У.бр.294/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 24 февруари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, повредени со преземено дејство со извршување на поединечен акт- Решение на Основен граѓански суд- Скопје 20 П4-745/2017 од 11.05.2018 година.

2. Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот кои и биле сторени со Решение на Основниот суд Скопје 2 Скопје 20 П4-745/2017 од 11.05.2018 година, Решение на Основниот суд Скопје 2 Скопје 20 П4-745/2017 од 31.05.2018 година и Решение на Апелациониот суд во Скопје ГЖ-3331/2018 од 20.09.2018 година.

Според наводите во барањето, кое дополнително е прецизирано, со оспорените акти на барателката и биле повредени слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, а кои се сторени со извршување на оспорените акти. Имено, со оспорените акти на барателката и била изречена парична казна во износ од 700 евра во денарска противвредност која да ја плати во рок од 15 дена по приемот на решението во спротивно казната ќе биде наплатена прислно по службена должност како парично побарување.

Барателката смета дека со евентуално извршување на оваа казна ќе и бидат повредени уставно загарантираните права на независност, слободно изразување на мислата и уверувањето. Исто така, со оспореното решение според барателката се вршело застрашување да адвокатот престанел да го води понатаму спорот пред Врховниот суд кој по втор пат бил вратен на понатамошно постапување.

Од наведените причини се предлага да се уважи барањето за заштита на слободите и правата и оспорените акти да се поништат.

3. Во фаза на претходна постапка Судот ја утврди следната фактичка состојба:

Основниот суд Скопје 2 Скопје со Решение 20.П4-745/2017 од 11.05.2018 година го казнил полномошникот на тужениот, адвокат Александра Илиева Милчова од Скопје со парична казна во износ од 700 евра во денарска противвредност која е должна да ја плати во рок од 15 дена по приемот на ова решение во спротивно казната ќе биде наплатена присилно по службена должност како парично побарување. Жалбата против ова решение не го задржува извршувањето.

Ваквото решение подносителката го примила на ден 18.05.2018 година.

Против наведеното решение жалба поднел тужениот во спорот каде барателката била полномошник, па постапувајќи по вака изјавената жалба Основниот суд Скопје 2 Скопје со Решение 20.П4-745/2017 од 31.05.2018 година жалбата на тужениот Добре Блажевски од с. Долно Соње бб, во целост ја отфрлил. Ова, од причина што Судот оценил дека изјавената жалба е недозволена бидејќи е поднесена од лице кое не е овластено за поднесување на жалба. Имено, во конкретниот случај Решението кое го обжалува тужениот ниту се однесувало на него, ниту било доставено до тужениот, ниту пак истиот имал правен интерес за обжалување на Решението, поради што Судот одлучил во смисла на член 347 став 1 од Законот за парничната постапка.

Со наведеното решение дадена е правна поука за право на жалба во рок од 15 дена по приемот на решението до Апелациониот суд во Скопје.

Апелациониот суд во Скопје со Решение ГЖбр.3331/2018 од 20.09.2018 година ја одбил како неоснована жалбата на тужениот, а Решението на Основниот суд Скопје 2 Скопје П4-745/2017 од 31.05.2018 година во целост го потврдил.

Видно од приложената доставница се утврди дека барателката наведеното решение го примила на ден 25.10.2018 година.

Барањето за заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот, барателката го доставила до Уставниот суд на Република Северна Македонија на ден 20.10.2020 година.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија е предвидено дека Уставниот суд ќе го отфрли барањето ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија е надлежен да одлучува за три групи на слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа се оние кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, потоа на оние поврзани со политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Деловничката одредба, пак, определува дека барањата каде постои процесна пречка Уставниот суд да одлучува, се отфрлаат.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повреда, но не подоцна од пет години од денот на неговото преземање.

Од изнесената одредба произлегува дека заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот граѓанинот може да бара во определен рок односно во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт односно од денот на дознавањето за превземеното дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од пет години.

Со оглед на изнесеното, а имајќи ги во вид фактите коишто Судот ги утврди во текот на претходната постапка, Судот оцени дека во конкретниов случај подносителот на барањето го пропуштил субјективниот рок од два месеци за поднесување на барање на заштита на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот поради што постојат процесни пречки да се одлучува по барањето.

Имено, од увидот извршен во списите по предметот кој беше доставен од страна на Основниот суд Скопје 2 Скопје, а посебно од увидот во доставницата за лична достава со сигурност се утврди дека барателката правосилниот акт за кој наведува дека со негово извршување и се повредувале слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, го примила на ден 25.10.2018 година, а барањето за заштита на слободите и правата до Уставниот суд го поднела на 20.10.2020 година, што значи по истекот на предвидениот рок од 2 месеци во членот 51 од Деловникот на Уставниот суд.

Поради изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување, од причина што не постојат основи за впуштање на овој суд во мериторно одлучување на барањето за заштита на слободите и правата при што, според Судот, исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на барањето за заштита на слободите и правата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.294/2020
24 февруари 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати