У.бр.21/2023

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 март 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 22-б и 27-б од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004, 23/2006, 127/2006, 64/2008, 114/2009, 50/2010, 83/2010, 140/2010, 152/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013, 187/2013, 42/2014, 112/2014, 166/2014, 20/2015, 44/2015, 97/2015, 124/2015, 129/2015, 193/2015, 37/2016, 71/2016, 64/2018, 140/2018 и 163/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019, 86/2020 и 67/2022).

2. Сашко Стојиловски од с.Миравци, Гевгелија, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Според наводите на подносителот на иницијативата, оспорените членови 22-б и 27-б од Законот за превоз во патниот сообраќај не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 5 од Законот за јавни набавки поради нарушена конкуренција и законско фаворизирање на еден превозник.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека исход од направените законски измени на Законот за превоз во патниот сообраќај е секогаш само еден оператор да ги исполнува условите и да учествува во постапките за јавни набавки, односно на сите други кои учествуваат во постапките за јавни набавки, понудите им се одбиени бидејќи не го исполнуваат условот да ја поседуваат дозволата која ја наметнува Законот иако нудат подобри услови за учениците, а пред сẻ далеку поконкурентни цени. Со ова основните и средните училишта се принудени да склучуваат договор со единствениот понудувач кој ги исполнува условите наметнати со оспорените членови 22-б и 27-б кои предвидуваат дека превозникот треба да вози по цени не повисоки од цените коишто важат за останатите патници, а цените коишто ги нудат се еднакви како и цените за останатите патници, но има разлика меѓу редовен и посебен линиски превоз. При посебниот превоз на патници каде од самиот почеток до крај на договорот се знае точниот број на патници – ученици кои ќе се возат, цените може да бидат многу пониски од цените за останатите патници, бидејќи во редовниот линиски превоз превозното средство некогаш може да е празно, некогаш полупразно, па во цените кои ги имаат формирано превозниците во редовниот линиски превоз ги имаат калкулирано и овие загуби поради што тие цени се високи за разлика од цените при организираниот превоз каде за една година однапред се знае кој ден колку патници ќе го користат превозот.

Имено, според подносителот на иницијативата по направените измени на Законот и воведување на спорните членови, договорните органи не ги применуваа оспорените членови, поради што се соочија со жалбени постапки од страна на носителите на дозволите, кои беа оценети како основани од страна на Државната комисија за жалби по јавни набавки. На општините значително им се покачија трошоците за превоз на ученици, но се соочија и со проблем од аспект на квалитетот на услугата, а секогаш кога реагираа на квалитетот на услугата немаше промени од страна на носителот на набавката бидејќи индиректно се заштитени со оспорените членови кои целосно ја нарушија конкуренцијата, односно нивната работа е загарантирана и за следните години, додека многу поконкурентни економски оператори учествуваат во постапките по јавни набавки, но нивните понуди се секогаш одбиени.

Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 22-б и 27-б од Законот за превоз во патниот сообраќај, по што истите да се укинат како спротивни на член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот, како и на член 5 од Законот за јавни набавки.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 22-б од Законот за превоз во патниот сообраќај е предвидено дека:

Бесплатниот превоз на ученици утврден со Законот за основното образование и Законот за средното образование на подрачјата на општините каде што има утврден возен ред се врши од страна на носителите на дозвола за општински линиски превоз, по цени и на начин утврдени од советите на општините и Советот на Град Скопје.

Во оспорениот член 27-б од наведениот закон се предвидува дека:

Бесплатниот превоз на ученици утврден со Законот за основното образование и Законот за средното образование на подрачјата на две или повеќе општини каде што има утврден возен ред во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз се врши од страна на носителите на дозвола за меѓуопштински линиски превоз, по цени утврдени од превозниците кои не можат да бидат повисоки од цените за останатите патници.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението бр.43/2020, на 21 јануари 2021 година оценувајќи ја уставноста на оспорените одредби од член 22-б и член 27-б од Законот за превоз во патниот сообраќај, не повел постапка за оценување на уставноста на член 22-б и член 27-б од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004, 23/2006, 127/2006, 64/2008, 114/2009, 50/2010, 83/2010, 140/2010, 152/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013, 187/2013, 42/2014, 112/2014, 166/2014, 20/2015, 44/2015, 97/2015, 124/2015, 129/2015, 193/2015, 37/2016, 71/2016, 64/2018, 140/2018 и 163/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019).

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на членовите 22-б и 27-б од Законот за превоз во патниот сообраќај.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.21/2023
23 март 2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска