У.бр.51/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и  член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 13 јули 2022 година, донесе

Р  Е  Ш  Е  Н  И  Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.09-360/1 од 31.01.2020 година и Одлуката бр.09-317/1 од 28.01.2021 година, двете донесени од  Советот на Општина Кочани.

2. Благој Јованов, адвокат од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените одлуки се повредени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Северна Македонија, уредени со член  8 став 1 алинеја 1, владеењето на правото предвидено со член 8 став 1 алинеја 3, еднаквоста на слободите и правата на граѓаните предвидена со член  9 од Уставот,  и сторена е повреда на одредби од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, член 28 и член 33 („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2015), членовите 1, 2, 12, 13 и 16 од Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2012), член 1 од Методологијата за измена на методологија за процена на пазарната вредност на недвижен имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/2013),  член 5 од Законот за даноците на имот, член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа, како и спротивно на Уредбата за определување и реонизација на зони на градовите и населените места.

Во наводите на иницијативата се наведува дека со Одлуката бр.09-360/1 од 31.01.2020 година (во натамошниот текст: прва одлука), Советот на Општина Кочани ја изменил и дополнил Одлуката бр.09-300/1 од 30.01.2019 година за определување на зони и пресметковни бодови за утврдување на пазарната вредност на градежното земјиште на подрачјето на Општина Кочани, згради и други градежни објекти кои биле изградени на подрачјето на Општина Кочани, на начин што во член 1 од Одлуката по зона 5 додале нова зона 6 и определиле дека во зоната 6 влегувало целото градежно земјиште кое било опфатено со деталните урбанистички планови за подрачјето на Општина Кочани и како такво со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање било наменето за домување во станбени згради А-А2 и за комунална супраструктура-бензински пумпни станици и услужни центри.

Според подносителот на иницијативата, наспроти определените 5 зони, во Одлуката бр.09-300/1 од 30.01.2019 година, распределени по критериуми на местоположба во секоја зона влегувала точно определена улица и број како и границите помеѓу зоните, во оспорената прва одлука во зона 6 е изоставен критериумот на местоположба, односно во зона 6 влегувало целото градежно земјиште опфатено со деталните урбанистички планови за Општина Кочани и кое со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање било наменето за домување во станбени згради А-А2 и за комунална супраструктура-бензински пумпни станици и услужни центри.

Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека истото било спротивно на член 28 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, каде било наведено дека во категоријата Е2-Комунална супструктура, освен бензински пумпни станици и услужни центри спаѓале целокупните градби на комуналната инфраструктура и тоа: терминали од секаков вид, автобуски и железнички станици, пристаништа, полигон за обука на возачи на моторни возила, станици за технички прегледи, акумулации и брани за водоснабдување, аеродроми, гранични премини, катни гаражи, мерни станици, трафостаници до 20 кв, градби за производство на енергија, резервоари за вода, противпожарни домови, електронски комуникациски градби и слично, така што во член 33 од истиот правилник било предвидено дека „Компатибилната класа на намени Е2-комунална супраструктура се применува за градежни парцели со намена Б4-деловни простории и при реализација на донесени урбанистички планови согласно табелата од Прилогот 1 на овој правилник”.

Имено, според подносителот на иницијативата, во оспорената прва одлука, било определено дека во зона 6 покрај градежното земјиште А-А2 кое било наменето за домување во станбени згради бил вклучен само дел од комуналната супраструктура Е2, односно само бензински пумпни станици и услужни центри.

Во наводите на иницијативата, исто така е наведено дека донесувањето на Одлуката спротивно на понапред наведените членови од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, односно вклучувањето во шеста зона на земјиште кое било наменето за домување во станбени згради А2 и за комунална супструктура-бензински пумпни станици и услужни центри, ја чинело оспорената одлука спротивна на Уставот и законите, од причина што Советот на Општина Кочани спротивно на Правилникот креирал зона по свој слободен избор во која се вклучило градежното земјиште А-А2 наменето за домување во станбени згради од сите постоечки 5 зони како и бензинските пумпи и услужните центри од сите 5 зони, но не и сите градби кои биле наведени во Е2.

Со втората оспорена одлука бр.09-317/1 од 28.01.2021 година (во натамошниот текст: втора одлука), Советот на Општина Кочани утврдил просечни цени на градежно и земјоделско земјиште за подрачјето на Општина Кочани за 2021 година.

Во член 3 од оваа одлука е даден табеларен преглед со пресметана просечна цена на градежно и земјоделско земјиште изразена во денари по метар квадратен.

За градежно земјиште:

 

ПРВА ЗОНА 1.232 денари
ВТОРА ЗОНА 924 денари
ТРЕТА ЗОНА 615 денари
ЧЕТВРТА ЗОНА 232 денари
ПЕТТА ЗОНА 102 денари
ШЕСТА ЗОНА 23.654 денари

 

Според подносителот, цената на градежното и земјоделско земјиште во шестата зона е пресметана без да се има предвид критериумот местоположба, затоа што градежното земјиште А-А2, наменето за домување во станбени згради и бензински пумпни станици и услужни центри, територијално припаѓале во некоја од останатите 5 зони, а ќе биле оданочувани како шеста зона, па самиот редослед на зони не е логично поставен од причина што првата зона се сметала за најексклузивна и била со највисока проценета вредност, додека сите по неа биле со соодветни помали проценети вредности, што видно од проценетата вредност на шестата зона не била формирана според истите критериуми како претходните зони и истата била имплементирана спротивно на законските одредби.

Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека втората одлука на Советот на Општина Кочани е спротивна на Методологијата за изменување на методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот и на Законот за процена („Службен весник на Република Македонија” број 17/2013), затоа што Советот на Општина Кочани донесувајќи ја оспорената одлука постапил спротивно на член 12 од Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот, кој гласи:

„Пазарната вредност на градежното земјиште се утврдува според просечната цена на извршените купопродажби во годината која и претходи на годината за која се врши процена на земјиштето”.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената втора одлука граѓаните се ставени во нееднаква положба, од причина што сопственик на стан за домување кој живеел во периферниот дел од градот каде што становите биле помалку атрактивни и со помала цена, се изедначувал со сопственик на стан кој живеел во атрактивен дел од градот, така што истите би платиле данок како сите станови да биле со иста вредност, а и сопственик на бензинска пумпа што била лоцирана на помалку фреквентно место којашто остварувала драстично помал профит од бензинска пумпа којашто била лоцирана во центарот на градот, ќе биле исто оданочени.

Според подносителот, Одлуката донесена од Советот на Општина Кочани од 30.01.2019 година за воведување 6. (шеста) зона е во директна спротивност со член 9 од Уставот, дека со самото тоа што во зона 6 било предвидено да спаѓаат градежното земјиште наменето за домување во станбени згради А-А2, комунална супраструктура-бензински пумпни станици и услужни центри, граѓаните кои биле сопственици на овие градежни земјишта од зона 6, се доведувале во нееднаква положба затоа што биле принудени да плаќаат повисоки даноци.

Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека донесената прва одлука е спротивна и на член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, бидејќи граѓаните кои биле сопственици на градежното земјиште предвидено во шестата зона, директно биле дискриминирани од причина што иако по критериумот местоположба, нивните градежни земјишта спаѓале во некоја од веќе постоечките 5 зони, така што истите според наведеното во одредбите за шестата зона поради превисоката определена цена по метар квадратен биле задолжени да плаќаат повисоки даноци.

Имено, подносителот на иницијативата смета дека донесената одлука, исто така, е спротивна на членот 1 од Протоколот бр.12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, така што истата е спротивна и на член 8 став 2 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Поради сето наведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на двете оспорени одлуки донесени од Советот на Општина Кочани и истите да ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката бр.09-360/1 од 31.01.2020 година на Советот на Општина Кочани („Службен гласник на Општина Кочани“ бр.1/2020) за изменување и дополнување на Одлуката за определување на зони и пресметковни бодови за утврдување на пазарната вредност на градежно земјиште на подрачјето на Општина Кочани, згради и други градежни објекти кои се изградени на подрачјето на Општина Кочани бр.09-300/1 од 30.01.2019 година е донесена врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Сл. весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 година), а во согласност со Уредбата за определување на реонизација на зони на градовите и населените места во РМ бр.19-2164/1 од 02.06.2005 година, членот 5 од Законот за даноците на имот („Сл. весник на Република Македонија“ бр. 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011 и 84/2012 година), членовите 1, 2 и член 16 став 2 од Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/2012, 17/2013, 21/2013 и 142/2014), и членот 28 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2015).

Според член 1 од Одлуката: „Во член 1 зборовите „пет (5) зони“ се заменуваат со „шест (6) зони “.

Во член 2 од Одлуката е уредено дека во член 1 по зона 5 се додава: „Зона 6: Во оваа зона влегува целото градежно земјиште кое е опфатено со деталните урбанистички планови за подрачјето на Општина Кочани и како такво со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.142/2015) е наменето за домување во станбени згради А-А2 и за комунална супраструктура-бензински пумпни станици и услужни центри.“

Според член 3: „Во членот 2, по ставот 2, се додава став 3 кој гласи: „Постигнатите просечни цени од извршените купопродажби на градежните земјишта од оваа зона (6) во 2019 година, ќе се земаат предвид при утврдување на просечните цени на градежното земјиште за подрачјето на Општина Кочани за 2020 година, а за секоја следна година од извршените купопродажби во годината која и претходи на годината за која се врши процена на земјиштето.“

Во последниот член е уредено дека одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Кочани“.

Судот, исто така, на седницата утврди дека Одлуката бр.09-317/1 од 28.01.2021 година на Советот на Општина Кочани („Службен гласник на Општина Кочани“ бр.2/2021), за утврдување на просечни цени на градежно и земјоделско земјиште за подрачјето на Општина Кочани за 2021 е донесена врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 година), a во согласност со членовите 12 и 13 од Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/12, 17/13, 21/13 и 142/2014).

Во членот 1 од наведената одлука, е уредено дека со оваа одлука се утврдуват просечните цени на градежното и земјоделското земјиште за подрачјето на Општина Кочани за 2021 година, а врз основа на просечната цена од извршените купопродажби во 2020 година. Истата е во согласност со Одлуката за определување на пазарни зони и пресметковни бодови за утврдување на пазарната вредност на згради и други градежни објекти кои се изградени на подрачјето на Општина Кочани и разграничувањето по групи на населени места, по катастарски култури и категории на земјиште во Кочани 09-300/1 од 30.01.2019 година и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за определување на зони и пресметковни бодови за утврдување на пазарната вредност на градежно земјиште на подрачјето на Општина Кочани, згради и други градежни објекти кои се изградени на подрачјето на Општина Кочани бр.09-360/1 од 31.01.2020 година.

Согласно членот 2, просечните цени на градежното и земјоделското земјиште за подрачјето на Општина Кочани утврдени со оваа одлука се основа за пресметување на даноците на имот, наследство, подарок и промет на недвижности во управна постапка пред органите на Општина Кочани освен кога цената утврдена во договорот за купопродажба е повисока од пазарната вредност утврдена според Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижниот имот. Во таков случај, според ставот 1 од истиот член, ќе се прифати повисоката цена договорена помеѓу страните во договорот како даночна основа за пресметување на данок на промет. Според ставот 2 од истиот член, доколку предмет на купопродажба освен градежно земјиште е и градежен објект на кој цената договорена помеѓу страните во договорот е повисока од пазарната вредност утврдена според Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижниот имот, како даночна основа за пресметување на данок на промет ќе се смета повисоката цена.

Во член 3 е даден табеларен преглед со пресметана просечна цена на градежно и земјоделско земјиште изразена во денари по метар квадратен и тоа за: земјоделско земјиште запишано во имотните листови за: КО Кочани, КО Оризари, КО Прибачево, КО Грдовци, Мојанци, КО Г. Подлог, КО Д. Подлог, КО Мојанци, КО Тркање, КО Бели, КО Нивичани; земјоделско земјиште во ридско-планинските подрачја запишано во имотните листови за: КО Пантелеј, КО Пашаџиково, КО Г. Гратче, КО Црвена Нива, КО Рајчани, КО Јастребник, КО Полаки, КО Вранинци, КО Безиково, КО Пресека, КО Новосело, КО Костиндол, Речани, Главовица, КО Небојани и за градежно земјиште од прва до шеста зона.

Во овој член е уредено дека за земјоделското и градежното земјиште за кое по зони, групи на населени места, по катастарски култури и категории на земјиште на подрачјето на Општина Кочани нема податоци за извршени купопродажби во текот на 2020 година, просечната цена е определена врз основа на просечниот надоместок за метар квадратен експроприрано земјоделско земјиште на подрачјето на општината и врз основа на споредбените податоци за земјоделското земјиште, шумите, пасиштата и градежните земјишта кои се во промет во општините кои се соседни на Општина Кочани. За сите останати категории и класи на земјоделско земјиште податоците се преземени од Одлуката за утврдување на просечни цени на градежно и земјоделско земјиште за подрачјето на Општина Кочани бр. 09-361/1 од 31.01.2020 година.

Согласно член 4, со донесувањето на оваа одлука ќе престане да важи Одлуката за утврдување на просечни цени на градежно и земјоделско земјиште за подрачјето на Општина Кочани бр. 09-361/1 од 31.01.2020 година, а во член 5 е уредено дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Кочани“.

Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, прецизно е наведено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение У.бр.79/2021 од 18 јануари  2022 година не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста  на Одлуката бр.09-360/1 од 31.01.2020 година и Одлуката бр.09-317/1 од 28.01.2021 година, и двете донесени од  Советот на Општина Кочани.

Имено, Судот во наведеното решение, меѓу другото, утврдил дека се неосновани наводите во иницијативата дека оспорената одлука била спротивна на наведените закони. Ова, од причина што според наоѓањето на Уставниот суд утврдено во наведеното решение, oвластувањето на општините за донесување на одлуки за зонирање произлегувало од одредбите од Законот за локалната самоуправа и од Законот за градежното земјиште каде биле  утврдени надлежностите на општините каде било определено, меѓу другото, и урбанистичкото  планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште. Од овие причини, Судот во цитираното решение утврдил дека определувањето на нова зона 6 во Општина Кочани, е надлежност на локалната самоуправа во сферата на урбанистичкото планирање, а содржината на новоопределената зона не е прашање од надлежност за Уставниот суд. Поради тоа, Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оваа одлука од аспект на надлежност на Општината да ја уредува реонизацијата на земјиштето.

По однос на второоспорената одлука, Судот во наведеното решение утврдил дека наводите на подносителот на иницијативата дека со оспорената одлука се утврдувале просечните цени на градежното и земјоделското земјиште за подрачјето на Општина Кочани за 2021 година, а врз основа на просечната цена од извршените купопродажби во 2020 година, што биле основа за пресметување на даноците на имот, наследство, подарок и промет на недвижности во управна постапка пред органите на Општина Кочани, освен кога цената утврдена во договорот за купопродажба била повисока од пазарната вредност утврдена според Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижниот имот. Во таков случај  се прифаќа повисоката цена договорена помеѓу страните во договорот како даночна основа за пресметување на данок на промет.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и за кои изразил свој став во наведеното решение, Судот оцени дека наводите во конкретната иницијатива не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во овој предмет. Тргнувајќи од наведеното, според Судот, исполнети се условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата од причина што Судот за истата работа веќе одлучувал, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување.

5.Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот, го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари,  д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

 

У.бр.51/2022
13 јули 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска