У.бр.20/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 24 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3, член 66 ставови 8 и 9, член 79 ставови 2 и 3 и член 94 ставови 2 и 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Службен весник на Република Македонија” број 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016).

2. Панче Докузов, адвокат од Штип, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, оспорените одредби од Законот за игрите на среќа и за забавните игри не биле во согласност со член 1, член 8 став 1 алинеи 3, 4, 6, 7 и 8, член 30, член 39, член 55, член 58, Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот и членот 1 од Протоколот број 1 на Европската конвенција за заштита на човековите права. Како причини за нивната неуставност, во иницијативата се наведува следното:

Во Законот за игрите на среќа и за забавните игри не било дефинирано значењето на поимот „посебна давачка”, па не било јасно што таа претставувала, односно дали станувало збор за јавна давачка или пак за облигаторна обврска, но ако се имало предвид дека јавните давачки ги утврдувало Собранието на Република Македонија, не можело да стане збор за јавна давачка, а ниту за облигаторна обврска, бидејќи оспорените посебни давачки не биле предвидени, односно не произлегувале од издадените лиценци за работа како што била посебната давачка во висина од 20%.

Посебните давачки за финансирање на спортот и за здравствената заштита, дополнително биле воведени во Законот со неговите измени и дополнувања („Службен весник на Република Македонија” број 178/2016), така што приредувачите на игри на среќа не го имале предвид фактот дека законодавецот ќе им наметнел нова „посебна давачка”, со што се нарушила правната сигурност на засегнатите приредувачи на игри на среќа во поглед на нивното опстојување на пазарот како правни лица и нивната правна сигурност во однос на располагањето со капиталот. Приредувачите на игри на среќа не добивале поединечни решенија за наплата на посебните давачки, туку сами требало да го проценат бараниот процентуален износ и да го уплатат на сметката на Агенцијата за млади и спорт, односно на сметката на Министерството за здравство, без да имаат можност да вложат правен лек, а правото на жалба со оспорениот член 3 од Законот, било регулирано на воопштен, непрецизен и конфузен начин, па од овие причини се смета дека бил повреден Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот.

Посебниот надоместок за финансирање на спортот бил спротивен на членот 56 и Амандманот IX со кој се заменува ставот 2 на членот 56 од Уставот, бидејќи финансирањето на спортски федерации, клубови и друштва, тешко можело да се подведе под терминот „општ интерес” за Републиката. Исто така, нејасно и парадоксално било уредувањето на посебната давачка за финансирање на здравствената заштита, бидејќи здравственото осигурување како сегмент на системот на социјалното осигурување, било уредено со Законот за здравствено осигурување со кој се уредувало дека задолжителното здравствено осигурување го спроведувал Фондот за здравствено осигурување на Македонија, а доброволното здравствено осигурување, можеле да го спроведат друштва за осигурување основани според прописите за осигурување. Оттука, парадокс било и уредувањето, парите земени од приходот на обврзниците да се уплатувал на сметката на Министерството за здравство, а не на сметката на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, кој со закон бил задолжен да ја финансира здравствената заштита.

Немало критериуми под кои услови едни приредувачи на игри на среќа плаќаат 1,5% за финансирање на здравствената заштита, каков што бил случајот со автомат клубовите, а други како казината да плаќаат 3%. Придонесот за здравствено осигурување-заштита кој го плаќал секој осигуреник, согласно член 3 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување бил јавна давачка, а со прибраните средства располагал Фондот за здравствено осигурување. Тој придонес за сите осигуреници бил ист, односно ист товар и исти поволности имале сите осигуреници, за разлика од воведената нееднаква-селективна јавна давачка за финансирање на здравствената заштита во предметниот закон од 1,5% за автомат клубови и 3% за казината. Во случајот била направена дискриминација на начин што товарот за финансирање на здравствената заштита не бил еднаков спрема правните лица-приредувачите на игри на среќа (автомат клубови и казина), но и спрема останатите приредувачи на игри на среќа кои не се задолжувале да плаќаат надоместок за финансирање на здравствената заштита.

Поради наведеното, со иницијативата се бара поништување на оспорените законски одредби, а се предлага и донесување на решение за запирање на извршувањето на оспорените законски одредби, поради можност од настанување на тешко отстранливи последици за приредувачите на игри на среќа.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, за се што не е предвидено со овој закон се применува Законот за општата управна постапка (став 1). Управните акти со кои се одлучува во постапките утврдени со овој закон се конечни во управната постапка и против нив може да се поведе управен спор пред надлежен суд, во согласност со Законот за управните спорови (став 2). Постапката на вршење на надзор и контрола над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон се врши согласно Законот за инспекциски надзор и Законот за даночна постапка (став 3).

Според оспорениот член 66 ставови 8 и 9 од Законот, приредувачот на игри на среќа во казино, на месечна основа, за финансирање на здравствената заштита плаќа посебна давачка во висина од 3% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ од сите автомати и исплатениот износ од сите автомати на приредувачот на игрите на среќа во казино, на сметка на Министерството за здравство. Посебната давачка од ставовите 7 и 8 од овој член се плаќа до 15 во месецот, за претходниот месец.

Според оспорениот член 79 ставови 2 и 3 од Законот, приредувачот на игри на среќа во обложувалница, на месечна основа, за финансирање на спортот плаќа посебна давачка во висина од 3% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на тој приредувач и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места, на сметка на Агенцијата за млади и спорт. Посебната давачка од ставовите 1 и 2 на овој член се плаќа до 15 во месецот, за претходниот месец.

Судот, утврди и дека според оспорениот член 94 ставови 2 и 3 од Законот, приредувачот на игри на среќа во автомат клуб, на месечна основа, за финансирање на спортот плаќа посебна давачка во висина од 1,5% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ во сите автомати на тој приредувач и исплатениот износ од сите автомати, во сите деловни простории на приредувачот на сметка на Агенцијата за млади и спорт и за финансирање на здравствената заштита плаќа посебна давачка во висина од 1,5% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ во сите автомати на тој приредувач и исплатениот износ од сите автомати, во сите деловни простории на приредувачот на сметка на Министерството за здравство. Посебната давачка од ставовите 1 и 2 на овој член се плаќа до 15 во месецот, за претходниот месец.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот се еднакви.

Според Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Тргнувајќи од уставното овластување од член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, законодавецот има право да донесува закони и законски решенија, а како што е и конкретниот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, во кој се содржани оспорените законски одредби, а и истиот да го менува или дополнува со нови законски решенија.

Со Законот за игрите на среќа и за забавните игри се уредуваат видовите, условите и начинот на приредување на игрите на среќа и забавните игри (член 1 од Законот).

Приредувач на игра на среќа е трговско друштво со седиште во Република Македонија на кое му е издадена лиценца, односно дозвола за приредување на игри на среќа и трговско друштво во кое содружник или акционер е Република Македонија и е основано за приредување на игри на среќа (член 2 точка 3).

Со оспорениот член 3 од Законот, е определено дека за се што не е предвидено со овој закон се применува Законот за општата управна постапка (став 1). Управните акти со кои се одлучува во постапките утврдени со овој закон се конечни во управната постапка и против нив може да се поведе управен спор пред надлежен суд, во согласност со Законот за управните спорови (став 2). Постапката на вршење на надзор и контрола над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон се врши согласно со Законот за инспекциски надзор и Законот за даночна постапка (став 3).

Подносителот го оспорува овој член од Законот со наводи дека приредувачите на игри на среќа сами требало да ја пресметуваат посебната давачка во определената висина со оспорените законски одредби, без претходно донесен правен акт за таа цел и без да имаат можност да вложат правен лек, а правото на жалба во Законот преку оспорениот член 3 од Законот, според подносителот на иницијативата бил регулиран на воопштен, непрецизен и конфузен начин, со што се повредувал Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот.

Според Судот, овие наводи не се издржани и од аспект на истите не може да се доведе под уставно сомнение согласноста на содржината на членот 3 од Законот со цитираниот уставен амандман, поради следното:

Во лиценците за приредување на соодветна игра на среќа кои ги издава Владата на Република Македонија, се содржани правата и обврските на приредувачот на игра на среќа, поконкретно обврската за плаќање на надоместоците и посебните давачки во износи утврдени со одредбите од Законот.

Уплатените и исплатените износи од соодветната игра на среќа, се следат преку надзорниот информациски систем (НИС) во Управата за јавни приходи, кој приредувачите на игри на среќа во казино (член 70 став 9 од Законот), обложувалница (член 75 од Законот) и во автомат клубови (член 89 од Законот), мора да го имаат обезбедено пред да започнат со вршење на оваа дејност, односно тоа е и услов за добивање на лиценца за приредување на игри на среќа.

Преку воспоставениот надзорен информациски систем, се следат и контролираат уплатените и исплатените износи во Управата за јавни приходи, па доколку приредувачот на игри на среќа смета дека со некое управно дејствие, му е повредено некое право или правен интерес, има право на правна заштита согласно член 104 од Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија” број 124/2015), на што впрочем упатува и ставот 1 на оспорениот член 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Имено, според членот 104 став 1 од Законот за општата управна постапка, странката има право на правна заштита против секое управно дејствие или пропуштање на управно дејствие, ако тврди дека со тоа дејствие или пропуштање се повредени нејзините права или правни интереси. Според ставот 2 на членот 104 од Законот за општата управна постапка, правни лекови се: жалбата, повторувањето на постапката и приговорот. Според ставот 3 на членот 104 од Законот, исцрпувањето на жалбата, односно приговорот е предуслов за поведување спор пред надлежниот суд, ако со закон е загарантирана жалбата, односно приговорот.

Меѓутоа според ставот 4 на членот 104 од Законот за општата управна постапка кога жалбата, односно приговорот не се загарантирани со закон, странката има право да поведе управен спор.

Со Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд (став 1). Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон (став 2).

Од ставот 1 на цитираниот уставен амандман произлегува дека, правото на жалба мора да биде овозможено како правна заштита против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, меѓутоа, од ставот 2 на цитираниот уставен амандман произлегува дека Уставот препуштил на законодавецот да уреди на кој начин ќе ја обезбеди правната заштита за граѓаните против управни поединечни правни акти.

Според тоа согласно ставот 2 на уставниот амандман, со закон може да биде уредено право на приговор, право на жалба, односно правна заштита пред надлежен суд. Во конкретниот случај, правната заштита е обезбедена со правото на странките да поведе управен спор, од кои причини според Судот, не може да се постави прашањето за согласноста на членот 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри со Амандманот XXI на Уставот со кој се заменува членот 15 од Уставот.

Со член 7 став 1 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, е уредено дека приредувањето на игрите на среќа и забавните игри утврдени со овој закон е право на Република Македонија, ако со овој закон поинаку не е уредено. Лотариските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, Република Македонија самостојно ги приредува со основање на трговско друштво за приредување на игрите на среќа во кое Република Македонија е содружник или акционер со најмалку 51% од основната главнина (став 2 на членот 7 од Законот).

Правото на приредување на останатите игри на среќа и забавните игри утврдени со овој закон, вклучувајќи ја и томболата од затворен тип, Република Македонија го пренесува со издавање на лиценца, односно дозвола на трговски друштва, односно трговец поединец, кои ги исполнуваат условите утврдени со овој закон (став 4 на членот 7 од Законот).

Лиценцата ги содржи правата и обврските на приредувачот на игрите на среќа и се издава за временски период кој за секоја одделна игра на среќа е утврден со овој закон (член 8 ставови 1 и 2 од Законот). За издавање на лиценца и дозвола се плаќа надоместок, освен ако со овој закон поинаку не е уредено (член 11 став 1 од Законот).

Според член 17 став 1 од Законот, надоместоците и посебните давачки од игрите на среќа утврдени со овој закон се приход на Буџетот на Република Македонија, освен приходите кои се распределуваат на сметка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија согласно со овој закон.

Лиценците за приредување на игри на среќа во казино, обложувалница и во автомат клубови ги издава Владата на Република Македонија на определен временски период, врз основа на поднесено барање до Министерството за финансии. Лиценцата за приредување на игри на среќа во казино се издава за време од шест години, за приредување на игри на среќа во обложувалница за период од три години и за приредување на игри на среќа во автомат клубови за период од шест години (членови 57, 58, 73, 74, 86 и 87 од Законот).

Владата на Република Македонија, тргнувајќи од нејзиното уставно овластување со член 91 алинеја 2 од Уставот, има право да предлага закони и законски решенија што ги донесува Собранието. Во оваа насока, Владата на Република Македонија, следејќи ги актуелните состојби од приредувањето на игри на среќа, фактот на нивната широка распространетост и достапност за субјектите како учесници во игри на среќа, има право, соодветно на развојот и масовност на секој вид на игра на среќа, да предлага донесување на соодветни законски решенија, како што се впрочем оспорените законски решенија на член 66 ставови 8 и 9, член 79 ставови 2 и 3 и член 94 ставови 2 и 3 од Законот.

Имено, законодавецот, врз основа на резултатите од следењето на одвивањето на овие игри на среќа од аспект на нивната масовност, што влијае на висината на остварените приходи во кои главни чинители се граѓаните преку нивните уплати, со измени и дополнувања на Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија” број 178/2016), ги пропишал оспорените посебни давачки за приредувачите на игрите на среќа во:

-казино на месечна основа за финансирање на здравствената заштита во висина од 3% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ од сите автомати и исплатениот износ од сите автомати на приредувачите на игрите на среќа во казино, на сметка на Министерството за здравство,

-обложувалница на месечна основа за финансирање на спортот во висина од 3% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на тој приредувач и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места, на сметка на Агенцијата за млади и спорт и

-автомат клубови на месечна основа за финансирање на спортот во висина од 1,5% на сметка на Агенцијата за млади и спорт и за финансирање на здравствената заштита во висина од 1,5% на сметка на Министерството за здравство, односно вкупно 3% по двата основа кои се пресметуваат од разликата меѓу уплатениот износ во сите автомати на тој приредувач и исплатениот износ од сите автомати, во сите деловни простории на приредувачот.

Во конкретниот случај, според Судот, оспорените законски решенија, не имплицираат повреда на одредбите на Уставот, поради следното:

Согласно Законот за игрите на среќа и за забавните игри, приредувањето на игри на среќа и забавни игри е исклучиво право на Република Македонија, со тоа што Република Македонија може да го отстапи тоа право на приватни субјекти на определен временски период под услови и критериуми пропишани во Законот, со издавање на лиценци или дозволи во зависност од видот на играта на среќа, во кои се содржани правата и обврските на приредувачите на игрите на среќа, утврдени во Законот. Притоа, времено отстапеното право за вршење на оваа дејност, не подразбира право на приватните субјекти слободно да располагаат со уплатите од граѓаните, ниту колку ќе изнесува фондот на добивката за граѓаните, кое е децидно уредено со Законот.

Правата и обврските за приредувачите на игрите на среќа се уредени со Законот, а истите се содржани и во лиценците, така што однапред на приватните субјекти им се познати условите под кои ќе можат да ја вршат оваа дејност, односно дали ќе имаат интерес истата да ја вршат под тие услови, вклучително и со надоместоците и посебните давачки кои ќе бидат во обврска да ги плаќаат согласно Законот. Доколку приватните субјекти имаат интерес за вршење на одреден вид на игри на среќа и забавни игри, сите подносители на барања кои се стекнале со право за приредување на игри на среќа и забавни игри, се должни да ги почитуваат одредбите од овој закон, вклучително и сега оспорените, кои подеднакво се однесуваат на сите чии барања за приредување на игри на среќа и забавни игри се прифатени за вршење на одреден вид на игри на среќа, односно добиле лиценци.

Од содржината на оспорените законски одредби произлегува дека висината на процентуалниот износ на посебните давачки законодавецот го утврдил на 3% за приредувачите на игри на среќа во казино и во обложувалница, но исто така и за приредувачот на игри на среќа во автомат клубови, во износ од 3% кој е вкупен процентуален износ од соодветните посебни давачки кои се определени на 1,5%. Исто така, од содржината на оспорените законски одредби произлегува и дека законодавецот ја определил намената и целта заради која тие се востановени, на начин за кој сметал дека е оправдан и целисходен, во случајов за финансирање на здравствената заштита и за финансирање на спортот. Притоа, не станува збор за посебна давачка за здравствено осигурување, како што се наведува во иницијативата, туку за финансирање на здравствената заштита на граѓаните.

Здравствената заштита за граѓаните се обезбедува преку здравствената дејност која е дејност од јавен интерес и која се врши како јавна служба. Финансирањето на здравствената дејност се врши од повеќе извори наведени во член 25 став 1 точки 1 до 4 од Законот за здравствената заштита „Службен весник на Република Македонија”, број 43/2012, 145/2012,… и 37/2016), при што средствата од осигурениците се само еден од изворите на финансирање (член 25 став 1 точка 3 од Законот). Но исто така, средствата за вршење на здравствената дејност во мрежата се обезбедуваат и од други извори согласно со овој и друг закон (член 25 став 4 алинеја 3 од Законот). Во оваа смисла, законодавецот со друг закон ги уредил изворите на средства за финансирање на здравствената заштита, како што е во конкретниов случај во Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Средствата кои се остваруваат со игрите на среќа и забавните игри, се средства од личните уплати на граѓаните. Оттука, ако се има во предвид социјалната димензија на игрите на среќа и негативното влијание кои игрите на среќа можат да ги имаат кај учесниците во игрите на среќа и нивните семејства, и кои преку своите уплати директно учествуваат во остварувањето на приходите од приредувањето игри на среќа, интенцијата на законодавецот за воспоставување на извор за финансирање на здравствената заштита во Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во функција на зголемување на квалитетот на здравствената заштита за граѓаните, според Судот, не имплицира повреда на членот 39 од Уставот, со која на секој граѓанин му се гарантира здравствена заштита, но и право и должност на секој е да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Во однос на наводите во иницијативата дека законодавецот дискриминаторски постапил кога товарот на воведената посебна давачка за финансирање на здравствената заштита, ја уредил само за дел од субјектите опфатени со оспорените законски одредби, а не за сите приредувачи на игри на среќа, треба да се има во предвид дека право е на законодавецот да ја оценува потребата и целисходноста од воспоставување на посебни давачки, како и нивната намена, соодветно на развојот и масовноста на секој вид игра на среќа и соодветно на движењето на приходите од секој вид на игра на среќа.

Понатаму, законодавецот исто така оценил за потребно, да воведе посебна давачка наменета за финансирање на спортот, за приредувачите на игри на среќа во обложувалница и во автомат клубови.

Според член 47 став 5 од Уставот, Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот. Оваа уставна одредба упатува на грижа на Републиката за унапредување и омасовување на спортот. И во однос на оваа посебна давачка, како што е и погоре наведено, законодавецот има право, во зависност од развојот и масовноста на секој вид игра на среќа, да оценува за потребно воведување на посебна давачки, во случајов наменета за финансирање на спортот, со цел унапредување и омасовување на спортот, дотолку повеќе што игрите на среќа во обложувалници се зависни од спортските активности и постигнатите резултати од спортските натпревари.

Имајќи ја предвид спецификата на секој вид игри на среќа, динамиката на нивниот развој и масовност, околноста што за приредувачите на игри на среќа во казино посебната давачка е наменета за финансирање на здравствената заштита, за приредувачите на игри на среќа во обложувалница за финансирање на спортот, а за приредувачите на игри на среќа во автомат клубови, посебната давачка е наменета и за финансирање на спортот и за финансирање на здравствената заштита, според Судот, тоа не ги прави субјектите нееднакви пред Уставот и законите, дотолку повеќе што процентуалниот износ за пресметување на соодветната посебна давачка за приредувачите на игри на среќа опфатени со оспорените законски одредби, всушност е ист, односно 3%, бидејќи толку изнесува и збирот на процентуалните износи (1,5+1,5%) за пресметување на посебните давачки на приредувачите на игри на среќа во автомат клубови.

Подносителот на иницијативата оспорувајќи ја уставноста на одредбите од Законот, се повикува и на Законот за облигационите односи, наведувајќи дека со секое дополнително уредување на Законот со нови посебни давачки, се нарушувала правната сигурност на приредувачите на игри на среќа во поглед на нивното опстојување на пазарот како правни лица и нивната правна сигурност во однос на располагањето со капиталот, и не се земало предвид дека лиценците издадени врз основа на Законот за игрите на среќа и за забавните игри согласно Законот за облигационите односи, претставувал класична облигација меѓу договорните страни. Меѓутоа подносителот не земал предвид дека според член 742 став 1 од Законот за облигационите односи, договорот за лиценца се однесува на делумно или целосно користење на право на патент, знаење и искуство, на жиг, мостра или модел, така што од ваквата одредба произлегува дека пренесеното право на приватните правни субјекти за приредување на игри на среќа, не може да се подведе под одредбите за лиценца согласно Законот за облигационите односи. Со оглед на повикувањето со иницијативата на Законот за облигационите односи и тврдењето дека лиценците претставувале класична облигација, во тој случај подносителот, требало да го има во вид и членот 759 од овој закон, со кој е предвидено дека „Ако договорениот надомест станал очигледно несразмерен во однос на приходот што стекнувачот на лиценца го има од искористувањето на предметот на лиценца, заинтересираната страна може да бара измена на договорениот надомест”.

Лиценците кои ги издава Владата на Република Македонија за приредување на игри на среќа, меѓутоа, не претставуваат договорен однос, и не е препуштено условите, критериумите и начинот на вршењето на овој вид на дејност, висината на фондот на добивка, располагањето со уплатите од граѓаните, дали ќе има или нема да има давачки и друго, да бидат предмет на меѓусебно слободно договарање помеѓу Владата и приватниот субјект.

Според Судот, оспорените законски одредби не имплицираат повреда на членот 55 од Уставот на Република Македонија, со кој се гарантира слобода на пазарот и претприемништвото и обврска на Републиката да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, како и мерки против монополска положба и монополско однесување на пазарот. Наведеното од причини што обврската за плаќање на посебна давачка не значи забрана за приредување на игри на среќа. Сите субјекти кои сметаат дека им е исплатливо вршењето на овој вид на дејност и ги исполнуваат пропишаните законски услови за таа цел, слободно можат да настапат на пазарот, со претходно поднесено барање за стекнување со лиценца во која се наведени нивните права и обврски, вклучително и надоместоците и посебните давачки.

Стекнувањето со лиценца значи прифаќање на правата и обврските, критериумите и условите пропишани со Законот, за секој вид игри на среќа и забавни игри. Околноста што државата, приоритетното право за приредување на игри на среќа и забавни игри, времено го отстапила на приватните субјекти, не значи дека за тој временски период приватните субјекти слободно може да располагаат со сите остварени средства по основ на уплатите од граѓаните, ниту колку ќе изнесува фондот на добивката за граѓаните, кое е децидно уредено со Законот. Приредувањето на игрите на среќа и забавните игри е специфична дејност која во сите фази од нејзиното вршење е под контрола на државата, вклучително и во делот кој се однесува на остварените приходи по основ на отстапеното приоритетно право кое и припаѓа на Република Македонија, поради што не може оспорените законски одредби да се разгледуваат од аспект на нивната согласност со членот 58 став 1 од Уставот, според кој сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, какво што е повикувањето со иницијативата.

Понатаму, од содржината на оспорените законски одредби, според Судот, не произлегува повреда на уставниот принцип на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и не се доведува во прашање правната сигурност на приредувачите на игрите на среќа во однос на стекнатите права и обврски уредени со лиценците или дозволите кои пред воведувањето на оспорените законски одредби, субјектите ги стекнале, поради следното:

Лиценците и дозволите се издаваат за одреден временски период и во рамките на тој период, субјектите се во обврска да ги подмират само оние давачки кои се содржани во лиценцата или дозволата. Органот кој ги издава соодветните лиценци, во истите ја внесува посебната давачка која што била во моментот на издавањето на лиценцата согласно Законот, така што лиценците кои се издадени пред влегувањето во сила на измените и дополнувањата на Законот, се во важност со оние права и обврски до нивното истекување, односно носителите на овие лиценци се во обврска да ги платат само давачките содржани во лиценците за периодот за кои се издадени.

Субјектите кои сакаат да приредуваат игри на среќа, односно кои сакаат да продолжат да ја вршат оваа дејност по истекот на претходно издадената лиценца, оваа дејност ќе ја вршат според одредбите од Законот кои се во важност во моментот на издавањето на лиценцата. Субјектите сами оценуваат и одлучуваат дали за нов временски период ќе побараат лиценца согласно условите, правилата, надоместоците и посебните давачки кои во моментот на барањето за издавање на лиценци, се содржани во Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Со оспорениот став 9 на членот 66 од Законот, оспорениот став 3 на членот 79 од Законот и оспорениот став 3 на членот 94 од Законот, се уредува дека посебните давачки уредени со оспорените законски одредби, се плаќаат до 15 во месецот, за претходниот месец.

Овие оспорени одредби се надоврзуваат и се во функција на содржините на оспорениот член 66 став 8, оспорениот член 79 став 2 и оспорениот член 94 став 2 од Законот, од кои причини, Судот не се впушти во нивна посебна елаборација, бидејќи ја следат правната судбина на наведените оспорени законски одредби, за кои Судот оцени дека тие не се во спротивност со одредбите на Уставот.

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 3, член 66 ставови 8 и 9, член 79 ставови 2 и 3 и член 94 ставови 2 и 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 9, Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот и членот 55 на Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски во однос на членот 3 од Законот. Во однос на останатите оспорени законски одредби, Решението е донесено со мнозинство на гласови.

У.бр.20/2017
24 јануари 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски