У.бр.20/2022-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 5 април 2023 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ: член 31 став 3 во делот „член 30“; член 59 во делот „Министерство за стопанство“ и член 72 ставови 1 и 2 од Законот за заштита од експлозивни материи („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.4/1978, 10/1978-исправка, 51/1988 и 36/1990; „Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1993, 66/2007, 84/2008, 135/2011 и 148/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/2021).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решението У.бр.20/2022 од 4 мај 2022 година, по повод иницијативата на Игорче Точев од Скопје, поведе постапка за оцена на уставноста на одредбите и деловите од одредбите од Законот за заштита од експлозивни материи означени во точката 1 од оваа одлука.

4. Судот на седницата, утврди дека во оспорениот член 31 став 1 од Законот е предвидено дека нa правното лице кое употре-бува експлозивни материи во вршењето на својата редовна дејност може да му се издаде одобрение за повеќекратен превоз на овие материи од магацин за сместување на експлозивни материи до местото на употребата. Рокот на важењето на ова одобрение не може да биде подолг од три месеци.

Одобрението од ставот 1 на овој член се издава и во електронски облик, според ставот 2 од истата одредба.

Според ставот 3 од член 31 од Законот, ако при издавањето на одобрението од став 1 на овој член испраќачот не располага со сите неопходни податоци, коишто се потребни за секој единечен превоз на експлозивните материи, испраќачот е должен најмалку два часа пред почетокот на секој единечен превоз на погоден начин да го извести органот кој му го издал одобрението за почетокот на превозот со сите податоци од член 30 на овој закон, кои- што органот треба да ги внесе во копието на одобрението. Истите податоци ги внесува и испраќачот во својот примерок на одобрението за превоз што му го предава на возачот.

Одобрение за производство на контејнери како типски објекти за складирање на експлозивни материи, според оспорениот член 59 од Законот, издава Министерството за стопанство во постапка пропишана со член 55 на овој закон.

Во оспорениот член 72 став 1 од Законот, се овластува Министерството за стопанство во согласност со Министерството за внатрешни работи да донесе поблиски прописи за градежно-техничките и технолошките услови за заштита од експлозија и пожар при изградба, адаптација и користење на објектите, просторот, уредите, техничката опрема и средствата, како и инсталациите во објектите во кои се произведуваат или складираат експлозивни материи.

Co прописите од став 1 на овој член можат да се определуваат прекршоци и за тие прекршоци да се пропишуваат казни, според ставот 2 од одредбата.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владе-ењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сẻ додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Со Амандманот XX на Уставот се дополнува цитираниот член 13 од Уставот. Според овој амандман на Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Во конкретниот случај, со иницијативата се оспоруваат делови од одредби и одредби од Законот за заштита од експлозивни материи кој, како правен акт, егзистира во правниот поредок сметано од 1978 година и во текот на овие четириесетина години претрпел повеќе измени и дополнувања. Па, така, во член 30 од Законот биле пропишани посебните податоци (осум на број) кои требало да ги содржи одобрението за превоз на експлозивни материи. Но, со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од експлозивни материи („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2008 година, објавен на 11 јули 2008 година, влегол во сила на 19 јули истата година) е предвидено бришење на член 30 од Законот. Сметано од 19 јули 2008 година до денес член 30 од Законот не добил нова содржина.

Оттаму, повикувањето на примена на член 30 од Законот во оспорениот член 31 став 3, односно предвидената законска должност за испраќачот најмалку два часа пред почетокот на секој единечен превоз на погоден начин да го извести органот кој му го издал одобрението за почетокот на превозот со сите податоци од член 30 на овој закон (избришана одредба) претставува предви-дување на обврска за доставување на податоци од непостоечка одредба. Според Судот, ваквиот недостаток создава правна забуна во примената на одредбата, како за органот кој го издава одобрението, така и за лицето кое бара вакво одобрение што не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

Тргнувајќи од анализата на член 62 алинеја 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000) произлегува дека Министерството за стопанство и Министерството за трговија се обединуваат во Министерство за економија и продолжуваат со работа како Министерство за економија со надлежности утврдени со овој закон сметано од 21 јули 2000 година, односно со денот на влегување во сила на овој закон (член 73 – со денот на објавувањето).

Оттаму, Министерството за стопанство после 21 јули 2000 година, како правно непостоечки орган, ги изгубило и своите надлежности и овластувања предвидени во Законот за заштита од експлозивни материи. Сметано од наведениот датум неговите ингеренции преминале во надлежност на Министерството за економија, но иако изминал период од скоро 22 години, измени и усогласувања на Законот за заштита на експлозивни материи во оваа насока не се направени.

Судот, имајќи предвид дека во оспорените одредби (член 59 и член 72 став 1) се содржани надлежности и овластувања за непостоечко министерство, наоѓа дека во правниот поредок на Република Северна Македонија може да дојде до правна несигурност, нејаснотии и забуни во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика, како и за органите кои го применуваат овој закон. Оттаму, овие одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и владеењето на правото кое како темелна вредност бара во правниот поредок да егзистираат јасни и прецизни норми кои нема да создаваат забуна во примената.

Амандманот XX од Уставот, предвидува за прекршоците определени со закон, санкција да може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Но, во оспорениот став 2 од член 72 од Законот е дадено овластување со подзаконски пропис, а не со закон, како што бара цитираниот амандман, да се определуваат прекршоци и за тие прекршоци од страна на Министерството за економија и Министер-ството за внатрешни работи да се пропишуваат казни со поблиски прописи. Ваквата законска определба од оспорениот член 72 став 2 од Законот не е во согласност со наведениот амандман кој определил само со закон, но не и со други поблиски прописи да се предвидуваат прекршоци и соодветни санкции.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседа-телот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.20/2022
5 април 2023 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска