У.бр.324/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 15 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Урбанистички план за село Ново Село со разработка на У.Е.„В“ дел од У.Е.„Г“ и дел од У.Е.„Д“ Општина Ново Село, на површина од 247,83 хектари, изработен од „ЗУАС“ – Скопје со тех.број 2536/12, бр.08-1563/1 од 02.06.2015 година, донесена од Советот на Општина Ново Село.

2. Методија Челаков од Ново Село, Струмица, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека му било повредено уставно загарантираното право на еднаквост на граѓаните пред законот, предвидено со членот 9 од Уставот.

Според наводите на иницијаторот, без да биде извршена експропријација на недвижниот имот кој го поседувал, неофицијално бил информиран дека од страна на локалната самоуправа во Ново Село – Струмица, се планирало да се гради магистрален пат широк 8,5 метри, којшто требало да поминува низ неговата парцела КП.бр.6348 и тоа веднаш покрај неговата семејна куќа, поради што му било загрозено правото на сопственост и непречено владение на неговиот недвижен имот, а со тоа ќе било доведено во прашање и неговото право на мирно живеење.

Понатаму, во иницијативата подносителот се повикува на елементи на непотизам, судир на интереси и коруптивни елементи, од причина што поранешниот градоначалник на Општина Ново Село, Блажо Велков, раководејќи се од лични причини, користејќи ја својата положба, издејствувал предвидениот магистрален пат да не поминува низ имотот на неговиот родител.

Врз основа на ваквите наводи, подносителот од Уставниот суд бара Судот да им укаже на органите на локалната самоуправа на Општина Ново Село да се воздржат од повредување на неговите основни слободи и права при нивното постапување. Притоа, Судот да го поништи и стави вон сила деталниот урбанистички план донесен со Одлука бр.08-1563/1 од 02.06.2015 година од страна на Советот на Општината, како противуставен и незаконит, но, исто така, Судот да даде иницијатива за изработка на нов детален урбанистички план или измена и дополнување на постоечкиот детален урбанистички план, како и да биде писмено известен дали ќе била реализирана изградбата на магистралниот пат согласно постоечкиот урбанистички план и дали ќе била предвидена постапка за експропријација со годишните планови и програми на Општина Ново Село.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт од точката 1 на ова решение е донесен од страна на Советот на Општина Ново Село, на седницата одржана на ден 28.04.2015 година и истиот содржи два члена.

Со членот 1 од оспорениот акт се предвидува дека „се донесува Урбанистички план за село Ново Село со разработка на У.Е.„В„ дел од У.Е.„Г„ и дел од У.Е.„Д„ општина Ново Село, на површина од 247,83 хектари, изработен од „ЗУАС“ – Скопје со тех.број 2536/12.“

Додека, со членот 2 од оспорениот акт се предвидува дека „оваа одлука влегува во сила со денот на донесување, а ќе биде објавена во службен гласник на општина Ново Село.“

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на законот и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт содржи: означување на законот, прописот или општиот акт, односно одделни негови одредби што се оспоруваат, причините за нивно оспорување, одредбите од Уставот, односно законот што се повредуваат со тој акт и името, односно називот, односно називот и седиштето на подносителот на иницијативата.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, имајќи ја предвид содржината на иницијативата, Судот оцени дека не се изнесени аргументи за неуставноста на оспорениот акт, туку подносителот на иницијативата само го наведува членот 9 од Уставот, без притоа да даде појаснување, односно аргументирани наводи и причини во насока на постоење на повреда на овој член од Уставот.

Имено, подносителот само наведува дека со оспорениот акт бил ставен во неповолна положба во однос на друго физичко лице чиј недвижен имот не бил предмет на експропријација со цел изградба на магистрален пат поради што му било повредено правото на еднаквост и непречено владение. Имајќи ги предвид ваквите наводи, според Судот, подносителот на иницијативата не го оспорува предметниот акт vis a vis одредбите од Уставот за што е надлежен Уставниот суд, туку истиот само опишува наводна фактичка состојба.

Од друга страна, иако подносителот го оспорува предметниот акт и од аспект на неговата законитост, во ниту еден дел од содржината на иницијативата не се наведуваат одредби од одреден закон наспрема кои оспорениот акт не е во согласност, како и аргументи за оспорување на законитоста на истиот.

Во однос на барањето на подносителот, Уставниот суд да им укаже на органите на локалната самоуправа на Општина Ново Село да се воздржат од повредување на неговите основни слободи и права при нивното постапување, како и тоа Судот да даде иницијатива за изработка на нов детален урбанистички план или измена и дополнување на постоечкиот детален урбанистички план и да биде писмено известен дали ќе била реализирана изградбата на магистралниот пат согласно постоечкиот урбанистички план и дали ќе била предвидена постапка за експропријација со годишните планови и програми на Општина Ново Село, Уставниот суд согласно утврдените надлежности со членот 110 од Уставот нема таква надлежност.

Имајќи го предвид наведеното, неспорно произлегува дека од една страна Судот не е надлежен да одлучува по барањето на подносителот, додека од друга страна нема процесни претпоставки за постапување на Судот по иницијативата, односно не постојат основи за Судот мериторно да се впушти во анализа на уставноста и законитоста на оспорениот акт, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.324/2020
15.09.2021 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска