У.бр.304/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 22 декември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 6 став 4 точки 1 и 4 зборовите во делот „заради спречување од внесување и ширење на коронавирус COVID-19 (дистанца, дезинфекција и слично)“ и член 16 во делот „до завршување на пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската здравствена организација“ од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2020).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 1 точка 16, член 6 став 1 и 2 , член 12 став 2 и член 13 став 1 точка 12 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Дарко Јаневски од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 1 точка 16, член 6 став 1 и 2, член 6 став 4 точките 1 и 4 зборовите „заради спречување од внесување и ширење на коронавирус COVID-19 ( дистанца, дезинфекција и слично)“ член 12 став 2, член 13 став 1 точка 12 и член 16 во делот „до завршување на пандемијата, со COVID-19 прогласена од Светската здравствена организација, од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

– Во врска со оспорениот член 3 став 1 точка 16 од Одлуката, подносителот ја цитира содржината на оспорената точка и наведува дека од нејзината содржина можело да се заклучи дека таа како општа превентивна препорака е избегнување на движење на јавен простор во периодот по 21 часот секој ден во седмицата. Според подносителот не било јасно кога завршува периодот за избегнување на движењето на јавен простор. Единствено што било јасно и недвосмислено, е времето во денот кога би требало да започне примената на мерката и тоа 21.00 часот во текот на денот, но не кога би требало да заврши мерката. Дали значи дека мерката завршува со завршетокот на тековниот ден во 23:59 часот. Доколку е 23:59 часот, не е јасно што може да промени три саати, кога граѓаните после 00:00 часот повторно би можеле да се движат на јавен простор, неограничено. Во меѓувреме, граѓаните можат да се собираат во објекти за домување или во влезови на згради или слично, но разликата сега е во тоа што во многу помал простор, групирањето е многу поголемо, а со тоа шансите за трансмисија на вирусот ќе бидат поголеми, а во однос на тоа дека само после три часа граѓаните би можеле пак да излезат на јавна површина. Ваквата одредба нема никаква логика и апсурдно би било да остане во правниот поредок. Дополнително не било јасно како ќе се определува доколку јавниот простор е со таква конфигурација и простор да не може да се определи, дали се работи за една група со повеќе од четири лица или десет или повеќе групи од четири лица. Како ќе се определи истото. Како пример подносителот посочува што во случај кога 10 или повеќе различни групи од по 4 лица од различни населби или градови на територијата на Републиката кои не се познаваат помеѓу себе тргнат да посетат определен јавен простор и пристигнат во исто време или различно после 21 часот, кој ќе определи дека се работи за една или различни групи. Дали тоа значело дека арбитрарно ќе се одлучува кои од истите луѓе ќе можат да се движат или нема да се движат на јавниот простор или треба сите да го избегнуваат движењето. Според подносителот со ваквата нејасна и непрецизна одредба Владата предизвикала правна несигурност кај граѓаните како дел од начелото на владеење на правото што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

– Во однос на член 6 ставови 1 и 2 од Одлуката, подносителот ја цитира нивната содржина од која произлегувало дека, граѓаните биле должни да носат во секој момент заштита на лице и тоа дури и ако помеѓу едно и друго лице постои растојание од најмалку од еден и пол до два метри или еден и пол до два километри.

Имајќи ја предвид содржината на наведените ставови за подносителот се поставуваат две прашања, и тоа што доколку лицето се наоѓа на планина или на место каде што во радиус во еден или повеќе од еден километар физички нема други лица, па дури и не живее никој, треба ли лицето да носи лична заштита на лицето. Согласно оспорената одредба, одговорот е потврден. Тоа значело дека без разлика дали растојанието помеѓу лицата е еден и пол метри или еден и пол или два километри лицето е должно да носи заштита на лицето, што е повеќе од апсурдно. Оттука, според подносителот оспорениот член 6 ставови 1 и 2 од Одлуката е нејасна и непрецизна со што се предизвикува правна несигурност кај граѓаните. Притоа, подносителот му укажува на Уставниот суд дека оспорената одредба важи за цела територија на Републиката без разлика на густината на луѓето што живеат во определено место.

Второто прашање кое за подносителот се наметнува е тоа како било возможно и која била логиката истата одредба да има исклучок „при седење во угостителски објект“ согласно член 6 став 4 точка 4 од Одлуката, но лицата кои не седат во угостителски објект односно се во движење, да мораат задолжително да носат заштита на лицето и тоа „и во услови кога дозволеното минимално растојание од најмалку еден и пол до два метри, и ако лицата кои седат на маса и се наоѓаат во угостителски објект одржуваат дозволено минимално растојание. Според подносителот не е јасно како, кога двајца или четворица седат на маса и кои немаат заштита на лицето не претставува никаква опасност, но доколку истите тие не седат на маса или го напуштат угостителскиот објект кога ќе бидат во движење претставува опасност дури и ако држат дозволено минимално растојание, поради определена опасност сега веќе задолжително мораат да носат заштита на лицето. Според подносителот со ваквата одредба која не била јасна и прецизна се создавала правна несигурност односно се вршела дискриминација и граѓаните биле ставени во нееднаква положба со што се повредувал член 9 од Уставот.

– Во врска со оспорувањето на член 6 став 4 точките 1 и 4 подносителот повторно ја цитира содржината на оспорените одредби како и содржината на членот 18 од оспорената одлука според која, со денот на влегување во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.62/20, 63/20, 64/20, 66/20, 70/20, 72/20, 92/20, 100/20, 107/20, 109/20, 119/20, 123/20, 125/20, 126/20, 134/20, 136/20, 140/20, 147/20, 153/20, 154/20, 156/20, 157/20, 163/20, 166/20, 169/20, 170/20, 175/20, 180/20, 181/20, 185/20, 190/20, 195/20, 201/20, 204/20, 208/20, 212/20, 215/20, 217/20, 226/20, 229/20, 235/20, 236/20, 240/20, 242/20, 247/20, 252/20, 254/20 и 257/20), и наведува дека во конкретниов случај, оспорениот член 6 ставовите 1 и 4 во делот „заради спречување од внесување и ширење на коронавирус COVID -19 (дистанца, дезинфекција и слично)“ упатува на одлука која со влегувањето во сила на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки …….. повеќе не постои во правниот поредок. Со тоа недвосмислено може да се утврди дека Владата предизвикала правна несигурност кај граѓаните како дел од начелото на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

– Оспорениот член 12 став 2 од Одлуката чија содржина подносителот на иницијативата ја цитира, наведува дека од самиот текст на оспорениот член можело да се заклучи дека забраната за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор е во период по 21:00 часот, при што било утврдено кога започува примената на мерката, но не и времето кога би требало да заврши или тоа значело со завршување на тековниот ден 23:59 часот. Понатаму, подносителот ја цитира содржината на ставот 1 од членот 12 од Одлуката кој упатува на тоа дека собирањето во групи е забрането во одредени периоди од деноноќието утврдени во самата одлука. Самите зборови „одредени периоди од деноноќието“ упатува на почеток и крај, односно кои се тие одредени периоди. Оттука според подносителот доколку завршетокот на тековниот ден е во 23:59 часот не е јасно што можат да променат три саати, кога граѓаните после 00:00 часот можат повторно да се движат на јавен простор неограничено. Во меѓувреме граѓаните можат да се собираат во објекти за домување, влезови на згради, односно во многу помал простор, групирањето е многу поголемо и со тоа шансите за трансмисија ќе бидат поголеми во однос на тоа дека само после три часа граѓаните би можеле да излезат на јавна површина. Во таа смисла ваквата одредба била нејасна и непрецизна и со неа Владата предизвикала правна несигурност кај граѓаните како дел од владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

– По однос на оспорениот член 13 став 1 точка 12 од Одлуката, подносителот го цитира оспорениот член, и наведува дека во конкретниов случај не било јасно што ќе се случи доколку угостителските објекти затворат во 23:00 или 00:00 часот наместо во 21:00 часот. Според подносителот доколку лицата решиле да посетат угостителски објект сега наместо во угостителски објект ќе се соберат во некој објект за домување. Оттука, Владата немала предвид дека групирање на луѓе повторно ќе има само во друг објект, на кој начин Владата дополнително ја ослабнувала економијата што доведувало до отпуштање на вработени лица во угостителските објекти. Дополнително од оспорениот член 13 точка 12 став 2 од Одлуката, може да се види дека од истото затворање во 21:00 часот се исклучени угостителски објекти на Меѓународниот аеродром во Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Според тоа подносителот наведува дека со ваквата регулатива се повредува начелото на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 и начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот.

– Во врска со оспорениот член 16 зборовите „до завршување на пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската здравствена организација“, Владата на нестварен начин ја пренела надлежноста за одлучување на Светската здравствена организација во однос на тоа кога престанува да се применува оспорената одлука, а со тоа го пренела суверенитетот кој извира од граѓаните на Република Македонија.

Во таа смисла Владата направила трансфер на суверенитетот во однос на одлучувањето, со што практично и ефективно доведува до владеење од страна на Светската здравствена организација, односно на ООН како основачки орган на здравствената организација каде што граѓаните на Република Македонија немаат апсолутно никакви правни инструменти истото да го оспорат.

Подносителот на иницијативатаа во понатамошниот текст на иницијативата ги посочува предметите У.бр.163/2020,165/2020 и 189/2020 од 8 јули 2020 година, во кој Судот навел дека во однос на оспорената содржина „ како и до завршување на пандемијата со COVID -19 прогласена од Светската здравствена организација“ ваквата формулација не може да се интерпретира на начин дека донесените мерки продолжуваат да важат се додека СЗО не прогласи крај со COVID -19 во светот (на глобално ниво), туку во смисла дека мерките ќе бидат во примена се додека на нашата територија не заврши пандемијата која беше прогласена од СЗО, а се прошири и на нашата територија што значи за нивното траење односно укинување одлучуваат релевантни надлежни субјекти во државата.

Според подносителот, доколку Владата го имала предвид ставот на Судот, оспорената одредба не би била формулирана како што е моменталната формулација. Тоа недвосмислено доведувало до заклучок дека Владата имала за цел за истото да не одлучуваат релевантни надлежни субјекти од нашата држава, туку одлучувањето го оставила на СЗО. Со оглед на тоа оспорениот дел од членот 16 од Одлуката не бил во согласност со член 1 став 2 од Уставот.

Исто така, според подносителот оспорените одредби од Одлуката не биле во согласност со членот 51 од Уставот.

Со оглед на наведеното подносителот му предлага на Уставниот суд да ја прифати иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2020) и истите да ги поништи.

Воедно, подносителот предлага Уставниот суд до донесување на конечна одлука, врз начелото на приоритет и итност да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените членови.

4. Судот на седницата утврди дека во делот II од наведената одлука, односно во членот 3 се наведени општите превентивни препораки
меѓу кои во точката 16 е предвидено „избегнување на движење на јавен простор (паркови, јавни површини или која било површина на отворено) на целата територија на Република Северна Македонија, во периодот по 21.00 часот, секој ден во текот на седмицата (оспорен дел).

5. Исто така, Судот утврди во членот 6 од Одлуката во делот на носење на лична заштита на лицето е предвидено:

Секое домашно или странско физичко лице на територијата на Република Северна Македонија задолжително треба да носи лична заштита на лицето согласно член 5 став 1 точка 1. од оваа одлука при излегување надвор од својот дом (живеалиште и/или престојувалиште) и тоа при движење во затворени објекти и на отворено, особено при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип (во установи од областа на образованието, во установи од областа на згрижување на деца, во установи од областа на културата, при возење во патничко моторно возило со лице/лица со кое/кои што не живее во заедничко домаќинство и други површини од затворен тип), на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, трговски центри, уплатно–исплатни места, молови, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично),(оспорен став).

Лицето од став 1 на овој член задолжително носи лична заштита на лицето во текот на целиот престој надвор од својот дом и истото е должно да ја почитува мерката и во услови кога одржува дозволено минимално растојание од најмалку еден и пол до два метри од друго лице при престојување или движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип (оспорен став).

Под лична заштита на лицето од ставот 1 на овој член, се подразбира каква било форма на заштита којашто ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично).

По исклучок од ставот 1 на овој член, секое домашно или странско физичко лице на територијата на Република Северна Македонија, може да не ја носи личната заштита на лицето:

1. При спортување на отворен простор или на затворено со почитување на протоколите за заштита донесени од Владата на Република Северна Македонија заради спречување од внесување и ширење на коронавирус COVID-19 (дистанца, дезинфекција и слично), (оспорен дел).
2. При возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кое/кои што живее во заедница;
3. При престојување во двор на семејна куќа, сам или со лице/лица со кое/кои што заедно живеат во заедница;
4. При седење во угостителски објект со почитување на протоколите за заштита донесени од Владата на Република Северна Македонија заради спречување од внесување и ширење на коронавирус COVID-19 (дистанца, дезинфекција и слично),(оспорен дел).
6. Понатаму, Судот утврди дека во членот 12 од Одлуката, во делот забрана за групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или која било површина на отворено во одредени периоди од деноноќието е предидено:

Собирањето во групи (во натамошниот текст: групирање) на јавен простор (паркови, јавни површини или која било површина на отворено) од страна на домашни и/или странски физички лица на целата територија на Република Северна Македонија е забрането во одредени периоди од деноноќието утврдени со оваа одлука.

Забраната од ставот 1 на овој член важи за групирање на повеќе од 4 лица на јавен простор (паркови, јавни површини или која било површина на отворено) на целата територија на Република Северна Македонија, во периодот по 21:00 часот, секој ден во текот на седмицата (оспорен став 2).

Забраната од став 2 на овој член задолжително треба да ја почитува секое домашно или странско физичко лице кое живее, престојува или транзитира низ територијата на Република Северна Македонија.

7. Судот, исто така утврди дека во членот 13 став 1 точка 12 од Одлуката во делот други наредени мерки, покрај другите мерки е предвидено дека „ Се затвораат за посетители – гости по 21.00 часот сите угостителски објекти, како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) или на бензинските станици, а оние угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн или телефонски нарачки и слично) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд/пулт),(оспорена точка).

Исклучок од став 1 на оваа точка се угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) за посета од лицата сместени во овие објекти.

8. Воедно, Судот утврди дека во членот 16 од Одлуката во делот период на примена е предвидено дека:

Превентивните препораки, времените мерки, наредените мерки, наменските протоколи, планови и алгоритми за постапување од оваа одлука ќе се применуваат до завршување на пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската здравствена организација (оспорен дел).

9. Согласно член 1 став 2 од од Уставот на Република Северна Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Суверенитетот на Република Северна Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата назависно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 39 став 2 од Уставот е утврдено право, но и должност на граѓанинот да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

10. Со Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ број 66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015, 37/2016, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.257/2020) се утврдуваат мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести.

Според член 2 точки 1), 4), 5) и 9) од Законот,

1) “Заразна болест“ е заболување предизвикано од биолошки агенс (бактерии, вируси, паразити, габи) или нивни токсини кое може на директен или индиректен начин да се пренесе на луѓето;
4) “Епидемија“ е пораст на заболувања од одредена заразна болест кој по време и место го надминува вообичаениот број на случаи во претходниот период, како и невообичаено зголемување на бројот на заболените со компликации или смртен исход, појава на две или повеќе меѓусебно поврзани заболувања од заразна болест која никогаш или повеќе години не се појавила на едно подрачје или појава на поголем број заболувања од непознат причинител што ги следи фебрилна состојба;
5) “Носителство“ е состојба кога лице излачува патогени агенси и може да биде извор на зараза, иако лицето не е болно;
9) “Карантин“ е изолација што се состои од ограничување на движењето на болни или на сомнително болни или на контакти со болни од одредени болести со висок ризик, во наменски простории каде што ризикот од ширење на инфекциите е намален на најниска можност, во присуство на персонал кој користи соодветни заштитни средства и со посебен режим на движење и однесување.

Со членот 4 од Законот, е уредено дека секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување, а според членот 5 од Законот, заштитата од заразни болести се остварува преку планирање, организирање, постојано следење на епидемиолошката состојба и спроведување на мерките пропишани со овој закон, како и на надзор и контрола над спроведените мерки.

Според членот 11 од Законот, заштитата на населението од заразни болести опфаќа општи и посебни мерки за спречување на појавата, раното откривање, спречувањето на ширење и сузбивањето на заразните болести и на инфекциите.

Според членот 13 од Законот, посебни мерки за заштита на населението од заразни болести се: 1) откривање на извори на зараза (заболени или носители) и поставување на етиолошка дијагноза; 2) пријавување на заразните болести; 3) епидемиолошки истражувања; 4) изолација, здравствен надзор, карантин, превoз и задолжително лекување; 5) имунопрофилакса и хемиопрофилакса; 6) дезинфекција, дезинсекција и дератизација; 7) спроведување на здравствено-хигиенски прегледи; 8) следење на интрахоспиталните инфекции и преземање мерки за нивно превенирање и 9) здравствена едукација.

Членот 28 од Законот е посветен на мерките изолација, здравствен надзор, карантин, превoз, задолжително лекување и времени мерки за спречување на внесување и ширење на заразни болести

Според овој член од Законот,

1. Лицата кои се заболени од заразни болести кои можат непосредно да се пренесат на други лица се изолираат во текот на лекувањето.
2. Лицата заболени од колера, цревен тифус и паратифус, чума, антракс, бруцелоза, туберкулоза, лепра, тетанус, дифтерија, менингококна болест, гасна гангрена, болеста од ХИВ, легионерска болест, повратна треска, пегав тифус, Брил-Зинцерова болест, детска парализа, беснило, вирусен енцефалит пренесен со крлежи, други вирусни енцефалити, жолта треска, хеморагични трески, маларија и лајшманијаза задолжително се лекуваат во здравствени установи за лекување на заразни болести.
3. Лицата заболени од коронавирус COVID-19 задолжително се лекуваат во јавни здравствени установи.
4. По исклучок од ставот 3 на овој член, лицата заболени од коронавирус COVID19, по медицински индикации, се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, доколку за тоа постојат услови.
5. Доколку во јавните здравствени установи од ставот 3 на овој член, се исполнети капацитети за лекување на лицата заболени од корона-вирус COVID19, доколку кај лицата примени во приватната здравствена установа во текот на укажувањето на здравствените услуги за дијагностицирање, лекување, третман, нега и рехабилитација во установата е утврдено присуство на причинителот SarsCov-2 вирус за заразната болест коронавирус COVID-19 во нивниот организам, како и во други случаи (недостиг на здравствени работници, здравствени соработници и други вработени лица во јавната здравствена установа и слично), по претходно дадена согласност од страна на Министерството за здравство, лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија.
6. Заради спречување на ширењето и сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението, можат да се наредат следниве времени мерки:

1. носењето лична заштита на лицето (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично) при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично), освен:

1. при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично);
2. при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои што живее во заедница;
3. при престојување во двор на семејна куќа, сам или со лице/лица со кој/кои што заедно живеат во заедница;
4. при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично);
5. ако се користи друг тип на заштитна опрема специфична за определено работно место;
6. ако лицето е помладо од 6-годишна возраст (дете) и
7. ако лицето има специфична здравствена состојба, е лице со посебни потреби или е лице со пречки во развој поради што носењето на лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано.

2. Задолжителна самоизолација при тестирање за коронавирус COVID-19 од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува доколку резултатот е позитивен;
3. забрана за групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или која било површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието и
4. други мерки утврдени со закон.

7. Мерките од ставот 6 на овој член траат додека постои опасност од ширење на епидемијата.
8. Владата на Република Северна Македонија на предлог на Министерството за здравство одлучува кои од мерките од ставот 6 на овој член ќе се применат, случаите во кои ќе се применат и за кој временски период.
9. Во здравствените установи за лекување на заразните болести задолжително се изолираат и лицата за кои се сомнева дека боледуваат од колера, чума, вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg), детска парализа и дифтерија. За заболени од белодробна чума и вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg) кои се пренесуваат од човек на човек, при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин). Лицата кои се заболени од други заразни болести, по медицински индикации, се лекуваат и изолираат и во други здравствени установи или домашни услови, доколку за тоа постојат услови.
10. Во здравствените установи за лекување на заразните болести задолжително се изолираат и лицата за кои се сомнева дека боледуваат од колера, чума, вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg), детска парализа и дифтерија.
11. За заболени од белодробна чума и вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg) кои се пренесуваат од човек на човек, при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин).
12. Лицата кои се заболени од други заразни болести, по медицински индикации, се лекуваат и изолираат и во други здравствени установи или домашни услови, доколку за тоа постојат услови.

Според членот 29 од Законот, на лица кои биле или се сомнева дека биле во контакт со болен од белодробна чума и вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg) кои се пренесуваат од човек на човек, им се одредува строга изолација (карантин).

Одлука за карантин, местото на карантинот и времетраењето на карантинот донесува министерот на предлог на Комисијата за заразни болести.

Со членот 58 од Законот, е определено дека, кога со мерките пропишани со овој закон не е можно во Република Македонија да се спречи внесување и ширење на одредени заразни болести, Владата на Република Македонија на предлог на Министерството може да ги нареди следниве мерки:

1) да одреди услови за патување, како и мерки и услови при враќање од држава каде што постои можност за заразување со посебно опасни заразни болести;
2) да забрани патување во држава каде што постои можност за заразување со посебно опасни заразни болести;
3) да воспостави посебен режим на движење или да забрани движење на населението во заразените, односно загрозените подрачја;
4) да забрани собирање на населението на јавни собири, во кино сали, училишта, јавни објекти, локали и други јавни места, додека трае опасноста од ширење на заразната болест;
5) да ограничи или забрани промет на одделни видови на стоки и производи и
6) други мерки пропишани со овој закон.

Од погоре наведеното, произлегува дека со Законот за заштита на населението од заразни болести предвидени се повеќе мерки со цел спречување на ширењето и сузбивање на заразни болести и инфекции.

11. Во однос на оспорениот член 3 став 1 точка 16 од Одлуката кој член е поместен во делот „Општи превентивни препораки“ Судот оцени дека изнесените наводи во иницијативата се неосновани. Ова првенствено што во конкретниов случај се работи за мерки со кои се препорачува избегнување на движење во јавен простор на цела територија на Републиката во период по 21 часот во текот на седмицата. Притоа за предвидената препорака не се предвидуваат санкции и не се врши контрола за непочитување на истата. Исто така, е утврдено дека со Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 298/2020) во членот 3 точката 16 зборовите „по 21 часот“ се заменуваат со зборовите „по 18 часот“.

Со Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2,случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.119/2021 ) е предвидено дека во член 3 точката 16 се брише.

Со оглед на фактот што оспорениот дел на член 3 став 1 точка 16 од оспорената одлука е променета, а подоцна и целиот став е избришан од основната одлука, Судот оцени дека по однос на овој член иницијативата согласно член 38 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија треба да се отфрли.

12. Што се однесува на наводите од иницијативата со кои се оспорува член 6 став 1 и 2 од Одлуката, а со која е нормирано дека секое домашно или странско лице на територијата на Републиката е должно да носи лична заштита, односно маска при излегување надвор од својот дом и да држи соодветно растојание при движење во затворени објекти и на отворено, е мерка која е прогласена уште од почетокот на прогласување на пандемијата преку донесување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести, а подоцна и измените на Законот за заштита на населението од заразни болести (член 28 став 5), во кој е предвидено дека: заради спречување на ширењето и сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението, можат да се наредат следниве времени мерки: 1. носењето лична заштита на лицето (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично) при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично).

Со Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.119/2021 ) членот 6 ставовите 1 и 2 се менуваат и гласат:

„Секое домашно или странско физичко лице на територијата на Република Северна Македонија задолжително треба да носи лична заштита на лицето согласно член 5 став 1 точка 1. од оваа одлука при излегување надвор од својот дом (живеалиште и/или престојувалиште) и тоа при движење во затворени објекти, особено при движење на јавни места и површини од затворен тип (во установи од областа на образованието, во установи од областа на згрижување на деца, во установи од областа на културата, при возење во патничко моторно возило со лице/лица со кое/кои што не живее во заедничко домаќинство и други површини од затворен тип), на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, трговски центри, уплатно – исплатни места, молови, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).

Лицето од став 1 на овој член задолжително носи лична заштита на лицето во текот на престојот надвор од својот дом во затворени простории“.

Со оглед на наведеното, Судот смета дека пропишувањето на предвидената мерка во услови на зголемување на бројот на заразени и починати лица од заразната болест претставува мерка не само за лична заштита, туку и за колективна заштита на населението и тоа во суштина значи заштита на јавното здравје на населението, од кои причини цениме дека оспорениот член не е во несогласност со начелото на еднаквост на кое се повикува подносителот на иницијативата.

Притоа имајќи предвид дека оспорениот член 6 ставови 1 и 2 од оспорената одлука со направените измени ја променила нивната содржина Судот оцени дека и по однос на овој член иницијативата треба да се отфрли.

13. Тргнувајќи од содржината на членот 6 од оспорената одлука во делот „Носење лична заштита на лицето“ со кој се уредува прашањето на носење на лична заштита на лицето, во оспорените точки 1 и 4 од ставот 4 се прават исклучоци на носење на лична заштита на лицето во случај на спортување на отворено или при седење во угостителски објект во затворен простор со почитување на предвидените протоколи за држење на дистанца и вршење на дезинфекција, а сето во насока за спречување на внесување и ширење на заразата која однесе многу човечки животи, покрај другото и од непочитување на предвидените мерки. Според тоа, Судот оцени дека оспорената одредба не е во несогласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

14. Во оспорениот член 12 став 2 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2020), било предвидено дека собирањето во групи на повеќе од 4 лица (во натамошниот текст: групирање) на јавен простор (паркови, јавни површини или која било површина на отворено) од страна на домашни и/или странски физички лица на целата територија на Република Северна Македонија било забрането на целата територија на Република Северна Македонија, во периодот по 21:00 часот, секој ден во текот на седмицата (оспорен став 2).

Со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.269/2020), е предвидено дека во член 12 во ставот 2 зборовите „во периодот по 21.00 часот“ се бришат, при што предметната забрана се однесува на целото деноноќие.

Исто така, е утврдено дека со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.119/2021 ),е предвидено дека насловот пред член 12 и членот 12 се бришат.

Со оглед на фактот што оспорениот дел на член 12 став 2 од оспорената одлука е променет, а подоцна и целиот член е избришан од основната одлука, Судот оцени дека и по однос на овој член иницијативата согласно член 28 алинеја 3 Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија треба да се отфрли.

15. Што се однесува до оспорениот член 13 став 1 точка 12 од Одлуката кој е оспорен со иницијативата е утврдено дека со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.287/2020), е предвидено дека во член 13 ставот 1 точка 10 се брише, а точките 11 и 12 стануваат точки 10 и 11.

Во член 2 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.298/2020), е предвидено дека во членот 13 во точка 11 (која претходно била точка 12) е предвидено дека зборовите „по 21 часот“ се заменуваат со зборовите „по 18 часот“.

Со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.13/2021) е предвидено дека во членот 13 во точка 11 во ставот 1 зборовите „по 18 часот“ се заменуваат со зборовите „по 21 часот“.

Со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.65/2021) е предвидено дека:

Во член 13 став 1 во точката 12 зборовите „почнувајќи од 10 март 2021 година (среда) до 22 март 2021 година (понеделник)“ се заменуваат со зборовите „почнувајќи од 22 март 2021 година (понеделник) до 6 април 2021 година (вторник).

Со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.75/2021) е предвидено дека:

„Се затвораат за посетители – гости сите угостителски објекти и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, казината и обложувалниците и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, а оние угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн или телефонски нарачки и слично) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд/пулт), почнувајќи од 7 април 2021 година (среда) до 20 април 2021 година (вторник) .

“Во точка 12 ставот 1 зборовите „во временски период од 22.00 часот до 5.00 часот наредниот ден, почнувајќи од 22 март 2021 година (понеделник) до 6 април 2021 година (вторник)“ се заменуваат со зборовите „во временски период од 20.00 часот до 5.00 часот наредниот ден, почнувајќи од 6 април 2021 година (вторник) до 20 април 2021 година (вторник)“.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, содржината на оспорениот член наспрема наводите од иницијативата како и фактот што оспорениот член претрпел повеќе содржински измени, Судот оцени дека иницијативата треба согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд да се отфрли.

16. Во врска со оспорениот член 16 во делот „до завршување на пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската здравствена организација“ од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2020), Судот оцени дека ваквата формулација не може да се интерпретира на начин дека донесените мерки продолжуваат да важат се додека СЗО не прогласи крај со COVID-19 во светот (на глобално ниво), а со тоа се доведувал во прашање суверенитетот на граѓаните се неосновани. Според мислењето на Судот мерките ќе бидат во примена се додека на нашата територија не заврши пандемијата со COVID-19 која беше прогласена од Светската здравствена организација, а се прошири и на нашата територија, што значи за нивното траење, односно нивното укинување, исклучиво одлучуваат релевантните надлежни субјекти од нашата држава.

Имено, во зависност од интензитетот на заразата, секоја земја самостојно и суверено одлучува на кој начин ќе се справува со кризата од пандемијата и кои и какви мерки ќе воспостави на својата територија во функција на заштита на населението од заразната болест и сузбивање на истата, секако имајќи ги предвид и препораките од СЗО коишто не се обврзувачки, меѓутоа имајќи предвид дека препораките ги упатува релевантна светска организација којашто на глобално ниво ги следи состојбите во сферата на здравството, придржувањето на истите е повеќе од целисходно, а особено кога на глобално ниво има ширење на нова непозната болест, како што е случајот COVID -19, оценет како опасен вирус и со тенденција на брзо ширење меѓу светската популација. Следствено, на тоа кога предвидените мерки, наредените мерки, наменските протоколи, планови и алгоритми ќе се исцрпат во својата општествена оправданост, односно, во целисходноста од нивната примена, нереални се очекувањата за објективна прогноза во однос на тоа до кога националните власти во земјите зафатени со COVID -19, ќе ги применуваат мерките. Секоја земја, па вклучувајќи ја и нашата самостојно и суверено одлучува за траењето на мерките кои ги воспоставува, односно истите да ги укине, но и повторно истите да ги воспостави по нивното укинување, а во оваа смисла и надлежните субјекти во нашата Република, се додека не констатираат состојба на исчезнување на заразата од COVID -19 на територијата на Републиката, или нејзино намалување до степен оценет како незагрозувачки. Поточно речено, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Владата на Република Северна Македонија како доносител на Одлуката, а врз основа на направена анализа од органите од областа на здравството ќе дадат препораки и релевантни податоци дека предвидените мерки и препораки ќе престанат да се применуваат.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспорениот дел на член 16 од Одлуката не е во несогласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

17. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

18. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарскаи и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, и Вангелина Маркудова.

У.бр.304/2020
22.12.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска