У.бр.49/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.49/2023
Скопје,12.10.2023

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 12 октомври 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 28 од Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.293/2020 и 114/2023).

Образложение

I

До Уставниот суд на Република Северна Македонија, Бојан Трпевски од Скопје достави иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Правилникот означен во диспозитивот на ова решение.

Подносителот во иницијативата наведува дека оспорената одредба е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1 и член 52 став 4 од Уставот и на член 37 став 1 од Законот за возила. Според него, со оспорената одредба регистарските таблици кои содржат ознака МК стануваат неважечки од 12.02.2024 со што посредно се создава обврска за граѓаните да ги заменат регистарските таблици спротивно на член 37 од Законот за возила кој ги утврдува случаите кога се заменуваат регистарските таблици (при замена на изгубена, уништена или оштетена регистарска таблица или кога поради долго користење таблиците станале неупотребливи или нечитливи). Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорената одредба е спротивна на Законот бидејќи министерот немал овластување во Правилникот да го регулира временското важење на регистарските таблици, ниту да воспоставува обврска за лицата за замена на таблиците кои биле издaдени согласно прописите кои биле во сила во времето на нивното издавање. Подносителот смета дека министерот ги пречекорил законските овластувања и од Законот за организација и работа на органите на државната управа, бидејќи тој со подзаконски акт може само да ги разработува законските одредби во обемот утврден со закон, но не и да воспоставува нова обврска за граѓаните.

Според подносителот, оспорената одредба има повратно дејство и поради тоа е спротивна на член 52 став 4 од Уставот. Подносителот смета дека правната сила на законите и прописите не е да поништуваат дејствија и односи кои се воспоставиле и се воделе по правни правила што важеле претходно, особено кога истите не се поповолни за граѓаните како што е сегашниот случај бидејќи со оспорената одредба од Правилникот се создава финансиски и административен товар за граѓаните.

Во иницијативата се укажува и дека оспорената одредба е во несогласност со уставното начело на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и правната сигурност која е поврзана со стабилноста и конзистентноста на правниот поредок. Подносителот ги наведува сите правилници со кои во изминатиот период од 20 години било регулирано прашањето на регистарските таблици и заклучува дека иако изгледот и содржината на таблиците била во минатото менувана, во ниту еден од тие подзаконски акти не било предвидено ограничување на временското важење на таблиците ниту пак, била предвидена обврска за замена на регистарските таблици согласно новиот изглед и содржина. Воведувањето за прв пат на ваква обврска со оспорената одредба од Правилникот е спротивна на критериумот за конзистентност на правото што го воспоставила Венецијанската комисија и претставува преседан врз основа на кој во иднина би можело да се практикува апсолутизам и надмоќ на органите на власта врз уставните одредби што е спротивно на начелото на уставност и законитост и на начелото на владеење на правото.

Поради наведеното со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 28 од оспорениот правилник и по спроведената постапка, истиот да го поништи.

II

На седницата Судот утврди дека согласно оспорениот член 28 од Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.293/2020 и 114/2023), регистарските таблици кои ја содржат буквената ознака „МК“, а се издадени до денот на отпочнувањето со примена на овој правилник, може да се употребуваат најдоцна до 12 февруари 2024 година.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 96 од Уставот е определено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Според Амандманот XXXIII на Уставот, во Уставот зборовите: „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите: „Северна Македонија“, освен во членот 36 од Уставот на Република Македонија“.

Заради имплементација на Амандманот XXXIII на Уставот, во Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 6/2019 од 12 јануари 2019 година), во член 3 е предвидено дека постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои може да се користат надвор од државата, ќе се усогласат со Амандманот XXXIII најдоцна во рок од пет години од нeговото влегување во сила.

Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот и Уставниот закон за нивното спроведување, произлегоа од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 81(1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните што претставува меѓународен договор склучен меѓу Република Македонија и Хеленската Република со која беше решен македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство. Спогодбата беше потпишана на 17 јуни 2018 година, истата беше ратификувана од страна на Собранието на Република Македонија на 5 јули 2018 година и објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2019 од 14.01.2019 година. Спогодбата стапи на сила на 12 февруари 2019 година.

Во член 1 став 3 точка д) од Спогодбата е предвидено дека кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).

Со член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 96/2019, 110/2019 и 154/2019) министерот е овластен да донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон, а според член 56 став 1 од истиот закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Во член 61 од Законот е определено дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Издавањето и замената на регистарските таблици на возилата е предмет на уредување на Законот за возилата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/08, 53/11, 123/12, 70/13, 164/13, 138/14, 154/15,192/15 и 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 161/19, 87/2023).

Замената на регистарските таблици е предмет на уредување на член 37 од Законот, според кој сопственикот на возилото е должен да ги замени регистарските таблици со нови, кога барем една регистарска таблица е изгубена, уништена или оштетена, или кога поради долго користење станале неупотребливи или нечитливи. Во ставот 2 на овој член од Законот е определено дека при замена за изгубените регистарски таблици се издаваат нови регистарски таблици кои носат друг регистарски број, различен од бројот на изгубените регистарски таблици. При замена за уништените или неупотребливите регистарски таблици се издаваат нови регистарски таблици со истиот регистарски број. Уништените и неупотребливите регистарски таблици од ставот 1 на овој член се враќаат на надлежниот орган што ги издал. Во ставовите 5, 6 и 7 на овој член, законодавецот пропишал прекршочна одговорност за непочитување на одредбите од овој член на Законот и предвидел глоби во различни износи.

Правниот основ за донесување на оспорениот правилник е член 27 став 1 алинеја 5 од Законот за возила според кој, министерот за внатрешни работи поблиску ги пропишува формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата како и начинот и постапката на нивното издавање согласно со членовите 34, 35, 36, 37, 38 и 39 од овој закон.

Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.293/2020 и 114/2023) чиј член 28 е оспорен со иницијативата, министерот за внатрешни работи го донел во 2020 и тој е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 293/2020.

Начинот и постапката на издавање на регистарски таблици за моторни и приклучни возила е уредена со член 14 од Правилникот, кој ги утврдува случаите кога се издаваат регистарските таблици (кога возилото за првпат се регистрира на територијата на Република Северна Македонија; при промена на регистрационо подрачје; при замена на изгубена, уништена или оштетена регистарска таблица; поради долго користење регистарските таблици станале неупотребливи или нечитливи; се исполнети законските услови за регистрација на возилото).

Во поглед на замената на таблиците, единствена одредба е член 20 од Правилникот во која е определено дека кога сопственикот на возилото ги заменува регистарските таблици со нови согласно закон, поднесува барање за нивна замена, врз основа на кое му се издаваат нови регистарски таблици.

Оспорената одредба од член 28 од Правилникот е содржана во преодните и завршните одредби на Правилникот и таа предвидува дека регистарските таблици кои ја содржат буквената ознака „МК“, а се издадени до денот на отпочнувањето со примена на овој правилник, може да се употребуваат најдоцна до 12 февруари 2024 година.

На 29 мај 2023 година, министерот за внатрешни работи го донел Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.114/2023) во кој е додаден нов член 26-а, кој гласи:
1. На сите регистарски таблици кои ја содржат буквената ознака „МК“, се става налепница со идентична димензија како вертикално поставената ознака „МК“, на која е испишана националната ознака „НМК“.
2. На сите регистарски таблици кои не ја содржат буквената ознака „МК“, во делот пред регистрационото подрачје се става налепницата на која е испишана националната ознака „НМК“.
3. Налепницата од ставовите 1 и 2 на овој член е изработена од рефлектирачка фолија која е отпорна на временските услови и други надворешни влијанија.
4. Формата и големината на налепницата од ставовите 1 и 2 на овој член се дадени во Прилог бр.6, кој е составен дел на овој правилник.

Со измените на Правилникот, оспорениот член 28 е дополнет со нов став 2 според кој регистарските таблици од став 1 на овој член и регистарските таблици кои не ја содржат буквената ознака „МК“ треба да се заменат со нови регистарски таблици кои ја содржат националната ознака „НМК“ или на истите да се стави налепницата од член 26-а од овој правилник, најдоцна до 12 февруари 2024 година.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Конечната спогодба и одредбите од цитираните закони, Судот оцени дека наводите во иницијативата не се основани од следниве причини.

Имено, оспорениот правилник е донесен врз основа на законско овластување – член 27 став 1 алинеја 5 од Законот за возила кој го овластува министерот за внатрешни работи со правилник да ја уреди формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање. Со одредбите од Правилникот се разработуваат одредбите од Законот за возилата кои се однесуваат на издавањето и промената на регистарските таблици и се определуваат обрасците на барањата, како и изгледот на таблиците и нивните димензии. Меѓутоа, конкретната оспорена одредба од член 28 е внесена во Правилникот заради исполнување на одредбата од член 3 од Уставниот закон за спроведување на Амандманот XXXIII на Уставот кој предвидува дека сите постоечки официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба ќе се усогласат најдоцна во рок од пет години од влегувањето во сила на амандманите. Според тоа, оспорената одредба нема за цел имплементација на некоја конкретна одредба од Законот за возилата, туку таа е во функција на спроведување на уставниот Амандман XXXIII, со што се исполнува обврската од меѓународниот договор – Конечната спогодба помеѓу Република Македонија и Грција за промена на кодот на возилата од МК во НМК и истата се имплементира во внатрешното право на Република Северна Македонија.

Оспорената одредба предвидува дека регистарските таблици кои ја содржат буквената ознака „МК“ а се издадени до денот на отпочнувањето со примена на овој правилник, може да се употребуваат најдоцна до 12 февруари 2024 година и истата е поместена во делот на преодните и завршните одредби на Правилникот. Според тоа, не станува збор за материјална одредба со која се создава обврска за промена на таблиците како што се тврди во иницијативата, туку за преодна и завршна одредба која го определува рокот на важење на регистарските таблици со ознака „МК“, а поради промената на националниот код на возилата што е предвидено во член 1 став 3 д) од наведената меѓународна спогодба.

Со измената и дополнувањето на Правилникот од страна на министерот за внатрешни работи во мај 2023 година, дадена е можност на постојните регистарски таблици да се стави налепница на која е испишана националната ознака „НМК“ чијашто форма и големина е дадена во прилог кон Правилникот. Истовремено, на граѓаните им е дадена можност да изберат дали ќе ги променат таблиците со нови или ќе ја залепат налепницата со новата ознака најдоцна до 12 февруари 2024. Од тие причини, произлегува дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека нормата има императивен карактер, бидејќи е оставено на диспозиција на граѓанинот да одлучи дали ќе ја промени таблицата или ќе користи налепница.

Оттука, имајќи предвид дека со оспорената одредба се исполнуваат меѓународните обврски на државата и се имплементира Амандманот XXXIII на Уставот, истата не може да се анализира во однос на одредбите од Законот за возилата и Законот за организација и работа на органите на државната управа на што упатуваат наводите во иницијативата, туку во однос на наведениот Амандман XXXIII и одредбите од Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI со кој таа е во целосна согласност бидејќи е во функција на исполнување на обврската утврдена во Спогодбата, преточена во Амандманот XXXIII на Уставот.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 28 од Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1 и член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, ниту пак прашањето за согласноста со Законот за возилата и Законот за организација и работа на органите на државната управа.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска