У.бр.50/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јануари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 3, член 66 ставови 8 и 9, член 79 ставови 2 и 3 и член 94 ставови 2 и 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Службен весник на Република Македонија” број 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016).

2. Адвокатското Друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на повеќе одредби од Законот за игрите на среќа и за забавните игри означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата законското уредување во оспорените одредби било во директна спротивност со цитираните: член 8 став 1 алинеи 3, 6, 7 и 8, член 30 став 2, членот 51 и членот 55 од Уставот.

Воведувањето и уредувањето на посебни давачки за финансирање на спортот и здравствената заштита, врз основа на параметрите за видот на дејноста, биле во спротивност со наведените уставни одредби и особено со начелото за еднаква правна положба на субјектите на пазарот од член 55 став 2 од Уставот, со оглед на тоа што наведените давачки се плаќале само од приредувачите на посебни игри на среќа, обложувалници и автомат клубови. Освен тоа, со одредбите било прекршено и начелото за забрана на дискриминација предвидено во членот 9 од Уставот, а во споредба со сите други трговски субјекти. Притоа државата имала широко поле на слободна проценка при уредувањето на системот на даноците, но немала и апсолутно право. Ваквото разликување на субјектите немало објективно и рационално оправдување.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр.178/2016 од 26 септември 2016 година) била воведена посебна давачка за финансирање на спортот и здравствената заштита спротивно на принципот на правна сигурност, како право на секој субјект да знае кои прописи ќе се применуваат на него во одреден временски период и забраната за ретроактивна примена на прописот. Притоа неоправданоста и недозволеноста на оспорените посебни давачки станувала особено очигледна ако се земел предвид фактот што кај ниту една друга дејност, па дури ни кај другите видови на игри на среќа не биле предвидени ваков вид на дополнителни посебни давачки (член 58 став 2, член 74 став 2 и член 87 став 2 од Законот).

Ваквата нееднаква положба се потврдувала и со фактот што приредувачите на игрите на среќа плаќале дополнителни давачки кои достигнувале и до 23% со што на долг рок се доведувала во прашање економската исплатливост за приредување на конкретните игри на среќа.

Законодавецот морал да води сметка за уставното начело на еднаквост на субјектите од аспект на нивната правна положба на пазарот при воспоставување на ист вид на јавна давачка, кое начело во случај на посебните дополнителни давачки за финансирање на спортот и здравствената заштита не било применото.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оцена на уставноста на оспорените одредби, па потоа истите да ги прогласи за неуставни и стави вон правна сила. Се предлага и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби.

3.Судот на седницата, утврди дека според оспорениот член 66 ставови 8 и 9 од Законот, приредувачот на игри на среќа во казино, на месечна основа, за финансирање на здравствената заштита плаќа посебна давачка во висина од 3% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ од сите автомати и исплатениот износ од сите автомати на приредувачот на игрите на среќа во казино, на сметка на Министерството за здравство. Посебната давачка од ставовите 7 и 8 од овој член се плаќа до 15 во месецот, за претходниот месец.

Според оспорениот член 79 ставови 2 и 3 од Законот, приредувачот на игри на среќа во обложувалница, на месечна основа, за финансирање на спортот плаќа посебна давачка во висина од 3% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на тој приредувач и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места, на сметка на Агенцијата за млади и спорт. Посебната давачка од ставовите 1 и 2 на овој член се плаќа до 15 во месецот, за претходниот месец.

Според оспорениот член 94 ставови 2 и 3 од Законот, приредувачот на игри на среќа во автомат клуб, на месечна основа, за финансирање на спортот плаќа посебна давачка во висина од 1,5% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ во сите автомати на тој приредувач и исплатениот износ од сите автомати, во сите деловни простории на приредувачот на сметка на Агенцијата за млади и спорт и за финансирање на здравствената заштита плаќа посебна давачка во висина од 1,5% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ во сите автомати на тој приредувач и исплатениот износ од сите автомати, во сите деловни простории на приредувачот на сметка на Министерството за здравство. Посебната давачка од ставовите 1 и 2 на овој член се плаќа до 15 во месецот, за претходниот месец.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај Судот во постапката по предметот У.бр.20/2017 веќе одлучувал за уставноста на сите сега оспорени одредби и изразил став дека пропишаните посебни давачки за приредувачите на игрите на среќа и за забавните игри, за финансирање на здравствената заштита и за финансирање на спортот, не имплицираат повреда на член 8 став 1 алинеја 3, член 9, Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот и членот 55 на Уставот.

Судот од содржината на оспорените законски одредби утврдил дека висината на процентуалниот износ на посебните давачки законодавецот го утврдил на 3% за приредувачите на игри на среќа во казино и во обложувалница, но исто така и за приредувачот на игри на среќа во автомат клубови, во износ од 3% кој е вкупен процентуален износ од соодветните посебни давачки кои се определени на 1,5%. Исто така, законодавецот ја определил намената и целта заради која тие се востановени, на начин за кој сметал дека е оправдан и целисходен, во случајов за финансирање на здравствената заштита и за финансирање на спортот. Притоа, не станува збор за посебна давачка за здравствено осигурување, како што се наведува во иницијативата, туку за финансирање на здравствената заштита на граѓаните.

Здравствената заштита за граѓаните се обезбедува преку здравствената дејност која е дејност од јавен интерес и која се врши како јавна служба. Финансирањето на здравствената дејност се врши од повеќе извори наведени во член 25 став 1 точки 1 до 4 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија”, број 43/2012, 145/2012,… и 37/2016), при што средствата од осигурениците се само еден од изворите на финансирање (член 25 став 1 точка 3 од Законот). Но исто така, средствата за вршење на здравствената дејност во мрежата се обезбедуваат и од други извори согласно со овој и друг закон (член 25 став 4 алинеја 3 од Законот). Во оваа смисла, законодавецот со друг закон ги уредил изворите на средства за финансирање на здравствената заштита, како што е во конкретниов случај во Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Средствата коишто се остваруваат со игрите на среќа и забавните игри, се средства од личните уплати на граѓаните. Оттука, ако се има во предвид социјалната димензија на игрите на среќа и негативното влијание кои игрите на среќа можат да ги имаат кај учесниците во игрите на среќа и нивните семејства, и кои преку своите уплати директно учествуваат во остварувањето на приходите од приредувањето игри на среќа, интенцијата на законодавецот за воспоставување на извор за финансирање на здравствената заштита во Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во функција на зголемување на квалитетот на здравствената заштита за граѓаните, според Судот, не имплицира повреда на членот 39 од Уставот, со која на секој граѓанин му се гарантира здравствена заштита, но и право и должност на секој е да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Во однос на наводите во иницијативата дека законодавецот дискриминаторски според Судот треба да се има во предвид дека право е на законодавецот да ја оценува потребата и целисходноста од воспоставување на посебни давачки, како и нивната намена, соодветно на развојот и масовноста на секој вид игра на среќа и соодветно на движењето на приходите од секој вид на игра на среќа.

Понатаму, законодавецот исто така оценил за потребно, да воведе посебна давачка наменета за финансирање на спортот, за приредувачите на игри на среќа во обложувалница и во автомат клубови.

Според член 47 став 5 од Уставот, Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот. Оваа уставна одредба упатува на грижа на Републиката за унапредување и омасовување на спортот. И во однос на оваа посебна давачка, како што е и погоре наведено, законодавецот има право, во зависност од развојот и масовноста на секој вид игра на среќа, да оценува за потребно воведување на посебни давачки, во случајов наменета за финансирање на спортот, со цел унапредување и омасовување на спортот, дотолку повеќе што игрите на среќа во обложувалници се зависни од спортските активности и постигнатите резултати од спортските натпревари.

Имајќи ја предвид спецификата на секој вид игри на среќа, динамиката на нивниот развој и масовност, околноста што за приредувачите на игри на среќа во казино посебната давачка е наменета за финансирање на здравствената заштита, за приредувачите на игри на среќа во обложувалница за финансирање на спортот, а за приредувачите на игри на среќа во автомат клубови, посебната давачка е наменета и за финансирање на спортот и за финансирање на здравствената заштита, според Судот, тоа не ги прави субјектите нееднакви пред Уставот и законите, дотолку повеќе што процентуалниот износ за пресметување на соодветната посебна давачка за приредувачите на игри на среќа опфатени со оспорените законски одредби, всушност е ист, односно 3%, бидејќи толку изнесува и збирот на процентуалните износи (1,5+1,5%) за пресметување на посебните давачки на приредувачите на игри на среќа во автомат клубови.

Според Судот, оспорените законски одредби не имплицираат повреда на членот 55 од Уставот на Република Македонија, со кој се гарантира слобода на пазарот и претприемништвото и обврска на Републиката да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, како и мерки против монополска положба и монополско однесување на пазарот. Наведеното од причини што обврската за плаќање на посебна давачка не значи забрана за приредување на игри на среќа. Сите субјекти кои сметаат дека им е исплатливо вршењето на овој вид на дејност и ги исполнуваат пропишаните законски услови за таа цел, слободно можат да настапат на пазарот, со претходно поднесено барање за стекнување со лиценца во која се наведени нивните права и обврски, вклучително и надоместоците и посебните давачки.

Стекнувањето со лиценца значи прифаќање на правата и обврските, критериумите и условите пропишани со Законот, за секој вид игри на среќа и забавни игри. Околноста што државата, приоритетното право за приредување на игри на среќа и забавни игри, времено го отстапила на приватните субјекти, не значи дека за тој временски период приватните субјекти слободно може да располагаат со сите остварени средства по основ на уплатите од граѓаните, ниту колку ќе изнесува фондот на добивката за граѓаните, кое е децидно уредено со Законот. Приредувањето на игрите на среќа и забавните игри е специфична дејност која во сите фази од нејзиното вршење е под контрола на државата, вклучително и во делот кој се однесува на остварените приходи по основ на отстапеното приоритетно право кое и припаѓа на Република Македонија, поради што не може оспорените законски одредби да се разгледуваат од аспект на нивната согласност со член 58 став 1 од Уставот, според кој сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Понатаму, од содржината на оспорените законски одредби, според Судот, не произлегува повреда на уставниот принцип на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и не се доведува во прашање правната сигурност на приредувачите на игрите на среќа во однос на стекнатите права и обврски уредени со лиценците или дозволите коишто пред воведувањето на оспорените законски одредби, субјектите ги стекнале, поради следното:

Лиценците и дозволите се издаваат за одреден временски период и во рамките на тој период, субјектите се во обврска да ги подмират само оние давачки коишто се содржани во лиценцата или дозволата. Органот кој ги издава соодветните лиценци, во истите ја внесува посебната давачка која што била во моментот на издавањето на лиценцата согласно Законот, така што лиценците кои се издадени пред влегувањето во сила на измените и дополнувањата на Законот, се во важност со оние права и обврски до нивното истекување, односно носителите на овие лиценци се во обврска да ги платат само давачките содржани во лиценците за периодот за кои се издадени.

Субјектите кои сакаат да приредуваат игри на среќа, односно кои сакаат да продолжат да ја вршат оваа дејност по истекот на претходно издадената лиценца, оваа дејност ќе ја вршат според одредбите од Законот кои се во важност во моментот на издавањето на лиценцата. Субјектите сами оценуваат и одлучуваат дали за нов временски период ќе побараат лиценца согласно условите, правилата, надоместоците и посебните давачки кои во моментот на барањето за издавање на лиценци, се содржани во Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Со оспорениот став 9 на членот 66 од Законот, оспорениот став 3 на членот 79 од Законот и оспорениот став 3 на членот 94 од Законот, се уредува дека посебните давачки уредени со оспорените законски одредби, се плаќаат до 15 во месецот, за претходниот месец.

Овие оспорени одредби се надоврзуваат и се во функција на содржините на оспорениот член 66 став 8, оспорениот член 79 став 2 и оспорениот член 94 став 2 од Законот, од кои причини, Судот не се впуштил во нивна посебна елаборација, бидејќи ја следат правната судбина на наведените оспорени законски одредби, за кои Судот оценил, исто така, дека тие не се во спротивност со одредбите на Уставот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот во постапката по предметот У.бр.20/2017 оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 3, член 66 ставови 8 и 9, член 79 ставови 2 и 3 и член 94 ставови 2 и 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 9, Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот и членот 55 на Уставот.

Поаѓајќи од фактот што во предметната иницијатива се истакнуваат аргументи за кои веќе е одлучувано и нема основи за поинакво одлучување Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Оттаму, не се исполнети и условите за донесување на решение согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.50/2018
23 јануари 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски