У.бр.28/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 8 февруари 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 44 став 2 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2021).

2. Благоја Новески од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во поднесената иницијатива, оспорениот став 2 на член 44 од Законот за социјалната заштита, создава разлики помеѓу граѓаните по основ на возраста што предизвикува нееднакви можности за пристап до правата од сферата на социјалната заштита, конкретно правото на паричниот надоместок заради попреченост, а со тоа и нееднакви можности во поглед на користењето на самиот надоместок, независно од тоа што и едните и другите се наоѓаат во иста ситуација на попреченост од член 44 став 1 од Законот, поради која тој надоместок и се обезбедува, било таа попреченост да настапила пред 65-годишна возраст или по навршување на 65-годишна возраст.

Оспорениот став 2 на член 44 од Законот, според наводите во иницијативата е во спротивност со член 9 став 2 од Уставот бидејќи оспорената законска содржина ја ограничува можноста лицето да го оствари своето право на надоместок заради попреченост поради возраста.

Имено, подносителот на иницијативата наведува дека воопшто не е јасно од која причина се раководел законодавецот при донесувањето на оспорената одредба. Токму поради ваквото законско уредување ЈУ МЦСР Скопје-Тетово, а потоа и Министерството за труд и социјална политика донеле решенија со кои било одбиено барањето на иницијаторот за остварување право на надоместок заради слепило, а и пред Управниот и Вишиот управен суд постапката завршила на штета на подносителот на иницијативата.

Од наведените причини подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член треба да се поништи со оглед дека ги повредува слободите и правата на граѓаните, а пред сẻ ја нарушува еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите којашто е една од основните граѓански и политички права.

3. Судот на седницата утврди дека член 44 став 1 од Законот за социјалната заштита предвидува дека надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјалнo вклучување и еднакви можности на лице кое е со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице. Во став 2 на член 44 од Законот се предвидува дека надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65-годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот. Став 3 од наведениот член од Законот предвидува дека лице од ставот 1 на овој член не може да оствари право на надоместок заради попреченост, ако користи цивилна или воена инвалиднина согласно со закон. Според став 4 на член 44 од истиот закон лице од ставот 1 на овој член не може да користи право на надоместок заради попреченост, ако со решение на центарот за социјална работа подолго од 30 дена е сместено во установа за вонсемејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка или во здравствена или друга установа за периодот додека трае сместувањето.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Северна Македонија со Одлуката У.бр.27/2020 и У.бр.289/2020 од 01.12.2022 година веќе одлучувал по однос на член 44 став 2 од Законот за социјалната заштита и истиот го укинал само во делот „најдоцна до 65 години возраст“ од причина што утврдил дека оспорениот член во тој дел не е во согласност со уставните норми и утврдените темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија поради што и го отстранил од правниот поредок.

Имено, во наведената одлука Судот утврди дека „во конкретниот случај со оспорената одредба законодавецот не ги следел принципите на еднаков и рамноправен третман на граѓаните, условувајќи го правото на паричниот надоместок заради попреченост со возраста на граѓанинот во член 44 став 2 од Законот, кој е исклучиво наменет за лица кои се нашле во состојба на попреченост и која суштински ги квалификува за остварување на надоместокот, токму поради самата попреченост, и има смисла само како парична помош на лицата (сите) во таква ситуација, независно од нивните други лични особености. Уставниот принцип на еднакво постапување спрема еднаквите, независно од личните својства и карактеристики на граѓаните, нивната припадност или убедување или било која друга, состојба или статус, во конкретниот случај, според ставот на Судот изразен во наведената одлука, е повреден со пропишувањето на оспорениот дел на членот од Законот, со кој во суштина, по основ на возраст, се врши неоснована категоризација на единствената категорија на лица со попреченост од ставот 1 на член 44 од Законот, а со тоа и нелегитимно спречување на едните да можат исто како и другите да ги уживаат подеднакво правата од социјалната сфера, уредени со Законот, поради што Судот оценил дека со оспореното законско решение се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите од член 9 став 2 од Уставот“.

По однос на останатиот дел од содржината на оспорениот став 2 на член 44 од Законот за социјалната заштита, кој со иницијативата се оспорува во целина, Судот оцени дека иницијативата не содржи доволно аргументи и образложени причини за да Судот мериторно се впушти во уставно-судска анализа на овој дел од оспорениот член.

Од овие причини Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки Судот да се впушти во уставно-судска анализа на целината на оспорениот став 2 на член 44 од Законот за социјалната заштита, со што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.28/2022
08.02.2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска