У.бр.275/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 17 февруари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 13 став 1 во делот: „Совет на судската служба“, од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016, 198/2018 и 248/2018).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Советот на судската служба предвиден со член 13 став 1 од Законот за судска служба е нејасен и непрецизен институтот утврден со Законот, кој ниту е дел од судската служба дефинирана со членот 2 од овој закон, ниту е орган во рамки на организацијата на власта уредена со Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 35/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.143/2019 и 14/2020).

Имено, Законот за вработените во јавниот сектор со членот 29 предвидел дека вработените во јавниот сектор во остварувањето на правата и должностите од работниот однос имаат право да бараат заштита пред надлежниот суд, како и од друг надлежен орган во согласност со закон.

Понатаму, со членот 56 од Законот за судска служба било пропишано дека судскиот службеник во остварувањето на правата и должностите од работниот однос имаат право да бараат заштита пред надлежен суд, како и друг надлежен орган во согласност со закон.

Со оглед на тоа што Советот на судската служба не е орган, туку само институт предвиден со член 13 став 1 од Законот за судската служба, а неговите надлежности и начинот на работа уредени со членовите 14 и 15 од овој закон, јасно упатуваат на тоа дека е само форма на одделение во состав на Врховниот суд на Северна Македонија, кое како такво одлучува за правна заштита по жалби на вработени и за други прашања, произлегува дека Советот нема законски основ да биде регулиран со закон во форма како што е тоа сега со Законот за судската служба.

Од овие причини, членот 15 став 1 во делот: „Совет на судската служба“ од Законот за судска служба, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, кој се однесува на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и членот 51 од Уставот според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорениот дел од член 13 став 1 од Законот за судска служба и истиот да го укине.

3. Судот на седницата утврди дека во Законот за судска служба, III дел насловен како „Совет на судска служба и судски администратор, со членот 13 е предвидено:

(1) Заради остварување и заштита на правата на судската служба се формира Совет на судската служба (во натамошниот текст: Советот), со седиште во Врховниот суд на Република Македонија.
(2) Советот го сочинуваат 11 члена и тоа судскиот администратор на Врховниот суд на Република Македонија, судскиот администратор на Управниот суд, судскиот администратор на Вишиот управен суд и судските администратори на апелационите судови, како постојани членови и четири судски администратори на судови со проширена надлежност, кои меѓусебно ќе ротираат на период од три години, според редоследот на судовите утврден во Законот за судовите.
(3) При формирањето на Советот, соодветно и правично се застапени припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
(4) Од редот на членовите на Советот се избира претседател со мандат во траење од две години.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно Амандман XXI со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016, 198/2018 и 248/2018), во членот 1 го определил предметот на уредување на овој закон, со кој се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници.

Според членот 2 од овој закон, судската служба ја сочинуваат судските службеници, лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи и судската полиција.

Според членот 3 од овој закон, судските службеници се лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко-аналитички и материјално-финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон и колективните договори (став 1).

Лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи немаат статус на судски службеници и за нив важат Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работните односи (став 2).

Во ставот 3 е определен статусот на судската полиција.

Во делот III насловен како „Совет на судска служба и судски администратор“ од Законот за судска служба, со одредбите од членовите 13-16, се уредени Советот на судска служба, нејзините надлежности, начин на одлучување на Советот, како и надлежности на судски администратор.

Со членот 13 став 1 од овој закон е утврдено дека заради остварување и заштита на правата на судската служба се формира Совет на судската служба (во натамошниот текст: Советот), со седиште во Врховниот суд на Република Македонија.

Во ставовите 2, 3 и 4 од овој член од Законот, се утврдени составот на Советот чие членство е сочинето од наведените единаесет судски администратори кои мора да имаат и правична застапеност на припадници на заедниците кои не се мнозинство во Републиката и од редот на членовите се избира претседател на Советот, со мандат од две години.

Во надлежностите на Советот, со членот 14 од Законот, е утврдено дека Советот одлучува во втор степен по жалби и приговори против одлука на судски администратор, односно претседател на суд во кој не се избира судски администратор, за прием и престанок на работен однос во судската служба, против нивна одлука од делокругот на неговото работење, против одлука во дисциплинска постапка, против нивни одлуки за остварување права од работен однос на вработени во судската служба, како и Советот дава согласност на актите за внатрешна организација и систематизација во судовите.

Согласно членот 15 од овој закон, Советот одлуките ги донесува на седница со мнозинство гласови од присутните членови, а член на Советот кој одлучувал во прв степен се иззема при донесување на одлуките и стручно-административните работи за Советот ги врши одделение во состав на Врховниот суд на Република Македонија.

Статусот на судски администратор кој е утврден во највисоката категорија на судски службеници со Законот, според членот 16 раководи со судската служба, одговорен е за остварување и вршење на стручните и административно-техничките работи во судот, врши работи од судската управа во рамки на својот делокруг утврдени со овој закон, Судскиот деловник и други прописи и подзаконски акти и соработува со претседателот на судот во вршењето на работите од судската управа кои се во делокругот на работите на претседателот на судот.
Од редот на овие судски администратори е сочинет составот на Советот како што е тоа пропишано во членот 13 став 2 од овој закон.

Според членот 56 од Законот, судските службеници во остварувањето на правата и должностите од работниот однос имаат право да бараат заштита пред надлежен суд, како и од друг надлежен орган во согласност со закон.

Во делот од Законот, насловен како „Заштита на правата на судските службеници“, со членот 114 е предвидено дека судски службеник на кој со решение му е повредено право од работен однос има право на жалба до Советот во рок од осум дена од приемот на решението, освен кога со овој закон поинаку не е утврдено. Советот е должен да одлучи по жалбата во рок од 15 дена од приемот на жалбата, освен кога со овој закон поинаку не е утврдено.

Според членот 115 од овој закон, судскиот службеник кој не е задоволен од конечната одлука на Советот или ако Советот не одлучил во рок од 15 дена од приемот на жалбата, има право во рок од 15 дена од приемот на решението да бара заштита на своите права пред надлежен суд.
Судскиот службеник не може да бара заштита на правото пред надлежен суд ако претходно не барал заштита на правото пред Советот, освен за правото на парично побарување.

Од погоре наведеното произлегува дека законодавецот со донесувањето на Законот за судска служба како lex specialis, со кој ги уредил правата, должностите и одговорностите на судските службеници, кои се лица со статус на административни службеници во судовите во Република Северна Македонија и своите права од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон и колективните договори, неспорно е дека во делот на заштитата на нивните права ја обезбедил експлицитно судската заштита која како таква со ништо не е повредена на штета на правата на судските службеници со предвидувањето на претходната правна заштита преку Советот на судската служба, како институционален облик во организациски рамки на судовите.

Имено, правната заштита на судските службеници преку Советот на судската служба на начин како е тоа пропишано со одредбите од Законот, а која претходи на остварувањето на судската заштита на правата од работен однос на судските службеници, не е во насока на повреда на права туку во насока на јакнење на заштитата на правата на судските службеници со можност Советот да ја испита основаноста на одлуките донесени во рамки на судовите во врска со работниот однос на судските службеници и по повод жалбите да се обезбеди правната заштита уште пред остварување на судската заштита предвидена со Законот.

Од аспект на статусот на Советот на судската служба, неспорно е дека тој е институционален облик на орган со јавни овластувања уредени со закон, каде организационо произлегува од судовите, при што членството го сочинуваат 11 судски администратори: од Врховниот суд на Република Северна Македонија, Управниот суд, Вишиот управен суд на Република Северна Македонија и од апелационите судови како постојани членови и четири судски администратори на судови со проширена надлежност кои меѓусебно ќе ротираат во период од три години.

Оттука, со законската определба во член 15 став 3 од Законот, дека стручно-административните работи за Советот ги врши одделение во состав на Врховниот суд на Република Северна Маскедонија не значи и дека Советот има статус на одделение, на што упатува подносителот во иницијативата. Ова поради тоа што одделението не е Совет на судска служба и нема состав и надлежности на Совет на судска служба, туку врши исклучиво стручно-административни работи во функција на Советот.

Од изнесената анализа на законските одредби, Судот оцени дека членот 13 став 1 во делот: „Совет на судската служба“ од Законот за судска служба е во согласност со Амандманот 21 со кој се заменува член 15 од Уставот и не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот од причините кои се изнесени во иницијативата.

5. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.275/2020
17.02.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати