У.бр.5/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 11 мај 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020 и 67/2022).

2. Здравко Тумбовски од Радовиш, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите означени во точката 1 од Решението.

Подносителот во иницијативата наведува дека членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување биле во спротивност со член 20 ставови 1 и 2 од Уставот, како и со членот 1, членот 14, член 16 став 1 и членот 22 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, поради тоа што министерот за труд и социјална политика и Министерството за труд и социјална политика не можеле да формираат фонд за социјална помош, да зачленуваат во здружение на пензионери, да формираат регистрирана организација на Сојузите на здруженија на пензионери на Македонија, собраните пари да ги уплаќаат на трезорска сметка, и самиот министер да се овластува да ја пропишува потребната документација за исплата на посмртната помош.

Иницијаторот, укажува дека членот 115 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, соrласно наводите во иницијативата, го узурпирало член 20 ставови 1 и 2 од Уставот и целиот Закон за здруженија на граѓани и фондации, членот 115 во целост не бил поткрепен со одлука на членовите на здруженија на пензионери. По кој основ, Министерството за труд и социјална политика се мешало во работи на невладина орrанизација, како и тоа, по кој закон или одлука на членовите на здружението на пензионери Министерството за труд и социјална политика само се овластило како владина организација да зачленува во невладино здружение и наплаќа членарина, бидејќи согласно член 20 став 2 од Уставот пратениците биле полнолетни граѓани, нo не и пензионери, а според член 16 став 1 од Законот за здруженија на граѓани, основачи на здруженија на граѓани можеле да бидат само полнолетни државјани на Република Северна Македонија, поради што министерот или Министерството за труд и социјална политика и пратениците биле полнолетни граѓани, но не биле пензионери и не можеле да основаат или зачленуваат во здруженија пензионери. Од тие причини овие членови од Законот не можеле да бидат законски, бидејќи не биле донесени од овластен орган.

Министерството за труд и социјална политика, т.е. Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, немале овластување да задржуваат средства за членарина за членување во здруженија на пензионери, како невладино здружение на граѓани основано согласно Законот за здруженија на граѓани и фондации. Средствата по основ на солидарен фонд не требало да се уплаќаат на трезорска сметка, како што пропишува законската одредба, бидејќи тие не биле пари од даноци, акцизи и слично, туку биле приватни средства на членовите на Здружението на пензионери на Македонија.

Во однос на членот 116 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според подносителот, истиот бил неуставен, од причина што, законодавецот формирал нова „регистрирана организација на Сојузот на здруженијата на пенэионерите на Македонија”, и истата не ја изразувала волјата на пензионерите, бидејќи била формирана од страна на полнолетни граѓани, кои не биле пензионери, и не била регистрирана во Централен регистар на Република Северна Македонија, поради што таа претставувала вештачка творба на законската одредба од член 116 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Понатаму во иницијативата се наведува дека во членот 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се пропишувало дека посмртната помош ја врши Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, наместо тоа да го вршело самото здружение на пензионери. Исто така, Законот за пензиското и инвалидското осигурување не предвидувал обврска до чпеновите на здруженијата да се достави извештај, колку средства се собрани, колку се потрошени, за кои намени истите се потрошени итн.

Подносителот во иницијативата се повикува на Решението У.бр.157/2017 од 17 октомври 2018 година, со коешто, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членот 116 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Согласно наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117, и истите да ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби од членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020 и 67/2022), се со следната содржина:

Согласно член 115 став 1 од Законот, на корисник на пензија, со негова согласност, му се запира дел од пензијата за обезбедување на средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство и за членување во здружение на пензионери (членарина). Според ставот 2 од истиот член, средствата за солидарен фонд – посмртна помош Фондот ги уплатува на посебна потсметка во рамките на Трезорската сметка со назнака „Средства за солидарен фонд – посмртна помош на корисници на пензија“.

Според член 116 став 1 од Законот, издвојувањето на посмртната помош и членарината се врши од пензијата на корисникот на пензија, месечно, при исплата на пензијата, освен од семејната пензија на дете остварена по основ на школување. Согласно ставот 2 од член 116, висината на задршката за посмртна помош и членарина, висината на исплатата за посмртна помош во зависност од акумулираните средства и смртноста на корисниците на пензија, начинот на распределба на членарината, начинот и постапката за исплата на посмртната помош на корисниците на пензија од средствата на солидарниот фонд во единствен износ за сите корисници на пензија, како и начинот на располагање со слободните, а неискористени средства од посмртна помош, со акт ги утврдува регистрирана организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија. Согласно став 3 од член 116, актот од ставот (2) на овој член се објавува на почетокот на секоја година во „Службен весник на Република Македонија“. Согласно ставот 4 од истиот член, средствата по основ на членарина Фондот ги дозначува на сметката што ја определува регистрираната организација составена од сојузите на здруженијата на пензионерите.

Согласно член 117 став 1 од Законот, исплата на посмртна помош од средствата на солидарниот фонд ја врши Стручната служба на Фондот преку подрачните единици. Според став 2 од член 117, исплата на посмртната помош од ставот (1) на овој член се врши по поднесено барање до филијалата на Фондот од лицето кое извршило плаќање на трошоците за погреб. Согласно ставот 3 од истиот член, образецот на барањето од ставот (2) на овој член и потребната документација за исплата на посмртна помош ги пропишува министерот за труд и социјална политика во согласност со министерот за информатичко општество и администрација.

4. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд, претходно во два наврати одлучувал за уставноста на важечките одредби од членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012…245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 180/2019…67/2022). Уставниот суд со Решението У.бр.15/2013 од 25.09.2013 година, не повел постапка за оценување на нивната уставност. Според ставот на Судот, оспорениот член од Законот, не бил во спротивност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8, членот 30 и членот 51 од Уставот.

Понатаму, со Решението У.бр.157/2017 од 17.10.2018 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членот 116 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во коешто утврдил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 116 од Законот со член 8 алинеја 6 и со член 30 став 3 од Уставот.

Во претходно наведеното Решение У.бр.15/2013, предмет на уставно-судска оценка биле наводите за несогласноста на оспорените одредби од членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со членот 20 од Уставот, и при мериторното одлучување по наведениот предмет, имајќи ги предвид наводите во иницијативата оценил дека оспорените одредби не биле во спротивност со членот 20 од Уставот, поради што и не повел постапка, а за таквиот став аргументи не биле наведени во текстот на Решението. Оттука, фактот дека Судот постапувајќи по наводите во иницијативата по предметот У.бр.15/2013 не утврдил дека со оспорените одредби се повредува членот 20 од Уставот, во конкретниот случај, Судот утврди дека станува збор за пресудена работа, од причина што оспорените одредби од членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, не се во спротивност со членот 20 од Уставот.

Во однос на наводите од иницијативата дека оспорените одредби биле во спротивност со членот 1, членот 14, член 16 став 1 и членот 22 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, истите не може да бидат предмет на уставно-судска оцена, од причина што Уставниот суд на Република Северна Македонија не е надлежен да одлучува за меѓусебната усогласеност на одредби од два закони, туку е надлежен да одлучува единствено за согласноста на законите со Уставот (член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија).

Врз основа на наведеното, произлегува дека содржината на оспорените членови од Законот во неколку наврати биле предмет на оценување на Уставниот суд, од различни аспекти, вклучително и од аспект на членот 20 од Уставот, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македнија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.5/2022
11 мај 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска