У.бр.46/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 12 април 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 30 во делот „министерот за стопанство и министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија“ од Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.15/1976, 51/1988 и 19/1990; „Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1993, 66/2007, 130/2008 и 148/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/21).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се бара оценување на уставноста на делот „министерот за стопанство и министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија“ од член 30 од Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови.

Имено, според наводите во иницијативата со оспо­рените одредби се пропишани надлежности за непостоечко министерство, односно непостоечки министер, што според подносителот може да доведе до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретната правна пробле­матика, како и органите кои го применуваат Законот.

Подносителот на иницијативата смета дека наведените одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и дека оспорените делови од законските одредби сẻ уште останале како пропишани, што е спротивно на уставниот принцип на владеењето на правото.

Имено, подносителот на иницијативата укажува дека со наведе­ните одредби се пропишани надлежности за непостоечки министерства, односно непостоечки министер, а тоа може да доведе до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика, како и органите кои го применуваат Законот.

3. Судот на седница утврди дека со оспорениот член 30 од Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.15/1976, 51/1988 и 19/1990; „Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1993, 66/2007, 130/2008 и 148/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/21), се предвидуваат термино­лошки корекции на соодветни министерства. Со изменувањето на Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 12 од 4 март 1993 година, е направена измена во член 30 така што зборовите „републичкиот секретар за внатрешни работи“, „републичкиот секретар за индустрија и трговија“, „републичкиот секретар за урбанизам, станбени и комунални прашања“ се заменуваат со зборовите „министерот за внатрешни работи“, „министерот за стопанство“ и „министерот за урбанизам градежништво сообраќај и екологија“.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува делот „министерот за стопанство и министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија“ од член 30 од Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.15/1976, 51/1988 и 19/1990; „Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1993, 66/2007, 130/2008 и 148/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/21), што според подносителот е спротивно на уставниот принцип на владеењето на правото.

Наводите во иницијативата всушност се сведуваат на барање Уставниот суд преку покренување на уставниот механизам за оценување на уставност на одредби од закон, да се впушти во постапување со цел да се изврши корекција на оспорените делови од одредбите на Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови, согласно пропишувањето со Законот за организација и работа на органите на државната управа, а кое нешто законодавецот не го сторил.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, наспрема наводите од иницијативата, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, со оглед дека наводите се сведуваат на барање на постапување на Уставниот суд, што не е во негова надлежност, туку во надлежност на законодавецот кој ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу и д-р Дарко Костадиновски.

У.бр.46/2022
12.04.2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска