У.бр.27/2020-1 и У.бр.289/2020-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 декември 2022 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 44 став 2 во делот: „најдоцна до 65 годишна возраст” од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија” број 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2021).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на членот од Законот, означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесените иницијативи од Александар Долгоски од Прилеп и Институтот за човекови права од Скопје, преку полномошникот Игор Спировски, адвокат од Скопје, со Решение У.бр.27/2020 и 289/2020 од 17 ноември 2021 година, поведе постапка за оценување на уставноста на делот од членот од Законот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека член 44 став 2 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија број 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2021), уредува дека надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65-годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот, а со иницијативите се оспорува во делот: „најдоцна до 65 годишна возраст”.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Еднаквоста на граѓаните на Република Северна Македонија во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, се гарантира со член 9 од Уставот.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Со член 35 од Уставот е определено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 ставови 1 и 3 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба.

Човековите права на еднаквост и недискриминација се гарантирани со повеќе меѓународни документи.

Во член 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, е определено: „Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус”.

Со член 1 (општа забрана на дискриминацијата) ставови 1 и 2 од Протоколот бр. 12 кон Конвенцијата, е определено дека: 1. Уживањето на секое право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз која било основа како пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, раѓање или друг статус; 2. Никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по која било основа наведена во став 1.

Во дел V, член Е (Антидискриминација) од Европската социјална повелба, ревидирана во 1996 година, е предвидено дека: „Остварувањето на правата утврдени во Повелбата се обезбедува без каква било дискриминација на која било основа, како што е расната припадност, боја на кожа, пол, јазик, религија, политичко или друго убедување, национална припадност или социјално потекло, здравје, припадност на етничко малцинство, раѓање или друг статус”.

Содржината на член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права (исто и од останатите цитирани меѓународни акти), упатува дека опсегот на категориите за кои се однесува забраната за дискриминација, како и основите за дискриминација, не запира со наведените заштитени карактеристики, туку е оставен простор и за заштита од дискриминација и по други основи, покрај наведените.

Терминот „друг статус”, Европскиот суд за човекови права го толкува на начин што под него ги подвел термините: сексуална ориентација, статус на вонбрачо дете, статус на синдикално здружение, воен статус, професионален статус, затвор, неспособност, возраст, живеалиште, географска област, ХИВ серопозитивност, финансиски или имотен статус, религија, национално или етничко потекло, јазик и др.

Повелбата на основните права на Европската Унија определувајќи во член 20 од Повелбата дека сите се еднакви пред законот, во продолжение со член 21 (антидискриминација) од Повелбата, упатува на забрана на каква било дискриминација врз која било основа како што се пол, раса, боја на кожата, етничко или социјално потекло, генетски особености, вера или убедување, политичко или друго уверување, припадност кон национално малцинство, имот, раѓање, попреченост, возраст или сексуална ориентација.

Со член 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија”, број 258/2020) се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа (во натамошниот текст: дискриминаторска основа).

Според член 16 (начело на еднаков третман и недискриминација) од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија” број 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2011):

(1) Kорисникот има право на социјална заштита, која се заснова на еднаков и рамноправен третман.

(2) Се забранува секаков вид и облик на дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа во остварување на парична помош од социјална заштита и социјални услуги, утврдени со овој закон.

(3) Заштитата од дискриминација се обезбедува согласно со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Со Законот за социјалната заштита, помеѓу другото, се уредуваат и правата на парична помош, меѓу кои и правото на надоместок заради попреченост.

Според член 4 став 1 точка 5) од Законот, „лице со попреченост“ е лице кое има долготрајни телесни, интелектуални, ментални или сетилни нарушувања кои во интеракција со различни пречки може да го спречат неговото целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите.

Од погоре изнесеното, неспорно произлегува дека во остварувањето на правата од сферата на социјалната заштита, граѓаните треба да бидат еднакво и рамноправно третирани, како и дека забранет е секаков вид и облик на дискриминација на граѓаните во остварувањето на тие права, вклучително и по основ на возраста.

Член 44 од Законот, којшто е посветен на надоместокот заради попреченост, уредува дека:

(1) Надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјално вклучување и еднакви можности на лице кое е:

– со тешка или длабока интелектуална попреченост,

– со најтешка телесна попреченост,

– потполно слепо лице и

– потполно глуво лице.

(2) Надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот.

(3) Лице од ставот 1 на овој член не може да оствари право на надоместок заради попреченост, ако користи цивилна или воена инвалиднина согласно со закон.

(4) Лице од ставот 1 на овој член не може да користи право на надоместок  заради попреченост, ако со решение на центарот за социјална работа подолго од 30 дена е сместено во установа за вонсемејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка или во здравствена или друга установа за периодот додека трае сместувањето.

Предмет на оспорување со иницијативите е член 44 став 2 во делот: „најдоцна до 65 годишна возраст” од Законот.

Со ставот 1 на член 44 од Законот, се уредува дека надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјално вклучување и еднакви можности на лице кое е со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, од што неспорно произлегува дека паричниот надоместок заради попреченост, исклучиво е во корелација со состојбата на попреченост, односно е наменет за лице кое се вбројува во лица со опишаниот вид на попреченост.

Според ставот 2 на член 44 од Законот, надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65-годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот. Од содржината на оваа законска одредба чиј дел се оспорува со иницијативите, произлегува дека состојбата на попреченост, кога е во прашање возраста на лице над 65 години возраст, не е суштински фактор во поглед на остварувањето на паричниот надоместок заради попреченост, туку самата возраст.

Од содржината на вака уреденото оспорено законско решение, произлегува дека својство на баратели во постапка за остварување на право на паричниот надоместок заради попреченост, можат да имаат само лицата помлади од 65 години, а со тоа и можност да го користат, а поврзано со ова, својство на баратели, не можат да имаат лицата по навршени 65 години возраст, со што лицата по 65 години возраст однапред се исклучени од пристапот до самото право на надоместокот, следствено и од можноста да го користат надоместокот, независно од тоа дали по оваа возраст се нашле во состојба на попреченост.

Според член 46 став 1 од Законот, правото на надоместок заради попреченост се остварува врз основа на конзилијарно мислење од првостепена комисија составена од тројца лекари специјалисти од соодветна терцијарна здравствена установа, а според ставот 4 на наведениот член од Законот, лицата од член 44 став 1 од овој закон остваруваат право на надоместок заради попреченост, врз основа на траен наод, оцена и мислење за видот и степенот на попреченост издаден од стручен орган, во постапка согласно со општиот акт од член 295 став 2 од овој закон и решение на центарот за социјална работа.

Ако се има предвид содржината на член 44 став 2 и неговиот оспорен дел, произлегува дека воопшто не е можно едно лице по својата 65-та година возраст, да се јави како барател за остварување на правото на паричниот надоместок, иако можеби се вбројува во лица со попреченост од став 1 на член 44 од Законот. Следствено, возраста е ограничувачкиот услов за пристапот до правото на паричниот надоместок заради попреченост, а со тоа и ограничувачки услов за неговото користење. Ова, иако можеби лицето има вид на попреченост од став 1 алинеи 1 – 4 на член 44 од Законот, но поради воспоставениот услов „возраст”, тоа нема да може да го оствари.

Во врска со ова, неспорно е дека во надлежност на државата е да ја креира и спроведува социјалната политика за граѓаните зависно од материјалните можности на државата, а во тој поглед законодавецот врз основа на уставното овластување, со закон да ги утврдува правата на граѓаните од сферата на социјалната заштита како и начинот и условите под кои граѓаните можат да ги остварат социјалните права.

Меѓутоа, кога станува збор за услови под кои граѓаните можат да ги остварат социјалните права (или права од други области), законодавецот има обврска во Законот да утврди исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат правата од сферата на социјалната заштита, без притоа да се прави разлика помеѓу граѓаните врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или разликување по која било друга основа во остварување на парична помош од социјална заштита и социјални услуги.

Во конкретниот случај, законодавецот не ги следел принципите на еднаков и рамноправен третман на граѓаните, условувајќи го правото на паричниот надоместок заради попреченост со возраста на граѓанинот во член 44 став 2 од Законот, кој е исклучиво наменет за лица кои се нашле во состојба на попреченост и која суштински ги квалификува за остварување на надоместокот, токму поради самата попреченост, и има смисла само како парична помош на лицата (сите) во таква ситуација, независно од нивните други лични особености.

Последицата од оспореното законско решение се согледува во тоа што лицето кое имало некој вид попреченост од член 44 став 1 од Законот, но од некоја причина, не побарало да го оствари правото на надоместокот до 65 години возраст (проценило дека тие средства во даден момент од животниот век, не му се неопходни), тоа нема да може да го оствари, иако можеби токму по 65 години возраст, надоместокот ќе му биде потребен и неопходен.

Исто така, ова право нема да може да го оствари и лицето кај кое по 65 години возраст настанала состојба на попреченост од член 44 став 1 од Законот, независно од тоа што секое лице може во секое време, во секоја доба од својот живот, да се здобие со повреди или нарушувања коишто го вбројуваат во лица со некој вид на попреченост од член 44 став 1 од Законот, но според оспорената законска одредба тоа лице, нема да може да биде корисник на паричниот надоместок заради попреченост.

Според Судот, лицата кои се вбројуваат во лица со попреченост од ставот 1 на член 44 од Законот, ја сочинуваат единствената категорија на лица за кои се обезбедува паричниот надоместок заради попреченост, бидејќи сите тие се во аналогна ситуација кога е во прашање попреченоста, а со тоа и кога е во прашање пристапот до правото на паричниот надоместок заради попреченост, и неговото користење.

Оттука, Судот смета дека правото на паричниот надоместок заради попреченост, како право, им припаѓа на сите лица кои сé, или во иднина можат да се вбројат во лица со некој вид на попреченост од член 44 став 1 од Законот, при што, нивно право е, дали и во кој период од својот живот, ќе побараат да го остварат ова право во законито спроведена постапка која ја води надлежен орган, а со тоа и да бидат корисници на надоместокот.

Уставниот принцип на еднакво постапување спрема еднаквите, независно од личните својства и карактеристики на граѓаните, нивната припадност или убедување или која било друга, состојба или статус, во конкретниот случај, според Судот, е повреден со пропишувањето на оспорениот дел на членот од Законот, со кој во суштина, по основ на возраст, се врши неоснована категоризација на единствената категорија на лица со попреченост од ставот 1 на член 44 од Законот, а со тоа и нелегитимно спречување на едните да можат исто како и другите да ги уживаат подеднакво правата од социјалната сфера, уредени со Законот, поради што Судот оцени дека со оспореното законско решение се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите од член 9 став 2 од Уставот.

Имајќи предвид дека Законот со член 16, на граѓаните им  гарантира еднаков и рамноправен третман до пристапот на правата од сферата на социјалната заштита, како и забрана на секаков вид и облик на дискриминација во остварувањето на парична помош од социјална заштита и социјални услуги, меѓу кои и возраста, а од оспорената законска одредба, произлегува дека тие сепак се исклучени од пристапот до надоместокот, токму поради возраста, со што субјектите се ставени во состојба на правна несигурност, според Судот, ваквото уредување во Законот, го доведува во прашање и принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и правната сигурност на граѓаните како негов составен дел.

При ова, Судот ги имаше предвид наводите од доставените одговори од предлагачот на Законот, дека со актуелниот закон повеќе социјални услуги им биле достапни на лицата, меѓутоа според Судот, истото не може да се прифати како оправдување за воспоставениот критериум возраст при остварување на правото на паричниот надоместок заради попреченост, едно заради тоа што станува збор за забрането разликување кое се согледува во ограничување и оневозможување на пристап до право од социјална помош, подеднакво за сите, а од друга страна според член 17 став 2 од Законот, без согласност на корисникот, односно неговиот законски застапник, не може да се даде социјална услуга, освен во случаи утврдени со закон.

Исто така, предлагачот на Законот, без посебно образложение, во одговорите се повикува на Законот за социјална услуга за старите лица („Службен весник на Република Северна Македонија” број 104/2019), меѓутоа, нејасно е повикувањето на овој закон, бидејќи од истиот не може да се согледа дека на лицата со попреченост кои имаат над 65 години, а не го оствариле правото претходно, им се нуди алтернативна можност да остварат социјално примање заради нивната попреченост.

За разлика од оваа конкретна ситуација со која пристапот до правото за остварување на паричниот надоместок заради попреченост по 65 години возраст, е невозможен и без алтернатива за таа неможност, делот од ставот 2 на член 44 од Законот, во кој е пропишано дека правото на надоместок може да го оствари лице што има навршено 26 години (кој не се оспорува со оваа иницијатива), е последица од околноста што во членовите од 33 до 35 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија” број 23/2013,… 311/2020) е предвиден во суштина ист надоместок со иста цел (кој порано бил дел од Законот за социјалната заштита), којшто им се исплатувал на родителите, односно старателите на деца со попреченост до 26 години.

7. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Уставниот суд оцени дека оспорениот дел „најдоцна до 65 годишна возраст” од член 44 став 2 од Законот за социјалната заштита, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од Одлуката.

9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.27/2020
У.бр.289/2020
1 декември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска