У.бр.26/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.26/2023
Скопје, 7 февруари 2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија, како и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 7 февруари 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УВАЖУВА барањето за повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на барателот Горан Трпеноски, новинар од Струга.

2. СЕ УТВРДУВА повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на барателот Горан Трпеноски, новинар од Струга.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

До Уставниот суд на Република Северна Македонија, Горан Трпеноски, новинар од Струга, преку адвокатот Филип Медарски од Скопје, поднесе барање за заштита на слободата и правото на јавно изразување на мислата. Во барањето се наведува дека тој е вработен како новинар во дигиталната редакција www.sdk.mk и на 27.04.2017 година, критичниот ден, бил присутен во Собранието како акредитиран новинар на дигиталната редакција www.sdk.mk (sakamdakazam.mk), со цел да известува за случувањата околу изборот на ново парламентарно мнозинство и претседател на Собранието. Истиот поднел тужба до Основниот граѓански суд Скопје против Република Северна Македонија, за надомест на нематеријална штета за претрпен страв и на име надомест за повреда на слобода на изразување, поради непреземање дејствија од страна на државата да го заштити неговиот физички и психички интегритет, како и да преземе соодветни дејствија за заштита на слободата и правото на јавно изразување на мислата како новинар на критичниот ден, познат во јавноста како „крвавиот четврток“.

Подносителот на барањето, на критичниот ден, 27.04.2017 година, бил присутен во Собранието на Република Македонија како акредитиран новинар во дигиталната редакција www.sdk.mk, со цел да известува за случувањата за избор на ново парламентарно мнозинство и претседател на Собранието на Република Северна Македонија. Истовремено, пред Собранието имало јавен собир на кој учествувале голем број луѓе, незадоволни од политичката ситуација.

По тензичната атмосфера во пленарната сала на Собранието, присутните пратеници се упатиле кон салата за прес-конференции. Додека траел говорот на пратеникот Зоран Заев, на ТВ екраните поставени во прес-центарот, во живо се емитувал јавниот собир пред Собранието каде јасно можело да се забележи дека толпата станува насилна и истата се упатила кон вратите на Собранието. Во еден момент, толпата ги совладала препреките поставени пред дворот на Собранието и се упатила кон вратите на Собранието. Пред вратите имало коридор од неколкумина полициски службеници. Ваквото влегување воопшто не било спречено од страна на полициските службеници кои биле присутни во дворот на Собранието. И покрај овие случувања, прес-конференцијата во Собранието продолжила од причина што никој не се надевал дека ќе се дозволи влез на толпата внатре во Собранието. Во еден момент, вратите на Собранието биле отворени од внатре од страна на пратеникот Крсто Муковски, при што толпата започнала да влегува внатре во Собранието. Подносителот на барањето во тој момент уште се наоѓал во прес-центарот додека се давале изјави од Зоран Заев и Талат Џафери. Пред прес-салата започнале да се слушаат звуци од толпата, присутните во прес-салата меѓу кои и подносителот на барањето, почнале да ставаат маси една врз друга со цел новинарите и пратениците кои биле во галеријата на прес-центарот да се симнат долу, бидејќи се проценило дека така е побезбедно за нив. Толпата се приближила пред вратата на прес- центарот, насилно ја отворила и тогаш започнало туркање, извикување и удирање меѓу толпата и обезбедувањето и други присутни.

Кога демонстрантите се приближиле до прес-центарот и почнале насилно да се обидуваат да ја отворат вратата, тогаш подносителот на барањето исплашен за својот живот, заедно со еден припадник на обезбедувањето на тогашниот технички министер за внатрешни работи скршиле една од кваките на вратите на прес-центарот, за да спречат толпата да навлезе внатре, но безуспешно. Кога некои луѓе од толпата насилно влегле и започнале да фрлаат предмети, подносителот од страв и несигурност за сопствениот живот и во очај да се спаси, се повлекол наназад до вратите на прес-центарот, па кога веќе гневната толпа успеала да се пробие внатре, тогашниот пратеник Влатко Ѓорчев го повлекол подносителот да застане покрај него и како жив sид да ги спречат луѓето од толпата сериозно да повредат некого. Подносителот бил преплашен за својот живот бидејќи толпата била гневна и на новинарите, па ова го извршувал под страв за сопствениот живот бидејќи тој и некои пратеници извршувале обврски за кои е задолжена полицијата, а во тие моменти полициските припадници не преземале никакви дејствија, ниту пак, се наоѓале во прес-центарот како критично место на настанот. Кон подносителот биле фрлани најразлични предмети што можеле да му нанесат сериозни повреди и по неколку часа подносителот бил извлечен од Собранието од страна на припадници на полицијата.

При таква фактичка состојба, подносителот на барањето во тужбата до Основниот граѓански суд Скопје укажал дека слободата на изразување, во смисла на член 10 од Европската конвенција за човекови слободи и права на Советот на Европа, подразбира за државата и т.н. позитивни обврски коишто се во насока на заштита на безбедноста на новинарите при извршувањето на нивните задачи.

Согласно член 3 ставови 1 и 2 од Законот за медиумите:

(1) Се гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите.
(2) Слободата на медиумите особено опфаќа: слобода на изразување на мислења, независност на медиумите, слобода на прибирање, истражување, објавување, избор и пренесување на информации во насока на информирање на јавноста, плурализам и разновидност на медиумите, слобода на проток на информации и отвореност на медиумите за различни мислења, уверувања и за разновидни содржини, достапност до информациите од јавен карактер, почитување на човековата индивидуалност, приватност и достоинство, слобода за основање на правни лица за вршење на дејност за јавно информирање, печатење и дистрибуција на печатен медиум и другите медиуми од земјата и странство, производство и емитување на аудио/аудиовизуелни програми, самостојност на уредникот, новинарот, авторите или креаторите на содржини или програмските соработници и другите лица, а во согласност со правилата на професијата.

Во конкретниот случај, државата, преку соодветни државни институции, не ја гарантирала безбедноста на подносителот при извршување на неговата работна задача во Собранието. Дотолку повеќе што, видно од доказот, пратеник на Собранието ја трга безбедносната шипка со цел вратите од Собранието да бидат отворени.

Подносителот на барањето наведува дека судовите не ги примениле соодветно ЕКЧП и член 16 од Уставот, а ниту дале правно релевантно толкување на уставно загарантираната слобода на изразување.

Согласно со член 10 од Европската конвенција за човекови права, државите се обврзани да создадат поволна средина за учество на јавни дебати на сите засегнати лица, овозможувајќи им да ги изразат нивните мислења и идеи без страв.

По изведувањето на доказите во првостепената постапка, на ден 15.03.2021 година Основниот граѓански суд Скопје донел Пресуда 8а МАЛВП-707/20 со која го одбил тужбеното барања на подносителот во целост, меѓу другото и за повреда на слободата на изразување. Образложението на првостепениот суд во тој дел било следно „Со оглед на тоа што тужителот согласно Законот за медиумите не можел да има својство на новинар, бидејќи здружението каде што тој бил вработен не претставува медиум кој е регулиран со Законот за медиуми, тужителот нема активна легитимација да бара од тужениот да му биде платен надомест за евентуална повреда на слободата на изразување“.

Тужбеното барање на тужителот да се задолжи тужената Република Северна Македонија да му плати паричен надомест за повреда на слободата на изразување, која му е гарантирана во член 3 од Законот за медиуми, судот најде дека е неосновано од причина што тужителот нема активна легитимација за ова тужбено барање. Имено, согласно член 3 од Законот за медиумите, се гарантира слободата на изразување и слободата на медиуми, меѓутоа согласно дефиницијата од член 2 од истиот закон, електронски публикации, односно електронски редакции како што во конкретниот случај бил порталот „Сакам да кажам.мк“ не претставува медиум како средство за јавно информирање. Ова од причина што согласно член 2 од Законот за измени и дополнувања на Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13 од 23.01.2014 година), од Законот за медиуми се избришани електронските публикации како медиуми, а во член 3 став 2, каде е предвидено што опфаќа слободата на медиумите, исто така се избришани електронските медиуми како медиуми во кои се гарантира слободата на изразување од став 1 од оваа законска одредба. Согласно со член 2 точка 5 од Законот за медиуми, новинар е лице кое врши активности на прибирање, анализа, обработка, обликување и класифицирање на информации кои се објавуваат во медиуми и е вработен кај издавач на медиум или има склучен договор со истиот или е лице кое врши новинарска дејност како самостојно занимање (слободен новинар). Според оваа законска одредба, тужителот не достави доказ дека е вработен кај издавач на медиум, а од овие докази кои на судот му беа на располагање, се утврди дека тој работел во Здружението за слободен развој на мислата „Сакам да кажам“, СДК Михајловски ДООЕЛ Скопје, за кое тужителот не достави доказ дека е регистрирано како издавач на медиуми. Впрочем, согласно точка 4 од оваа законска одредба, издавач на медиум е физичко лице или правно лице кое врши дејност на издавање на печатен медиум или емитување на радио и телевизиски програми (радиодифузери). Според тоа здружението за слободен развој на мислата кое има дигитална редакција „Сакам да кажам.мк“, во смисла на оваа законска одредба не претставува издавач на медиум, па според тоа и нивната дигитална редакција не претставува медиум, ниту пак тужителот можел да претставува лице кое има својство на новинар согласно горенаведените одредби од Законот. Имајќи предвид дека тужителот не ги исполнува условите предвидени во Законот за медиуми со кој се гарантира слободата на изразување, судот најде дека тој нема активна легитимација да бара да му биде платен надомест за евентуална повреда на ваква слобода на изразување.

Против ваквата пресуда, подносителот на барањето, преку полномошникот, адвокатот Филип Медарски од Скопје, поднел жалба до Апелациониот суд Скопје, поради суштествена повреда на одредбите на парничната постапка, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право. Апелациониот суд Скопје на ден 22.12.2022 година донел Пресуда ГЖ-2193/21 со која жалбата се одбива како неоснована, а во делот на слободата на изразување се наведува „Имено, во конкретниот случај се работи за акт на насилство, во кој државата има обврска да се грижи за заштита на здравјето, животот и имотот на сите физички и правни лица и не може да станува збор за тоа дека државата не им оневозможила на сите лица да ги изразат нивните мислења и идеи без страв, вклучително и тужителот како известувач на горенаведената дигитална редакција на здружението бил присутен во Собранието на ден 27.04.2017 година“.

Оценка на овој суд е дека толкувањето на член 10 од Европската конвенција во услови кога се случуваат акти на насилство со тоа што тужителот бил оневозможен да известува, е толкување на одредбата надвор од нејзината цел поради која е утврдена.

Меѓу другото, во жалбата се укажува дека горецитираниот заклучок на првостепениот суд бил погрешен од два аспекти: првиот е дека член 10 од Европската конвенција во услови кога се случуваат акти на насилство со тоа што тужителот бил оневозможен да известува, е толкување на одредбата надвор од нејзината цел поради која е утврдена; вториот е дека толкувањето на тој член во услови како во конкретниот предмет, со тоа што тој го регулира овозможувањето на секој да го изрази своето мислење во секојдневното живеење, но не и во ситуација за која тужителот побарува надомест на штета, а тоа е ситуација во која основната задача е да се заштити животот и имотот на сите лица, па оттука во случајот нема повреда на правото на слобода на изразување, дотолку повеќе што терористичките акти се забранети на секое место во државата вклучително и во Собранието, па така можело да се случи и на улица или каде било, каде што државата е должна да се справи со истите и пред сѐ да ги заштити граѓаните од смрт, повредување или оштетување или уништување на имотот. Фактот што во Собранието влегле лица кои не требало да бидат таму, не ги дерогира законите ниту значи дека на тужителот му било оневозможено правото на слободата на изразување.

Апелациониот суд Скопје, со Пресудата ГЖ-2193/21 од 22.12.2022 година ја одбил жалбата на подносителот, како неоснована. Во образложението, во поглед на слободата на изразување, Апелациониот суд се согласил со заклучокот на првостепениот суд.

Подносителот на барањето ја има примено наведената пресуда на ден 18.01.2023 година, преку неговиот полномошник, адвокатот Филип Медарски од Скопје.

Тргнувајќи од цитираните членови на Уставот и Европската конвенција за човекови права, видно било дека новинарите уживаат заштита во рамки на гарантираната слобода на изразување (гарантираната слобода на јавно информирање од цитираниот член 16 од Уставот, како и слободата на изразување од член 10 од Европската конвенција).

Во конкретниот случај, интервенцијата на државата била со донесување на првостепената пресуда 8а.МАЛВП-707/20 од 15.03.2021 година, која е потврдена со Пресудата ГЖ-2193/21 од 22.12.2022 година на Апелациониот суд Скопје, а тоа од следните причини:

Во барањето подносителот наведува дека со ваквите заклучоци на првостепениот и второстепениот суд, со предметните пресуди, повреденa е уставно гарантираната слобода на изразување на подносителот и член 10 од Европската конвенција за човекови права како од аспект на безбедноста на подносителот како новинар, така и во делот на оцената од страна на првостепениот суд дека подносителот нема активна легитимација за да бара повреда на слободата на изразување бидејќи не бил новинар вработен во медиум, согласно со Законот за медиуми.

Во конкретниот случај, во образложението на двете пресуди, првостепениот и второстепениот суд имаат дадено спротивни заклучоци и различно ја толкувале слободата на изразување. Првостепениот суд има дадено образложение дека подносителот нема активна легитимација за да бара утврдување повреда на слободата на изразување, бидејќи согласно со позитивното право, Законот за медиуми, подносителот не работел во медиум и следствено не можел да има својство на новинар, без разлика што тој е вработен како новинар, видно од потврдата од 24.11.2020 година од неговиот работодавач изведен како доказ во првостепениот суд. Второстепениот суд, согласно со наводите во жалбата, воопшто не го ценел заклучокот на првостепениот суд во поглед на својството на подносителот дали е новинар или не, кога првостепениот суд воопшто и не дал образложение дали станува збор за повреда на слобода на изразување, туку спротивно на тоа се впуштил во расправа и образложение зошто во конкретниот случај кај подносителот не постои повреда на слободата на изразување во смисла на член 10 од Европската конвенција. Првостепениот суд го одбил тужбеното барање во делот на слободата на изразување поради непостоење активна легитимација кај тужителот, поради фактот дека работодавачот на тужителот не бил медиум согласно со Законот за медиуми, тужителот не можел да има својство на новинар, а со тоа ниту може да бара повреда на слободата на изразување.

Ваквиот заклучок, исто така, првостепениот суд го темели и врз основа на член 2 од Законот за измени и дополнувања на Законот за медиуми, дека електронските медиуми се избришани од Законот и поради тоа не претставуваат средства за јавно информирање, односно дека согласно со член 2 точка 4, издавач на медиум е физичко лице или правно лице кое врши дејност на издавање на печатен медиум или емитување на радио и телевизиски програми.

Понатаму, барателот наведува дека несоодветен е товарот којшто првостепениот суд му го има ставено тој да докажува дека неговиот работодавач е медиум, кога тој таму е вработен како новинар во дигиталната редакција www.sdk.mk, за што доставил и потврда од работодавачот.

Според подносителот на барањето, со ваквиот заклучок на првостепениот и второстепениот суд, на којшто почиваат предметните пресуди, повредена е уставно гарантираната слобода на изразување на подносителот и повреден е член 10 од Европската конвенција за човекови права.

За Основниот граѓански суд Скопје и за Апелациониот суд Скопје не била спорна фактичката состојба, односно настанот на 27.04.2017 година, попознат во јавноста како „крвавиот четврток“, во смисла дека настанот се случил и дека во Собранието се случувале насилни напади коишто резултирале со повреди кон одредени луѓе. Но, судовите не ги зеле предвид настаните коишто му се случиле на барателот.

Имено, подносителот на барањето како новинар присуствувал на нормална седница внатре во Собранието, каде што известувал за прашања од јавен интерес (конституирање на ново парламентарно мнозинство), а истовремено, имало демонстрации надвор пред Собранието. Должноста на државата била да спречи каков било обид за влегување во Собранието, така што не бил правилен заклучокот на двата суда дека во конкретниот случај член 10 од ЕКЧП и член 16 од Уставот на Република Северна Македонија не можат да најдат примена, односно дека безбедноста на подносителот не потпаѓа под член 10 од ЕКЧП и член 16 од Уставот.

Од образложението на двата суда, се наметнува потребата од одговори на две прашања, и тоа: каква била состојбата за време на присуството на подносителот во Собранието, и дали неинтервенирањето од страна на државата на 27.04.2017 година, во смисла на непреземање превентивни мерки (доволен број полициски службеници кои ќе го обезбедуваат Собранието) од какви било напади од страна на демонстрантите, претставува повреда на слободата на изразување на подносителот во насока дека со непреземањето на таквите дејствија се довела во прашање неговата безбедност.

Во светло на погоре изнесеното, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје, не заклучиле дека подносителот известувал во мирна, нормална парламентарна атмосфера за прашања од јавен интерес. Впрочем, Собранието, освен што претставува највисок државен орган, каде што пратениците ќе можат да ја остварат својата политичка слобода на изразување, а новинарите слободно да ги пренесат тие информации во јавност, треба и мора да претставува место каде што сите присутни ќе се чувствуваат безбедни при остварувањето на нивните слободи. Значи, државата имала обврска да ги заштити сите присутни во Собранието, при што истата затаила. Воедно, не може да стане збор за ситуација во која подносителот како новинар се впуштил во известување од „конфликт“, туку тој бил предмет на напад поради непреземање мерки од страна на надлежните органи на државата. Судовите требало да ја ценат безбедноста на подносителот како составен дел на неговата слобода на изразување, бидејќи истиот бил присутен во Собранието како новинар. Впрочем, од доказите, видеоснимки кои се во предметот, може да се дојде до еден и единствен заклучок дека државата не презела претходни дејствија за заштита, а оние коишто ги презела биле со закаснување.

При таква фактичка состојба, судовите не ја примениле соодветно ЕКЧП, а ниту дале правно релевантно толкување на уставно загарантираната слобода на изразување. Согласно со толкувањата на член 10 од ЕКЧП, Европскиот суд за човекови права констатирал дека „државите се обврзани да создадат поволна средина за учество во јавни дебати на сите засегнати лица, овозможувајќи им да ги изразат нивните мислења и идеи без страв (Dink v. Turkey, § 137)“, како и дека никој нема право да посегне по нивната безбедност при пренесување информации од јавен карактер.

Исто така, Европскиот суд за човекови права нагласил дека член 10 од ЕКЧП создава позитивна обврска за државата да обезбеди заштита на оние коишто се во ризик од физички или друг вид напад поради остварување на нивната слобода на изразување. На пример, во предметот Ozgur Gundem v. Turkey, 2000 Европскиот суд за човекови права, во параграф 43 навел „Судот, потсетува на важноста на слободата на изразување како предуслов за функционална демократија. Навистина, ефективното остварување на оваа слобода не се заснова само на обврската на државата да не интервенира, туку може да создава и позитивни мерки за заштита, дури и во сферата на односи помеѓу индивидуи. При детермирањето дали постои позитивна обврска, треба да се погледне дали бил направен фер баланс помеѓу јавниот интерес во општеството и интересот на индивидуата, нешто што е својствено низ Конвенцијата. Опсегот на оваа обврска неминовно ќе варира, земајќи ги предвид разноликоста на ситуациите во договорните држави, тешкотијата во креирањето на политики на модерни општества и изборите коишто мора да се направат во зависност од приоритетите и ресурсите. Но, ваква обврска не треба да се толкува на начин што ќе наметне невозможен или диспропорционален товар на властите.“

Во друг случај, Dink v. Turkey 2010, станува збор за убиство на новинарот Фират Динк, познат под алијасот Хрант Динк. Убиството се случило во време кога против него се водела судска постапка заради оцрнување на турцизмот, постапка покрената по барање на националистичка група. Европскиот суд за човекови права утврдил повреда на член 10, во смисла дека постапката против него, во комбинација со недостаток на заштита којашто му била потребна, претставува мешање во неговото право на слобода на изразување. Понатаму, во истиот случај, тој суд ќе констатира „државите се обврзани да создадат поволна средина за учество во јавни дебати на сите засегнати лица, овозможувајќи им да ги изразат нивните мислења и идеи без страв (Dink v. Turkey § 137), како и дека никој нема да посегне по нивната безбедност при пренесување на информации од јавен карактер.“

Понатаму во дел II. Принципи, точка 21 од Препораката CM/Rec(2016)4 на Комитетот на министри (на Совет на Европа) до државите членки за заштита на новинарите и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери, било наведено „Суштинската димензија инволвира примарна обврска за државата да го осигурува правото на живот на начин што ќе воведе ефективни казнени одредби со коишто ќе ги одврати од сторување на дела против индивидуи, поткрепено со принуден апарат за превенција, супресија и казнување на прекршување на таквите одредби. Ова, исто така, во соодветни околности, се протега на позитивна обврска на властите да преземат превентивни оперативни мерки да ги заштитат индивидуите чии животи се во ризик од криминални активности на други индивидуи, Имајќи ги предвид тешкотиите во креирање на политики во модерни општества, непредвидливоста на човековото однесување и оперативните одлуки коишто мора да бидат направени во согласност со приоритетите и ресурсите, делокругот на позитивната облигација мора да биде интерпретирана на начин што нема да наметне невозможен или диспропорционален товар на властите. Без оглед на се, властите мора да обрнат внимание на ранливата позиција во која новинарите се ставаат заради покривање на политичко сензитивни теми vis-a-vis оние на власт.“

Значи, тужителот бил во реална опасност дури и да му биде загрозен физичкиот интегритет, со оглед на тоа дека од паника бил вовлечен од страна на тогашниот пратеник Влатко Ѓорчев да биде жив ѕид помеѓу насилниците и новинарите и политичарите.

Според подносителот, цитираните пресуди на Основниот граѓански суд Скопје и на Апелациониот суд Скопје имаат сериозна импликација со т.н. ефект на ладење (chilling effect) врз слободата на изразување. Ваквите заклучоци, неминовно создаваат импликации во судската пракса дека при вакви исти или слични настани државата всушност нема обврска да ја заштити слободата на изразување, односно превентивно да се грижи, да спречува или навремено да интервенира да ја отстрани опасноста кон лицата коишто ја остваруваат слободата на изразување.

Според тоа, подносителот смета дека Уставниот суд има доволна основа да го толкува и член 16 од Уставот, односно слободата на мислата и јавното изразување на мислата и да даде заштита како што тоа било со член 10 од ЕКЧП, а особено земајќи го предвид јавното известување за предметот У.бр.146/2021 со кое Уставниот суд го усогласил ставот дека постои повреда на правата на подносителот Влатко Стојаноски, па смета дека постојат услови Уставниот суд и во овој предмет да го заземе истиот став и да утврди повреда.

Од сѐ напред изнесено, како и од предложените докази, неспорен бил фактот дека на 27.04.2017 година, државата не презела превентивни мерки со кои ќе спречи влегување на толпата во Собранието, истата не реагирала 3-4 часа за да ја стабилизира состојбата во Собранието, со што не ја исполнила својата позитивна обврска за заштита на новинарите, а со тоа и на подносителот, кој тој ден известувал за прашања од јавен интерес. Поради тоа, се предлага Уставниот суд да констатира повреда на слободата на изразување на подносителот и да ги поништи Пресудата 8а МАЛВП-707/20 од 15.03.2021 година на Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-2193/21 од 22.12.2022 година на Апелациониот суд Скопје.

II

Врз основа на целосната анализа на поднесеното барање од барателот, како и анализата на двете судски одлуки, како и прибавените докази, Судот на седницата ја утврди следната фактичка состојба:

На ден 27.04.2017 година, подносителот на барањето, бил присутен во Собранието на Република Северна Македонија како новинар вработен во дигитална редакција на порталот „Сакам да кажам.мк“, за да известува од седницата на Собранието, на која требаше да се избере нов претседател на Собранието. Истовремено, пред Собранието имало јавен собир на кој учествувале голем број луѓе, незадоволни од политичката ситуација. По тензичната атмосфера во пленарната сала на Собранието за избор на новиот претседател, присутните пратеници се упатиле кон салата за прес-конференции. Во еден момент толпата станала насилна и тоа се гледало од мониторите коишто вршеле директен пренос од настаните што се случувале надвор од Собранието. Демострантите ги совладале препреките поставени пред дворот на Собранието и се упатиле кон вратите на Собранието, каде имало коридор од полициски службеници. Прес-конференцијата во Собранието продолжила бидејќи никој не се сомневал дека ќе се дозволи влез на толпата внатре во Собранието. По некое време толпата се приближила до прес-центарот и насилно била отворена вратата, а подносителот на барањето во тој момент уште се наоѓал во просториите каде што се одржувала прес-конференција. Тогаш ја заклучиле вратата на прес-салата. Кога толпата за кратко време успеала да ја скрши вратата, насилно да влезе и дел од луѓето започнале да фрлаат со најразлични предмети кон присутните – тоа било еден од најтрауматичните моменти. Подносителот на барањето бил преплашен за својот живот, од причина што толпата била гневна и кон новинарите. Единствена цел на подносителот била како да се извлече од просторијата бидејќи врз него биле фрлани најразлични предмети што можело да му нанесе сериозни повреди, а државата која има обврска да се грижи за заштита на сите граѓани не преземала никакви дејствија, а дотолку повеќе што полициски службеници воопшто немало во прес-центарот кој бил најкритичното место на настанот. По извесно време, подносителот бил извлечен од Собранието од страна на припадници на полицијата.

Подносителот на барањето до Основниот граѓански суд Скопје поднел тужбено барање со кое барал да се задолжи тужената Република Северна Македонија да му исплати на име надомест на нематеријална штета поради претрпен страв износ од 307.500,00 денари и на име надомест за повреда на слобода на изразување во износ од 120.000,00 денари, како и да му ги надомести трошоците на постапката.

Со Пресудата 8а.МАЛВП-707/20 од 15.03.2021 година, Основниот граѓански суд Скопје го одбил наведеното тужбено барање како неосновано.

Во образложението на Пресудата се наведува:

По однос на делот на тужбеното барање за надомест на нематеријална штета поради повреда на слободата на изразувањето, имајќи го предвид член 10 од Европската конвенција за човекови права, каде е наведено дека државите се обврзани да создадат поповолна средина за учество на јавни дебати на сите засегнати лица, овозможувајќи им да ги изразат нивните мислења и идеи без страв, судот најде дека истото е неосновано од следните причини:

Со оглед на тоа што тужителот согласно Законот за медиуми не можел да има својство на новинар, бидејќи здружението каде што тој бил вработен не претставува медиум кој е регулиран со Законот за медиуми, тужителот нема активна легитимација да бара од тужениот да му биде платен надомест за евентуална повреда на слободата на изразување.

Ваквиот заклучок, исто така, првостепениот суд го темели врз основа на член 3 од Законот за медиуми, со кој се гарантира слободата на изразување и слободата на медиуми, а во конкретниот случај нема повреда на наведениот член, меѓутоа согласно со дефиницијата од член 2 од истиот закон, електронски публикации односно електронски редакции како што е порталот „Сакам да кажам.мк“, не претставува медиум како средство за јавно информирање од причина што согласно со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ број 13/2014), од Законот за медиуми се избришани електронските публикации како медиуми, а во член 3 став 2 каде е предвидено што опфаќа слобода на медиум, исто така, се избришани електронските медиуми како медиуми во кои се гарантира слободата на изразување од став 1 од оваа одредба. Согласно со член 2 точка 5 од Законот, новинар е лице кое врши активности на прибирање, анализа, обработка, обликување и класифицирање на информации кои се објавуваат во медиум и е вработен кај издавач на медиум или има склучено договор со истиот или е лице кое врши новинарска дејност како самостојно занимање. Според оваа законска одредба, тужителот не достави доказ дека е вработен кај издавач на медиум, а од оние докази кои на судот му биле доставени се утврди дека тој работел во Здружението за слободен развој на мислата „Сакам да кажам“, СКД Михајловски ДООЕЛ Скопје, за кое тужителот не достави дека е регистрирано како издавач на медиум. Согласно точка 4 од истата законска одредба, издавач на медиум е физичко лице или правно лице кое врши дејност на издавање на печатен медиум или емитување на радио и телевизиски програми. Согласно тоа, Здружението за слободен развој на мислата кое има дигитална редакција „Сакам да кажам.мк“, во смисла на оваа законска одредба не претставува издавач на медиум, ниту пак тужителот можел да претставува лице кое има својство на новинар согласно горенаведените одредби од Законот. Имајќи предвид дека тужителот не ги исполнува условите предвидени во Законот за медиуми со кој се гарантира слободата на изразување, првостепениот суд смета дека тој нема активна легитимација за да бара исплаќање надомест за евентуална повреда на слободата на изразување.

Оттука првостепениот суд утврдил дека во случајот нема повреда на правото на слобода на изразување, дотолку повеќе што за ваквото тужбено барање државата нема пасивна легитимација. Во случај на акти на насилство или терор државата има објективна одговорност, без оглед на вината да ја надомести штетата на оштетените, но само доколку настанала смрт, телесна повреда или уништување на нивниот имот. Во случајот тужителот не претрпел телесна повреда, па според тоа за основот за страв за кој барал надомест на нематеријална штета, државата не е пасивно легитимирана да му ја плати истата.

Државата не е должна на тужителот да му плати паричен надоместок за повреда на слобода на изразување, која му е гарантирана со член 3 од Законот за медиуми, од причина што тужителот нема активна легитимација за ова тужбено барање. На вакво мислење бил и Апелациониот суд Скопје.

Имајќи го предвид горенаведеното, дека овој вид на штета не е опфатен со објективна одговорност на државата, тужителот требало да ја докажува повредата по принцип на субјективна одговорност, што значи нема повреда на правото на слобода на изразување, поради што го одби тужбеното барање како неосновано.

Незадоволен од донесената пресуда, подносителот на барањето, преку адвокатот Филип Медарски од Скопје, изјавил жалба против истата.

Апелациониот суд Скопје, со Пресудата ГЖ-2193/21 од 22.12.2022 година, изјавената жалба ја одбива како неоснована и ја потврдува пресудата на Основниот граѓански суд Скопје МАЛВП-707/20 од 15.03.2021 година.

Подносителот на барањето ја примил Пресудата на Апелациониот суд Скопје ГЖ-2193/21 од 22.12.2022 година на ден 18.01.2023 година, преку неговиот полномошник, адвокатот Филип Медарски од Скопје.

Барањето за заштита на слободи и права пред Уставниот суд е поднесено на 24.02.2023 година, што е во согласност со член 51 од Деловникот на Уставниот суд, според кој барањето до Уставниот суд се поднесува во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 11 став 1 од Уставот е определено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Согласно со член 16 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета.

Член 25 од Уставот на секој граѓанин му гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Со член 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Во член 110 алинеја 3 од Уставот е определено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, меѓу другото, ги штити слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Од анализата на цитираните уставни одредби произлегува дека уставно-судската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив, односно само за оние кои се во надлежност на Уставниот суд според член 110 алинеја 3 од Уставот. За слободите и правата кои не подлежат на уставно-судска заштита, согласно со цитираниот член 50 став 1 од Уставот, граѓаните може таа заштита да ја остварат пред судовите во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Уставот ја гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е генерален за сите поединци, но ова не значи дека не постои никакво ограничување при манифестирањето на оваа слобода. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во законски санкционираните дејствија, при што во уставноправен спор се утврдува дали постои повреда на загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација само ако се утврди случај на повреда на други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.

Слободата на изразувањето е заштитена и со меѓународните документи, во кои документи се содржани и одредени ограничувања.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Во член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа е предвидено дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и пренесување на информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за националната безбедност, територијалниот интегритет и јавната сигурност, заштита од немири или кривично дело, заштита на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Според член 2 точка 1 од Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ број 184/13 и 13/2014), медиуми се средства за јавно информирање, односно каков било вид на комуникација како весници, магазини, програми на радиото и телевизијата, електронски публикации, телетекст и други средства за дневно или периодично објавување на уреднички обликувани содржини во пишана форма, звук или слика, со цел да се информираат и задоволат културните, образовните и другите потреби на пошироката јавност. Според точка 5, новинар е лице кое врши активности на прибирање, анализа, обработка, обликување и/или класифицирање на информации кои се објавуваат во медиум и е вработен кај издавач на медиум или има склучен договор со истиот или е лице кое врши новинарска дејност како самостојно занимање (слободен новинар).

Согласно со член 3 став 1 од овој закон, се гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите. Според ставот 2, слободата на медиумите особено опфаќа: слобода на изразување на мислења, независност на медиумите, слобода на прибирање, истражување, објавување, избор и пренесување на информации во насока на информирање на јавноста, плурализам и разновидност на медиумите, слобода на проток на информации и отвореност на медиумите за различни мислења, уверувања и за разновидни содржини, достапност до информациите од јавен карактер, почитување на човековата индивидуалност, приватност и достоинство, слобода за основање на правни лица за вршење на дејност за јавно информирање, печатење и дистрибуција на печатен медиум и другите медиуми од земјата и странство, производство и емитување на аудио/аудиовизуелни програми, како и други електронски медиуми, самостојност на уредникот, новинарот, авторите или креаторите на содржини или програмските соработници и другите лица, а во согласност со правилата на професијата. Според ставот 3, слободата на медиумите може да биде ограничена само во согласност со Уставот на Република Македонија.

Слободата на медиумите како составен дел на слободата на изразувањето, што меѓу другото, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободата на примање и пренесување информации, исто така, претставуваат основи на демократското општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење за секое општество. Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес без ограничувања со цел да ја информираат јавноста.

Како потврда на наведеното, Судот цени дека првостепениот и второстепениот суд направиле пропуст кога не го третирале подносителот на барањето како новинар. Подносителот на барањето, како новинар вработен во дигиталната редакција www.sdk.mk, заедно со други новинари, бил присутен во зградата на Собранието, со задача да известува за случувањата околу изборот на нов претседател на Собранието, како прашање од јавен интерес, на начин што е вообичаен за известување на медиумите за работата на Собранието, во согласност со уставната, законската и деловничката регулатива. Настаните кои следувале потоа, од страна на толпа насилни демонстранти кои упаднале во зградата на Собранието, имале за цел да го спречат изборот на претседател на Собранието.

Судот цени дека Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје го немале предвид фактот дека објавувањето на вести и коментари на интернет-портал е исто така, новинарска активност. Ова од причина што операторот на интернет-порталот, како и издавачот на печатен медиум, заради нивни економски интереси, се лица кои објавуваат односно обелоденуваат како претприемачи.

Во оваа насока е и препораката на Комитетот на министри до земјите членки на Советот на Европа, каде што новиот поим за медиумите е дефиниран на следен начин и тоа „пристап од различен вид и на различни нивоа бара да секој давател чии услуги се идентификувани како медиум како директна (основна или непосредна) односно посредничка или помошна активност, да има корист и соодветна форма и вид со соодветно ниво на заштита и дека одговорноста исто така е ограничена на придржување на член 10 од ЕКЧП и други релевантни стандарди развиени од Советот на Европа“. Судот цени дека Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје не го зеле предвид фактот дека интернетот има посебна природа, а воедно би требало да ги имаат предвид и обврските и одговорностите коишто треба да се дадат на информативен интернет-портал, произлезени од член 10 од ЕКЧП, кои можат да се разликуваат само до одредено ниво од оние на традиционалните издавачи, што се однесува до содржината на третата страна.

Воедно, судовите не го зеле предвид фактот дека во настаните што се случија на 27.04.2017 година, учествувале и пратеници, министер за внатрешни работи и лица вработени во Министерството за внатрешни работи и нивни органи во состав, а државата како носител на апаратот на сила и одговорна страна за заштита на редот, мирот и слободите и правата на граѓанинот и човекот, не презела никакви активности за да ги заштити присутните во Собранието, и на ваков начин не успеала да ги исполни обврските што произлегуваат од член 10 од ЕКЧП, а тоа се обврската за почитување, заштита и исполнување на правото на слобода на изразувањето.

Тргнувајќи од вака изнесената анализа, Судот утврди дека подносителот на барањето како новинар бил оневозможен да ги изрази своите мислења и идеи без страв, на начин што од страна на државата е пропуштено да ја исполни својата позитивна обврска, да го заштити подносителот на барањето и да овозможи да ја информира јавноста за настаните во Собранието, а ова е пропуштено да се утврди со пресудите наведени во диспозитивот на оваа одлука. Со самото тоа, постои повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на барателот.

Врз основа на изнесеното и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека е основано да се тврди дека државата, во наведените вонредни и насилни околности, го повредила правото на слободно изразување на мислата, гарантирано со член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и член 16 од Уставот на Република Северна Македонија.

Со оглед на тоа дека не се исполнети условите од член 112 став 2 од Уставот, Судот не го прифати барањето на подносителот за поништување на Пресудата 8a.МАЛВП-707/20 од 15.03.2021 година од Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-2193/21 од 22.12.2022 година на Апелациониот суд Скопје.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска