У.бр.2/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 април 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 266 став 1 од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2005, 4/2008, 48/2010, 158/2010, 44/2011, 53/2011, 11/2012, 171/2012, 187/2013, 129/2015, 154/2015,192/2015 и 23/2016).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на согласноста на член 266 став 1 од Царинскиот закон со Законот за прекршоците.

3. Адвокатот Зоран Величковски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и со Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2015).

Ова од причини што член 266 став 1 од Царинскиот закон не бил усогласен со член 15 став 6 и член 38 став 6 од Законот за прекршоците. Неусогласеноста произлегувала од фактот дека според одредбите во Законот за прекршоците кои ја регулираат мандатната постапка со издавање на мандатен платен налог, истата постапка можела да се поведе само за полесни прекршоци за кои била пропишана глоба од 500 евра за физичко лице, односно 1.500 евра за правно лице. Висината на глобата за прекршокот за кој може да се издаде мандатен платен налог била ограничена на наведените износи, кои не можеле да се менуваат со посебен закон.

За прекршоците предвидени со член 263 и член 264 ставoви 1 и 3 од Царинскиот закон, на правното лице можело да му се одреди глоба до 15.000 евра, односно до 5.000 евра во денарска противвредност, а на физичко лице ќе му се одмерела глоба во износ од 500 до 2.250 евра, односно од 200 до 750 евра во денарска противвредност.

Неодржливоста на член 266 став 1 од Царинскиот закон произлегувала и од фактот што истиот ја суспендирал примената на член 263 став 1 точки 10 и 11 и член 264 од истиот закон, бидејќи врачувањето на мандатен платен налог за прекршоците од наведените членови било задолжително, што значело дека наместо изречената глоба да биде одмерена во рамките на пропишаните износи од 15.000, односно од 5.000 евра во денарска противвредност за правно лице и од 500 до 2.500, односно од 200 до 750 евра во денарска противвредност за физичко лице, за прекршоците од наведените одредби сторителот ќе требало да плати само 250 евра доколку бил правно лице и 50 евра доколку бил физичко лице.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да го поништи оспорениот член 266 став 1 од Царинскиот закон.

На крајот, во иницијативата стои напомена дека при одлучувањето по иницијативата, немало основ за примена на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, од причини што Уставниот суд, со свое решение У.бр.251/2008 од 18 февруари 2009 година не повел постапка за оценување на уставноста на членот 266 од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2005 и 4/2008), но по донесување на Решението, донесен е Законот за прекршоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2015), а членот 266 од Царинскиот закон во меѓувреме бил целосно изменет.

4. Судот на седницата утврди дека според член 266 став 1 од Царинскиот закон, по утврдувањето на царински прекршок од член 263 став 1) точки 10 и 11, членот 264 или членот 265 во врска со член 263 став 1) точки 10 и 11 и членот 264 на овој закон, царинскиот службеник на сторителот на прекршокот ќе му врачи мандатен платен налог во износ од 250 евра во денарска противвредност за правно лице и трговец поединец, односно во износ од 50 евра во денарска противвредност за физичко лице.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со Амандманот XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 1 од Царинскиот закон, со овој закон се уредуваат правата и обврските на лицата и царинските органи во врска со стоката во патничкиот и стоковиот промет меѓу царинското подрачје на Република Македонија и странските царински подрачја (став 1). Царинскиот орган е единствен надлежен орган за спроведување на одредбите на овој закон и на прописите донесени врз основа на овој закон (став 2). Одредбите од овој закон не ја исклучуваат примената на прописите со кои се регулираат други области на тргување со други земји (став 3).

Во согласност со член 2 став 1 од Законот, одредбите на овој закон и на прописите донесени врз основа на овој закон се применуваат еднообразно на целото царинско подрачје на Република Македонија, освен ако поинаку не е утврдено со овој закон, со друг закон или со меѓународен договор што го ратификувала Република Македонија.

Поглавјето 9 од Законот носи наслов ПОВРЕДИ НА ЦАРИНСКИТЕ ПРОПИСИ (членови 258-269-а).

Според член 258 од овој закон, неизвршувањето на дејствија утврдени со одредбите на царинските прописи или вршењето на дејствија спротивни на одредбите на царинските прописи претставуваат повреди на царинските прописи. Повредите на царинските прописи можат да бидат кривични дела или царински прекршоци.

Во согласност со член 258-а од Законот, за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочна санкција и посебна прекршочна мерка за сторен царински прекршок, исклучива надлежност има прекршочниот орган утврден со Законот за Царинската управа.

Според член 259 став 1 од Царинскиот закон, царинскиот орган е должен на сторителот на царински прекршок да му предложи една од забрзаните постапки за порамнување, кога е тоа пропишано со закон. Според ставот 2 на истиот член, цел на постапката за порамнување е постигнување на согласност на царинскиот орган и сторителот на царинскиот прекршок заради отстранување на штетните последици од прекршокот и спречување на повторно вршење на прекршоци, како и избегнување на водење на прекршочна постапка пред прекршочниот орган.

Членот 259-а гласи:
„(1) Кога царинскиот службеник ќе утврди дека е сторен царински прекршок на сторителот ќе му врачи мандатен платен налог, освен за царинските прекршоци за кои со овој закон е предвидена посебната прекршочна мера одземање на стока.
(2) Ако сторителот доброволно не ја плати глобата во рок од осум дена од врачувањето на мандатниот платен налог, истиот има сила на извршна исправа и царинскиот службеник ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување.
(3) Сторителот кој што со заминување заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш да ја плати глобата изречена со мандатниот платен налог.
(4) Царинскиот службеник надлежен за покренување на прекршочна постапка може привремено да ги одземе патната исправа или личната карта за странец и возачката исправа, додека не биде доставен доказ дека глобата е платена, но најдолго 8 дена од денот на одземањето.
(5) Овластените царински службеници се должни да водат евиденција за издадените мандатни платни налози од ставот (1) на овој член и за исходот на покренатите постапки.
(6) Во евиденцијата од ставот (5) на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следните податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на мандатниот платен налог кој му се издава и исходот на постапката.
(7) Личните податоци од ставот (6) на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата. “

Со членовите 263 и 264 од Законот се пропишуваат прекршочни одредби.

Така, со член 263 се пропишуваат прекршочни одредби според кои глоба во износ од 15.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правно лице и трговец поединец (став 1), глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговец поединец за прекршоците од ставот (1) на овој член (став 2), а глоба во износ од 500 до 2.250 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на физичко лице (став 3).

Со членот 264 се пропишуваат прекршочни одредби според кои глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правно лице и трговец поединец (став 1), глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговец поединец за прекршоците од став (1) на овој член (став 2) и глоба во износ од 200 до 750 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на физичко лице (став 3).

Според член 265 став 1 од Законот, на правно лице односно трговец поединец, кој ќе купи, продаде, распродаде, добие на подарок, прикрива, прими на чување или на превоз, чува, користи или добие во сопственост врз која било основа стока за која знае или според околностите на случајот морал да знае дека со тоа бил направен прекршок од членовите 263 и 264 на овој закон, доколку сторителот извршил некое од дејствијата од членовите 263 и 264 на овој закон, му се изрекува глоба во износ од 15.000 евра во денарска противвредност во случај на прекршок од членот 263 на овој закон, односно глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност во случај на прекршок од членот 264 на овој закон. Според ставот 2 на истиот член, глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговец поединец за прекршоците од ставот (1) на овој член. За прекршок од ставот (1) на овој член на физичко лице му се изрекува глоба во износ од 500 до 2.250 евра во денарска противвредност во случај на прекршок од членот 263 на овој закон, односно глоба во износ од 200 до 750 евра во денарска противвредност во случај на прекршок од членот 264 на овој закон.

Членот 266 од Законот, гласи:
„(1) По утврдувањето на царински прекршок од членот 263 став 1) точки 10 и 11, членот 264 или членот 265 во врска со членот 263 став 1) точки 10 и 11 и членот 264 на овој закон, царинскиот службеник на сторителот на прекршокот ќе му врачи мандатен платен налог во износ од 250 евра во денарска противвредност за правно лице и трговец поединец, односно во износ од 50 евра во денарска противвредност за физичко лице.
(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговецот поединец за прекршокот од став (1) на овој член.
(3) Ако сторителот доброволно не ја плати глобата во рок од осум дена од врачувањето на мандатниот платен налог, истиот има сила на извршна исправа и царинскиот службеник ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување.“

Според членот 266-а од Законот, одмерувањето на висината на глобата за правно лице и трговец поединец се врши согласно Законот за прекршоците.

Од анализата на наведените одредби од Царинскиот закон, произлегува дека законодавецот донел посебен закон со кој ги уредил правата и обврските на лицата и царинските органи во врска со стоката во патничкиот и стоковиот промет меѓу царинското подрачје на Република Македонија и странските царински подрачја. Со овој закон, законодавецот пропишал дека неизвршувањето на дејствија утврдени со одредбите на царинските прописи или вршењето на дејствија спротивни на одредбите на царинските прописи претставуваат повреди на царинските прописи, кои можат да бидат кривични дела или царински прекршоци. Кога станува збор за царински прекршок, со Законот се пропишува должност за царинскиот орган на сторителот на прекршокот да му предложи една од забрзаните постапки за порамнување, кога е тоа пропишано со закон. Целта на постапката за порамнување е постигнување на согласност на царинскиот орган и сторителот на царинскиот прекршок заради отстранување на штетните последици од прекршокот и спречување на повторно вршење на прекршоци, како и избегнување на водење на прекршочна постапка пред прекршочниот орган. Понатаму, во Законот се пропишува дека кога царинскиот службеник ќе утврди дека е сторен царински прекршок на сторителот ќе му врачи мандатен платен налог, освен за царинските прекршоци за кои со овој закон е предвидена посебната прекршочна мера одземање на стока, при што доколку сторителот доброволно не ја плати глобата во рок од осум дена од врачувањето на мандатниот платен налог, истиот има сила на извршна исправа и царинскиот службеник ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување.

Со оспорениот член 266 став 1 од Законот се пропишува дека по утврдувањето на конкретни царински прекршоци пропишани со член 263 став 1) точки 10 и 11, член 264 или членот 265 во врска со член 263 став 1) точки 10 и 11 од Законот, царинскиот службеник на сторителот на прекршокот ќе му врачи мандатен платен налог во износ од 250 евра во денарска противвредност за правно лице и трговец поединец, односно во износ од 50 евра во денарска противвредност за физичко лице.

Оттука, произлегува дека законодавецот, во согласност со своето уставно овластување со закон да ги уредува областите на општествениот живот за кои ќе оцени дека тоа е потребно и оправдано, со Царинскиот закон, со кој ги уредил правата и обврските на лицата и царинските органи во врска со стоката во патничкиот и стоковиот промет меѓу царинското подрачје на Република Македонија и странските царински подрачја, пропишал можност за издавање на мандатен платен налог во царинска постапка, како вид на забрзана постапка за порамнување, при што прецизно и јасно ги пропишал царинските прекршоци за кои царинскиот службеник може да издаде мандатен платен налог во точно определен износ. Поради тоа, не може да се прифати дека пропишувањето на можност за врачување на мандатен платен налог за сторени царински прекршоци пропишани со член 266 став 1 од Законот, претставува повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Прашањето за тоа за кои царински прекршоци може/треба да се издаде мандатен платен налог, е прашање за чија оправданост и целисходност одлучува законодавецот, а не е прашање од надлежност на Уставниот суд.

Во таа смисла, наводите во иницијативата за тоа дека оспорениот член 266 став 1 од Царинскиот закон всушност ја суспендирал примената на член 263 став 1 точки 10 и 11 и член 264 од истиот закон, претставуваат наводи за меѓусебна оцена на одредби од ист закон, што не е прашање од надлежност на Уставниот суд.

6. Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Наводите во иницијативата за тоа дека прекршочните одредби кои се однесуваат на мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог пропишани со Царинскиот закон не биле во согласност со одредбите за издавање на мандатен платен налог пропишани со Законот за прекршоците, како општ закон, всушност претставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на одредби од два закони, што е прашање за кое, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Поради тоа, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.2/2018
4 април 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски