У.бр.311/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 21 април 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 2 од Законот за правосуден испит (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр.190/2020).

2. Софче Ристова од Струмица до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, која дополнително е прецизирана, оспорениот член 2 од Законот за правосуден испит бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот на иницијативата смета дека со членот 2 од Законот бил нарушен принципот на еднаквост и забрана на дискриминација имплицирајќи правна несигурност, различно приме­нување и интерпретирање и со тоа повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

Исто така, во иницијативата се наведува дека оспоре­ната одредба од членот 2 од Законот била нејасна, непрецизна и од уставно-правен аспект неодржлива. Одрeдбата не кореспондирала со уставниот принцип на еднакво постапување со граѓаните од аспект на постигнување конзистентност во правниот систем, односно со цел да се обезбедат еднакви услови за полагање на правосуден испит на сите граѓани кандидати кои исполнуваат услови да го полагаат овој испит.

Имено, подносителот на иницијативата смета дека во оспорената одредба се споменувале само лицата со завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1, како и лицата кои студирале правни студии според Болоњската декла­рација и имаат 300 кредити според европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС). Меѓутоа, во оспорената одредба не се споменувале лицата кои по новиот ЕКТС имале стекнато 240 кредити/ниво VIA во националната рамка на високообразовни квалификации, а кој степен на високо образование стекнато пред влегување во сила на оваа уредба споредена со нивото на национална рамка соодвет­ствува на VII/1 од поранешниот степен, а кое нешто било уредено со членот 13 од Уредбата за национална рамка на високообразовни квалификации донесена врз основа на член 99 став 2 од Законот за високото образование од Владата на Република Македонија на седницата одржана на 17.11.2010 година.

Оттука, според наводите во иницијативата на сите лица кои се стекнале со 240 кредити по ЕКТС, а кои сакале да полагаат правосуден испит им било повредено уставно загарантираното право на еднаквост на граѓаните пред законите и Уставот, иако и овие лица, според подносителот на иницијативата, ги исполнувале условите за полагање на правосуден испит, покрај исполнување и на останатите услови.

Од изнесените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 2 од Законот за правосуден испит.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 2 од Законот за правосуден испит се предвидува дека испитот се полага заради проверка на стручната оспособеност на лицата кои имаат завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1, како и лицата кои студирале правни студии според Болоњската декларација и имаат 300 кредити според европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС) (во натамошниот текст: дипломираните правници) за самостојна примена на прописите во практиката и вршење на правни работи за кои со закон е предвиден тој услов.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 1 од Законот за правосуден испит, со овој закон се уредуваат условите и постапката за полагање на правосудниот испит.

Оспорениот член 2 од Законот уредува дека испитот се полага заради проверка на стручната оспособеност на лицата кои имаат завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1, како и лицата кои студирале правни студии според Болоњската декларација и имаат 300 кредити според европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС) (во натамошниот текст: дипломираните правници) за самостојна примена на прописите во практиката и вршење на правни работи за кои со закон е предвиден тој услов.

Во главата II од овој закон со наслов: “Услови и начин на спроведување на испитот” се систематизирани членовите 4-19.

Така, во членот 4 се предвидува дека:

(1) Испитот можат да го полагаат дипломирани правници кои работеле најмалку една година на правни работи во суд, јавно обвинителство, Државно правобранителство на Репу­блика Северна Македонија, кај Народен правобранител на Репу­блика Северна Македонија, адвокат, нотар или извршител.

(2) Испитот можат да го полагаат и дипломирани правници кои работеле најмалку две години на правни работи во други државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, трговски друштва и други правни лица.

(3) Времето поминато на практика заради стручно оспособување во суд, јавно обвинителство, Државно правобрани­телство на Република Северна Македонија, кај Народен право­бранител на Република Северна Македонија, адвокат, нотар или извршител, во согласност со закон, се смета како време поминато на работа во тие органи.

(4) Кандидатите треба да ги исполнат условите од ставовите (1) или (2) на овој член најдоцна до петтиот ден од месецот во кој се спроведува сесијата.

(5) Предвремено полагање на испитот е забрането.

Според членот 5 од Законот:

(1) Испитот се состои од писмен и устен дел.

(2) Писмениот дел се полага по предметите Кривично и Граѓанско право.

(3) Усниот дел се полага по предметите:
– Кривично право (кривично материјално и процесно право),
– Граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право),
– Трговско право,
– Трудово право,
– Уставно уредување на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи,
– организација на правосуден систем и управно право и
– судир на закони и меѓународна правна помош.

(4) Програмата за полагање на испитот ја пропишува министерот за правда и истата се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

(5) Програмата од ставот (4) на овој член ги содржи прописите, правната литература и испитните прашања.

(6) Програмата од ставот (4) на овој член ја изготвува комисија формирана од министерот за правда.

Од анализата на наведените уставни и законски норми vis a vis наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани од следните причини:

Законот за правосуден испит во првите три члена, меѓу кои е и сега оспорениот член 2, ги пропишува целите за донесување на законот, односно правото за полагање на правосуден испит како стручен испит за дипломираните правници. Оттука, јасно произле­гува дека оспорениот член 2 од Законот ја оправдува целта за донесување на законот, и истовремено ги утврдува лицата кои можат да го полагаат овој испит, а се со цел проверка на нивната стручна оспособеност.

Имено, правото на полагање на правосудниот испит им се признава на еден поширок круг на лица, така што во истите влегуваат лицата кои имаат завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1, како и лицата кои студирале правни студии според Болоњската декларација и имаат 300 кредити според европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС) (во натамошниот текст: дипломираните правници) за самостојна примена на прописите во практиката и вршење на правни работи за кои со закон е предвиден тој услов.

Во членот 4 од Законот се предвидени условите и начинот на спроведување на испитот, па во зависност од тоа по каква програма студирале кандидатите се определува една, односно две години искуство на правни работи како услов за полагање на испитот. Оттука, Судот оцени дека не се ограничува правото на полагање на правосуден испит на оние граѓани кои според старото решение ги исполнувале условите, од причина што на истите кои имаат завршено четиригодишно високо образование VII/1 што значи оние со 240 кредити им се дозволува полагање на правосуден испит доколку ги исполнуваат условите утврдени во членот 4 од Законот.

Имајќи го во вид наведеното законско решение, според Судот не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член 2 од Законот се нарушувал принципот на еднаквост на граѓаните и се повредувал членот 9 од Уставот. Со оспорениот член од Законот јасно и прецизно се наведени лицата кои имаат право да полагаат правосуден испит, односно оние лица на кои им е потребна проверка на стручната способност со цел да се овозможи истите да вршат одредени јавни функции на начин кој е неопходен за функционирање на правото и правораздавањето.

Имено, не може да се прифати тврдењето во иниција­тивата дека оспорената одредба е нејасна и непрецизна и истата не кореспондира со уставниот принцип на еднакво постапување, од причина што од содржината на оспорената одредба јасно, децидно и недвосмислено се наведени лицата кои се стекнале со правото за полагање на правосуден испит што значи со правото на проверка на нивната стручна оспособеност,и под услови пред се во зависност од програмата по која истите студирале.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот ја спори уставноста на оспорениот член од Законот од аспект на тоа што истиот не содржи, односно зошто во истиот член не биле предвидени и лицата кои по новиот ЕКТС имале стекнато 240 кредити/ниво VIA во националната рамка на високо­образовни квалификации, а кој степен на високо образование стекнато пред влегување во сила на оваа уредба споредена со нивото на национална рамка соодветствува на VII/1 од пора­нешниот степен, а кое нешто било уредено со членот 13 од Уредбата за национална рамка на високообразовни квалификации донесена врз основа на член 99 став 2 од Законот за високото образование од Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 17.11.2010 година. Меѓутоа, според Судот, Уставниот суд не е надлежен да креира и дополнува норми, што впрочем е интенцијата на иницијативата, ова право исклучиво согласно Уставот е дадено на Собранието, односно на законодавниот дом.

Ова, дотолку повеќе што, за да постои повреда на членот 9 од Уставот и истовремено да постои нееднакво постапување и дискриминација на граѓаните, на што се повикува подносителот на иницијативата, според Судот , неопходно е да станува збор за граѓани со еднаков статус, што во конкретната ситуација не е случај. Имено, оспорената одредба опфаќа широк спектар на лица кои се стекнале со правото на полагање на правосуден испит во која се опфатени сите лица кои го остваруваат утврденото право за полагање на правосуден испит заради проверка на нивната стручна способност сѐ со цел да се изнајде најквалитетниот кадар за вршење на одговорните функции од областа на правораздавањето.

Оттука, од наведените аргументи и направената уставно-судска анализа, Судот оцени дека оспорениот член 2 од Законот за правосуден испит не може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија. Имено, оспорениот член не го нарушува принципот на еднаквост и забрана на дискриминација, и истовремено не го повредува начелото на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Оспорената одредба е јасна и прецизна и кореспондира со уставниот принцип на еднакво постапување со граѓаните од аспект на постигнување на конзистентност во правниот систем.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

 

У.бр.311/2020
21 април 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати