У.бр.52/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 декември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Владимир Милошески од Гостивар, Гоце Сиљаноски од Заград, Адеми Феим од Симница, Билбилоски Игор од Гостивар и Камбери Идриз од Здуње, поднесено преку полномошникот, м-р Соња Ѓурчиноска, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните врз основа на социјална припадност.

2. Владимир Милошески од Гостивар, Гоце Сиљаноски од Заград, Адеми Феим од Симница, Билбилоски Игор од Гостивар, Камбери Идриз од Здуње, сите застапувани преку полномошникот м-р Соња Ѓурчиноска, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните врз основа на социјална припадност, а кои им биле повредени со Пресудата РОЖ бр.418/17 од 15 декември 2017 година на Апелациониот суд Гостивар и Пресудата РОЖ бр.711/18 од 6 декември 2018 година на Апелациониот суд Гостивар.

Подносителите на барањето сметаат дека со наведените акти им била сторена дискриминација по основ на социјална припадност.

Во барањето е наведено дека со Пресудата РОЖ бр.418/17 од 15.12.2017 година на Апелациониот суд Гостивар (со приемен датум 10.01.2018 година) и Пресудата РОЖ бр.711/18 од 06.12.2018 година, на Апелационен суд Гостивар (со приемен датум 20.12.2018 година) била сторена дискриминација врз основа на социјална припадност спрема сите баратели. Исто така, наведуваат дека двете погоре на­ведени пресуди биле спротивни на уставниот поредок и уставните начела на кои се темелат вредностите на уставното уредување на Република Северна Македонија. Воедно, истите биле спротивни на членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија и било предвидено дека сите граѓани се еднакви пред законот без разлика на каков било статус, припадност или раса.

Според наводите во барањето, судовите во Република Северна Македонија биле должни да ја почитуваат и применуваат Европската конвенција за човекови права, затоа што истата била дел од нацио­налното законодавство и од тие причини второстепениот суд Апела­циониот суд Гостивар, сторил повреда на истата, поточно на членот 14 според кој била предвидена забрана за дискриминација по кој било основ и кој било статус или припадност, како и да ја почитуваат и праксата на Европскиот суд за човекови права.

Во барањето е наведено дека со Пресуда РОЖ.бр.418/17 од 15 декември 2017 година и со Пресуда РОЖ.бр.711/18 од 6 декември 2018 година и двете на Апелациониот суд Гостивар била сторена дискриминација на подносителите на барањето врз основа на социјална припадност со оглед на тоа дека со истите не им се признавало правото на регрес за годишен одмор, што согласно Законот за работните односи требало да им биде исплатен на сите работници без разлика дали истите работеле во приватен или јавен сектор.

Во барањето е наведено дека фактите и доказите врз основа на кои го засновале ова барање за заштита од дискриминација по основ на социјална припадност се состоеле во тоа дека платата ги вклучувала сите бенефиции што произлегувале од работниот однос како дел од надоместот којшто се исплаќал на сите вработени, без разлика дали биле вработени во јавниот сектор односно во некое јавно препријатие, или пак биле вработени во приватниот сектор, во некоја приватна фирма. Тоа значело дека сите вработени имале исти права согласно со закон. Исто така, вработените во јавниот и приватниот сектор требало да имаат исти права и должности и затоа недостигот на заштита за сите вработени лица претставувало дискриминација.

Подносителите на барањето сметаат дека второстепениот суд зазел став дека не им следувал надоместок на име регрес за годишен одмор бидејќи со членот 16 од Колективниот договор за измени и дополнувања на Колективниот договор за работниците во ЈП „Македонски Шуми-Скопје“ од 03.09.2014 година бил изменет членот 81 кој гласи: „За деновите поминати на годишен одмор на работникот може да му се исплати регрес за годишен одмор во висина од 45% од исплатена месечна нето плата во стопанството на Република Македонија, доколку во тековната година во претпри­јатието е остварена добивка, чиј износ да не е помал од износот на вкупниот надоместок од овој член за сите вработени во претпри­јатието, а по претходно донесена одлука на Управниот одбор.“ Оттука, ваквото толкување на законските одредби од страна на судот било неправилно и спротивно на правните принципи и начела на Уставот и истото се косело со уставно загарантираната забрана за дискримина­ција по која било основа, меѓу кои и социјалната припадност. Со ваквото правораздавање судовите создавале судска пракса што била спротивна на Уставот, како и на Европската конвенција за човекови права.

Според наводите во барањето правото врз основа на кое на работниците од јавниот сектор им следувал надоместок на име регрес за годишен одмор произлегувало од Законот за исплата на платите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1994, 6/1995, 33/1997, 30/2001, 24/2002, 46/2002, 34/2005, 121/2007, 16/2008, 92/2009,97/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014 и 147/2015) и поради тоа им следувало правото на регрес за годишен одмор, односно истото било законски утврдено и како такво постоело, но од друга страна тоа право било ограничено, затоа што јавното претпријатие морало да оствари добивка чиј износ не требало да биде помал од вкупниот износ кој требало да биде исплатен на сите вработени како и дека требало да биде донесена одлука од Управниот одбор на претпријатието. Исто така, било нејасно врз основа на кои докази, второстепениот суд донел одлука дека на барателите не им следувало ова право затоа што тужениот во текот на постапката не приложил никаков материјален доказ, со кој би докажал дека истиот бил во загуба таа година, односно 2016 година и подоцна била донесена одлука на ниво на претпријатието дека на сите вработени не им следувал регрес за годишен одмор. Според наводите во барањето тоа значело дека заклучокот на судот бил сосема погрешен и спротивен и од тие причини оваа пресуда била неправилна и незаконска. Второстепениот суд погрешно ги толкувал одредбите затоа што во погоре цитираниот колективен договор било предвидено дека на барателите им следувало ова право, но истото било условено што значело дека воопшто не било спорно дали тие имале право или не, на надоместок за регрес за годишен одмор.

Со оглед на горенаведеното, во барањето се предлага одржување на јавна расправа и да се донесе одлука со која ќе се утврди дека била сторена дискриминација по социјална припадност на подносителите на барањето и да се одлучи наведените пресуди да бидат поништени.

3. Од наводите во барањето за заштита на слободите и правата, доставените пресуди и мислењето на Апелациониот суд Гостивар, во претходна постапка Судот на седница ја утврди следната фактичка состојба:

Подносителите на барањето пред Основниот суд Гостивар, поднеле тужба на ден 5 јануари 2017 година, додека прецизирање на тужбено барање поднеле на ден 20 април 2017 година. Основниот суд во Гостивар постапувајќи по тужбеното барање на барателите донел Пресуда РО-4/17 од 16 февруари 2017 година, со која во целост било усвоено нивното тужбено барање и го задолжил тужениот, поточно Јавното претпријатие за стопанистување со државни шуми „Македонски шуми“ п.о. Скопје, да на истите им исплати надоместоци од плата, меѓу кои и за регрес за годишен одмор.

Тужената страна, незадоволна од оваа пресуда вложила жалба против истата, по чиј повод била донесена Пресудата РОЖ.бр.418/17 од 15 декември 2017 година на Апелациониот суд Гостивар, со која делумно првостепената пресуда била потврдена во однос на надоме­стоците од плата за теренски годишен одмор, како и за регрес за годишен одмор за 2014 година.

Предметот бил вратен на повторно одлучување на првостепениот суд по однос на регресот за годишен одмор за 2015 и 2016 година. Првостепениот суд, Основниот суд во Гостивар, постапувајќи по напатствијата на повисокиот суд, како и постапу­вајќи по поднесокот од полномошникот на барателите за прецизи­рање на тужбеното барање поднесено на ден 06.02.2018 година, донел Пресуда РО-4/17 од 2 март 2018 година, со која во целост било усвоено прецизираното тужбено барање на подно­сителите на барањето во однос на исплата за регрес за годишен одмор за 2016 година. Против оваа пресуда, тужената страна вложила жалба, по што Апелациониот суд во Гостивар донел Пресуда РОЖ.бр.711/18 од 06.12.2018 година со која тужбеното барање на барателите за исплата на регрес за годишен одмор за 2016 година било одбиено како неосновано.

Во оваа постапка, поточно со Пресудата РОЖ.бр.418/17 од 15 декември 2017 година и Пресудата РОЖ.бр.711/18 од 6 декември 2018 година, и двете донесени од страна на второстепениот, Апелационен суд Гостивар, според мислењето на подносителите на барањето биле ставени во нееднаква и понеповолна положба за разлика од другите вработени во приватниот сектор, по однос на користење на права од работниот однос, коишто им следувале по закон – надоместок за регрес за годишен одмор.

Со Пресуда РОЖ.бр.711/18 од 6 декември 2018 година, тужбе­ното барање на барателите за исплата на регрес за годишен одмор за 2016 година било одбиено како неосновано, односно било утврдено дека тужителите немаат право на надоместок за регрес за годишен одмор за 2016 година токму применувајќи го Колективниот договор за измени и дополнувања на Колективниот договор за работниците во ЈП „Македонски шуми“ Скопје од 3 септември 2014 година. Врз основа на изведените докази во текот на постапката и утврдената фактичка состојба во обжалената пресуда произлегува правен заклучок дека во случајот не се исполнети условите за исплата на регресот за годишен одмор за 2016 година предвидени во членот 16 од Колективниот договор за измени и дополнувања на Колек­тивниот договор за работниците во ЈП „Македонски шуми“ Скопје од 3 септември 2014 година. Имено, тужителите не докажале дека во тековната година во туженото претпријатие била остварена добивка чиј износ не е помал од износот на вкупниот надоместок од овој член за сите вработени во претпријатието, како и не докажале дека била донесена одлука на управниот одбор на тужениот за исплата на регрес за годишниот одмор за 2016 година. Имено, тужителите требало да докажат дека во 2016 година кај тужениот е остварена добивка чиј износ не е помал од износот на вкупниот надоместок за регрес за годишен одмор за сите вработени во претпријатието, како и дека е донесена одлука на управниот одбор на тужениот за исплата на регрес за годишен одмор за 2016 година на вработените на тужениот. Согласно членовите 7, 205, 206, 272 и 284 од Законот за парнична постапка тужбеното барање на тужителите се состои во тврдењето дека постојат услови за право на исплата на регрес за годишен одмор за 2016 година, односно дека е потребно кумулативно да бидат исполнети условите предвидени во членот 16 од Колективниот договор, но истото не било докажано. Имајќи ја предвид законската формулација на одредбата од членот 9 од Законот за плати („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1994, 6/1995, 33/1997, 30/2001, 24/2002, 46/2002, 34/2005, 121/2007, 16/2008, 92/2009, 97/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014 и 147/2015), според која работодавецот може да врши исплата на надоместоците и тоа најмногу до 60% за регрес за годишен одмор, се заклучува дека според оваа одредба исплатата на регресот за годишен одмор е само можност, а не е законска одредба на работодавачот со која се нормира дека работодавачот „може“, што значи дека „не мора“ да врши исплата на регрес за годишен одмор.

За сите предмети со идентични тужбени барања поднесени од страна на вработени кај тужениот ЈП „Македонски шуми“ Скопје и двата граѓански совети на Апелациониот суд Гостивар имаат одлучено на идентичен начин, со одбивање на тужбеното барање, а иста судска пракса имале и другите апелациони судови во Република Северна Македонија. Исто така, бил донесен Заклучок на Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија кој распра­вајќи по правното прашање за право на надомест за исхрана и за регрес за годишен одмор по влегувањето во сила на Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005…) немало основ за исплата на регрес за годишен одмор, доколку не било предвидено со колективен договор.

Прашањето дали работниците во јавниот и приватниот сектор, согласно постоечката позитивна правна регулатива, имаат еднакви права, можело да биде предмет на друг вид на постапка, односно не можело да стане збор за дискриминација кога во Законот за работните односи се предвидува дека во Република Северна Македо­нија, работните односи се востановуваат во приватниот сектор во областа на стопанството и во јавниот сектор и дека истите се уредуваат со Законот за работните односи, колективен договор и со договорот за вработување.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во член 32 ставови 3 и 5 од Уставот е уредено дека секој вработен има право на соодветна заработувачка и дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно членот 51 од Деловникот, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата,

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од членот 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија е предвидено дека Уставниот суд ќе го отфрли барањето ако не е надлежен да одлучува по него односно ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Подносителите на барањето сметаат дека со судските пресуди се правела дискриминација по основ на социјална припадност на начин што на вработените во јавниот сектор на подносителите на барањето, не им бил исплатен регрес за годишен одмор за разлика од вработените од приватниот сектор на кои им бил исплатен регрес и сметаат дека заклучокот на второстепениот суд даден во предметните пресуди дека било спорно прашањето на барателите да им следува надоместок на плата за годишен одмор, бил сосема погрешен и неправилен затоа што тие права биле предвидени со закон и колективен договор.

Од анализата на наводите во барањето за сторена дискрими­нација по основ на социјална припадност, Судот оцени дека истите содржат само начелно пови­кување на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност, во врска и со цел подносителите на барањето да го остварат правото на регрес во ЈП „Македонски шуми“, но конкретни факти и релевантни докази во барањето не се содржани во смисла на членот 52 од Деловникот на Уставниот суд.

Имено, од содржината на барањето за постоење на дискри­минација, произлегува дека подносителите имаат интенција оспорените пресуди на Апелациониот суд од Гостивар РОЖ бр.418/17 од 15.12.2017 година и РОЖ бр.711/18 од 06.12.2018 година, да ги интерпретираат со цел инстанционо да се произнесе Уставниот суд во однос на оспорените пресуди, што излегува надвор од рамките на надлежноста на Уставниот суд предвидена во членот 110 од Уставот.

Согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд нема над­лежност да одлучува за правни интереси на граѓаните по конкретни предмети од надлежност на судовите, ниту пак може да постапува како инстанционо повисок суд којшто ќе ја цени уставноста и законитоста на нивните одлуки, ниту пак е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и други органи.

Правата на вработените во јавниот сектор, меѓу кои и правото на исплата на регрес за годишен одмор се уредуваат со закон и со колективни договори, при што тие права мора да бидат еднакви за граѓаните независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло. Еднаквоста подразбира еднакви права за вработените кои се наоѓаат во иста положба, што овде не е случај.

По однос на наводите во барањето, како и од изнесената фактичка состојба, Судот оцени дека не може да се стави знак на еднаквост меѓу вработените во јавниот сектор со вработените во приватниот сектор од причина што тие не се наоѓаат во еднаква правна положба, имаат различни права, должности и одгово­рно­сти, поради што примаат плата и други надоместоци според различни начини на пресметка.

Имено, разработувајќи ја уставната одредба од член 32 ставови 3 и 5, законодавецот донел посебни закони со кои го пропишал статусот, положбата, начинот на обезбедување на средства за плати и други надоместоци и други прашања што се однесуваат на вработените во јавниот сектор коишто вршат работи од јавен интерес во сите државни органи и тела, како и во јавните претпријатија (Закон за вработените во јавниот сектор, Закон за административните службеници, Закон за јавните претпри­јатија, Закон за шумите и други закони).

Исто така, склучен е и Општ колективен договор за јавниот сектор во Република Македонија со кој се уредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите од работен однос во јавниот сектор на Република Македонија, условите и начинот на остварување на правата и обврските од работен однос, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови, а во истиот не е утврдено правото на регрес за годишен одмор.

Врз основа на изнесеното, а имајќи ги предвид наводите содржани во барањето, Судот утврди дека во конкретниот случај барањето не се однесува на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност, како што подносителите на барањето само декларативно се повикуваат, туку всушност претставува барање Уставниот суд да одлучува како инстанционо повисок суд за права и интереси во конкретен предмет, за што Уставниот суд не е надлежен, поради што Судот оцени дека барањето треба да се отфрли согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд.

Исто така, врз основа на изнесеното Судот утврди дека нема услови за примена на член 55 став 1 од Деловникот на Судот, односно за одржување на јавна расправа бидејќи нема спорни моменти кои би требало да се расчистат со одржување на ваков вид расправа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.52/2019
01.12.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска