У.бр.49/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 9 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на:

– Член 42-а од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/2015, 205/2018 и 115/2019) донесен од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“,
– Член 10-а од Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.77/2015, 195/2015, 115/2015 и 193/2020) донесен од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“,
– Ранг листа на слушатели на почетна обука на Академијата за судии и јавни обвинители на VII генерација, бр.08/190/5 од 25.06.2020 година утврдена од Комисијата за приемен испит на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и заклучоци од 159 седница на Управниот одбор на Академијата, одржана на 07.07.2020 година со кои е потврдена ранг-листата.

2. Михајло Маневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата е даден преглед на статусот, улогата, надлежностите и целите кои ги има Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, согласно одредбите од Законот за Академијата на судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018). Воедно, во иницијативата се наведени и одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1, член 52 став 4 и член 54 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Поаѓајќи од презентираната содржина на уставни и законски норми, во иницијативата е проследена постапката која била спроведена од страна на Академијата, од која резултирало донесување на ранг-листа на слушатели на почетна обука на Академијата за судии и јавни обвинители бр.08/190/5 од 25.06.2020 година на VII генерација, утврдена од Комисија за приемен испит на Академијата и заклучоци од 159 седница на Управниот одбор на Академијата одржана на 07.07.2020 година со кои е потврдена ранг-листата.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на член 42-а од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и член 10-а од Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, бидејќи биле несогласни со наведените одредби од Уставот и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители и соодветно на тоа одредбите од овие акти биле уставно-правно проблематични како и наведената ранг-листа потврдена со закучоци од Управниот одбор на Академијата.

Оттука, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорените акти.

Подетално во иницијативата е наведено:

– Објавен бил јавен оглас за прием на 60 слушатели на почетна обука 2019-2020 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.94/2019) на ден 15.05.2019 година;
– Во членот 57 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители се дадени условите кои требало да ги исполнат заинтересираните кандидати за пријавување на огласот;
– Приемниот испит за почетна обука во Академијата се полагал пред Комисија, согласно Програмата за полагање и Правилникот за полагање на приемен испит, во термин и рокови што ќе ги определи Комисијата;
– Во конкретниот случај со кој се занимава иницијативата, се посочува дека Комисијата за приемен испит утврдила две ранг листи и тоа: ранг-листа на положени кандидати пријавени на приемниот испит на VII генерација од 25.06.2020 година и ранг-листа на слушатели на почетна обука на VII генерација на 25.06.2020 година.
– Ранг-листата на слушатели содржела 3 ранг-листи: ранг-листа-Македонци, ранг-листа на заедниците и трета – други заедници на Република Македонија. Во првата биле примени 40 кандидати од реден број 1 до реден број 42 од положените, освен два кандидати кои биле префрлени во други листи. Во втората ранг-листа на слушатели биле примени 15 слушатели од албанската заедница, а во третата ранг-листа биле примени 5 слушатели од други заедници.
– Управниот одбор на Академијата на 159-та седница од 07.07.2020 година заклучил дека Комисијата законито ја утврдила ранг-листата за VII генерација.
– Поаѓајќи од членот 9 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, при селекција на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со овој закон, се обезбедувала соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Македонија.

Во Законот немало критериуми за понатамошна разработка во Статутот и Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата на кој начин ќе се уреди пропишаната законска норма од членот 9.

Академијата, наспроти тоа, ги донела на 3 јуни 2019 година оспорените одредби од Статутот и Правилникот во кои е уредено прашањето за обезбедување на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Македонија, а тие се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2019 на 6 јуни 2019 година. Меѓутоа, спорно било што јавниот оглас датирал од 9 мај 2019 година со одлука донесена од Управниот одбор на Академијата и таа одлука за јавниот оглас веќе била објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.94/2019 на 15 мај 2019 година. Тоа значи, подоцнежното донесување на оспорените подзаконски акти објавени на 6 јуни 2019 година не можеле ретроактивно да се применуваат на веќе објавениот јавен оглас, објавен претходно на 15 мај 2019 година, но во постапката на Академијата во конкретниот јавен оглас биле применувани токму оспорените одредби од Статутот и Правилникот. Тоа довело и до неправилно утврдување на ранг-листата на слушатели со неправилни три ранг листи, па за 60 слушатели наместо критериум да бидат знаењето и успешноста на приемниот испит според редоследот на бодирањето, се утврдиле само 40 слушатели по тој основ, а за останатите се примениле оспорените одредби од Статутот и Правилникот според застапеноста во заедниците на Република Македонија и покрај правното правило дека тоа неосновано се реализирало со примена на акти за чие постоење не се знаело со почетокот на објавувањето на јавниот оглас и условите во огласот. Оттука, комплетната постапка била незаконита и спротивна на владеењето на правото.

Од овие причини, за оспорените акти во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста и до конечното одлучување да донесе времена мерка согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија односно да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените акти.

3. Судот на седницата утврди:

Со Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, донесена од Управниот одбор на Академијата на седницата одржана на 3 јуни 2019 година, објавена на 6 јуни 2019 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2019, во членот 3 е предвидено:

По членот 42 се додава нов наслов кој гласи:

Правична застапеност на кандидатите за прием во почетната обука

Под насловот се додава нов член 42-а кој гласи:

(1) При селекција на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија.
(2) Соодветната и правична застапеност се обезбедува со претходно утврдување на посебна квота за припадниците на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители утврден во јавниот оглас за прием во почетната обука, а кој број се определува од страна на Управниот одбор за секој нов упис посебно.
(3) Управниот одбор ја определува квотата од став 2 на овој член, земајќи ги предвид официјалните статистички показатели.
(4) Пополнувањето на слободните места определени според квотата, при приемот на кандидатите во почетната обука ќе се раководи по принципот на постигнатиот успех на добиената завршна оценка од положениот испит, а кое пополнување ќе се рангира во рамки на секоја предвидена квота посебно.
(5) Доколку во определените квоти од став 3 на овој член не се јават доволен број кандидати кои ги исполнуваат законските услови или не го положиле приемниот испит, слободните места се пополнуваат од останатите кандидати кои ги исполнуваат условите според рангирањето на нивната завршна оценка.

Со Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, донесен од Управниот одбор на Академијата на седница одржана на 3 јуни 2019 година, објавен на 6 јуни 2019 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2019, во членот 8 е предвидено:

По член 10 се додава нов наслов кој гласи:

Правична застапеност на кандидатите за прием во почетната обука

Под насловот се додава нов член 10-а кој гласи:

(1) При селекција на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија.
(2) Соодветната и правична застапеност се обезбедува со претходно утврдување на посебна квота за припадниците на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители утврден во јавниот оглас за прием во почетната обука, а кој број се определува од страна на Управниот одбор за секој нов упис посебно.
(3) Управниот одбор ја определува квотата од став 2 на овој член, земајќи ги претходно предвид официјалните статистички показатели.
(4) Пополнувањето на слободните места определени според квотата, при приемот на кандидатите во почетната обука ќе се раководи по принципот на постигнатиот успех на добиената завршна оценка од положениот приемен испит, а кое пополнување ќе се рангира во рамки на секоја предвидена квота посебно.
(5) Доколку во определените квоти од став 3 на овој член не се јават доволен број кандидати кои ги исполнуваат законските услови или не го положиле приемниот испит, слободните места се пополнуваат од останатите кандидати кои ги исполнуваат условите според рангирањето на нивната завршна оценка.

Пред Судот како оспорени се третирани одредбите од интегралниот текст на актите.

– Ранг-листата на слушатели на почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители на VII генерација број 08/190/5 од 25.06.2020 година утврдена од Комисијата за приемен испит на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и закучоците од 159 седница на Управниот одбор на Академијата, се донесени од спроведена конкретна постапка во Академијата.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата: – ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, и – ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решение У.бр.291/2020 од 11 мај 2021 година не повел постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 10-а од Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.77/2015, 195/2015, 115/2019 и 193/2020) и на член 42-а од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/2015, 205/2018 и 115/2019), донесени од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
Според ставот на Судот од наведениот предмет, меѓу другото е утврдено следново:

„Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија бр.20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018) во членот 1 го определил предметот на уредување на овој закон, според кој со овој закон се основа и се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: Академија) како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Согласно членот 54 од овој закон, Академијата организира почетна и континуирана обука.

Слушатели на почетната обука се лица кои по положениот приемен испит се примени во почетната обука, ова согласно член 56 став 1 од Законот.

Почетна обука се организира заради стекнување практични и теоретски знаења и вештини со цел создавање на високообучени, стручни и ефикасни кандидати за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства и слушатели на почетната обука се лица кои по положениот приемен испит се примени во почетната обука, ова согласно одредбите од членовите 55 и 56 од овој закон.

Условите за прием на почетната обука се утврдени во членот 57 од овој закон.

Согласно членот 58 од овој закон, Управниот одбор донесува одлука за објавување јавен оглас за прием на лица за полагање на приемниот испит во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуките од член 56 став 2 на овој закон во Академијата, кои одлуки ги донесува Судскиот совет и Советот на јавните обвинители на Република Македонија, за прашањето за вкупниот број на слушатели на почетната обука, земајќи го предвид вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како проекција за потребните места кои ќе се пополнуваат по завршување на почетната обука.

Имено, на основа на проекцијата за пополнување на потребните места на кадри се донесуваат одлуки од Судскиот совет и Советот на јавните обвинители за вкупниот број на слушатели на почетната обука и на основа на тие одлуки Управниот одбор на Академијата донесува одлука за објавување јавен оглас за прием на лица за полагање на приемен испит за почетна обука во Академијата.

Со одредбите од Законот е детално уредено полагањето на приемниот испит за влез како слушатели на почетна обука.

Согласно член 91 став 1 од овој закон, приемот на кандидатите кои ќе бидат слушатели на почетната обука во Академијата се врши врз основа на редоследот на успехот на ранг-листата до пополнување на предвидениот број на слушатели утврдени со одлуките од член 56 став 2 од Законот.

Според членот 93 од Законот, со стекнување на статусот на слушател на почетната обука во Академијата, слушателот заснова работен однос на определено време со Академијата за периодот на спроведување на почетната обука до изборот на кандидатот за судија или јавен обвинител, за судија во основен суд, односно јавен обвинител во основно јавно обвинителство (став 1). За време на траењето на работниот однос од ставот 1 на овој член слушателот на почетната обука, односно кандидат за судија или јавен обвинител има право на плата на виш судски советник во основен суд и други надоместоци од плата согласно со закон (став 2).

Согласно членот 97 од овој закон, по завршувањето на почетната обука слушателите на почетната обука полагаат завршен испит на кој се проверува практичното знаење и способноста кои се стекнати во почетната обука за извршување на функцијата судија во основните судови, јавен обвинител во основните јавни обвинителства.

Прашањата поврзани со постапката, полагањето и оценувањето на завршниот испит се уредени со одредбите од овој закон.

Според членот 111 од овој закон, комисијата за завршен испит утврдува конечна ранг-листа на кандидати за судии и јавни обвинители врз основа на завршната оценка од членот 110 на овој закон.

Академијата на кандидатите за судии и јавни обвинители им издава уверение за завршена почетна обука кое содржи оцена за секоја фаза од обуката и завршна оцена.

Од наведените одредби од Законот, произлегува дека со основањето на Академијата за судии и јавни обвинители како јавна установа за стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, државата врз себе ја презема обврската за едукација на кадрите во судството и јавното обвинителство со цел да се обезбеди професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавнообвинителската функција. Токму од овие причини законодавецот ја востановил Академијата како јавна установа која врши прием и стручно усовршување на идните судии и јавни обвинители, како и постојано стручно усовршување на избраните судии и јавни обвинители. Оттука и приемот во Академијата (по положен приемен испит) односно стекнување на статус на слушател на почетната обука повлекува засновање на работен однос на определено време на слушателот со Академијата за периодот додека трае почетната обука, па се до изборот на кандидатот за судија или јавен обвинител, при што средствата за стручно усовршување односно обуката на кандидатите ги обезбедува државата, односно Академијата чиј главен извор на финансирање е Буџетот на Република Северна Македонија преку делот на буџетот за судската власт.
Кандидатот не учествува со сопствени средства во покривањето на тршоците за обука и стручно усовршување, туку напротив со засновањето на работниот однос со Академијата, за целиот период на спроведување на почетната обука се до изборот за судија или јавен обвинител, кандидатот односно слушателот има право на плата и на други надоместоци од плата согласно закон.

Во делот на општите одредби од овој закон, со членот 9 е предвидено дека при селекцијата на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со овој закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Македонија.

Управниот одбор како орган на управување на Академијата, врз основа на член 13 став 1 алинеја 1 и член 66 став 2 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, го донел Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија„ бр.77/2015, 195/2015 и 115/2019).

Управниот одбор на Академијата, врз основа на член 5 став 3 и член 13 став 1 алинеја 1 од наведениот закон, го донел и Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/2015, 205/2018 и 115/2019).

Со членот 5 од овој закон, меѓу другото е утврдено дека основен акт на Академијата е Статутот (став 1), со Статутот се уредуваат повеќе наведени прашања, меѓу кои и „приемот на слушатели во почетна обука“ (став 2 алинеја 6) и „содржината на програмите за приемен испит, почетната обука …. (став 2 алинеја 7), Статутот го донесува Управниот одбор на Академијата со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови (став 3), Статутот и другите општи акти на Академијата се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ и на веб страницата на Академијата и на друг начин со кој се овозможува нивна достапност до јавноста (став 4).

Според член 66 став 2 од Законот, начинот и поблиските услови за полагање на приемниот испит од член 64 на овој закон, како и правата и обврските на лицата кои го полагаат приемниот испит се уредуваат со Статутот и општите акти на Академијата.

Составот на Управниот одбор како орган на управување на Академијата, е утврден во членот 11 од Законот, според кој детално е пропишано членството да го сочинуваат осум члена од редот на судии и јавни обвинители и еден член назначен од министерот за правда од редот на раководните административни службеници во Министерството за правда.

Управниот одбор на Академијата, во 2015 година ги донел погоре наведените подзаконски акти, Правилникот и Статутот, кои по измените и дополнувањата коишто се означени, ги предвиделе и оспорените одредби во овие акти со измените и дополнувањата, објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2019, чија содржина на оспорените одредби е идентична, а овие измени и дополнувања во Правилникот и Статутот биле донесени на 3 јуни 2019 година, стапиле во сила со денот на донесувањето, а биле објавени на 6 јуни 2019 година.

Судот нема надлежност да ја цени примената на оспорените одредби од Правилникот и Статутот, во конкретни случаи, ниту има уставен основ да се впушти во оценка на анализа на случај во однос на конкретната примена на оспорените одредби. Оттука, имајќи предвид дека Правилникот и Статутот се објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ со чии измени и дополнувања се предвидени оспорените членови, тие одредби се „обнародени“ во правниот поредок и неспорно важат за идни односи по нивното објавување, при што не е воопшто регулирано дека се однесуваат повратно на односи настанати пред донесувањето и објавувањето, имајќи предвид дека со тоа што се донесени и објавени во период од 3-6 јуни 2019 година, во суштина не ја доведува во прашање уставноста на овие акти, од аспект на членот 52 од Уставот, ниту со нив е пропишано ретроактивно дејство, за да може Уставниот суд, уставно-правно да ги проблематизира.

Наводите во иницијативата кои се однесуваат на неоснована ретроактивна примена на оспорените одредби од Правилникот и Статутот на Академијата во конкретно изнесениот случај во иницијативата, се во доменот на правото на судска заштита пред надлежен суд во конкретен предмет, во која ќе се цени законитоста на постапката на предметот кој се посочува во иницијативата.

Оспорените одредби од наведените подзаконски акти на Академијата, започнуваат со став 1 во кој само ја цитираат и дефинираат законската одредба од членот 9 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, според која „при селекција на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија“. Ова е наполно во согласност со член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот дополнет со Амандман 6, според кој како темелна вредност на уставниот поредок е „соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа“.

Останатите одредби од ставовите 2-5 од оспорените членови, се одредби кои го разработуваат остварувањето на правото од ставот 1 во кој е инкорпорирана законската одредба од членот 9 согласно уставната норма од член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот. Овие подзаконски одредби не пропишуваат права и обврски кои се законска материја и поради тоа според подносителите на иницијативата, не можеле да се уредуваат со подзаконските акти – Правилникот и Статутот на Академијата, туку се работи за одредби кои го прават правото од ставот 1 да не е само декларативно туку применливо и реално остварливо во правниот поредок. Нивниот нормативен статус не е уставно-правно проблематичен, од аспект на наводите во иницијативата, бидејќи се норми со елементи од организациона природа како да се операционализира утврденото право за обезбедување на правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија при селекција на кандидати за прием во почетна обука во Академијата. Оттука, одредбите од ставовите 2-5 од оспорените членови, кои опфаќаат утврдување на посебни квоти за припадници на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители утврден во јавен оглас за прием во почетна обука, согласно официјални статистички показатели за припадниците на заедниците, а раководејќи се по принципот на постигнатиот успех на добиената завршна оценка од положениот приемен испит при пополну­вањето на слободните места според квотите, но доколку во определена квота не се јават доволен број кандидати кои ги исполнуваат законските услови или не го положат приемниот испит, слободните места се пополнуваат од останатите кандидати кои ги исполнуваат условите според рангирањето на завршната оценка, се одредби кои ја определуваат целината на правото кое е погоре дефинирано во уставни и законски рамки и пренесено со ставот 1 од оспорените членови, во реална правна форма на објективизирано и применливо право во правниот поредок. Од овие причини не може основано да се постави прашањето за несогласност на оспорените членови од Правилникот и Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, со одредбите од Уставот и Законот на кои се однесуваат наводите во иницијативата.

По повод барањето во иницијативата, Судот оцени дека нема услови за изрекување на времена мерка, односно согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Правилникот и Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Ова е дел од ставот на Судот изнесен во посочениот предмет У. број 291/2020.

Поаѓајќи од изнесената правна и фактичка состојба, а согласно одредбата од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот оцени дека предметната иницијатива сега во актуелниов предмет во однос на оспорените одредби од Статутот и Правилникот, треба да се отфрли поради тоа што за истите Судот веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Поаѓајќи од правните елементи кои што го определуваат прописот, а според кој тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите на општ начин и на неопределен круг на лица во правото, се утврди дека оспорената Ранг-листа и заклучоци, немаат карактер на пропис во смисла на член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, и не се подобни за уставно-судска оцена. Имено, овие акти се интерни акти од работата во конкретна постапка по конкретен јавен оглас во рамки на работењето во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, кои елементи се во доменот на заштита на конкретни права и обврски на субјектите во соодветна постапка и немаат карактер на пропис.Од овие причини за наведените оспорени акти постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата пред Уставниот суд поради што Судот оцени дека и во овој дел иницијативата треба да се отфрли огласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.49/2021
09.09. 2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска