У.бр.240/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 28 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити за време на вонредна состојба, бр. 44-4066/1, донесена од Владата на Република Северна Македонија на 14 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.126/2020 од 15 мај 2020 година).

2. Јана Никодиновска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, „оспорениот акт е спротивен на член 126 од Уставот на Република Северна Македонија во кој е уредено дека: „При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието“. Владата согласно Уставот носи уредби со законска сила само за времетраење на вонредната состојба, а по завршувањето на вонредната состојба уредбите со законска сила донесени од страна на Владата престануваат да важат.“
Со иницијативата се предлага поведување на постапката, а потоа поништување на оспорената уредба.

3.а) Судот на седницата утврди дека Уредбата е донесена врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија.

Членот 1 од Уредбата гласи: „Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/20), по членот 3 се додава нов член 3-а кој гласи:

„Член 3-а

Оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба, како и 90 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба.“

Членот 2 од Уредбата определува дека: „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

б) Судот исто така утврди дека претходната уредба – Уредба со законска сила за примена на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2020 од 4 април 2020 година), определува дека:

– член 1: „Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/11, 145/15, 23/16 и 20/19) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку определено“ (став 1).
„На висината на трошоците кои не се вклучени во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила за време на траење на вонредната состојба“ (став 2).
-членот 2 од претходната уредба гласи: „Кредиторите не смеат да наплатуваат трошоци кои не се вклучени во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци кои надминуваат 30% од износот на одобрениот кредит“.
-Во член 3 се определува дека: „Глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на кредиторот ако постапува спротивно на одредбите од член 2 од оваа уредба со законска сила“.
-Според член 4, „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“ (тоа е 4 април 2020 година).

Од содржината на претходната и оспорената уредба, анализирани од аспектот покренат со предметната иницијатива, произлегува дека 90 дена по престанокот на вонредната состојба (тоа е периодот од 22 јуни 2020 година, кога престана вонредната состојба, до 20 септември 2020 година, кога истекоа 90-те дена), кредиторите не смеат да наплатуваат трошоци кои не се вклучени во годишната стапка на вкупните трошоци кои надминуваат 30% од износот на одобрениот кредит. Оттука понатаму произлегува дека во наведениот период кредиторите смеат да наплатуваат само трошоци кои се вклучени во годишната стапка на вкупните трошоци и кои се под 30% од износот на одобрениот кредит, а во спротивно, сторуваат прекршок за кој е утврдена глоба од 3.000 евра во денарска противвредност.

в) Покрај тоа, Судот утврди дека Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити го определил следното значење на употребените поими:
-„потрошувач“ е физичко лице кое склучува договор за потрошувачки кредит (член 2 став 1 точка 1),
-„кредитор“ е банка или трговско друштво кое регистрирало дејност-одобрување на кредит на потрошувач (член 2 став 1 точка 2),
-„договор за потрошувачки кредит“ е договор со кој кредиторот одобрува на потрошувачот кредит во различни форми: заем, дозволено пречекорување, одложено плаќање на производи и услуги, финансиски лизинг (член 2 став 1 точка 3),
-„годишна стапка на вкупни трошоци“ се сите трошоци поврзани со кредитот: камати, провизии, даноци, премии за осигурување, трошоци за водење на сметка, трошоци за уплати на искористениот кредит, трошоци за исплати на средства од одобрениот кредит (член 2 став 1 точки 7 и 9 и член 20 став 3).

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот го уредил односот меѓу граѓанинот-потрошувач и правното лице-кредитор во врска со одобрување на потрошувачки кредит, при што законодавецот ги определил и вкупните трошоци кои на годишно ниво може да се пресметаат на потрошувачот со цел да се заштити граѓанинот-потрошувач.

г) Од содржината на наведениот закон, уредбата која претходи на оспорената уредба и од содржината на оспорената уредба произлегува дека: (1) Законот определува ограничување на вкупните трошоци на годишно ниво кои кредиторот може да ги пресмета на потрошувачот, потоа (2) претходната уредба предвидува дополнително ограничување на вкупните трошоци на годишно ниво за одобрен потрошувачки кредит – кредиторите да не смеат да наплатуваат трошоци надвор од вкупните трошоци пресметани на годишно ниво кои надминуваат 30% од износот на одобрениот кредит (член 2 од претходната уредба), а (3) со оспорената уредба се продолжува ограничувањето од претходната уредба – кредиторите да не смеат да наплатуваат трошоци надвор од годишните вкупни трошоци кои надминуваат 30% од одобрениот кредит, така што ограничувањето важи уште 90 дена по престанокот на вонредната состојба.

4. Во член 125 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија се определува дека „Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.“

Според став 2 од истиот член, „Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.“

Во ставот 3 се утврдува дека „Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.“

Ставот 4, пак, од истиот член на Уставот определува дека „Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.“

Според член 126 став 1 од Уставот, „При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.“
Ставот 2 од истиот член, пак, определува дека „Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека вонредна состојба настанува ако настанат, покрај другото, големи епидемии (член 125 став 1 од Уставот), постоењето на вонредната состојба го утврдува Собранието на Републиката со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници, и трае најмногу 30 дена (член 125 ставови 2 и 3 од Уставот) и ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката, при што таа одлука се поднесува на Собранието на потврдување тогаш кога тоа ќе може да се состане (член 125 став 4 од Уставот). Од изнесените уставни одредби, понатаму, произлегува дека: при постоење на вонредна состојба Владата, во согласност со Уставот и со закон, донесува уредби со законска сила (член 126 став 1 од Уставот) и овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае додека Собранието не одлучи дека вонредната состојба е завршена (член 126 став 2 од Уставот).

Со други зборови, настанувањето на вонредната состојба, во принцип, се утврдува од Собранието на Републиката во постапка (по предлог на овластени субјекти), на начин (со одлука како вид на правен акт) и со времетраење (најмногу 30 дена) утврдени во Уставот, а, по исклучок, кога Собранието не може да се состане, постоењето на вонредната состојба се утврдува со одлука на претседателот на Републиката и се поднесува на потврдување до Собранието штом тоа ќе е во можност да се состане. Притоа, во ситуација кога е утврдено постоење на вонредна состојба без оглед дали со одлука на Собранието на Републиката или со одлука на претседателот на Републиката, Владата има уставно овластување да донесува уредби со законска сила, со тоа што тие уредби мораат да бидат во согласност со Уставот и со закон.

Оттука, понатаму произлегува дека со уредба со законска сила при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба, со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот. Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Со оглед на тоа што, во конкретниот случај, оспорената уредба е донесена во врска со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, бр.08-607/2, донесена од претседателот на Републиката на 16 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020), а која се однесува на заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19 за период од 30 дена, меѓу кои последици се и економските проблеми на граѓаните со склучени договори за потрошувачки кредити кои не завршуваат со престанокот на вонредната состојба, Судот утврди дека постои легитимна цел, општествена оправданост, разумност и пропорционалност во донесувањето на оспорената уредба на Владата на Република Северна Македонија, поради што Уредбата има основа во членовите 125 и 126 од Уставот и не навлегува во слободите и правата утврдени во членот 54 од Уставот. Од тие причини, Судот оцени дека не може да се постави прашање за согласност на оспорената уредба со одредбата од Уставот на кои упатува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претаседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.240/2020
28 октомври 2020 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати