У.бр.24/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на делот: „втори братучеди“ од алинејата 3 и делот: „братучеди на вашиот брачен другар“ од алинејата 5 од делот: „III.2 Ангажман на блиски лица“ од 4-та страна на Изјавата за интереси содржани во Правилникот за формата и содржината на образецот на изјава за интереси („Службен весник на Република Македонија бр.146/2009).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на целината на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

3. Владимир Клековски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се цитира членот 3 алинеја 5 од Законот за спречување судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2007, 114/2009, 6/2012 и 153/2015) според кој „блиски лица“ се лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот, роднините по сватовство до втор степен, како и секое физичко или правно лице со кое службеното лице има приватен интерес.

Според членот 1 од оспорениот правилник, со овој правилник се пропишува формата и содржината на образецот на изјава за интереси со која службеното лице дава податоци за неговите лични и приватни интереси во вршењето на јавните овластувања и должности. Според членот 3 од истиот правилник, образецот на изјавата за интереси од членот 1 е составен дел на Правилникот.

Во самиот образец на изјавата за интереси (4-та страна на образецот или страна 71 од наведеното службено гласило), во делот III.2 Ангажман на блиски лица, во алинејата 3 било наведено дека блиски лица се: роднини по крв во странична линија до четврти степен на сродство (брат и сестра на вашите родители, вашите први и втори братучеди). Во алинејата 5 од истиот дел од образецот како блиски лица биле наведени роднините по сватовство до втор степен (татко и мајка, брат и сестра и братучедите на вашиот брачен другар).

Имајќи ја предвид законската одредба, подносителот на иницијативата смета дека во образецот на изјавата за интереси незаконски бил проширен кругот на субјекти, односно роднини за кои се барале податоци и кои биле наведени во образецот на изјавата. Имено, кај роднините по крв во странична линија биле наведени и вторите братучеди (според подносителот-шести степен на сродство), додека кај роднините по сватовство биле наведени и братучедите на брачниот другар (втор степен на сродство имале браќата и сестрите на брачниот другар, но не и братучедите на брачниот другар) со што се проширувал кругот на роднините предвидени во Законот. Ова од причина што во Република Македонија, степенот на сродство се пресметувал според бројот на раѓања на начин подробно опишан во иницијативата по однос на правата и страничната линија на сродство.

Оттаму, немало никаква дилема дека наведените делови од образецот не биле во согласност со член 3 став 1 алинеја 5 од Законот за спречување судир на интереси, а како образецот на изјавата и нејзините делови не можеле да се издвојат од Правилникот, подносителот на иницијативата смета дека и Правилникот во целост бил незаконит и како таков требало да биде укинат или поништен.

Според подносителот на иницијативата Правилникот имал карактер на пропис подобен за уставно судска оцена, бидејќи истиот произведувал права и обврски за неопределен круг на субјекти. Дотолку повеќе што со Правилникот и образецот драстично се проширувал кругот на лица за кои требало да се достават податоци, со што се доведувала во прашање законитоста на прибирањето и обработката на личните податоци на граѓаните на Република Македонија, а уште повеќе што било практично невозможно да се достават сите податоци за далечните роднини.

4. Судот на седницата, утврди дека, врз основа на членот 20-г од Законот за спречување судир на интереси („Службен весник на Република Македонија” бр.70/2007 и 114/2009), Државната комисија за спречување на корупцијата на 1 декември 2009 година донела Правилник за формата и содржината на образецот на изјава за интереси.

Во членот 1 од Правилникот е определено дека со овој правилник се пропишува формата и содржината на образецот на изјава за интереси со која службеното лице дава податоци за неговите лични и приватни интереси во вршењето на јавните овластувања и должности.

Според член 2 од Правилникот, образецот на изјавата за интереси од членот 1 од овој правилник се печати во формат А4 на хартија во бела боја.

Во членот 3 од Правилникот е определено дека, образецот на изјавата за интереси од членот 1 е составен дел на овој правилник.

Според членот 4 од Правилникот, овој правилник влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија”.

Правилникот носи бр.12-1601/3 од 1 декември 2009 година.

Во продолжение на Правилникот следува образецот на изјавата за интереси, како составен дел на Правилникот. Образецот е составен од шест страници. На четвртата страна од образецот (стр. 71 од службениот весник), како појаснување на насловот. „III.2 Ангажман на блиски лица“ под блиски лица меѓу другите во алинејата 3 се наведени: роднините по крв во странична линија до четврти степен (брат и сестра на вашите родители, вашите први и втори братучеди), а во алинејата 5 се наведени: роднините по сватовство до втор степен (татко и мајка, брат и сестра и братучедите на вашиот брачен другар).

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на Уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 3 алинеја 5 од Законот за спречување на интереси, поимот: „блиски лица“ употребен во Законот за спречување на интереси го има следното значење: „лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот, роднините по сватовство до втор степен, како и секое физичко или правно лице со кое службеното лице има приватен интерес.

Во членот 20-г од истиот закон, е предвидено дека формата и содржината на образецот за изјавата за интереси од членовите 20-а и 20-б на овој закон ги пропишува Државната комисија.

Оттаму, Судот оцени дека оспорениот Правилник како целина има законски основ (член 20-г од Законот). Истиот е донесен од овластен орган и доколку се оценува без појаснувањето дадено во заградите на алинеите 3 и 5 од четвртата страна од образецот (стр. 71 од службениот весник), произлегува дека во целост се поклопува со содржината на член 3 алинеја 5 од Законот. Во двата акта (Законот и Правилникот) е содржан ист степен на сродство, односно роднини по крв во странична линија до четврти степен и роднини по сватовство до втор степен.

Врз основа на вака направената анализа произлегува дека Правилникот разгледуван како целина е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со член 3 алинеја 5 од Законот за спречување на интереси.

Според Судот она што е проблематично и би можело да се стави под сомнение по однос на согласноста со Уставот и со Законот е излегувањето надвор од уставната и законска рамка со појаснувањето на алинеите 3 и 5 од четвртата страна од образецот (стр. 71 од службениот весник) содржано во заградите. Поконретно тоа се: делот „втори братучеди“ по однос на алинејата 3 и делот: „братучеди на вашиот брачен другар“ по однос на алинејата 5. Впрочем и подносителот на иницијативата посебно ги оспорува овие делови од Правилникот и образецот како негов составен дел.

Имено, според правната теорија (Семејното право во СФРЈ, д-р Војислав С.Бакиќ, 1988 година; Коментар на Законот за наследување, д-р Кирил Чавдар, 1996 и 1998 година и Семејно право, Лилјана Спирковиќ Трпеновска, 1997 и 2008 година) во Република Македонија, во зависност на основот на врската помеѓу сродниците се разликува: крвно сродство во права линија, крвно сродство во странична линија и сродство по сватовство (при што степените на сродство се идентични како степените на сродство за брачниот другар). Притоа бројот на раѓања помеѓу сродниците го определува и степенот на сродство, според познатата максима на римското право: „quot sunt generations, tot sunt gradus“ или колку раѓања, толку степени на сродство. Поделбата на сродниците според нивниот најблизок заеднички предок е позната уште како парентеларен систем кој е во примена во наследните и воопшто во семејно-правните односи во Република Македонија.

Крвно сродство од прв степен постои само помеѓу родители и деца и обратно. Прв степен на сродство, но во странична линија, и тоа кај роднините по сватовство постои помеѓу: снаата и родителите на сопругот и зетот и родителите на сопругата (идентичен степен на сродство како на брачниот другар) и обратно.

Сродството по крв во страничната линија секогаш започнува од втор степен, односно е сродство помеѓу сестри и браќа од два или еден ист родител. Оттаму и сродството по сватовство помеѓу давателот на изјавата и браќата и сестрите на брачниот другар е странично сродство од втор степен.

Според наведеното, а следејќи ја правната теорија и законската рамка произлегува дека опфатот на лицата кои се во меѓусебно соодветно сродство, кој е од значење за појаснување на ангажманот на блиски лица на давателот на изјава на интереси кои вршат јавни овластувања за алинејата 3 (страна 4 од образец) требало да се однесува на следните лица:

-брат и сестра на давателот на изјавата, како роднини по крв од втор степен странична линија, а кои не се означени како блиски лица;
-брат и сестра на родителите на давателот на изјавата, како роднини по крв од трет степен странична линија. Внуците од браќата и сестрите на давателот на изјавата се исто така роднини по крв од трет степен странична линија, но истите не се означени како блиски лица со давателот на изјавата и
-првите братучеди на давателот на изјавата, како роднини по крв од четврти степен странична линија.

Вторите братучеди на давателот на изјавата спаѓаат веќе во петти степен на роднини по крв во странична линија од каде со право во иницијативата се укажува на доуредување надвор од законската рамка.

По однос на алинејата 5 (страна 4 од образецот) односно појаснувањето на роднините по сватовство до втор степен според правната теорија и законската рамка требало да се однесува на следните лица:

-Родителите на брачниот другар на давателот на изјавата, како роднини по сватовство од прв степен и
-Брат и сестра на брачниот другар на давателот на изјавата, како роднини по сватовство од втор степен.

Братучедите на брачниот другар (први, втори и т.н.) спаѓаат во четврти, петти и т.н. степен на сродство по сватовство од каде со право во иницијативата се укажува на доуредување надвор од законската рамка.

Од сето наведено произлегува дека делот: „втори братучеди“ од алинејата 3 и делот: „братучеди на вашиот брачен другар“ од алинејата 5 од делот: III.2 Ангажман на блиски лица од 4-та страна на Изјавата за интереси содржани во Правилник може да се стават под сомнение по однос на нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и по однос на член 3 алинеја 5 од Законот за спречување на интереси. Ова од причини што прописите мораат да бидат во согласност со Уставот и законите, а со доуредувањето очигледно е излезено надвор од законските рамки.

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.24/2018
7 ноември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски