У.бр.297/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 14 декември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 70, член 131 и член 135 во делот „освен одредбите на членот 70 од овој закон кои ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2021 година” од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019).

2. Марика Димитровска, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Подносителката на иницијативата ги цитира член 70, член 131 и член 135 во делот „освен одредбите на членот 70 од овој закон кои ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2021 година“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019) и наведува дека оспорените одредби се во колизија со член 68 од Законот за прекршоците, односно од една страна Законот за прекршоците во член 68 став 1 ја гарантирал жалбата против решението за прекршок преку прекршочниот орган до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, а од друга страна со член 70 за истото прашање е предвидена и тужба до Управен суд со што се предизвикува хаос во правниот сообраќај, односно странките нема да знаат до која институција да бараат правна заштита, па со тоа оспорените одредби ја нарушуваат правната сигурност и се во спротивност со начелото на владеење на правото коешто е темелно начело на уставното уредување на Република Северна Македонија, загарантирано со член 8 алинеја 3 од Уставот.

Понатаму, подносителката на иницијативата го цитира Амандманот XXI на Уставот и наведува дека правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, се уредува со закон.

Според подносителката на иницијативата, Законот за прекршоци со член 68 став 1 го гарантира правото на жалба против решението за прекршок донесено од прекршочен орган при што јасно е утврдена надлежноста на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, а оспорените членови од Законот за прекршоци спротивно на Амандманот XXI од Уставот го ограничуваат ова право.

Поради сето горенаведено, подносителката на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените членови 70, 131 и член 135 во делот „освен одредбите на членот 70 од овој закон кои ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2021 година“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019), по што истите да се укинат како спротивни на член 8 алинеја 3 и Амандман XXI на Уставот, како и на член 68 став 1 од Законот за прекршоците.

Со оглед на фактот дека примената на оспорените одредби од 1 јануари 2021 година, доведува до повреда на основните човекови права на граѓаните, односно член 68 став 1 од Законот за прекршоци и понатаму ќе овозможува право на жалба, а со оспорените членови се оневозможува комисијата да постапува, со што ќе се доведе во прашање правната заштита на граѓаните, поради што подносителот на иницијативата предлага Судот да определи времена мерка за запирање на примената на оспорените членови.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 70 став 1 од Законот за прекршоците се определува дека против решението за прекршок може да се поднесе тужба за поведување на управен спор во рок од 30 дена од денот на приемот на решението.

Во ставот 2 од истиот член од Законот се предвидува дека тужба може да поднесе лицето (физичко или правно) на кое му била изречена прекршочна санкција, неговиот законски застапник, бранителот и сопственикот на одземените предмети во прекршочната постапка.

Согласно член 70 став 3 од истиот закон е пропишано дека прекршочниот орган што го донел решението кога ќе му биде доставена тужбата на одговор најде дека истата е основана, а не е потребно да се спроведува нова постапка, може да одлучи поинаку и со ново решение да го замени решението што се побива со тужбата.

Според став 4 од истиот член од Законот е предвидено дека прекршочниот орган од ставот (3) на овој член за истото веднаш го известува судот надлежен да одлучува за управен спор, кој со решение ја запира постапката.

Во ставот 5 е предвидено дека тужбата од ставот (1) на овој член го одлага извршувањето на решението.

Согласно член 70 став 6 од истиот закон е предвидено дека Судот надлежен да одлучува за управен спор постапката на судската заштита ја води според Законот за управните спорови.

Според член 131 став 1 од Законот за прекршоците се предвидува дека против решенија за прекршок што ги донел прекршочниот орган може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка до 31 декември 2020 година, а според став 2 од истиот член е предвидено дека предметите по започнатите постапки по жалба пред Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка кои нема да завршат во рокот од ставот (1) на овој член, ќе се предадат и ќе продолжат пред Управниот суд.

Членот 135 од Законот определува дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, освен одредбите на член 70 од овој закон кои ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2021 година.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото, се утврдени како едни од темелните вредности на Уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со Амандманот XXI со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 134 од Законот за прекршоците е наведено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ број 124/15), освен одредбите од членовите 68 и 69 од овој закон кои ќе се применуваат до 31 декември 2020 година.

Според член 68 став 1 од Законот за прекршоците, против решението за прекршок што го донел прекршочниот орган може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението преку прекршочниот орган до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, основана со посебен закон.

Согласно член 3 став 1 точка 3 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2019), во управен спор судот одлучува за законитоста на актите на јавните органи донесени во прекршочна постапка.

Во член 4 став 1 точка 6 од Законот за управни спорови е дефиниран управниот акт во смисла на овој закон, тоа е поединечен акт со кој јавниот орган одлучил за права, обврски и правни интереси на физичко лице, односно друго лице кое може да биде странка во определена управна работа, како и поединечен акт донесен во прекршочна постапка.

Од анализата на оспорените одредби од Законот за прекршоците произлегува дека во член 70 од истоимениот закон е уреденa надлежноста на прекршочниот орган, како и начинот и роковите за поднесување тужба за поведување на управен спор против решението за прекршок, а во преодните и завршните одредби членовите 131 до 135 од Законот за прекршоците јасно е пропишано влегувањето во сила, важењето во сила на оспорените одредби од Законот, како и надлежноста на Комисијата за одлучување по жалби во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка, начин на работа, но и роковите во кои се постапува и се изјавуваат предвидените правни лекови, односно преминувањето на надлежноста во Управниот суд.

Во конкретниот случај, за подносителката на иницијативата оспорените одредби од Законот се уставно проблематични од причина што од една страна Законот за прекршоците во член 68 став 1 ја гарантирал жалбата против решението за прекршок преку прекршочниот орган до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, а од друга страна со член 70 за истото прашање е предвидена и тужба до Управен суд со што се предизвикува хаос во правниот сообраќај, односно странките нема да знаат до која институција да бараат правна заштита, па со тоа оспорените одредби ја нарушуваат правната сигурност и се во спротивност со начелото на владеење на правото коешто е темелно начело на уставното уредување на Република Северна Македонија, загарантирано со член 8 алинеја 3 од Уставот.

Судот оцени дека вака изнесените наводи се неосновани бидејќи од анализата на член 134 од Законот за прекршоците според кој членовите 68 и 69 од истиот закон ќе престанат да важат до 31.12.2020 година и во истиот член е точно прецизирано и уредено постапувањето по жалбите поднесени до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка до 31.12.2020 година, а со член 135 во делот „освен одредбите на членот 70 од овој закон кои ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2021 година“ е пропишано преминувањето на надлежноста во Управниот суд.

Од горенаведеното, Судот оцени дека пренесувањето на надлежноста за постапување по жалба/тужба против одлука на првостепен јавен орган во прекршочна постапка, од Државната комисија на Управниот суд е неспорно и во никој случај не предизвикува правна несигурност кај граѓаните и е во согласност со член 8 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Наводите на подносителката во врска со неусогласеноста на оспорените одредби со Амандманот XXI на Уставот се неосновани, поради тоа што во ставот 1 од Амандманот се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Вакви се одлуките што ги донесуваат надлежните првостепени судови кои постапуваат во прекршочна постапка. Против овие одлуки согласно Законот за прекршоците надлежен е второстепениот суд. Во конкретниот случај, кога за сторен прекршок е надлежен јавен орган се применува ставот 2 од истиот амандман согласно кој правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон, како што впрочем и со Законот за прекршоците била предвидена надлежноста на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, но со важност до 31.12.2020 година, по што надлежноста се пренесува на Управниот суд.

Имајќи го предвид претходно изнесеното, Судот оцени дека не може да стане збор за повреда на член 8 алинеи 1 и 3, ниту на Амандманот XXI на Уставот, бидејќи со оспорените законски одредби не се нарушува принципот на владеење на правото, ниту основните слободи и права на човекот и граѓанинот, и одредбите се во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

Наводите за евентуалната неусогласеност на оспорените членови од Законот за прекршоците со член 68 од истиот закон, претставуваат барање за оценување на меѓусебна согласност на две одредби од истиот закон, што е прашање од надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд, кој согласно член 110 од Уставот единствено одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Имајќи ја предвид утврдената правна и фактичка состојба, Судот оцени дека не се исполнети условите согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Законот за прекршоците.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.297/2020
14 декември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска