У.бр.248/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 17 февруари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на: делот „ За регионален развој“ од член 22 став 1 и делот „За регионален развој“ од член 69 од Законот за рамномерен регионален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр. 63/2007; 187/2013, 43/2014, 215/2015 и 64/2018).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на делот „За регионален развој“ од член 22 став 1 и делот „За регионален развој“ од членовите од Законот за рамномерен регионален развој означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата, во поднесокот ја цитира содржината на член 25 став 2 и 3, член 65 точка 26 и член 73 од Законот за организација и работи на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“бр.58/2000 ) како и член 5 став 3 и 4 од Законот за организација и работи на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 682/2008, 167/2010, 51/2011 и 96/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/20219).

Поанатаму, подносителот ја цитира содржината на член 22 став 1 од Законот за рамномерен регионален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2007, 187/2013, 43/2014, 215/2015 и 64/2018) според кој Бирото за регионален развој е орган во состав на Министерството за локална самоуправа.

Според членот 69 од Законот за рамномерен регионален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2007), од денот на почнувањето на примената на овој закон Бирото за стопански недоволно развиените подрачја продолжува да работи како Биро за регионален развој.

Во членот 70 од истиот закон, со денот на отпочнување на примената на овој закон престанува да важи Законот за поттикнување на развој на стопански недоволно развиените подрачја („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/1994 и 39/1999).

Во понатамошниот текст на поднесокот, подносителот наведува дека од содржината на основниот Закон за организација и работа на органите на државната управа како и од подоцнежните измени, неспорно произлегувало дека како генерален закон со кој се уредува организацијата и работата на органите на државната управа и кој се носи со двотретинско мнозинство гласови дека со друг закон, другите органи на државната управа можат да се основаат како органи во состав на министерствата (управа, биро, инспекторат и капетанија) и според тоа не е спорно со закон да се основа „Биро“ за вршење на определени управни, стручни и други работи од надлежност на министерството.

Меѓутоа, овластувањата содржани во генералниот закон кои пропишуваат можност да се донесе закон со кој ќе се основа „Биро“ за вршење на определени управни, стручни и други работи од надлежност на министерството или со таков закон да се врши применување на орган во состав на министерствата не се неограничени.

Според подносителот, оспорениот дел „за регионален развој“ од член 22 став 1 од Законот за рамномерен регионален развој („Службен весник на Република Македонија “бр.63/2007, 187/2013, 43/2014, 215/2015 и 64/2018) може да се доведе во заблуда примената на одредбата кое нешто не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот односно начелото на владеење на правото како и со член 51 став 1 од Уставот.

Во конкретниот случај според подносителот не станува збор за терминолошка неусогласеност бидејќи „подрачјето“ може да се смета за потесен поим додека „регион“ е широк поим на што упатувала и Номенклатурата за територијални единици за статистика.

Во однос на делот „регионален развој“ од членот 69 од Законот за рамномерен регионален развој исто така може да доведе до заблуда во правниот промет што е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 и со членот 51 од Уставот. Ова од причини што во смисла на цитираната одредба од член 25 став 2 и 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа не се препознава Бирото „за регионален развој“ како орган во состав на Министерството за локална самоуправа.

Воедно, поносителот на иницијативата наведува дека оспорените членови 22 став 1 и член 65 во делот „за регионален развој“, од Законот за рамномерен регионален развој својата основа ја нема ниту во член 95 од Уставот, од причини што со наведениот закон се воспоставува/основа/преименува се определува орган кој продолжува да работи како орган во состав на Министерството за локална самоуправа, а со тоа се навлегува и во суштината на Законот за организација и работа на органите на државната управа кој како процесен закон има посилна основа во правото од материјалниот закон како што е Законот за рамномерен регионален развој.

3.На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 22 став 1 од Законот за рамномерен регионален развој е предвидено дека :

Бирото за регионален развој (во натамошниот текст: Бирото) е орган во состав на Министерството за локална самоуправа, со својство на правно лице.

Во оспорениот член 69 од наведениот Закон е предвидено дека, од денот на почнувањето на примената на овој закон Бирото за стопански недоволно развиените подрачја продолжува да работи како Биро за регионален развој.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорените законски одредби се содржани во Законот за рамномерен регионален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр. 63/2007; 187/2013, 43/2014, 215/2015 и 64/2018).

По поднесувањето на иницијативата (30 август 2020 година), Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 27 јануари 2021 година, донесе нов Закон за рамномерен регионален развој, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 24/2021 од 29 јануари 2021година.

Според член 93 од новиот закон, со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за рамномерен регионален развој („Службен весник на Република Македонија“ број 63/2007, 187/13, 43/14, 215/15 и 64/18).

Со оглед дека, Законот за рамномерен регионален развој во кој биле содржани оспорените одредби, престанал да важи и не е во правниот поредок, Уставниот суд, утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Елена Гошева, Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски, и Вангелина Маркудова .

У.бр.248/2020
17.02.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати