У.бр.239/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 28 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот „Биро за лекови“ од член 5 ставови 2 и 5, член 6 став 5, член 7 ставови 1 и 5 и член 10 став 1 од Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја („Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2006, 136/2011 и 37/ 2016).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во наводите на иницијативата најпрвин се цитираат одредбите на член 4 точка 2 алинеја 1, член 5 ставови 2 и 5, член 6 став 5, член 7 ставови 1 и 5 и член 10 став 1 од Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја.

Понатаму, подносителот го наведува членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, во кој било наведено дека со денот на влегувањето во сила на Законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2011) престанувале да важат одредбите од член 22 став 2 и членот 65 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, коишто се однесувале на Бирото за лекови.

Подносителот на иницијативата го цитира и членот 1 од Законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2011), според кој во Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2007 и 88/2010), по членот 157 се додавал нов член 157-а, кој гласел: „Со денот на именувањето на директорот на Агенцијата за лекови престанува да постои Бирото за лекови. Агенцијата за лекови ги презема надлежностите, правата, обврските, имотот, вработените, архивата и документацијата од Бирото за лекови.“.

Оттука, имајќи ја предвид содржината на одредбата од членот 1 од Законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала, според подносителот на иницијативата, оспорените делови од одредбите на Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја содржеле надлежности и овластувања за непостоечки орган, поради што, во правниот поредок на Република Северна Македонија можело да дојде до правна несигурност, нејаснотии и забуни во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика, како и за органите коишто го применуваат овој закон, а кое нешто не било во согласност со владеењето на правото пропишано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Согласно наведеното, подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од наведените законски одредби и истите да ги укине како спротивни на Уставот на Република Северна Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот член 5 став 2 од Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја („Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2006, 136/2011 и 37/2016), Комисијата е составена од претставници на Министерство за здравство – Биро за лекови, Министерство за надворешни работи, Министерство за внатрешни работи, Министерство за одбрана, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за економија, Министерство за финансии – Царинска управа и Дирекција за заштита и спасување, а според ставот 5, административно-техничките работи на Комисијата ги врши Министерството за здравство – Биро за лекови.

Согласно оспорениот член 6 став 5 од Законот, регистар на издадените дозволи од овој член се чува во Министерството за здравство – Биро за лекови.

Во ставот 1 на членот 7 од наведениот закон е уредено дека секој увоз, извоз и транзит на токсични хемикалии и нивните прекурзори, за цели кои не се забранети со Конвенцијата, се врши само врз основа на претходно издадена дозвола од Министерството за здравство – Биро за лекови по поднесено барање, коешто ги издава овие дозволи најдоцна во рок од 30 дена, а според ставот 5, регистар на издадените дозволи и решенија од ставовите (1) и (2) на овој член ќе се чува во Министерството за здравство – Биро за лекови.

Согласно оспорениот член 10 став 1 од Законот, одговорното лице е должно на писмено барање на Министерството за надворешни работи и на Министерството за здравство – Биро за лекови, да им достават податоци за процесот на производство, потрошувачка и преработка на токсични хемикалии и на нивните прекурзори, податоци за капацитетите и техничката опрема и податоци за увозот, извозот, транзитот и складирањето, вклучувајќи и податоци за количествата на поединечни токсични хемикалии и на нивните прекурзори, како и податоци за производство на посебни органски хемикалии и PSF хемикалии.

4. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од горенаведените оспорени одредби од Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја („Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2006, 136/2011 и 37/2016) произлегува дека овие одредби упатуваат на надлежностите и овластувањата на Бирото за лекови во состав на Министерството за здравство, но законските одредби што се оспоруваат се донесени во време кога постоело Бирото за лекови како орган во состав на Министерството за здравство.

Според членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2011 од 13.04.2011 година), со денот на влегувањето во сила на Законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2011) престануваат да важат одредбите од член 22 став 2 и членот 65 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008 и 167/2010), коишто се однесуваат на Бирото за лекови.

Согласно членот 1 од Законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2011), во Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2007 и 88/2010), по членот 157 се додава нов член 157-а, којшто гласи: „Со денот на именувањето на директорот на Агенцијата за лекови престанува да постои Бирото за лекови. Агенцијата за лекови ги презема надлежностите, правата, обврските, имотот, вработените, архивата и документацијата од Бирото за лекови.“

Со иницијативата се поставува прашањето дали со наведениот пропуст од страна на законодавецот, егзистирањето на делот „Биро за лекови“ во оспорените членови од Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја, доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуни во практикувањето на правото за субјектите што се засегнати со конкретната правна проблематика, како и за органите коишто го применуваат овој закон бидејќи оспорените членови содржат надлежности и овластувања за непостоечки орган и дали на тој начин се повредува начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека се работи за потреба од номотехничко усогласување на оспорениот дел „Биро за лекови“ од наведените членови од Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја, со настанатата правна последица како резултат на извршените измени и дополнувања на Законот за лековите и медицинските помагала и на Законот за организација и работа на органите на државната управа, во кои е уредено дека Агенцијата за лекови е правен наследник на Бирото за лекови.

Во суштина, наводите во предметната иницијатива не се однесуваат на содржината на одредбите од Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја, којашто единствено може да биде предмет на уставно-судска оцена на согласноста со Уставот, туку на ситуацијата којашто настанала поради технички пропуст на законодавецот, односно останувањето во правниот поредок на делот „Биро за лекови“ во оспорените законски одредби.

Тргнувајќи од наведената уставна одредба на која се повикува подносителот на иницијативата кој го оспорува делот „Биро за лекови“ во член 5 ставови 2 и 5, член 6 став 5, член 7 став 1 и 5 и член 10 став 1 од наведениот закон, Судот оцени дека истите се неосновани од причина што оспорените одредби не претставуваат суштинска повреда на Законот, туку станува збор за грешка од номотехнички карактер, којашто грешка нема влијание во однос на правната сигурност на граѓаните и не може да предизвика забуна во однос на правилната примена на оспорените законски одредби.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 1 на Уставот, како и наводите во иницијативата за уставно проблематизирање на оспорениот дел „Биро за лекови“ од наведените членови од Законот, Судот оцени дека подносителот на иницијативата, во суштина, бара Уставниот суд преку покренување на уставниот механизам за оценување на уставноста на оспорените законски одредби, да изврши техничка корекција на оспорените законски одредби што е во исклучива надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

Од друга, страна, надлежноста на Уставниот суд за уставно-судска контрола не се однесува на проверка на меѓусебната неусогласеност на законите, туку Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Оттука, а имајќи ја предвид и досегашната уставно-судска практика во слични случаи кога биле констатирани технички грешки во законските одредби, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, поради ненадлежност.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.239/2020
28.10.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати