друштво немаат обврска за доставување на доказ за платени придонеси, даноци и царини, додека пак при пренос на веќе стекнат удел ваква обврска е предвидена со закон, на кој начин граѓаните се ставаат во нееднаква положба, а истовремено се ограничува нивното право на слобода на пазарот и претприемништвото.

Понатаму, подносителите наведуваат дека во ситуација каде во поглед на начинот на плаќањето на јавните давачки постојат законски предвидени механизми за неизвршување на тие обврски,уредени со други закони, генералното условување со уредно исплатени јавни давачки значи излегување надвор од соодветните законски механизми и намалување на обемот на правото на слобода на пазарот и претприемништвото.

Тргнувајќи од фактот што согласно член 33 од Уставот,секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, подносителите сметаат дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување од каде повеќе од јасно може да се утврди дека со оспорениот член 197 став 7 од законот, се пречекорува дозволениот праг и се излегува надвор од соодветните законски механизми на кој начин исполнувањето на обврските на лицето во еден статус влијае на остварување на неговите права во друг статус, што уставно не е дозволено и води до намалување на обемот на правото на слобода на пазарот и претприемништвото, дотолку повеќе што истото не претставува услов и при стекнување на удел при основање на друштвото/правен субјект.

Врз основа на наведеното подносителите, му предлагаат на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член и истиот да го укине или поништи согласно членовите 70 и 71 од Деловникот на Судот.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 197 став 7 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010, 48/2010, 24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013, 120/2013, 187/2013, 38/2014, 41/2014, 138/2014, 88/2015, 192/2015, 6/2016, 30/2016, 61/2016, 64/2018 и 120/2018) е предвидено дека:

„Содружниците во друштвото кои должат по основ на неплатени даноци, царини и придонеси не можат да купуваат, ниту да вршат пренос на удели во своето, или во други трговски друштва“ (оспорен став).

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободата и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот (став 2). Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 3).

5. Со Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010, 48/2010, 24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013, 120/2013, 187/2013, 38/2014, 41/2014, 138/2014, 88/2015, 192/2015, 6/2016, 30/2016, 61/2016, 64/2018 и 120/2018), се уредува/уредуваат: трговецот (според дејноста, формата, природата и обемот на дејноста, уписот); трговецот-поединец; основната главнина; уделите и акциите; договорот за друштвото; односно статутот на друштвото; преддруштвото; времето на траење на друштвото; својството на правно лице на друштвото (правниот субјективитет); подружниците; одговорноста за обврските на друштвото; посебната одговорност на содружниците, односно на акционерите; лицата кои можат, односно лицата кои не можат да основаат друштво; условите под кои странско лице може да биде содружник, односно акционер; правата на странските лица; ништовноста на друштвото; влоговите (парични и непарични); забраната за ослободување од обврската за уплата, односно внесување на влог; учеството во добивката; правото на информираност на содружникот, односно на акционерот; правниот режим на имотот на друштвото; заштитата на правата на содружниците, односно на акционерите пред судот; оцената на законитоста; белезите на трговското друштво (фирмата,седиштето, предметот на работење); застапувањето (застапник по закон, застапник по полномошно и полномошник по вработување); трговскиот полномошник; трговскиот патник; трговскиот регистар; уписите во трговскиот регистар и нивното објавување; условите за основање, управувањето, надзорот; намалувањето и зголемувањето на основната главнина; односите меѓу содружниците, односно акционерите; и другите прашања коишто се од значење за различните форми на трговските друштва-јавното трговско друштво, командитното друштво, друштвото со ограничена одговорност, акционерското друштво и командитното друштво со акции; големите зделки и зделките на друштвото со заинтересирана страна; трговските книги; годишните сметки и финансиските извештаи и нивната ревизија; дивидендата; учеството во други трговски друштва (поврзани друштва); консолидираните годишни сметки и консолидираните финансиски извештаи; преобразбата на друштвото од една во друга форма на друштво; присоединувањето, спојувањето и поделбата на друштвата; ликвидацијата на друштвото; стопанската интересна заедница; странското трговско друштво и странскиот трговец-поединец, подружниците на странско друштво, односно на странски трговец-поединец и претставништва на странски друштва; контролата и надзорот; казнените одредби како и на преодниот режим за примената на овој закон.

Според член 2 од Законот, овој закон се применува на трговецот-поединец, на трговското друштво, на стопанската интересна заедница и на подружницата-организирана од странско трговско друштво, односно од странски трговец-поединец, запишани во трговскиот регистар.

Во член 29 став 2 точка 1 од Законот е предвидено дека:

(2) Трговско друштво не можат да основаат:

1) трговски друштва чија сметка отворена кај кој било носител на платниот промет е блокирана и лицата кои се членови на органот на управување, органот на надзор, односно се управители на тие друштва, сè додека трае блокадата на сметката на друштвото или додека над истото не се отвори постапка на ликвидација или стечај, доверители и изречена им е забрана за вршење професија, дејност или должност, се додека траат правните последици од забраната.

Во точката 6 на член 29 став 2 е предвидено дека:

(6) Кон пријавата за упис на основање на друштво во трговскиот регистар,основачите поднесуваат лична изјава во електронска форма преку едношалтерскиот систем дека не постои некое од ограничувањата од овој член или друго ограничување пропишано со овој или друг закон, за да основаат друштво.

Во членот 197 од Законот, насловот „Располагање со уделот“ е предвидено:

(1) Содружниците располагаат со уделите под условите утврдени во договорот за друштвото.
(2) Уделите во друштвото можат да се пренесуваат на начин и постапка определени со договорот за друштвото.
(3) Содружникот на друштвото може да го пренесе својот удел, во целост или само дел од уделот.
(4) Уделот се пренесува со договор за пренос на удел заверен кај нотар.
(5) Секој пренос на удел што се врши на начин и според услови што се во спротивност со овој закон или со договорот за друштвото е ништовен.
(6) Содружникот на друштвото може да го заложи својот удел според услови определени со договорот на друштвото. На залогот на удел не се применуваат одредбите од член 200 став (1) на овој закон.
(7) Содружниците во друштвото кои должат по основ на неплатени даноци, царини и придонеси не можат да купуваат, ниту да вршат пренос на удели во своето, или во други трговски друштва. (оспорен став).
(8) Ставот (7) на овој член, не се применува на содружниците со статус орган на државна управа и фондови основани од државата, кои стекнале удели во друштвото врз основа на закон.

6. Тргнувајќи од наведеното јасно и недвосмислено произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем.

Меѓутоа слободата на пазарот и претприемништвото не може да се смета како работа само на субјекти на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството.

Имено, ниедна слобода не може да се смета во апсолутна смисла. Оттука, Судот смета дека оспорената законска одредба според која содружниците во друштвото кои должат по основ на неплатени даноци, царини и придонеси не можат да купуваат ниту да вршат пренос на удели во своето или во други трговски друштва не може и сигурно не значи безгранична слобода, бидејќи таа слобода не е цел за себе туку е во заемен сооднос со редица други услови за чие исполнување треба да се грижи државата.

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претставува еднаква правна положба на субјекти во вршењето на својата дејност. Имено еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монополско однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.

Според тоа Судот смета дека во конкретниов случај се работи за генерална заштитна мерка за која се определил законодавецот која е прифатлива, потребна и реална и својата оправданост е во насока на заштита на сигурноста и стабилноста на даночниот систем.

Врз основа на сето наведено, а имајќи ги предвид наводите на подносителот на иницијативата, Судот оцени дека преку оспорената одредба може да се постигне биланс помеѓу општите интереси на заедницата да ја реализира фискализацијата на државата и да ги прибере планираните даноци и почитувањето на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Воедно, Судот смета дека со оспорената одредба би можело да се очекува исполнување на уставната должност за плаќање на даноците и другите јавни давачки од членот 33 од Уставот, од страна на сите субјекти на пазарот.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 197 став 7 од Законот за трговските друштва со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати.

У.бр.56/2019
3 јули 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски