У.бр.37/2023-1


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.37/2023
Скопје, 23.04.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 април 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување на цените на комуналните услуги во делот на собирање, транспортирање и отстранување на комуналниот отпад бр. 0202-415/1 од 20.10.2022 година донесена од страна на Управниот одбор на ЈКП „Комуналец“.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија во врска со иницијативата на Владимир Гилев од Свети Николе, со Решението У.бр.37/2023 од 10.01.2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и законите.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 15 од Статутот на ЈКП „Комуналец“ Свети Николе, член 19 од Законот за јавни претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ број 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 41/2014, 138/2014, 25/2015, 61/2015, 38/2016, 64/2018, 35/2019, 275/2019) и член 15 став 2 точка 7 од Статутот на ЈКП „Комуналец“ Свети Николе, Управниот одбор на ЈКП „Комуналец“ Свети Николе на седница одржана на ден 20.10.2022 година ја донел Одлуката за утврдување на цените на комуналните услуги во делот на собирање, транспортирање и отстранување на комунален отпад.

Во точката 1 од Одлуката се утврдени цените на дел од комуналните услуги во делот на собирањето на комуналниот отпад и тоа потточка 1 се однесува на цените на горенаведените комунални услуги за домаќинствата, додека потточка 2 се однесува на правните и физичките лица.

Во точката 2 се утврдени цените за вонредно изнесување на отпад без екипа, вонредно изнесување на отпад со екипа од двајца утоварачи и користење депонија.

Во точката 3 се наведува дека цените се утврдени без ДДВ.

Точката 4 предвидува дека со влегување во сила на оваа одлука престануваат да важат Одлуката за утврдување на цените на дел од комуналните услуги во делот на собирањето, изнесувањето и отстранувањето на отпадот бр. 0204-172/4 од 20.07.2009 година и Одлуката за утврдување на цената кај правните лица за административни згради, хали и магацини и воведување нова ставка бр. 0204-294/4 од 07.07.2016 година.

Во точката 5 е регулирано дека оваа одлука влегува во сила и ќе се применува од денот на добивање согласност од Советот на Општина Свети Николе.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 14 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување на уставноста на закон, односно уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт. При испитувањето на уставноста на закон, односно уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт, Уставниот суд може да ја оценува уставноста и законитоста и на одредбите од прописот или другиот општ акт што не се оспорени со иницијативата.

Согласно со член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 05/2002), меѓу другото, општините се надлежни за комуналните дејности кои опфаќаат: снабдување со вода за пиење; испорака на технолошката вода; одведување и пречистување на отпадните води; јавно осветлување; одведување и третман на атмосферските води; одржување на јавна чистота; собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад итн.

Во член 36 став 1 точка 15 од истиот закон, се пропишува дека советот на општината врши и други работи утврдени со закон.

Согласно член 14 став 1 од Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 95/2012; 163/2013; 42/2014; 44/2015; 147/2015; 31/2016; 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 302/2020) комуналните услуги се делат на услуги за задоволување на индивидуалната потрошувачка и услуги за задоволување на заедничката потрошувачка. Во став 2 од истиот член се наведува дека во услуги за задоволување на индивидуалната потрошувачка спаѓаат: обработка и снабдување со вода за пиење; обработка и испорака на технолошка вода; одведување и пречистување на отпадни води; превоз на патници во патниот сообраќај; собирање и транспортирање на комунален отпад; изградба и одржување на гробните места; користење на продажно место на отворени и затворени пазари; чистење на оџаци и опрема за одведување на чад; отстранување на хаварисани возила; одржување на септички јами; испорака на гас до мерен инструмент на корисник и испорака на топлотна енергија до мерниот инструмент на корисникот.

Согласно со член 24 од Законот за комунални дејности надоместокот за користење на комуналните услуги од индивидуалната комунална потрошувачка од член 14 став 1 од овој закон се пресметува во мерни единици, и тоа: снабдување и испорака на вода за пиење во денари по метри кубни; снабдување и испорака на технолошка вода во денари по метар кубен; одведување и прочистување на отпадни води во денари по метри кубни; општински превоз на патници во патниот сообраќај, во денари по патник; снабдување со топлотна енергија во џули/м2/м3; снабдување и испорака на гас во денари по нормален м3; собирање и транспортирање на комунален отпад во денари по м2/кг/паушал или во денари по м3 по член на домаќинство; одржување и користење на пазари на големо и мало, по продажно место, во денари/површина и чистење на оџаци, во денари по м/ф.

При оцена на наводите во доставената иницијатива во однос на оспорената одлука која е објавена во „Службен гласник на Општина Свето Николе“ број 13 од 27.10.2022 година, Судот утврди дека нејзиното донесување и објавување е услов за Одлуката за утврдување на цените на комуналните услуги во делот на собирање, транспортирање и отстранување на комуналниот отпад бр. 0202-415/1 од 20.10.2022 година, донесена од страна на Управниот одбор на ЈКП „Комуналец“, да произведе правно дејство.

Дополнително, при уставно-судската анализа Судот оцени дека Одлуката за утврдување на цените на комуналните услуги во делот на собирање, транспортирање и отстранување на комуналниот отпад бр. 0202-415/1 од 20.10.2022 година донесена од страна на Управниот одбор на ЈКП „Комуналец“ може да се проблематизира во однос на нејзината уставност и законитост.

Во услови кога член 24 алинеја 7 од Законот за комунални дејности, е јасен и прецизен и предвидува дека надоместокот за користење на комуналните услуги од индивидуалната комунална потрошувачка, конкретно за собирање и транспортирање на комунален отпад се пресметува во мерни единици и тоa во денари по м2/кг/паушал или во денари по м3 по член на домаќинство, а во конкретната одлука на ЈКП „Комуналец“ надоместокот е претставен само како цена во денари за метар квадратен за домаќинство. Со таквото постапување, претпријатието, во конкретниот случај, на нејасен и непрецизен начин утврдило тарифа која се однесува на домаќинство независно од неговите членови, односно цената е иста за семејства со различен број на членови. Со тоа ЈКП „Комуналец“ ги пречекорил своите законски овластувања, принципот на супрематија во правниот поредок и правната сигурност на граѓаните како фундаментален принцип на темелната вредност – владеење на правото во уставниот поредок.

Од овие причини Судот оцени дека во конкретниот случај Одлуката за утврдување на цените на комуналните услуги во делот на собирање, транспортирање и отстранување на комуналниот отпад бр. 0202-415/1 од 20.10.2022 година донесена од страна на Управниот одбор на ЈКП „Комуналец“, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 од Уставот и член 24 од Законот за комунални дејности.

Поради наведените причини, Судот донесе одлука да ја укине Одлуката за утврдување на цените на комуналните услуги во делот на собирање, транспортирање и отстранување на комуналниот отпад бр. 0202-415/1 од 20.10.2022 година донесена од страна на Управниот одбор на ЈКП „Комуналец“, како спротивна на член 8 став 1 алинеи 1 и 6 и член 30 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска