У.бр.29/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 21 април 2021 година, донесе

                                        Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста и законитоста на Дел IV „Белези за населението што се попишува“,Точка 6 „Етнокултурни карактеристики“, потточка 6.1. „Припадност кон етничка заедница“, од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.30/2021) донесена од директорот на Државниот завод за статистика.

2. Олгица Трајковска од Скопје, поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Северна Македонија за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Уставот прави разлика помеѓу поимите „народ“ и „етничко малцинство“, со оглед на тоа што народот (само македонскиот) нема друга матична држава освен македонската држава, а етничките заедници кои се делови од други народи, набројани во Преамбулата на Уставот, имаат свои други матични држави, со позитивен исклучок направен за ромите и власите кои се сметаат за етнички групи бидејќи немаат свои матични држави, а кои со Преамбулата на Уставот се кренати на степен на дел од народи.

Уставот, сите граѓани, независно од нивната припадност ги подведува под „национална припадност“. Според меѓународното право на секој човек му е гарантирано неговото индивидуално право на слободно изразување на националната припадност (на народ или малцинство) и такво решение содржи и македонскиот Устав. Поаѓајќи од Уставот, сите закони и подзаконски акти треба да бидат усогласени со Уставот, со што јасно и недвосмислено во нив би требало да е  утврдена припадност на македонскиот народ и припадност на делови од други народи.

Во оспорениот дел од Методологијата недозволиво и спротивно на Уставот и законите било тоа што не било дозволено на припадниците на македонскиот народ да се изјаснуваат на пописот како припадници на македонски народ, туку единствено им преостанувало според оспорениот дел од Методологијата да се изјаснуваат како припадници на етнички заедници.

На овој начин Методологијата во оспорениот дел не била во согласност со Уставот. Со неуставното формулирање на македонскиот народ како етничка заедница се правела дискриминација на припадниците на македонскиот народ во однос на припадниците на другите делови од народи/етнички заедници, со тоа што директно се подведувал македонскиот народ само како етничка заедница и тоа од својата единствена матична македонска држава. Дури и уште повеќе – македонскиот народ е сведен на категорија на етничка група затоа што нема друга матична македонска држава за разлика од другите „делови на народи/етнички заедници“ кои имаат свои матични држави.

Методологијата во оспорениот дел не била во согласност со Преамбулата на Уставот, каде се содржани зборовите: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите . . . “, потоа, не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 2 и 3, член 9, член 49, член 50, член 51 и член 54 од Уставот. Оспорениот дел од Методологијата не бил во согласност и со членот 10 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.19/2021) и со членот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.258/2020).

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорениот дел од Методологијата, а до конечното одлучување Судот да изрече времена мерка со која би се запрело извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот дел од Методологијата.

3. Судот на седницата утврди дека во дел IV „Белези за населението што се попишува“, точка 6 „Етнокултурни карактеристики“, потточка 6.1. „Припадност кон етничка заедница“ од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година е предвидено:

„6.1 Припадност кон етничка заедница

Припадноста кон етничка заедница се дефинира како чувство на припадност на лицето-единица на Попис кон одредена етничка заедница. Ова е едно од најчувствителните прашања во Пописот и никој со ништо не смее да влијае врз лицето-единица на Попис во давањето на одговорот на ова прашање.

Прашање: Етничка припадност.

Попишувачот е должен на ова прашање да го внесе одговорот на лицето кое се изјаснило за својата припадност кон етничка заедница. Попишувачот не треба да ги чита понудените одговори, туку само го прашува лицето за неговата припадност кон етничка заедница. Ако етничката припадност за која лицето се изјаснило ја нема во понудените одговори, тогаш одговорот треба да се запише текстуално.

Лицето може од приватни причини и да не се изјасни по ова прашање. Во тој случај, попишувачот на ова прашање ќе го избере одговорот „Не се изјаснил“.

За деца до 15 години, одговор на ова прашање дава еден од родителите, посвоителот или старателот.“

4. Со Амандманот IV со кој се заменува Преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, а согласно и Амандманот XXXIV со кој се извршени измени на Преамбулата, меѓу другото е утврдено дека: „Граѓаните на Република Северна Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната територија, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија . . . . .  ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓански слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој Устав“.

Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 2 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, слободното изразување на националната припадност и соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, како и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните во Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според Амандман VIII со кој се заменува членот 48 од Уставот, припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница (став 1). Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници (став 2). Припадниците на заедниците имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет (став 3). Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на друг јазик се изучува и македонскиот јазик (став 4).

Согласно Амандман XXXV со кој се заменува членот 49 и Амандманот II од Уставот, Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ (став 1).

Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината (став 3).

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

5. Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.19/2021), во членот 1 определил меѓу другото дека со овој закон се уредуваат содржината, подготовката, организацијата и спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, правата и обврските на надлежните органи, стручни тела и други учесници во спроведување на Пописот.

Според член 10 од овој закон, за лицата од членот 6 точка 1 од овој закон, што ќе бидат опфатени со Пописот, ќе се обезбедат податоци за:

– географски карактеристики

– демографски карактеристики

– економски карактеристики

– образовни карактеристики

– миграциски карактеристики

– етнички карактеристики

– културолошки карактеристики

– религиозни карактеристики и

– инвалидитет/функционална попреченост.

Членот 6 точка 1 од овој закон содржи дека со Пописот ќе бидат опфатени:

  1. Лица

      – државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија или во странство,

     – странски државјани кои престојуваат во Република Северна Македонија со одобрение за престој,

     – лица без државјанство кои во моментот на спроведување на Пописот се затекнати во Република Северна Македонија.

Согласно член 17 став 2 алинеја 1 од овој закон, директорот на Државниот завод за статистика пропишува Методологија за Пописот со дефиниции на единиците што се попишуваат и белезите за кои се прибираат податоци.

Според членот 54 од овој закон,, Методологијата за пописот и прашањата содржани во пописната апликација за спроведување на Пописот ќе се утврдат од страна на директорот на Државниот завод за статистика и ќе се објават во „Службен весник на Република Северна Македонија“ во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Со членот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.258/2020), е определено дека се забранува секоја дискриминација врз основа на прецизно набројаните основи, меѓу кои и на основа на национална или етничка припадност.

6. Врз основа на одредбите од член 17 став 2 алинеја 1, а во врска со членот 54 од Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, директорот на Државниот завод за статистика пропишал Методологија за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.30/2021).

Во дел IV „Белези за населението што се попишува“, точка 6 „Етнокултурни карактеристики“, потточка 6.1. „Припадност кон етничка заедница“, од наведената методологија, е пропишана содржината која е оспорена со иницијативата, како несогласна со Устав и наведените одредби од законите, во насока дека се оневозможувало да се изврши попис на граѓаните како на припадници на македонскиот народ, туку само како нивна припадност на етничка заедница во Републиката, наспроти одредбите од Уставот и наведените закони, со кои недвосмислено се истакнува основниот етнички статус на македонскиот народ и делови од народите кои се набројани со Уставот, па оттука со Методологијата во оспорениот дел  во етникултурните карактеристики припадноста кон македонскиот народ била заменета со  сведување на припадност кон етничка заедница

 Поаѓајќи од нормите во Уставот на Република Северна Македонија, со кои се утврдува правниот субјективитет на државата со население, територија и суверена власт, која покрај својата посебност е и субјект на меѓународното право и ги поседува основните права и должности на една држава, но и договорните права и должности во рамки на меѓународната заедница и ратификуваните меѓународни договори во чиј контекст се и човековите права и слободи, произлегува дека народот како етнос е поврзан со населението на територијата на државите, тој не може  да се формализира или да се дефинира изолирано  надвор од населението кое е елемент на правниот субјективитет на една држава бидејќи во суштина го детерминира населението. Македонската национална заедница јасно дефинирана и определена како македонски народ со Уставот и националните заедници како делови од другите набројани народи со Уставот, на територијата на Републиката, се население на државата кое припаѓа кон етничките заедници од наведените народи.

Оттука, определбата во „етнокултурните карактеристики“ на Методологијата, каде како белелзи на населението меѓу другото се попишуваат и „припадност кон етничка заедница“, со прашање на Пописот за „етничка припадност“ на лицето што се попишува, не се повредува припадноста на македонскиот народ или делови од други народи, туку се дозволува со овој прашалник изразување на еден поширок концепт за припадноста на народите во рамки на населението кое е предмет на попишување со Пописот 2021 година.

Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, утврдил во членот 10, кои податоци ќе се обезбедуваат со пописот, меѓу другите и за „етничките карактеристики“, на начин, постапка и организација која е пропишана со Законот, а со Методологијата, во делот на „белезите на населението што се попишува“, се предвидени и „етнокултурни карактеристики“ каде е предвиден и оспорениот дел за обезбедување на податоци на пописот од страна на лицата на кои се врши пописот, со прашање за „припадност кон етничка заедница“. Обезбедувањето на овие податоци за населението имаат за цел да се добијат статистички показатели за етничката припадност на населението во Република Северна Македонија, од македонскиот народ и деловите од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, со што Пописот ќе изрази вакви податоци коишто би биле необезбедени доколку Законот и Методологијата би ги исклучиле. Од уставно-правен аспект не постои основан сомнеж за несогласност на оспорениот дел од Методологијата со Уставот и со Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, бидејќи е операционализација на законското решение, а од аспект на Законот за спречување и заштита од дискриминација, неспорно е дека предметниот дел од Методологијата не предизвикува дискриминација врз основа на национална или етничка припадност. Ова особено поради тоа што со оспорениот дел од Методологијата всушност се обезбедуваат податоци за припадност кон етничките заедници уставно определени на македонскиот народ и деловите на народите и не се врши минимизирање на етничките карактеристики или фаворизирање на кои било по етничка припадност, ниту на припадниците на македонскиот народ, на што всушност и се однесуваат наводите во иницијативата.

Од овие причини Судот оцени дека за оспорениот дел од Методологијата не може да се поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста, а по повод барањето во иницијативата, нема основ за изрекување на времена мерка, односно Судот да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија врз основа на оспорениот дел од Методологијата.

7. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова

У.бр.29/2021
21 април 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати