У.бр.32/2023


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.32/2023
Скопје, 23.04.2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 април 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 213 став 2 од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Репуб¬лика Македонија“ бр. 9/2008 и 77/2018).

Образложение

I

Трајче Митевски, адвокат од Кавадарци, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во диспозитивот на ова решение.

Подносителот на иницијативата го оспорува член 213 став 2 од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2008 и 77/2018) и смета дека истиот е спротивен со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 51 и 52 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во наводите од иницијативата се наведува дека со оспорената одредба од член 213 од Законот за вонпарнична постапка се овозможува исклучиво на нотарите да составуваат договори за физичка делба во форма на нотарски акт. Иако според член 53 од Уставот и член 3 од Законот за адвокатурата тоа овластување му припаѓа на адвокатот кој е овластен да ја состави приватната исправа, а нотарот истата согласно член 55 од Законот за нотаријат само ја потврдува.
Според подносителот на иницијативата, ваквата одредба од Законот за вонпарнична постапка ги ограничува правата на адвокатите да ги застапуваат своите странки преку составување на договори за физичка делба во форма на приватни исправи, со што им се повредуваат правата на граѓаните да им биде обезбедена правна помош од стручно лице адвокат.

Понатаму, подносителот на иницијативата поставува прашање како адвокатите ќе ја остваруваат нивната основна функција на обезбедување правна помош за граѓаните предвидена во член 53 од Уставот кога во неспорните постапки за делба на заеднички предмети или имот не им се овозможува уставно гарантираното право да составуваат договори за физичка делба, а тоа право се дава исклучиво на нотарите во форма на нотарски акт.

Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 213 став 2 од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија” 9/2008 и 77/2018) по што, Судот да ги укине зборовите „се“, „кај“, „во форма на нотарски акт“ и наместо „делбата се врши кај нотар во форма на нотарски акт“, да биде „делбата ја врши нотар со потврда на приватна исправа“.

II

На седницата Судот утврди дека член 213 став 2 од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија” бр. 9/2008 и 77/2018) предвидува дека ако нема спор за начинот и условите за делба, делбата се врши кај нотар во форма на нотарски акт.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Членот 53 од Уставот определува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Ре¬публика Север¬на Македонија, Устав¬ниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија која се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите, а истовремено дека адвокатурата е јавна служба што обезбедува правна помош, при што таа јавна служба е самостојна и независна и врши јавни овластувања кои ѝ се доверени со закон.

Според член 1 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.193/2023), сo овој закон се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи, други правни лица, органите на единиците на локалната самоуправа, вршењето на адвокатската дејност, утврдени со овој и друг закон, како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење и престанок и мирување на адвокатска дејност и правата и обврските на адвокатите, како и осигурување на адвокатите од одговорност од штета.

Во член 2 став 1 од истиот закон е определено дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош, согласно со овој и друг закон, а според ставот 2 од истиот член од Законот, адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони.

Со Законот за нотаријатот се уредува организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составување на нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот. Според истиот закон нотарската служба е јавна служба што ја вршат нотари, кои се самостојни и независни носители на таа служба.Согласно одредбите од истиот закон нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања, врз основа на закон.

Со Законот за нотаријатот, нотарот е лице што врши јавни овластувања утврдени со закон, именувано од Министерството за правда, кое нотарската служба ја врши како единствено професионално занимање. Нотарската служба опфаќа составување и издавање на јавна исправа за правните работи во форма на нотарски акт, изјави и потврди за факти врз основа на кои се востановуваат права или обврски, донесување решенија во постапка за издавање на нотарски платни налози, потврдување на приватни исправи (солемнизација), издавање на потврди, заверка на потпис и ракознак, на препис, на превод, примање на чување исправи, на пари и на предмети од вредност заради нивно предавање на други лица или органи, како и вршење на доверени работи определени со закон. Нотарската служба нотарот ја врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, меѓународни договори што се ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и други прописи и општи акти засновани врз основа на закон. Нотарската служба се врши со примена на начелата за гарантирање на законито вршење на работите, одговорност за причинетата штета во вршењето на нотарската служба, неспорност на правниот однос, надзор над законитоста во вршењето на нотарската служба, угледно и достоинствено вршење на нотарската служба и надоместок за извршената работа.

Во глава XIV од Законот за нотаријатот, со наслов „Нотарите како повереници на судовите и другите органи” и поднаслов „Постапка за расправање на оставина“ во која е содржан член 147 став 1 според кој овластувањата на нотарите во постапката за расправање на оставина се уредуваат со Законот за вонпарнична постапка.

Во член 1 од Законот за вонпарнична постапка, се предвидува дека со овој закон се утврдуваат правилата на постапката според кои судовите постапуваат и одлучуваат за личните, семејните, имотните и другите правни состојби и односи определени со овој или со друг закон.

Согласно со член 213 став 1 од истиот закон, во постапката за делба на заеднички предмети или имот, судот одлучува за начинот и условите на делбата на заедничкиот предмет, односно имот. Според оспорениот став 2 од истиот член, ако нема спор за начинот и условите за делба, делбата се врши кај нотар во форма на нотарски акт.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подноси¬телот на иницијативата ја оспорува уставноста на член 213 став 2 од Законот за вонпарнична постапка и смета дека истиот е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 51 и 53 од Уставот на Република Северна Македонија.

Од анализата на член 213 од Законот за вонпарнична постапка произлегува дека законодавецот јасно уредува дека во услови кога нема спорни моменти во постапката за делба на заеднички предмети или имот, како и во начинот и условите за делба, делбата се врши кај нотар во форма на нотарски акт, а во случај на спор судот одлучува за начинот и условите на делбата на заедничкиот предмет.

Ваквата положба на нотарите во постапките за делба на заедничкиот предмет и имот, произлегува од одредбите пропишани во глава XIV од Законот за нотаријатот, каде се уредува постапката за расправање на оставина пред нотарите како повереници на судовите и другите органи. Оттука, сметаме дека наводите во иницијативата дека со ваквата одредба од Законот за вонпарнична постапка им се ограничуваат правата на адвокатите да ги застапуваат странките преку составување на договори за физичка делба во форма на приватни исправи и со тоа им се повредуваат правата на граѓаните да им се обезбеди правна помош од стручно лице – адвокат, се неосновани поради следните причини:

Од анализата на одредбите од Законот за нотаријатот и од Законот за адвокатурата произлегува дека адвокатите и нотарите немаат ист – еднаков општествен и правен статус бидејќи не вршат иста дејност. Имено, адвокатурата е уставна категорија, самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош доколку истото биде побарано од субјектите во правото, така што адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со Законот за адвокатурата и други закони.

Од друга страна пак, нотарите имаат делегирана надлежност од судовите како повереници на судовите и другите органи. Имено, во смисла на одредбите уредени во глава XIV од Законот за нотаријатот, со наслов „Нотарите како повереници на судовите и другите органи” и поднаслов „Постапка за расправање на оставина“ е предвидено дека овластувањата на нотарите во постапката за расправање оставина се уредуваат со Законот за вонпарнична постапка во кој се утврдени правилата на постапката според кои судовите постапуваат и одлучуваат за личните, семејните, имотните и другите правни состојби и односи определени со овој или со друг закон. Во таа насока, нотарите како повереници на Судот во предметите за физичка делба може да постапуваат и да бидат делегирани и овластени од Судот само во услови кога нема спор за начинот и условите за делба за што се одлучува со акт кој има форма на нотарски акт. Доколку дојде до спор, во тој случај Судот одлучува за начинот и условите на делба и во такви околности не постои ограничување адвокатите да пружат правна заштита согласно нивните овластувања што произлегува од Уставот и од Законот за адвокатурата.

Оттука, Судот оцени дека Законот за вонпарничната постапка како lex generalis и Законот за нотаријатот како lex specialis се во ист дух со цел прецизно, точно и јасно утврдување на законската надлежност на нотарите, а посебно со утврдување на неспорниот начин и условите за делба на заедничкиот предмет, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорената одредба е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 како и со членовите 51 и 53 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имајќи предвид дека во самата иницијатива има контрадикторност, имено подносителот го оспорува член 213 став 2 од Законот за вонпарнична постапка, со наводи за негова неуставност, но во истата и предлага укинување на зборовите „се“, „кај“, „во форма на нотарски акт“ и наместо „делбата се врши кај нотар во форма на нотарски акт“, да биде „делбата ја врши нотар со потврда на приватна исправа“, уставно-судската анализа беше направена на член 213 став 2 во целина, додека во однос на предлогот како треба да биде уредена одредбата, истото претставува прашање кое излегува надвор од делокругот на Судот и се однесува на барање за постапување коешто е во надлежност на законодавецот кој ги креира прописите, ги менува и дополнува, а не е во надлежност на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска