У.бр.28/2023

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 6 јуни 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 155-а од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ 40/2006,136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/206, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019, 42/2020, 74/2021 и 215/2021).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 153-а од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ 40/2006,136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/206, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019, 42/2020, 74/2021 и 215/2021).

3. Страхил Гавритов од Радовиш, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Изборниот законик означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Подносителот во иницијативата наведува дека со примената на оспорените одредби, во целост се нарушува начинот на составување на листите како што е дефинирано во членовите 153 и 155 од Изборниот законик, односно се нарушува застапеноста на обата пола и смета дека оспорените законски одредби се однесуваат исклучиво на припадничките на женскиот пол, што е во директна спротивност со член 64 став 5 од истиот закон. Во оваа одредба е дефинирана застапеноста на листа на кандидати за пратеници и членови на совет на општини и Градот Скопје, најмалку 40% од кандидатите да припаѓаат на помалку застапениот пол и јасно се одредува на кои позиции треба да се наоѓаат припадниците на помалку застапениот пол. Понатаму во иницијативата се наведува дека со оспорените законски одредби се прави огромна дискриминација кон припадниците на машкиот пол, односно фаворизирани се и им се дава предност на припадничките на женскиот пол, наместо да се дава предност на помалку застапениот пол, со што директно се придонесува за полова нееднаквост.

Во оспорените членови не се користи терминологија за правична застапеност на обата пола, односно помалку застапен пол како во преостанатиот дел од Изборниот законик, туку одредбите се однесуваат исклучиво на припаднички на женскиот пол и ги исклучува припадниците на машкиот пол, доколку се помалку застапени на листите. Подносителот, исто така, наведува дека се остава простор за произволно и различно толкување врз основа на половата припадност, бидејќи со оспорените членови е предвидено во случај на престанок на мандат на советник или пратеник жена, мандатот ќе се додели на наредниот кандидат жена од листата, додека во членовите 153 и 155 од Изборниот законик е предвидено дека пратеник односно советник станува наредниот кандидат од листата.

Со иницијативата се бара укинување на оспорените одредби од Изборниот законик.

4. На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 153-а од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ 40/2006,136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/206, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019, 42/2020, 74/2021 и 215/2021), по исклучок од член 153 од овој законик, ако е жена пратеникот кој е избран од листата на кандидати, а на кого му престанал мандатот според еден од основите утврдени во член 152 од овој законик, тогаш за остатокот од мандатот, пратеник во Собранието станува наредниот кандидат жена од листата.

Државната изборна комисија го известува наредниот кандидат жена од листата во случаите од ставот 1 на овој член, во рок од три дена од престанокот на мандатот на пратеникот.

Ако наредниот кандидат жена од листата од ставот 2 на овој член не ја извести Државната изборна комисија во рок од осум дена за прифаќањето на мандатот, тоа право се пренесува на наредниот кандидат жена од листата.

Во случај кога е исцрпена листата на кандидати согласно со ставовите 1, 2 и 3 на овој член, остварувањето на ова право се врши согласно со член 153 од овој законик.

Во член 155-а од Изборниот законик е определено дека по исклучок од член 155 од овој законик, ако е жена член на совет на кого му престанал или ќе му биде одземен мандатот поради една од причините утврдени во Законот за локалната самоуправа и овој законик, тогаш за остатокот од мандатот, член на совет станува наредниот кандидат жена од листата.

Општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на Градот Скопје го известува наредниот кандидат жена од листата во случаите од ставот 1 на овој член, во рок од три дена од престанокот на мандатот на пратеникот.

Ако наредниот кандидат жена од листата, од ставот 2 на овој член, не ја извести општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на Градот Скопје во рок од осум дена за прифаќањето на мандатот, тоа право се пренесува на наредниот кандидат жена од листата.

Во случај кога е исцрпена листата на кандидати согласно со ставовите 1, 2 и 3 на овој член, остварувањето на ова право се врши согласно со член 155 од овој законик.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Членот 9 од Уставот предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Во ставот 2 на истиот член е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 51 од Уставот, се уредува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот, меѓу другото, се ценат од аспект на обезбедување рамноправност без да се прави каква било разлика, вклучувајќи ја и разликата во полот, што говори за големите заложби што се преземаат во нашето општество со цел обезбедување на систем кој ќе овозможи вистинска рамноправност. Во Република Северна Македонија прашањата за половата еднаквост од нормативен аспект се регулираат со Устав, со посебен закон, односно со Законот за еднакви можности на жените и мажите и со вклучување на половата перспектива во другите закони. И покрај тоа што не постои посебна одредба каде се предвидуваат еднакви можности на мажите и жените во Уставот, посебни одредби за заштита на жените се воведени во 2006 година со усвојување на Законот за еднакви можности на жените и мажите. Во 2012 година е донесен нов Закон за еднакви можности на жените и мажите („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/12, 30/13, 166/14, 150/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.53/21) и со неговото влегување во сила престанува да важи Законот од 2006 година. Со овој закон се уредувa воспоставувањето на еднаквите можности и еднаквиот третман на жените и мажите, основните и посебните мерки за воспоставување на еднакви можности за жените и мажите во сите области од општественото живеење.

Законот за еднакви можности на жените и мажите го определува и Собранието на Република Северна Македонија како еден од субјектите одговорни за усвојување и спроведување на мерките за воспоставување на еднакви можности на жените и мажите и ги определува неговите обврски за елиминација на сите форми на дискриминација врз основа на пол и подобрување на општествениот статус на жените, го интегрира принципот на еднакви можности на жените и мажите во законските иницијативи, политиките и програмите; организира јавни дебати и расправи за прашања од областа на еднаквите можности на жените и мажите; ги анализира и дава мислења за влијанието на законските одредби врз статусот на жените и мажите.

Врз основа на член 9 став 3 од овој закон, Собранието на Република Северна Македонија ја донесе Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.170/2022).

Стратегијата тргнува од темелните вредности на уставниот поредок како владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и се води од антидискриминаторската одредба во уживањето на слободите и правата, утврдени во член 9 од Уставот.

Во меѓународната правна рамка на Стратегијата е наведено дека Република Северна Македонија е потписничка на Пекиншката декларација и платформа за акција (1995), со која се обврзува на подобрување на статусот на жените и нивно зајакнување во јавниот и во приватниот живот. Исто така, Република Северна Македонија како земја кандидат за членство во Европската Унија, директивите и препораките на Европската Унија за рамката за еднакви можности на жените и мажите ги имплементира во домашното законодавство, со што се исполнуваат обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европските заедници и нивните земји-членки.

Оспорените одредби од членовите 153-а и 155-а, се поместени во делот на одредбите од Изборниот законик кои се однесуваат на повторни избори – престанување на мандатот и дополнителни избори за пратеници како и престанување, одземање на мандатот и дополнителни избори за членови на совет во локалната самоуправа. Со овие одредби се уредува начинот на пополнување на испразнетото место, во случаите кога на жена пратеник односно на жена член на совет, му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран во Собранието или пак во советите на општините и Градот Скопје.

Инаку, во член 153 од Изборниот законик, е определено дека:

1. Ако на пратеник кој е избран од листата на кандидати му престане мандатот според еден од основите утврдени во членот 152 на овој законик, тогаш за остатокот од мандатот, пратеник на Собранието станува наредниот кандидат од листата.
2. Државната изборна комисија го известува наредниот кандидат од листата во случаите од ставот 1 на овој член, во рок од три дена од престанокот на мандатот на пратеникот.
3. Ако наредниот кандидат од листата од ставот 2 на овој член не ја извести Државната изборна комисија во рок од осум дена за прифаќањето на мандатот, тоа право се пренесува на наредниот кандидат од листата.
4. Во случај кога е исцрпена листата на кандидати согласно со ставовите 1, 2 и 3 на овој член, остварувањето на ова право започнува повторно од почетокот на листата на кандидати, доколку на листата има кандидати.

Со оспорената одредба од член 153-а се определува дека по исклучок од член 153 од овој законик, ако е жена пратеникот кој е избран од листата на кандидати, а на кого му престанал мандатот според еден од основите утврдени во член 152 од овој законик, тогаш за остатокот од мандатот, пратеник во Собранието станува наредниот кандидат жена од листата.
По однос на оваа оспорена одредба, овој суд веќе има изразено свој став, односно со Решението У.бр.88/2022 од 25 јануари 2023 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 153-а став 3 во делот „жена“ и став 4 од Изборниот законик, по однос на престанок на мандат на пратеник пред времето за кое е избран и за рапределбата на остатокот од мандатот. Во таа постапка, овој суд покрај оспорената одредба, имаше предвид што уредуваат членовите 2, 3 и 7 од Законот за еднакви можности на жените и мажите и врз основа на целокупната анализа не најде повреда на членовите 9, 23 и 51 од Уставот.

Имајќи го предвид погоре наведеното, овој суд смета дека оспорените одредби од член 153-а ставовите 1 и 2 од Изборниот законик, се каузално, односно суштински поврзани со веќе анализираните одредби од член 153-а ставовите 3 и 4 од истиот закон за кои одредби овој суд веќе се произнел со наведеното решение. Според тоа, Судот веќе има став за суштината на работите уредени во целината на член 153-а од Изборниот законик од каде се исполнети условите за отфрлање на иницијативата по однос на оваа оспорена одредба, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.

Имено, согласно оваа деловничка одредба Судот ќе ја отфрли иницијативата ако веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, што овде е случај.

Во оспорениот член 155 од Изборниот законик е определено дека ако на член на советот му престане или му биде одземен мандатот поради една од причините утврдени во Законот за локалната самоуправа и овој законик, тогаш член на советот за остатокот од мандатот станува наредниот кандидат од листата. Општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на Градот Скопје го известува наредниот кандидат од листата во случаите од ставот 1 на овој член, во рок од три дена по престанокот на мандатот на советникот.

Со член 155-а се определува дека по исклучок од член 155 од овој законик, ако е жена член на совет на кого му престанал или ќе му биде одземен мандатот поради една од причините утврдени во Законот за локалната самоуправа и овој законик, тогаш за остатокот од мандатот, член на совет станува наредниот кандидат од листата жена. Општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на Градот Скопје го известува наредниот кандидат жена од листата во случаите од ставот 1 на овој член, во рок од три дена од престанокот на мандатот на пратеникот. Ако наредниот кандидат жена од листата, од ставот 2 на овој член, не ја извести општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на Градот Скопје во рок од осум дена за прифаќањето на мандатот, тоа право се пренесува на наредниот кандидат жена од листата. Во случај кога е исцрпена листата на кандидати согласно со ставовите 1, 2 и 3 на овој член, остварувањето на ова право се врши согласно со член 155 од овој законик.

Одредбите коишто се оспоруваат со оваа иницијатива од член 155-а, треба да се анализираат во контекст на останатите одредби од Изборниот законик, односно со одредбата од член 64 став 5, со која се воведува квота од 40% за еднаква застапеност на половите. Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените одредби се во директна спротивност со овој член од Изборниот законик. Имено, член 64 став 5 од Изборниот законик, предвидува дека во поднесената листа на кандидати за пратеници и за членови на совет на општината и Градот Скопје, најмалку 40% од кандидатите му припаѓаат на помалку застапениот пол и тоа на секои три места најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол и дополнително уште најмалку по едно место на секои десет места, што служи како добра основа за достигнување на еднаква застапеност на половите.

Пропишувањето на квота за еднаквост на половите со застапеност од 40% за предлагање кандидати (на кандидатски листи), не значи со сигурност дека 40% од избраните кандидати ќе бидат жени. Ова во голема мера зависи од местото кое го има на листата кандидатот за да биде избран во пропорционален систем со затворени листи.

Со внесувањето на оспорените одредби во Изборниот законик, Собранието на Република Северна Македонија ги исполнува обврските од Законот за еднакви можности на мажите и жените за преземање на посебни мерки на афирмативна акција, односно позитивна дискриминација заради еднакво третирање на мажите и жените, што Судот цени дека е во согласност со Уставот. Овие одредби се применуваат во случај кога престанал или ѝ е одземен мандатот на жена член на совет и има за цел да го одржи бројот на жени членови на совети во текот на целиот мандат, за да се исправи неповолната состојба на недоволна застапеност на жените во органите на политичкото одлучување.

Од сето погоре наведено, произлегува дека законодавецот не само што немал за цел да прави полова нееднаквост, туку напротив придонел кон зајакнување и остварување на поголема полова еднаквост, поради што Судот цени дека не можат да се прифатат наводите во иницијативата дека со оспорените законски одредби се прави дискриминација кон припадниците на машкиот пол, односно се фаворизираат и им се дава предност на припадничките на женскиот пол.

Врз основа на сето наведено, Судот цени дека оспорените одредби од член 155-а од Изборниот законик, се во согласност со принципот на афирмативна акција и не претставуваат дискриминација на лицата од машки пол, поради што произлезе дека не може основано да се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 9 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.28/2023
06.06.2023 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска