У.бр.22/2019-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 21 април 2021 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2015, 39/2016 и 83/2018).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесена иницијатива од Љубица Панова од Скопје, со Решение У.бр.22/2019 од 21 јануари 2021 година, поведе постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седница утврди дека рокот за важење на лиценцата за работа и условите за издавање на прва лиценца за работа е определен во членот 96 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2015, 39/2016 и 83/2018), каде е утрврдено дека лиценцата за работа на КАМ практичарот се издава за период од седум години (став 1). Лиценцата за работа на КАМ практичарот од став 1 на овој член се издава по конечноста на одлуката за издавање, односно за обновување на лиценцата за работа на КАМ практичарот (став 2). Лицето кое сака да биде КАМ практичар треба да ги исполни условите утврдени со член 15 од овој закон, како и следните услови: 1) активно познавање на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и 2) да не е осудуван за кривично дело со казна затвор во траење подолго од шест месеци и 3) против лицето не е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност. (4) Кон барањето за издавање на лиценца за работа, лицето кое бара издавање на лиценца ги приложува следните докази: 1) доказ за исполнетост на условите од член 15 од овој закон и 2) уверение за активно познавање на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, издадено од надлежна институција.

5. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од член 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Согласно членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Со Одлуката за пристапување на Република Северна Македонија кон меѓународните правни документи за основните човекови права и слободи донесени од ООН, меѓу кои се Универзалната декларација за човековите права (донесена на 10 декември 1948 година) е објавена во „Службен весник на Република Македонија” бр. 57/1993 од 23 септември 1993 година и со потпишувањето на Протоколот број 12 на Европската конвенција за заштита на човековите слободи и права се дел од националното законодавство.

Во членот 1 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2015, 39/2016 и 83/20180 е уредено дека предмет на уредување се прашањата коишто се однесуваат на системот, организацијата и примената на методите и постапките на комплементарната и алтернативната медицина, лицата кои применуваат методи и постапки на комплементарна и алтернативна медицина, установи за комплементарна и алтернативна медицина, Центарот за традиционална кинеска медицина, квалитетот на методите и постапките на комплементарната и алтернативната медицина, Комората за комплементарна и алтернативна медицина, лиценцата за работа, стручниот надзор над работата на практичарите на комплементарна и алтернативна медицина и други работи кои се однесуваат на комплементарна и алтернативна медицина. Овој закон ја воспоставува рамката за професионално применување на комплементарната и алтернативната медицина и се однесува на сите кои применуваат методи и постапки на комплементарната и алтернативната медицина опфатени со овој закон (член 2).

Од анализата на наведените уставни и законски одредби како и содржината на оспорениот член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина, Судот утврди дека во конкретниот случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело кое настапувало по сила на закон.

При оценување на уставноста на оспорениот дел од законската одредба основен критериум е постоењето на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Со други зборови, тоа значи дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата на тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина, според која осудуваноста на граѓанинот за одделни кривични дела е ограничувачки фактор лицето да врши дејност на КАМ практичар, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, според Судот, со таквото ограничување се повредува уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и се ограничува правото на работа. Имено, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на законот, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело коишто се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба на член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина не е доволно прецизена и јасна и не обезбедува правна сигурност на граѓаните, поради што се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеји 1, 3 и 4 од Уставот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.22/2019
21.04.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.22/2019