У.бр.54/2020


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр. 54/2020
Скопје, 27.09.2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 27.09.2023 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Емилија Петковска од Скопје, за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Емилија Петковска од Скопје, застапувана од адвокат Весна Јовановска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, а кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на полова припадност, сторени со Решението П4-47/19 година од Основниот суд во Битола од 23.12.2019 година и Решението ГЖ-207/20 година на Апелациониот суд во Битола од 04.02.2020 година.

Според наводите во барањето, Решението на Основниот суд Битола П4-47/19 од 23.12.2019 година и Решението на Апелациониот суд Битола ГЖ 207/20 од 04.02.2020 година, биле засновани на дискриминаторска основа поради личните својства на тужителката сега подносител на барањето Емилија Петковска од Скопје, бидејќи со донесените одлуки на судот ѝ бил оневозможен еднаков третман и остварување на правата во судска постапка само поради нејзините лични својства како индивидуа – жена која била во вториот месец од бременоста, што е забранета основа за различен третман во согласност со член 110 алинеја 3, а во врска со член 9 од Уставот.

Имено, според подносителката, видно од донесените решенија на Основниот и Апелациониот суд во Битола очигледна била дискриминацијата по основ на пол со оглед дека поради состојбата на бременост во која се наоѓала, судот одлучил да не го прифати предлогот за враќање во поранешна состојба, односно не го сметал како оправдана причина влошувањето на здравствената состојба, како резултат на мачнини и гадења проследени со главоболка и повраќање во текот на патувањето од Скопје до судот во Битола на закажаната расправа за распит на странки.

Понатаму, во барањето се наведува дека во конкретниов случај очигледен бил нееднаквиот третман од страна на судот кон подносителката од причини што од една страна судот констатирал дека како оправдана причина за враќање во поранешна состојба претставувало ненадејно влошување на здравствената состојба, но оваа причина не ја сметал за оправдана кон подносителката Емилија бидејќи бременоста ја толкувал како предвидлива околност што значело дека судот произволно давал толкување, како да бил медицинско лице.

Ваквото толкување на судот било далеку од правилно и разумно бидејќи бременоста не претставува болест, како што судот ја третирал во случајот, тоа е состојба во која се наоѓа жената во одреден период од својот живот во која истата нормално и непречено функционира и ги извршува своите секојдневни основни активности, обврски, права, работни способности и должности.

Видно и од исказите на медицинските лица при распитот во постапката по поднесениот Предлог за враќање во поранешна состојба на ден 23.12.2019 година, јасно стои дека на секој човек може да му се појави гадење и повраќање при патување, која околност претставува оправдана причина што e видно и од законските одредби и претставува основ за прифаќање на предлогот за враќање во поранешна состојба.

Според подносителот се поставува прашањето дали ако тужителката во возилото починела, наместо да ѝ биде лошо, дали оваа околност судот ќе ја сметал како оправдана за враќање на предметот во поранешна состојба и за приложените медицински потврди ќе утврдел дека нема да имаат значење за оправданоста на предлогот, бидејќи истите би биле изведени после судењето.

Оттука, очигледен бил различниот третман на судот кон подносителката Емилија Петковска поради нејзината состојба на бременост, истиот не бил објективно и разумно оправдан и во судската постапка претставува дискриминација по основ на пол што е забранета основа за различен третман во согласност со член 110 алинеја 3, а во врска со член 9 од Уставот.

Врз основа на наведеното подносителот бара Уставниот суд да донесе одлука со која се утврдува повреда на правото на забрана на дискриминација (заштита на правото на недискриминација) по основ на пол, Судот да ги поништи Решението П4-47/19 од Основниот суд во Битола од 23.12.2019 година и Решението ГЖ-207/20 на Апелациониот суд во Битола од 04.02.2020 година, Судот да го усвои барањето за надомест на материјална штета на подносителката во износ од 55.500,00 денари на име платени трошоци во постапката, Судот да го усвои предлогот за враќање во поранешна состојба на постапката по предметот П4-47/19 година од Основниот суд во Битола од 07. 11.2019 година. Исто така, подносителот на барањето предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на донесените решенија до донесување на конечна одлука.

II

Судот на седницата врз основа на приложените докази утврди дека:

Со Решението П4 – 47/19 од 07.11.2019 година, Основниот суд Битола, постапувајќи во правната работа на тужителите Драге Петков, Виолета Петкова, Емилија Петковска, Ѓорѓи Петковски, Томислав Ѓошев, Никита Ѓошев, Златко Видински, Валентина Видинска, Славчо Петковски и Божица Петковска, сите од Скопје, против тужениот Флај Медија од Прилеп, по основ надомест на штета поради неисполнување на договори, вредност на спорот 196.600,00, констатирал дека тужбата се смета за повлечена и ги задолжил тужителите на име на парнични трошоци на тужениот да му исплатат износ од 46.800,00 денари во рок од 15 дена од приемот на решението.

Во образложението на решението е наведено дека судот постапувајќи во правната работа по тужба на тужителите против тужениот за надомест на штета, на одржаното рочиште од 18.09.2019 година, донел решение со кое закажал главна расправа по предметот која требало да се одржи на 07.11.2019 година во 10:00 часот.

На одржаното рочиште од 07.11.2019 година, присутен бил само полномошникот на тужениот, а полномошникот на тужителите како и тужителите не се јавиле на закажаниот термин за рочиште.

Рочиштето започнало во 10:00 часот, Судот почекал 10 минути, па со оглед на тоа дека никој од тужителите не се јавил и не го оправдал изостанокот, полномошникот на тужениот предложил тужбата да се смета за повлечена поради недоаѓање на тужителите.

Согласно таквиот предлог судот утврдил дека се исполнети условите од член 280 став 1 од Законот за парничната постапка, а во врска со член 277 став 1 од истиот закон, па со примена на истиот донел решение со кое констатирал дека тужбата на тужителите се смета за повлечена заради недоаѓање на тужителите, по што и изготвил формално решение во кое покрај одлуката за повлекување на тужба и согласно приложениот трошковник на тужениот, а врз основа на член 152 став 1 од ЗПП, определил трошоци предизвикани во постапката.

Со закаснување, полномошникот заедно со тројца од тужителите пристигнале во Судот, но рочиштето веќе било завршено.

По дознавање на фактот дека рочиштето е завршено, тужителката се упатила до надлежна здравствена установа во Битола каде ѝ бил извршен преглед од доктор на брзата помош и ѝ е даден специјалистички упат за преглед на гинекологија, на кој била констатирана бременост во втори месец, како резултат на која, во комбинација со патувањето се појавил зголемен интензитет на мачнини, гадење, главоболка и ѝ е даден совет за мирување и редовни контроли.

Основниот суд Битола, на ден 18.11.2019 година, по електронски пат до полномошникот на тужителите доставил Решение П4-47/19 од 07.11.2019 година, со кое тужбата на тужителите се смета за повлечена, заедно со покана за закажано рочиште за ден 23.12.2019 година, по претходно поднесен Предлог за враќање во поранешна состојба.

Тужителите и нивниот полномошник, не го искоритиле правото на жалба против ваквото решение до Апелациониот суд во Битола, па по истекот на рокот од 15 дена за право на жалба, решението станало правосилно.

По одржано рочиште по повод предлогот за враќање во поранешна состојба на ден 23.12.2019 година, Судот, врз основа на изведените докази, донел Решение П4-47/19 од 23.12.2019 година, со кое Предлогот за враќање во поранешна состојба се одбива како неоснован и ги задолжил тужителите со трошоци во постапката.

Во образложението на решението, се наведува дека тужителите, преку нивниот полномошник, поднеле до судот предлог за враќање во поранешна состојба, во кој наведуваат дека одејќи на пат за Битола за судење пред Основниот суд Битола, морале повеќе пати да застануваат бидејќи еден од тужителите била бремена жена и истата имала мачнини и повраќање, како резултат на што пристигнале во судот со мало задоцнување. Во предлогот појасниле дека побарале да стапат во контакт со судечкиот судија со цел да го известат дека ќе задоцнат и дека се јавиле кај службеник во граѓанското одделение во судот, со цел да го најават закаснувањето и дека веднаш после рочиштето била изготвена службена белешка согласно која судот ги утврдил причините за закаснувањето.

Тужениот, преку својот полномошник, поднел писмен одговор на предлогот, потоа и поднесок со кој го оспорил предлогот на тужителите, при што навел дека во конкретниот случај не станува збор за закаснување или пропуст на полномошникот на тужителите, туку на еден од тужителите кој и не морало да дојде на рочиштето, па со оглед на тоа што причина за закаснувањето не бил кај полномошникот – адвокат предложил да се одбие предлогот.

На одржаното рочиште по предлогот тужителите останале на наводите од предлогот со дополнување дека во случајот станувало збор за бремена странка за која морало да се вози полека, а дека поткрепа за таквата состојба произлегува и од приложените медицински потврди.

Тужениот на рочиштето преку полномошникот останал на наводите од одговорот на предлогот и поднесок со дополнување дека приложените докази од тужителите не биле веродостојни, односно не биле уредни бидејќи доказите биле прибавени по завршување на рочиштето со цел судот да се доведе во заблуда.

На овој начин судот, имајќи ги предвид изнесените наводи на полномошниците на странките, извршил увид во списите по предметот П4-47/19, ги прочитал доказите кон предлогот и тоа медицинските потврди, исказите на докторите сослушани како сведоци, па утврдил дека предлогот е неоснован, бидејќи на одржаното рочиште од 07.11.2019 година, судот на записник констатирал дека тужителите уредно се повикани, преку нивниот полномошник, не се јавиле и притоа не го оправдале изостанокот, па со оглед на предлогот на полномошникот на тужениот тужбата да се смета за повлечена, судот донел решение за повлекување на тужбата и определил трошоци. Ова решение тужителите не го обжалиле.

Во случајов не станува збор за причина за пропуштањето кај полномошникот на тужителите, туку на еден од тужителите кој и не морало да оди на рочиште. Доколку полномошникот на тужителите се јавел на судењето не можело да дојде до повлекување на тужбата. Без оглед на тоа што било укажано дека ќе се изведува доказ со распит на странки и да не дојдел ниту еден од тужителите, со присуството само на полномошникот на истите, немало да има ваква состојба.

Според судот, сопствената организациона слабост и пропуст, согласно судската пракса во однос на предметите кај враќање во поранешна состојба не претставува оправдана причина за пропуштање. Понатаму судот наведува кои околности можат да се сметат како оправдани, а тоа се оние кои не можат да се предвидат.

Судот утврдил дека не постои случај за оправдано пропуштање на рочиштето. Тужителите требало да направат добра процена за патувањето и добро да се организираат, односно да тргнат порано и патувањето да биде со паузи имајќи предвид дека еден од тужителите – жена е бремена.

Понатаму, приложените медицински потврди за судот немале никакво значење во однос на оправданоста на предлогот, тргнувајќи од веќе утврдените и констатирани факти. Ова дотолку повеќе што документите биле извадени после судењето, така што ако станувало збор за критична здравствена состојба на бремената жена, тужителката требало веднаш да оди во болница во Прилеп или Битола, а не прво да оди на судење, па во болница, дотолку повеќе што таа имала свој полномошник адвокат и на судење можел да дојде адвокатот.

Наводите дека задоцнувањето на тужителите било најавено кај службеник во судот, не можело да се прифати како оправдана причина за пропуштање на рочиштето, од причини што судечкиот судија не бил информиран околу тоа дека ќе има задоцнување од тужителите, меѓутоа и во една таква ситација тужителите биле должни да се информираат во судот дали се прифаќа задоцнувањето или одлагањето што во случајот не било сторено.

Понатаму, судот во решението наведува дека тужителите требало да имаат предвид дека судот не може, при ситуација кога тужителот задоцнил на судење, а бил уредно известен, а од друга страна има предлог на спротивната страна да се донесе решение за повлекување на тужбата, тоа да не го направи.

Незадоволни од донесеното Решение на Основниот суд Битола П4-47/19 од 23.12.2019 година, тужителите изјавиле жалба.

Одлучувајќи по изјавената жалба, Апелациониот суд Битола донел Решение ГЖ-207/20 од 04.02.2020 година, со кое жалбата на тужителите ја одбил како неоснована, го потврдил Решението на Основниот суд Битола П4-47/19 од 23.12.2019 година и го одбил барањето на тужениот за надомест на второстепени трошоци како неосновано, прифаќајќи ги причините дадени од страна на првостепениот суд за неоснованост на предлогот за враќање во поранешна состојба.

Ова со оглед на утврдениот факт дека на рочиштето од 07.11.2009 година, не се јавил полномошникот на тужителите, па тужбата се смета за повлечена, како и од причина што оправдани причини во смисла на член 109 став 1 од Законот за парничната постапка, се случки, настани кои се неотстранливи или непредвидливи, па околноста што тужителите и нивниот полномошник задоцниле на закажаното рочиште за главна расправа поради тоа што на бремената тужителка ѝ се слошило од патувањето, не може да се прифати како непредвидлив настан, поради кој полномошникот на тужителите не можел да пристапи навремено на закажаното рочиште, а следствено на тоа и како оправдана причина за пропуштањето, бидејќи таа знаела за својата состојба и требало да предвиди дека може да се најде во таква ситуација.

III

Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Од наведените уставни одредби произлегува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот. Во сферата на овие слободи и права спаѓа и еднаквоста на граѓаните независно од полот и заштитата од дискриминација по овој основ, кое право е субјективно право поврзано со човековата личност, а Уставот го овозможува гарантирањето на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол од страна на Уставниот суд, согласно член 110 став 1 алинеја 3.

Во член 50 став 1 од Уставот е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Од страна на подносителката на барањето не е поведена постапка за граѓанско-правна заштита од дискриминација пред Основниот суд, согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Во член 14 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи е предвидено дека уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Член 1 од Протоколот 12 кон Европската конвенција за човекови права и основни слободи предвидува општа забрана на дискриминацијата, притоа со ставот 1 е предвидено дека уживањето на секое право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз која било основа како пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, раѓање или друг статус, а со ставот 2 се предвидува дека никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по која било основа наведена во ставот 1.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според тоа, од аспект на исполнетоста на условите од член 51 и член 52 од Деловникот, за барање за заштита на слободи и права, поконкретно повреда на слободи и права кои се под уставно-судска заштита, бараната заштита да биде во определениот рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, видно од доставените податоци од страна на Основниот суд во Битола, Судот, утврди дека во конкретниот случај, исполнети се условите за мериторно одлучување по барањето.

Испитувајќи дали наводите дека со предметните одлуки судовите сториле повреда на забраната на дискриминација на подносителката на барањето по основ на пол, односно поради личните својства на подносителката како индивидуа – жена, која се наоѓала во вториот месец од бременоста, со кои ѝ бил оневозможен еднаков третман и остварување на правата во судска постапка, Судот, цени дека се неосновани.

Согласно член 80 став 1 од Законот за парничната постапка, странките можат да преземаат дејствија во постапката лично или преку полномошници, но судот може да ја повика странката која има полномошник пред судот лично да се изјасни за фактите што треба да се утврдат во парницата, а согласно став 2 од истиот член, странката што ја застапува полномошник може пред суд и да дава изјави и покрај својот полномошник.

Согласно член 83 став 1 од Законот за парничната постапка, дејствијата во постапката што полномошникот ги презема во границите на полномошното имаат исто правно дејство како да ги презела самата странка.

Согласно член 249 од истиот закон, кога нема други докази или кога и покрај изведените други докази е потребно да се утврдуваат важни факти, на предлог на странка судот може да определи доказ со сослушување на странки.

Член 253 од истиот закон, во став 1 пропишува дека поканата за рочиштето на кое ќе се изведува доказ со сослушување на странките се доставува лично до странката, односно до лицето што ќе се сослуша за странката. Ставот 2 пропишува дека ако странката има полномошник, поканата за рочиштето на кое ќе се изведува доказ со сослушување на странката или на лицето кое треба да се сослуша за странката, се доставува до полномошникот, кој е должен за тоа да ја извести странката, а согласно став 3 од истиот член во поканата од ставовите (1) и (2) на овој член ќе се назначи дека на рочиштето ќе се изведува доказ со сослушување на странките и дека странката што ќе дојде на рочиштето може да биде сослушана во отсуство на другата странка.

Последица од неприсуство е сослушување на другата страна согласно член 250 став 2 од Законот за парничната постапка, па согласно член 254 став 2 од истиот закон, Судот, со оглед на сите околности, ќе оцени од какво значење е тоа што странката не дошла на сослушувањето или што одбила да даде исказ.

Законот за парничната постапка, во член 280 став 1 пропишал дека ако на првото рочиште за главна расправа, како и на некое подоцнежно рочиште не дојде тужителот кој уредно е поканет, а изостанокот не го оправдал, тужбата се смета за повлечена согласно со член 277 став (1) од Законот кој гласи: Ако на подготвителното рочиште не дојде тужителот кој уредно е поканет, а изостанокот не го оправда, тужбата се смета за повлечена, ако со тоа се согласил тужениот, а ако тужениот не е присутен, тужбата ќе се смета за повлечена ако во рок од осум дена по приемот на известувањето за повлекувањето не се изјаснил дека на тоа се противи.

Во конкретниот случај, користејќи го правото од Законот за парничната постапка, подносителката на барањето ангажирала полномошник адвокат да ја застапува во парницата и преку истиот да презема дејствија.

Во текот на постапката истата била повикана, преку полномошникот, како странка, со цел да се изведе доказ со распит на странки, па подносителката на 07.11.2019 година, тргнала на пат за Битола на закажано рочиште во едно возило заедно со уште двајца други тужители и нивниот заеднички полномошник. Факт е дека подносителката, која била во втор месец од бременоста, имала мачнини и тегоби во текот на патувањето, поради што биле принудени во неколку наврати да застануваат и прават паузи заради што и закасниле на закажаното рочиште. Судот утврдил дека се исполнети условите од член 280 став 1 од Законот за парничната постапка, а во врска со член 277 став 1 од истиот закон, па донел решение со кое констатирал дека тужбата на тужителите се смета за повлечена заради недоаѓање на тужителите, а видно од записникот за усна јавна расправа од 18.09.2019 година, полномошникот на тужителите бил уредно известен за датумот и часот на следното закажано рочиште.

Против наведеното решение не е поднесена жалба и истото е правосилно.

Тужителите, преку полномошникот, поднеле предлог за враќање во поранешна состојба со образложение дека причина за задоцнувањето на рочиштето била состојбата на подносителката на барањето која била во втор месец од бременоста, имала мачнини и тегоби во текот на патувањето и со тоа подносителката и другите тужители и нивниот полномошник биле принудени да прават паузи при патувањето.

Ваквиот предлог, од страна на првостепениот суд е одбиен како неоснован, меѓу другото со образложение дека причината за повлекување на тужбата е кај полномошникот на тужителите, кој бил должен благовремено да дојде на рочиштето, а не кај подносителката на барањето која била поканета како странка и не морала да присуствува.

Одлучувајќи по изјавената жалба, Апелациониот суд во Битола, донел Решение ГЖ бр.207/20 од 04.02.2020 година, со кое ја одбил жалбата на тужителите како неоснована и го потврдил Решението П4 бр.47/19 од 23.12.2019 година на Основниот суд во Битола.

Имено, вo барањето, како акт со кој смета дека се повредени слободите и правата односно правото за забрана од дискриминација, подносителката ги посочува Решението на Основниот суд Битола П4 47/19 од 23.12.2019 година и Решението ГЖ-207/20 од 04.02.2020 година на Апелациониот суд во Битола. Во конкретниот случај, наведените одлуки претставуваат акт на надлежен суд донесен во конкретна постапка за граѓански спор по основ надомест на штета поради неисполнување на договори помеѓу две страни, со правна завршница од која барателката заедно со останатите 9 тужители останала незадоволна.

Барателката смета дека со донесувањето на наведените решенија судовите дискриминаторски се поставиле, на начин што не ги прифатиле како оправдани причините за каснењето на рочиштето наведени од подносителката, заради што смета дека била дискриминирана по основ на пол.

Во конкретниот случај, барателката, причините за поднесување на барањето за заштита на слободи и права што се однесуваат на забрана од дискриминација по основ на пол, ги темели на незадоволството од неуспехот во спорот, а не на релевантни факти и докази дека таквото одлучување на надлежниот суд било исклучиво заради личните својства на барателката како индивидуа – жена во вториот месец од бременоста, како единствена причина од која судот се раководел при формирањето на правното мислење и одлучувањето.

Видно, од содржината на посочените поединечни акти – решенија, не произлегува повреда на конкретни слободи и права. Од содржината на презентираните судски одлуки, може да се констатира, дека првостепениот и второстепениот суд, постапувајќи во рамките на своите надлежности со примена на одредбите од Законот за парничната постапка, ги засновале своите одлуки на оценка за релевантните факти и донеле решенија, а подносителката на барањето пред Судот не презентира докази кои ќе укажат каде судот имал различен третман и одлучил поинаку во иста или слична ситуација за да ја докаже дискриминацијата на која се повикува.

Од фактичката состојба и правната анализа, не произлегоа аргументи и докази во поткрепа на барањето кои Судот би ги ценел како компаратор, за евентуално утврдување на повреда на еднаквоста во слободите и правата поради дискриминација по основ на пол, односно повреда во уживање на овие права или дискриминација по која било основа од страна на јавен орган, на кои се повикува подносителката, а гарантирани со член 8 став 1 алинеја 1, член 9, член 110 став 1 алинеја 3, член 50 став 1 од Уставот, како и на член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и член 1 од првиот Протокол кон Конвенцијата.

Во конкретниов случај, подносителката само упатува на околноста Судот да утврди постоење повреда на уставни права и слободи на граѓаните кои се во делокруг на Уставниот суд на Република Северна Македонија, а кои се однесуваат на заштита од дискриминација по основ на пол, но притоа не се посочува ниту компаратор во однос на кој може да се оценува дискриминаторски однос, имајќи предвид дека согласно член 8 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија бр.258/2020), дискриминација постои кога со едно лице или со група се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа.

За да се утврди дека во еден конкретен случај или дејствие постои директна дискриминација, согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, треба кумулативно да бидат исполнети три главни елементи, односно со лицето да се постапувало понеповолно од други лица по некој предвиден законски основ, тоа постапување да може да се спореди со постапувањето спрема други лица во иста или слична ситуација и понеповолното постапување да е засновано на лично својство.

Изразот „дискриминација“ означува неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи на лица, кое се заснова на некоја нивна карактеристика (дискриминаторска основа). Суштествено кај случаите на дискриминација е лицето кое тврди дека му е повредено правото на еднакво постапување со дискриминација, треба да ги изнесе сите факти и докази во поткрепа на своето тврдење, односно да докаже дека со дејствието што го оспорува, лицето било дискриминирано по една или повеќе дискриминаторски основи.

Покрај тоа што подносителката не достави докази кои ќе укажат дека судот имал различен третман и одлучил поинаку во друга ситуација како би ја докажала дискриминацијата, од фактичката состојба произлезе дека одлуките на првостепениот и второстепениот суд во Битола се однесуваат и на останатите девет тужители кои заедно со подносителката го изгубиле спорот, заради недоаѓање на полномошникот на тужителите кој бил уредно известен на закажано рочиште.

Имајќи го предвид наведеното, Судот, оцени дека при водењето на постапката, судовите ги зеле предвид релевантните законски одредби од Законот за парничната постапка, а причините за одлучување изложени во решенијата се резултат на непочитување на законските одредби и пропусти во спорот од страна на тужителите, односно нивниот полномошник, а не резултат на дискриминаторски однос по основ на пол на подносителот на барањето.

Во случајов, согласно цитираните одредби од Законот за парничната постапка, на подносителката ѝ било овозможено да настапува во парницата преку полномошник адвокат, кој, согласно одредбите од ЗПП, судот бил должен да го покани на закажаните рочишта, па доколку истиот не се јави на поканата на судот во закажаното време, тужбата се смета за повлечена. Оттука произлегува дека причината за повлекувањето на тужбата и за одбивање на барањето за враќање во поранешна состојба било отсуство, односно каснењето на полномошникот на тужителите на закажаното рочиште, за што истиот немал оправдани причини, а не состојбата на подносителката на барањето која била бремена и не била должна да присуствува, согласно одредбите од истиот закон за изведување на доказ со сослушување на странки.

Имајќи го предвид наведеното, Судот, цени дека овие податоци доволно говорат за тоа дека не може да се прифати тврдењето во барањето дека заради личните својства на подносителката на барањето ѝ бил оневозможен еднаков третман и остварување на правата во судска постапка, затоа што судот не ги прифатил како оправдани причините за закаснувањето на рочиштето. Ова дотолку повеќе што подносителката знаела за својата состојба поради која сосема се нормални и очекувани мачнини и тегоби при патување, но и покрај тоа самоволно одлучила да тргне на пат и покрај тоа што нејзиното присуство, како и присуството на останатите девет тужители не било задолжително со оглед на тоа дека имале ангажирано свој полномошник.

Од друга страна, полномошникот имајќи предвид дека еден од тужителите – жена е бремена, бил должен да ја извести подносителката за изречноста на одредбата од член 280 став 1 од Законот и за последиците пропишани во неа и поорганизирано да го испланира патувањето, односно да тргнат порано со планирани паузи во текот на патувањето, или да патуваат одвоено, како би ги избегнале последиците кои настанале.

Фактот што судот не ги прифатил причините за закаснувањето на рочиштето како оправдани, не се критериум за дискриминаторска основа. Судот при одлучувањето се раководел исклучиво по одредбите од Законот за парничната постапка, а причините не се однесуваат на полномошникот на тужителката преку кој таа се одлучила да настапува во парницата.

Од друга страна, од содржината на барањето за заштита на слободите и правата, како и од изнесената фактичка состојба, произлегува дека подносителката на барањето има интенција оспорените акти да ги интерпретира со цел Уставниот суд на Република Северна Македонија инстанционо да се произнесе во однос на оспорените решенија, што излегува надвор од рамките на надлежноста на Уставниот суд предвидена во член 110 алинеја 3 од Уставот, односно да оценува дали е правилно утврдена фактичката состојба или правилно применето материјалното право, за што е надлежен инстанционо повисокиот суд во законски пропишана постапка за контрола на законитоста на одлуките на пониските судови.

Постапувајќи во границите на својата надлежност за непосредна уставна заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, по однос на поднесеното барање, Судот, ги испита предметните решенија до степен до кој е неопходно да се утврди дали донесувањето на истите резултирало со повреда на уставните права наведени во барањето.

По однос на наводите во барањето Судот да го усвои барањето за надомест на материјална штета, Судот оцени дека станува збор за прашање кое излегува надвор од доменот на надлежноста на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Одлуката, согласно член 78 од Деловникот на Судот, ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска

Издвоено мислење по предметот У.бр.54/2020