У.бр.2/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 18 ноември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1 зборовите „доколку се исполнети следните услови и постапка“ и точките 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 10 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.162/2019).

2.Божна Гаговска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на наведените одредби од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата, оспорените одредби чијашто содржина ја цитира од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 50 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија чијашто содржина ја цитира.

Понатаму, подносителот на иницијативата ги цитира одредбите од членот 8 од Законот за сопственост и други стварни права, член 24, член 24 став 1 точка 1 алинеја 15, член 30 ставови 1 и 2, член 158 став 1 и член 160 од Законот за енергетика, член 4 алинеја 1, член 118 и 119 од Законот за заштита на потрошувачите и смета дека со оспорените измени на Правилата за снабдување со топлинска енерија се повредуваат наведените уставни и законски одредби.

Оттука, според подносителот, пристапот на потрошувачот да ја користи јавната услуга е премногу важен од аспект на заштита на човековите слободи и права и особено заштитата на правото на сопственост, поради што Уставниот суд не треба да дозволи условите за користење или некористење топлинска енергија да ги утврдува Регулаторната комисија за енергетика. Законодавецот, во регулирањето на односите на сопствениците на посебни делови во објектите за колективно домување, секогаш водел сметка за согласноста или волјата на мнозинството сопственици на посебните делови. Ова значи, законодавецот, а не регулаторот или министерот од соодветната област да уредува услови за остварување на правата на граѓаните со правилници или правила (Закон за градење, Закон за домување, Закон за сопственост и други стварни права).

Притоа, барањето согласност од мнозинството сопственици на станови во објектот не е резултат на волјата на законодавецот, таквиот посебен однос, поради неговата евентуална специфика, да биде уреден со закон туку е уредено со Правилата, односно со подзаконски акт, што претставува утврдување на права и обврски за граѓаните со подзаконски акт наместо со закон, што води кон повреда на начелото на владеење на правото. Тоа значи, барањето на согласност од мнозинството сопственици во објактот за исклучување е работа на законодавецот.

Користењето на јавна услуга за потребите на потрошувачот е индивидуално право да одлучи дали ќе користи или нема да користи јавна услуга во својата сопственост. Уставот и Законот за сопственост и други стварни права на сопственикот му гарантира сопственоста да ја користи и со неа да располага постојано, апсолутно и исклучиво, а тоа значи располагањето и користењето на сопственоста се остварува според слободната волја на сопственикот под одредени услови утврдени со закон, а не со правила. При користењето на сопственоста, сопственикот има слободна волја да одлучи дали ќе користи или нема да користи јавна услуга, во случајот со користење на топлинска енергија сопственикот индивидуално одлучува каква јавна услуга ќе користи за загревање на својата сопственост и од кој снабдувач.Законот за енергетика во членот 160 утврдува дека: Потрошувачот има право на слободен избор од кој снабдувач ќе биде снабдуван со топлинска енергија.

Сопствениците на станови или деловни објакти исклучени од системот за снабдување со топлинска енергија, доколку не исполнат некои од условите утврдени во ставовите 2, 4, 5 и 6 од членот 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, плаќаат одреден надоместок (фиксен дел) за топлинска енергија што ја користат од инсталациите (цевките) што поминуваат низ становите и топлината што поминува низ ѕидовите и таваните (пасивно преземање на топлинска енергија).

Понатаму, во иницијативата се наведува оспорениот член 2 став 1 точките 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 10 не се во согласност со Уставот и со Законот за енергетика од причини што за потрошувачите се создаваат обврски и тоа: за елаборат за енергетска ефикасност, за контрола за енергетска ефикасност и други финансиски обврски без објективизирани правни стандарди и критериуми. Притоа подносителот наведува дека барањето за енергетска ефикасност на посебен дел од станбено-деловен објект нема правна основа ниту во меѓународната ниту во домашната регулатива.

Директивите на Европската Унија за енергетска ефикасност на објактите од 2002/91, 2010/31 и други директиви за енергетска ефикасност воведуваат енергетска сертификација на зградите поголеми од 1000 м2 за време на изградбата, продажбата или закупот на зградата. Зградите со помала потрошувачка и поголема енергетска ефикасност добиваат поголема вредност на пазарот на недвижности.

Исто така, во иницијативата се наведува дека правото на приговор до Регулаторната комисија за енергетика и во случај на одбивање на елаборатот за енергетска ефикасност и во случај на одбивање на барањето за исклучување со поднесената целокупна документација никако не значи заштита на барателот. Бараетелот покрај што е изложен на трошоци за елаборат за енергетска ефикасност и за енергетски контролор, дополнително со приговор ќе биде изложен на финансиски трошок за административни такси. Регулаторната комисија за енергетика ги уредува начинот и постапката за промена на снабдувачот од страна на потрошувачот како и остварување на правото на потрошувачот без надоместок да го промени снабдувачот. Потрошувачот има право на слободен избор од кој снабдувач ќе се снабдува со топлинска енергија.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 2 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија членот 54 се менува и гласи:

„Во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред на влез во топлинска подстаница може да се врши поединечно исклучување на посебен дел од објектот, по барање на сопственикот, кое го поднесува до снабдувачот со топлинска енергија, ако се исполнети следните услови и постапка: сопственикот на посебниот дел од објектот кој што бара да се исклучи е потребно да обезбеди писмена согласност за исклучување од системот за топлинска енергија од мнозинство од вкупниот број на сопственици на посебни делови од објектот,
2) по добивање на писмената согласност од став (1), точка 1) од овој член, сопственикот на посебниот дел од објектот кој што бара да се исклучи е потребно да изготви елаборат за енергетска ефикасност, со кој се потврдува дека алтернативниот систем за греење кој што ќе се користи по исклучувањето е енергетски поефикасен, еколошки поприфатлив и значително го намалува користењето на примарна енергија потребна за испорака на единица топлинска енергија во споредба со системот за централно греење, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција
3) барателот ангажира инженер со овластување за проектирање од областа на енергетската ефикасност за изготвување на елаборатот за енергетска ефикасност,
4) барателот му го доставува на снабдувачот елаборатот за енергетска ефикасност со барање за негово одобрување и реализирање. Снабдувачот одлучува по барањето за одобрување на елаборатот за енергетска ефикасност со решение. Ако снабдувачот го одбие барањето за одобрување на елаборатот за енергетска ефикасност, потрошувачот има право против решението на снабдувачот да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика,
5) барателот пристапува кон изведба на работите во елаборатот за енергетска ефикасност по добиеното одобрување од снабдувачот,
6) барателот ангажира енергетски контролор кој што ќе потврди дека изведениот систем за греење е реализиран согласно елаборатот за енергетска ефикасност, по завршување на изведбата,
7) барателот по писмен пат го информира снабдувачот за спроведената постапка за исклучување од системот за централно греење и ја приложува целокупната документација од спроведената постапка,
8) снабдувачот носи решение со кое го прифаќа или го одбива барањето за исклучување од системот за дистрибуција на топлинска енергија,
9) доколку снабдувачот го одбие барањето за исклучување, потрошувачот има право да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика,
10) по прифаќање на барањето на сопственикот и подмирување на сите доспеани обврски спрема снабдувачот по основ на испорачана топлинска енергија, договорот за снабдување со топлинска енергија се смета за раскинат“.

Од наведената содржина произлегува дека со точките 1-10 од ставот 1 на членот 54 од Правилата, се пропишува постапка за сопственикот на посебниот дел од објектот кој сака да се исклучи од системот за централно греење. Целта на пропишаната постапка е да се добие одобрување за исклучување од страна на снабдувачот со топлинска енергија, што ќе резултира со краен исход – исклучениот од системот на централно греење во објект за колективно домување да не плаќа надоместок за топлинска енергија.

Од анализата на пропишаната постапка, а имајќи ја предвид целината на член 54 став 1 точките од 1-10 произлегува дека таа подразбира одредени обврски за сопственикот на посебниот дел од објектот кој сака да се исклучи од системот за централно греење (изработка на елаборат за енергетска ефикасност, ангажирање енергетски контролор) коишто имаат за цел остварување на одредено право: ослободување од обврската за плаќање надоместок за топлинска енергија.

Имајќи ги предвид одредбите од Законот за енергетика, Законот за домување, Законот за градење и Законот за сопственост и други стварни права произлегува дека право е на законодавецот да основа независни стручни тела и да им пренесува јавни овластувања во сферата на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со Законот за енергетика.

4. Судот, исто така утврди дека по поднесување на иницијативата врз основа на член 24 став (1) точка 1) алинеја 15 и член 30 од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19), Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 24 септември 2020 година, донесе

ПРАВИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПРАВИЛАТА ЗА СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА

Член 1

(1) Во Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.65/19 и 162/19), во членот 3 во ставот (2) по точката 20) се додаваат две нови точки 21) и 22) кои гласат:
„21) ефикасно централно греење“ е систем за централно греење со користење на најмалку 50% обновлива енергија, 50% рециклирана топлина, 75% топлина од комбинирано производство или 50% од нивна комбинација;
22) ефикасно поединечно греење“ е опција за поединечно греење која, во споредба со ефикасното централно греење, мерливо го намалува внесот на необновлива примарна енергија потребна за снабдување на една единица на испорачана енергија во соодветна граница на системот или бара ист влез на необновлива примарна енергија, но со помал трошок, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција.“

Член 2

Во насловот на Глава XII по зборот „ ИСКЛУЧУВАЊЕ“ се додаваат зборовите „И ОСЛОБОДУВАЊЕ“

Член 3

Членот 54 се менува и гласи:

(1) Во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред на влез во топлинска подстаница може да се врши поединечно исклучување и поединечно времено исклучување на посебен дел од објектот.
(2) Поединечното исклучување се врши по барање на сопственикот, кое го поднесува до снабдувачот со топлинска енергија, ако се исполнети следните услови:
1) системот на кој планира да се приклучи или системот за поединечно греење којшто ќе го користи ги задоволува условите за ефикасно поединечно греење во согласност со дефиницијата од член 1 точка 22) од овие правила,
2) системот на кој планира да се приклучи или системот за поединечно греење којшто ќе го користи, обезбедува подобри енергетски перформанси, односно е поефикасен и еколошки поприфатлив и го намалува користењето на примарна енергија во споредба со системот за централно греење на којшто е приклучен, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција, што се докажува со извештај за енергетска контрола изготвен од овластен енергетски контролор за згради и
3) обезбеди писмена согласност за исклучување од системот за централно греење со мнозинство од вкупниот број сопственици на посебни делови на зградата согласно со Законот за домување.
(3) Поединечно времено исклучување на посебен дел од објектот без обврската за исполнување на условите од став (1) на овој член се врши и по барање на сопственикот/ потрошувачот на посебниот дел од објектот.
(4) Кон барањето од став (2) на овој член сопственикот/ потрошувачот доставува изјава за времено некористење на посебниот дел од објектот.
(5) Изјавата за времено некористење на посебниот дел од објектот се поднесува најдоцна до 30 септември и истата задолжително треба да содржи податоци за временскиот период-грејна сезона за која посебниот дел од објектот нема да се користи, како и причина/и по основ на која посебниот дел од објектот нема да се користи.
(6) Снабдувачот треба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на комплетното барање од став (2) на овој член да донесе решение за усвојување или одбивање на барањето.
(7) Временото некористење на посебниот дел од објектот, сопственикот/ потрошувачот за кое му е издадено решение согласно став (5) на овој член треба да го потврди со поднесување на фактури за потрошена електрична енергија за периодот за кој е издадено решението, односно за периодот на важноста на грејната сезона.
(8) Фактурите за потрошена електрична енергија за периодот за кој е издадено решението, сопственикот/ потрошувачот треба да ги достави до снабдувачот најдоцна до 31 мај во тековната година за претходната грејна сезона.
(9) Во периодот за кој е издадено решение за временото некористење на посебниот дел од објектот, потрошувачката на електрична енергија на месечно ниво не треба да надминува 50 kwh, односно 350 kwh за целиот период на траење на грејната сезона.
(10) Сопственикот/потрошувачот на кого му е издадено решението за временото некористење на посебниот дел од објектот треба да го плаќа фиксниот дел од вкупниот надоместок за топлинска енергија утврден согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.
(11) Доколку сопственикот/ потрошувачот не постапи согласно став (7) од овој член или од фактурите за потрошената електрична енергија се утврди дека е надминат прагот утврден во став (9) од овој член, снабдувачот донесува решение за престанок на важење на решението за временото некористење на посебниот дел од објектот со кое ќе го задолжи сопственикот/ потрошувачот да го уплати варијабилниот дел од вкупниот надоместокот за грејната сезона.
(12) Против решенијата донесени согласно ставовите (6) и (10) од овој член сопственикот има право да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика.

Член 4

По членот 54 се одаваат два нови члена 54-а и 54-б кои гласат:

“Член 54-а

(1) Сопственикот на посебниот дел од објектот кој што бара да се исклучи од системот за централно греење( во натамошниот текст: барател) ја спроведува следната постапка:
1) обезбедува писмена согласност за исклучување од системот за топлинска енергија од мнозинство од вкупниот број на сопственици на посебни делови од објектот,
2) по добивање на писмената согласност од точката 1) од овој став, барателот е потребно да изготви проект за греење со кој ќе се предвиди алтернативниот систем за греење кој што ќе се користи по исклучувањето обезбедува подобри енергетски перформанси, односно е поефикасен и еколошки поприфатлив и го намалува користењето на примарна енергија во споредба со системот за централно греење на којшто е приклучен, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција,
3) барателот ангажира инженер со овластување за проектирање од областа на енергетската ефикасност или друг соодветен инженер со овластување за изработка на проектна документација за греење, за изготвување на проектот за греење,
4) барателот му го доставува на снабдувачот проектот за греење со барање за негово одобрување и реализирање. Снабдувачот одлучува по барањето за одобрување на проектот со решение во рок од 15 дена од денот на доставувањето. Ако снабдувачот го одбие барањето за одобрување на елаборатот за енергетска ефикасност, потрошувачот има право против решението на снабдувачот да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика,
5) барателот пристапува кон изведба на работите во проектот за греење по добиеното одобрување од снабдувачот,
6) барателот ангажира енергетски контролор кој што изготвува извештај за енергетска контрола со кој се докажува дека изведениот систем за греење обезбедува подобри енергетски перформанси, односно е поефикасен и еколошки поприфатлив и го намалува користењето на примарна енергија во споредба со системот за централно греење на којшто е приклучен, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција,
7) барателот по писмен пат го информира снабдувачот за спроведената постапка за исклучување од системот за централно греење и ја приложува целокупната документација од спроведената постапка.
(2) По спроведувањето на постапката од став (1) на овој член, снабдувачот донесува решение со кое се усвојува или одбива барањето за исклучување од системот на централното греење.
(3) Барателот на кој му е издадено решение за исклучување од системот на централното греење треба да ги подмири сите доспеани обврски спрема снабдувачот по основ на испорачана топлинска енергија и трошоци за исклучување утврдени согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, со што договорот со снабдувачот ќе се смета за раскинат.
(4) Против решението донесено согласно став (2) од овој член сопственикот има право да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика.

Член 54-б

(1) Сопственикот на посебен дел во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, а кој не е приклучен на системот за централно греење има обврска да го плаќа фиксниот дел од вкупниот надоместок за топлинска енергија кој се определува согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.
(2) Од обврската од став (1) од овој член се ослободува сопственикот на посебен дел, ако:
1) живее во него и кај снабдувачот кон барањето за ослободување како доказ приложи валиден документ (лична карта на сопственикот или член на неговото потесно семејство кој живее во станот на увид, имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1500 kWh)
2) го наследил, добил на подарок или го стекнал по друг правен основ, и кај снабдувачот кон барањето за ослободување како доказ приложи валиден документ (лична карта на увид, имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1500 kWh),
3) го дава на користење и кај снабдувачот кон барањето за ослободување како доказ приложи валиден документ и тоа:
– за корисник физичко лице (лична карта на корисникот на објектот на увид, имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето, договор за закуп заверен на нотар и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1500 kWh),
– за корисник правно лице (имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето, договор за закуп заверен на нотар и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1500 kWh).
(3) Снабдувачот е должен да во рок од 15 дена од денот на уредно доставеното барање од сопственикот на посебниот дел донесе решение со кое се уважува или одбива барањето за ослободување.
(4) Ако снабдувачот не го ослободи од обврската од став (1) од овој член, сопственикот на посебен дел има право да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика.
(5) Снабдувачот има право да врши периодична контрола на сопствениците на посебни делови кои што веќе добиле ослободување и да изврши промена на нивниот статус со донесување на решение, доколку при контролата утврди дека не се исполнети условите од став (2) на овој член.
(6) Потрошувачот има право против решението на снабдувачот од ставот (5) на овој член, да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика.
(7) Снабдувачот со податоците добиени од потрошувачот постапува во согласност со прописите со кои се уредува заштитата на лични податоци.“

Член 5

Во членот 55 во ставот (1) зборовите„ член 54“ се заменуваат со зборовите „член 54-а“.

XV. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 6

За грејна сезона 2020/2021 потрошувачот може да поднесе барање за поединечно времено исклучување на посебен дел од објектот согласно член 54 став (3) и Изјава за времено некористење на посебниот дел од објектот согласно член 54 став (5) од овие Правила, заклучно со 31 октомври 2020 година.

Член 7

Овие правила влегуваат во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Тргнувајќи од содржината на измените и дополнувањето на Правилата за снабдување со топлинска енергија произегува дека во конкретниот случај станува збор за пропишување на нови, посебни и специфични права и обврски на граѓаните, за прашања коишто не се дел од редовното користење на топлинската енергија, а пропишувањето на такви права и обврски за граѓаните со подзаконски акт, произлегува не само од Законот за енергетика, туку и од член 21 став 8 од Законот за енергетска ефикасност.

5. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на член 2 став 1 зборовите„доколку се исполнети следните услови и постапка“ и точките 1,2,3,4,5,6,7,8,9 и 10 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.162/2019).

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија врз основа на член 24 став (1) точка 1) алинеја 15 и член 30 од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19), на седницата одржана на 24 септември 2020 година, донесе од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.233/2020).

Во членот 6 од наведените правила е предвидено дека за грејна сезона 2020/2021 потрошувачот може да поднесе барање за поединечно времено исклучување на посебен дел од објектот согласно член 54 став (3) и Изјава за времено некористење на посебниот дел од објектот согласно член 54 став (5) од овие Правила, заклучно со 31 октомври 2020 година.

Според членот 7, овие правила влегуваат во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Со оглед на тоа што оспорените делови, односно членови од Правилата престанале да важат и не се во правниот поредок, Судот оцени дека врз основа на наведените уставни и деловнички одредби исполнети се условите за отфрлање на иницијативата.

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Елена Гошева, Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, и Вангелина Маркудова.

У.бр.2/2020
18.11.2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати