У.бр.5/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 7 јули 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 21 став 1 точки 6 и 7, член 337 став 1 точка 3 и член 474 став 1 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018).

2. Олгица Трајковска од Скопје, на Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот за кривичната постапка не биле во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: член 50, според кој секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност; член 98, според кој судската власт ја вршат судовите, тие се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот; член 108 според кој Уставниот суд на Република Северна Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста; и член 106, според кој јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Оспорените одредби од Законот за кривична постапка не биле во согласност со наведените одредби од Уставот, поради тоа што утврдувале правила со кои не се овозможувало правично водење на кривична постапка. Ова поради тоа што:

– Уставот гарантира заштита на правата на граѓаните пред судовите и Уставниот суд, а наспроти оваа уставна гаранција со Законот за кривичната постапка се прави исклучок, односно се оневозможува целосна судска заштита на граѓаните.
– Со Уставот се утврдува дека судовите ја вршат судската власт и се упатува со закон да се уреди организацијата, видовите и надлежностите. Со Уставот се утврдува Јавно обвинителство како посебен државен орган со утврдена уставна надлежност – да гони сторители на кривични дела, но не да биде и законски старател или исклучив овластен тужител за сметка на оние чии права се повредени, согласно член 50 од Уставот.
– Значи неспорно е дека според Уставот, Јавното обвинителство не е судски орган.
– Според Уставот, Кривичниот законик и Законот за јавно обвинителство, надлежен државен орган за гонење на сторителите на кривичните дела е Јавното обвинителство, а само оние кривични дела кои ја тангираат интимата – личните релации на човекот/граѓанинот, се изземаат од надлежност на Јавното обвинителство и се во сферата на правото на гонење на сторителите од страна на оштетените лица, односно да се гонат по „предлог“ (приватна тужба).

Во поранешните законски решенија постоела можност доколку Јавното обвинителство не покрене постапка по „службена должност“, како корективен институт се дозволувало оштетениот/жртвата на делото, да покрене постапка пред судот, по приватна тужба пред надлежен суд, меѓутоа врз основа на новиот концепт на Законот за кривична постапка не е можно жртвата/оштетениот да покрене постапка по своја иницијатива (приватна тужба) доколку Јавното обвинителство не покрене постапка со што се повредувале основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени во Уставот и меѓународните правни акти ратификувани со Уставот.

– Кривичниот законик, за дел од овие права (на пример: „моралните авторски права“ од член 157 од КЗ) поради нивната природа (интимност, лична природа и сл.) е предвидено поведување на кривична постапка само по „предлог“ на оштетениот, а за друг дел права следува дека е надлежен за покренување постапка само Јавното обвинителство.
– Со подвојување, блокирање на правата на граѓаните да бараат поведување кривична постапка за одредени дела на штета на нивните права и слободи, кои се уставно заштитени, со што за едни дела надлежноста за процесуирање е само на Јавното обвинителство и од процесуирањето се исклучени граѓаните, произлегувало дека исклучивата надлежност на Јавното обвинителство е неуставен концепт на Законот за кривичната постапка. Имено, со воведувањето на исклучивата надлежност на Јавното обвинителство да „цени“ дали некому е повредено некое уставно гарантирано право или не, а притоа лицето кому правото е повредено да нема право, дополнително да бара судска заштита од повредата на правото, се наметнува заклучок за недозволивост на позицијата на Јавното обвинителство бидејќи се јавува во улога на судски орган да пресудува дали едно дејствие со кое се врши повредата на нечие уставно право е кривично дело. Јавното обвинителство се јавува во улога на „старател“ на оштетеното лице/жртвата, од повреденото уставно право, бидејќи законски само Јавното обвинителство го стекнува правото да се јави како негов овластен тужител.

Од друга страна, кога Јавното обвинителство нема да поведе постапка, се јавува како „ослободител од вина/одговорност“ на сторителот за стореното дејствие со кое на некое лице му го повредил правото.

– Двостепеноста по повод евентуалната жалба до Вишото јавно обвинителство против решението на Основното јавно обвинителство за отфрлање/одбивање на кривична пријава поднесена од страна на оштетеното лице/жртва од повредата, не претставува супститут на судска заштита, туку останува во рамките на истиот државен орган – Јавното обвинителство кој притоа не прераснува во судски. Неговото решение добива значење и предизвикува последица како да е судски орган, иако тоа не е.

Јавното обвинителство како орган е само една од страните/странките во постапката пред судските органи. Со постоечкото оспорено законско решение на Јавното обвинителство му се даваат прерогативи на орган со право на супремација, кое самостојно и независно одлучува за материја за која е надлежен исклучиво судот.

– Со оспореното законско решение директно се ограничува уставно гарантираната позиција на судот како самостоен и независен орган на власта. Имено, тој го губи правото самостојно и независно да суди за повреди на правата на граѓаните, доколку како тужител не се јави Јавното обвинителство. Со тоа судот е во подредена положба и неговото постапување директно зависи од ставот на Јавното обвинителство, иако тоа е само една од страните во постапката пред судот.
– Со оглед на тоа што со оспорените законски одредби целосно се напушта институтот супсидијарна тужба којашто за оштетениот претставувала право на активно учество во кривичната постапка со што се загрозуваат правата на оштетениот како субјект на кривичната постапка, како што е погоре изнесено во иницијативата, се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените одредби од Законот за кривична постапка и истите да се укинат.

3. Судот на седница утврди дека Законот за кривичната постапка, во Глава II „Значење на законските изрази и други одредби“, во членот 21 став 1 точки 6 и 7, ја предвидел следнава содржина:

„Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

Точка 6 – Приватен тужител е лице кое поднело приватна тужба заради гонење на кривични дела кои се гонат по приватна тужба,

Точка 7 – Тужител е јавниот обвинител и приватниот тужител.

Во Глава XXII „Обвинителен акт и оцена на обвинителниот акт“ (членови 319-344), од Законот, е предвиден и членот 337 со наслов „Основи за одбивање на обвинителниот акт како неоснован“, кој пропишува:

„(1) Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт со посебно решение ќе го одбие обвинителниот акт како неоснован во однос на сите или одделни кривични дела, ако утврди дека:

1) делото што е предмет на обвинителниот акт не е кривично дело,
2) постојат околности што ја исклучуваат кривичната одговорност, а нема основ за примена на мерки на безбедност,
3) нема барање од овластен тужител, предлог на оштетениот или одобрение од надлежен државен орган, ако е тоа потребно според законот, или дека постојат околности што го исклучуваат гонењето, или
4) нема доволно докази во прилог на обвинението.

(2) Кога судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ќе донесе решение во смисла на ставот (1) од овој член ги доставува списите до јавниот обвинител“.

Во Глава XXVIII „Скратена постапка“ (членови 468-482) од Законот, е предвиден и член 474 со наслов „Отфрлање на обвинение“, кој пропишува:

„(1) Судијата ќе го отфрли обвинителниот предлог или приватната тужба ако најде дека постои некоја од основите предвидени во членот 337 од овој закон.

(2) Решението се доставува до јавниот обвинител или до приватниот тужител“.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Согласно Амандман XXV со кој е заменет член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите.

Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Забранети се вонредни судови.

Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 106 и Амандман XXX со кој се заменуваат ставовите 2 и 3 на членот 106 од Уставот, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон.

Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Функцијата на Јавното обвинителство ја врши Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители.

Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија за време од шест години со право на повторно именување.

Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот.

При избор на јавните обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

За разрешување на јавните обвинители одлучува Советот. Надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.

Функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија и јавен обвинител е неспојлива со членување на политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон. Се забранува политичко организирање и дејствување во Јавното обвинителство.

На овие основи утврдени со одредбите од Уставот, е донесен Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020), во кој меѓу другото е уредено:

Член 2

Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Член 3

(1) Јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација.
(2) Јавното обвинителство е самостоен државен орган.
(3) Почитувањето на принципите од ставот (1) на овој член не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата.

Член 5

Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители.

Член 10

Јавното обвинителство е организирано како Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, виши јавни обвинителства, Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и основни јавни обвинителства.

Член 31

(1) Во остварувањето на функцијата на гонење на сторителите на кривични дела и прекршоци, јавниот обвинител:

– ја раководи предистражната постапка и на располагање ги има службените лица од правосудната полиција,
– дава предлог до судијата на претходна постапка за примена на посебни истражни мерки согласно со Законот за кривичната постапка,
– издава наредби за примена на посебни истражни мерки согласно со Законот за кривичната постапка,
– може сам да го преземе секое дејстви потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа,
– врши увид во банкарски сметки,
– донесува наредба и спроведува истражна постапка,
– предлага привремени мерки заради обезбедување на имот или предмети прибавени со кривично дело или заради извршување на мерката конфискација,
– дава наредба за спроведување на вештачење,
– одлучува за одлагање на кривично гонење под услови и во постапка определени со закон,
-предлага издавање на казнен налог под услови определени со закон,
– преговара и се спогодува со обвинетиот под услови и постапка определени со закон,
– поднесува и застапува обвиненија пред судовите,
– поднесува жалби против неправосилни судски одлуки и вонредни правни лекови против правосилни судски одлуки,
– одлучува по жалби на оштетениот под услови и во постапка утврдени со закон,
– постапува во постапка за меѓународна правна соработка во кривични предмети согласно со овластувања утврдени со закон,
– врши и други дејствија определени со закон за ефикасно функционирање на кривично-правниот систем и спречување на криминалот,
– врши и други дејствија определени со закон за ефикасно функционирање на кривично-правниот систем и спречување на криминалот,
– врши работи согласно со Законот за прекршоците.

(2) Јавниот обвинител поведува посебни постапки и учествува во нив согласно со членот 60 од овој закон, кога тоа е утврдено со закон.

5. Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018) ги утврдува правилата со кои се овозможува правично водење на кривичната постапка така што никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик и врз основа на законито спроведена постапка.

Со членот 21 од овој закон дадено е значењето на одделни изрази употребени со овој закон и меѓу другите, во точката 6 е утврдено дека „приватен тужител“ е лице кое поднело приватна тужба заради гонење на кривични дела кои се гонат по приватна тужба, а во точката 7 е утврдено дека „тужител“ е јавниот обвинител и приватниот тужител.

Со членот 337 став 1 точка 3 од овој закон е утврдено дека судијата или советот за оцена на обвинителниот акт со посебно решение ќе го одбие обвинителниот акт како неоснован во однос на сите или одделни кривични дела, ако утврди дека: ……. 3) нема барање од овластен тужител, предлог на оштетениот или одобрение на надлежен државен орган, ако е тоа потребно според законот или дека постојат околности што го исклучуваат гонењето.

Со членот 474 став 1 од овој закон, е утврдено дека судијата ќе го отфрли обвинителниот предлог или приватната тужба ако најде дека постои некоја од основите предвидени во членот 337 од овој закон.

Со донесувањето на новиот Закон за кривичната постапка се воведе целосно нов систем на казнената постапка со целосно преуредување на начинот на водењето на истрагата која премина кај јавниот обвинител, воведување на нови институции како правосудна полиција и истражни центри на јавното обвинителство, редефинирање на начинот на водење на главната расправа, на системот на правни лекови, како и субјектите на гонење за сторени кривични дела, односно според прифатениот концепт во новиот Закон за кривичната постапка единствен овластен тужител во редовната кривична постапка е јавниот обвинител. Со ваквиот концепт се напушти супсидијарната тужба како коректив на постапувањето на обвинителот и истовремено е воспоставен контролен механизам според кој оштетениот може да се обрати со жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител од оној кој ја донел одлуката за откажување од гонење, односно за неповедување кривична постапка, а што не е во спротивност со Уставот од причина што дискреционо право е на законодавецот да го утврди овластениот тужител во постапката.

Од анализата на целината на Законот за кривичната постапка, како и уставната поставеност на јавниот обвинител, која децидно е утврдена во Законот за јавното обвинителство и во кој е определено дека јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација, неспорно произлегува дека наводите во иницијативата со кои се тврди дека оспорените одредби од Законот се во спротивност со Уставот, се неосновани.

Концептот на Законот за кривичната постапка ја пропишува претходната постапка која ги опфаќа предистражната постапка и истрагата. Во предистражната постапка се дејствијата на откривање и пријавување на сторено кривично дело, а во истражната постапка е дејствието на одлучување, наредба на јавниот обвинител за истрага.

Одлучувањето по однос на кривичната пријава и предистражната постапка имаат за цел да разјаснат дали постои основано сомневање за сторено кривично дело. Јавниот обвинител и полицијата вршат дејствија на собирање на докази и во зависност од тоа дали постојат основи за сомневање дека е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, односно од резултатите на предистражната постапка јавниот обвинител одлучува дали ќе подигне непосредно обвинување, дали ќе поднесе барање за спроведување на истрага или ќе се откаже од гонењето. Судската истрага е дел од претходната постапка и со неа раководи истражен судија, која се поведува на барање на јавниот обвинител против лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело, а доколку за тоа е пропишана казна затвор над 5 години, покренувањето на истрагата е задолжително. Јавниот обвинител по завршување на истрагата е должен да достави предлог да се дополни истрагата или да подигне обвинителен акт или да даде изјава дека се откажува од гонење.

Од погоре изнесената анализа јасно е дека концептот на Законот за кривичната постапка се темели на моќна улога и ингеренции на јавниот обвинител во кривичната постапка како целина со цел за ефикасно функционирање на кривично-правниот систем и гонење и спречување на криминалот.

Со наводите во иницијативата се посочуваат одредби од Законот за кривичната постапка како оспорени и во несогласност со одредби од Уставот, а всушност се оспорува многу повеќе, се оспорува концепт на Законот кој ја пропишува улогата и ингеренциите на јавниот обвинител во кривичната постапка со напуштањето на супсидијарната тужба. На тој начин се бара интервенција на Уставниот суд да креира законско решение со кое ќе се промени концептот на Законот и ќе овозможи целосно враќање на можноста за поднесување на приватната-супсидијарната тужба како уставно право на граѓаните да си ги штитат непосредно своите права во судска постапка да се одлучува за повредата од сторено кривично дело.

Меѓутоа, со ваквите наводи во иницијативата, а врз основа на одредбите од Уставот и наведените закони, не може да се доведе во прашање уставноста на оспорените одредби од Законот за кривичната постапка, со оглед и на фактот што се работи за законодавна политика на законодавецот и во тие рамки негово дискреционо право со закон да го утврди овластениот тужител, согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, според кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, а во правниот поредок егзистираат и се надоврзуваат закони од предметната правосудна материја кои го дефинираат статусот на овластен тужител и комплексно уредуваат пршања од кривично-правната материја. Од друга страна Судот нема надлежност да креира законски решенија, со интервенирање на одделни одредби во насока да се измени концептот на овластен тужител кој е дефиниран од законодавецот. Поаѓајќи од уставно утврдената функција на јавниот обвинител, не може да се прифати дека правата на граѓаните утврдени со Уставот биле доведени во прашање, токму поради тоа што јавниот обвинител како овластен тужител има законски права и обврски за постапување во улога на единствен самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени казниви дела. Законодавецот ја цени целесообразноста на концептуалното уредување на приватната тужба во кривичната постапка и тоа е дискреционо прашање на законодавната политика кое не е исклучиво по однос на негово дефинирање.

Воедно, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорените законски решенија се повредувало деволутивното дејство на жалбата како редовен правен лек бидејќи, според подносителот на иницијативата, по жалбата на решението за отфрлање на кривичната пријава повторно одлучувал еден ист орган, јавниот обвинител, кој бил еден, единствен самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени казниви дела. Ова од причини што од анализата на целината на Законот за јавното обвинителство, јасно произлегува дека јавното обвинителство е организирано врз принципот на хиерархија и субординација, што подразбира дека со оспорените решенија од Законот не се доведуваат во прашање по однос на нивната уставност од причина што по жалбата на решението за отфрлање на кривичната пријава донесена од страна на јавниот обвинител, одлучува непосредно повисокиот јавен обвинител, кој согласно принципот на хиерархија и субординација врши контрола и надзор над работата на пониските јавни обвинители. Преку оценката на решението за отфрлање на кривичната пријава, непосредно повисокиот јавен обвинител, (значи друг орган, а не ист) по повод жалбата на оштетениот цени дали јавниот обвинител основано ја отфрлил кривичната пријава . Ова, дотолку повеќе што во случајов не се работи, односно не станува збор за судска одлука, туку за јавно обвинителска одлука или дејствие кое го презема јавниот обвинител. На тој начин испочитувани се принципите на хиерархија и субординација предвидени во одредбите од Законот за јавното обвинителство, поради што и не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека е повреден Уставот, односно дека по изјавената жалба одлучувал ист орган.

Врз основа на наведената уставно-судска анализа, оспорените одредби од Законот за кривична постапка не можат да се доведат под сомнение во однос на согласноста со одредбите од Уставот на кои се упатува во иницијативата.

6. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.5/2021
07.07.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска