У.бр.29/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 3 декември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 247 став 2 и член 254 став 2 од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014,115/2014, 104/2015 и 150/2015).

2. Адвокатот Александар Ристески од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, односно со принципот на владеењето на правото.

Ова од причина што оспорените законски одредби упатувале на непостоечки правни одредби од Законот за парничната постапка, што доведувало до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото од страна на субјектите кои биле засегнати со конкретната правна проблематика.

Во иницијативата се цитира содржината на двете оспорени законски одредби, според кои за недоаѓање на странките на наредните рочишта ќе се применат одредбите на Законот за парничната постапка за мирување на постапката.

Понатаму, се наведува дека во Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015) не постоел, односно ниту една одредба не предвидувала и не го уредувала правниот (поточно процесно-правниот) институт „мирување на постапката“.

Правниот институт „мирување на постапката“ постоел во 1992 година, односно во моментот на донесувањето на изворниот текст на Законот за семејството, врз основа на Законот за процесната постапка („Службен лист на СФРЈ“ број 4/1977, 36/1977, 36/1980, 69/1982, 58/1984, 74/1987, 57/1989, 20/1990, 27/1990 и 35/1991, којшто согласно со членот 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применувал како републички закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1991).

Исто така, во Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 33/1998 и 44/2002) постоел, односно бил уреден правниот институт „мирување на постапката“. Од ден 29.12.2005 година, односно од денот на престанокот на важењето на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 33/1998 и 44/2002) и почетокот на важењето на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), во македонскиот правен поредок не постоел правниот институт „мирување на постапката“.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби и истите да ги укине како спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Бидејќи оспорените одредби од Законот за семејството биле едни од најчесто користените процесни одредби пред македонските граѓански судови, се предлага Уставниот суд да издаде времена мерка и да ја запре нивната примена се до завршување на постапката пред Уставниот суд по повод оваа иницијатива.

3. Судот на седницата утврди дека според член 247 став 2 од Законот за семејството, за недоаѓање на наредните рочишта ќе се применат одредбите за мирување на постапката согласно со Законот за парничната постапка.

Според член 254 став 2 од истиот закон, за недоаѓање на странките на наредните рочишта ќе се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка за мирување на постапката.

4. Според член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Со Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија” број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015), се уредуваат: бракот и семејството, односите во бракот и семејството, одредени облици на посебна заштита на семејството, семејното насилство, посвојувањето, старателството, издржувањето, како и постапката пред судот во брачните и семејните спорови и постапката за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство.

Во ОСМИОТ ДЕЛ од Законот, кој носи наслов: СУДСКИ ПОСТАПКИ, во делот I. ЗАЕДНИЧКИ ОДРЕДБИ, во членот 222 е пропишано:

„Во постапките во кои судот одлучува во брачните, семејните и други спорови од овој закон како и за насилството во бракот и семејството се применуваат одредбите на Законот за парничната постапка и Законот за извршување, ако со овој закон не е поинаку определено.“

Во делот II. ПОСТАПКА ВО БРАЧНИ СПОРОВИ, се систематизирани оспорените членови 247 и 254 од Законот.

Според членот 247:

„Во поканата за рочиште за главна расправа ќе се наведе дека за тужителот ќе настанат последици од член 254 на овој закон ако не дојде на првото рочиште за главна расправа.
За недоаѓање на наредните рочишта ќе се применат одредбите за мирување на постапката согласно со Законот за парничната постапка. “

Според членот 254:

„Ако тужителот, односно неговиот полномошник не дојде на првото рочиште за главната расправа, ќе се смета дека тужбата за развод на брак е повлечена.
За недоаѓање на странките на наредните рочишта ќе се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка за мирување на постапката.“

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот, во Законот за семејството, при пропишувањето на постапките во брачните спорови, упатил да се применуваат одредбите од Законот за парнична постапка и Законот за извршување, ако со овој закон не е поинаку определено. Во таа смисла, пропишал дека за недоаѓање на странките на наредните рочишта (по првото рочиште за главна расправа), ќе се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка за мирување на постапката.

Меѓутоа, од анализата на одредбите на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015 ), којшто е во важност во време на поднесување на иницијативата, произлегува дека во овој закон нема одредби со кои се уредува мирување на постапката.

Институтот „мирување на постапката“ постоел во 1992 година, кога бил донесен основниот текст на Законот за семејството, и тој институт бил уреден со Законот за процесната постапка („Службен лист на СФРЈ” бр. 4/1977, 36/1977, 36/1980, 69/1982, 58/1984, 74/1987, 57/1989, 20/1990, 27/1990 и 35/1991), којшто согласно членот 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија („Службен весник” бр. 52/1991), се применуваше како републички закон. Понатаму, институтот „мирување на постапката“ продолжил да постои и со Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.33/1998 и 44/2002), со чие донесување престанал да важи Закон за процесната постапка.

Но, сега важечкиот Закон за парничната постапка, кој започнал да се применува од 29.12.2005 година, од кога престанал да важи Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 33/98 и 44/2002), нема одредби за мирување на постапката.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека оспорените одредби од Законот за семејството, во делот на постапките во брачните спорови, упатуваат на примена на одредби од Законот за парничната постапка коишто не постојат во правниот поредок.

Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за да таквото уредување претставува една логична, правно-функционална целина.

Тоа не е случај со оспорените член 247 став 2 и член 254 став 2 од Законот за семејството, затоа што истите упатуваат на примена на одредби од Законот за парничната постапка коишто не постојат во правниот поредок, што доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото на субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика.

Во таа смисла, и Владата на Република Северна Македонија, во своето мислење доставено до Уставниот суд по однос на наводите од иницијативата (акт бр. 44.6-2629/1 од 14 април 2020 година), укажува дека разгледувајќи ги правните аргументи истакнати во иницијативата, во следните измени на Законот за семејство ќе предложи да се изврши усогласување на посебната парнична постапка во брачните спорови со Законот за парничната постапка.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, основано може да се постави прашањето за согласноста на член 247 став 2 и член 254 став 2 од Законот за семејството со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Во однос на барањето во иницијативата, Уставниот суд да издаде времена мерка и да ја запре примената на оспорените законски одредби до донесување на конечна одлука, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд, за прифаќање на ваквото барање.

6. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.29/2020
3 декември 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати