У.бр.200/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.200/2023
Скопје, 03.07.2024година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 јули 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 38-а од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и “Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Зоран Стојановски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот наведена во диспозитивот на ова решение. Во иницијативата, во најголем дел, подносителот ги цитира одредбите од чен 8 став 1 алинеи 3 и 4, членовите 9, 51, 98, Амандман XXV и член 99 од Уставот, како и одредбите од членовите 7, 12 и 39 од Законот за судовите кои се однесуваат на распределбата на предметите меѓу судиите, специјализираните судски оддели и правилата за преместување на судиите од еден во друг судски оддел, односно од еден во друг суд. Се наведува дека со оспорената одредба законодавецот ги пречекорил уставните овластувања со што го повредил Уставот. Имено, според подносителот, оспорената одредба различно ги третира судиите без постоење на уставен основ што има за последица преместување на судија на основен суд со проширена надлежност во суд со основна надлежност спротивно на неговата волја и без за тоа да има одлука на Судскиот совет. Тоа, според него, претставува мешање на законодавната и извршната власт во судската власт, со цел да се изберат „подобни“ судии кои ќе судат предмети од надлежност на суд со проширена надлежност. Поради сериозноста на повредата на Уставот, подносителот предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат од страна на судовите и претседателите на судовите со цел зачувување на уставниот поредок, владеењето на правото, поделбата на власта и заштита на самостојноста и независноста на судската власт.

II

На седницата Судот утврди дека оспорениот член 38-а бил додаден со член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите кој бил донесен на 25 февруари 2019 година, а бил објавен на 17 мај 2019 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019. Според новододадениот член 38-а од Законот за судовите, судија на основен суд со проширена надлежност со судиски стаж до две години, може да одлучува само во постапки од членот 30 од овој закон.

III

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со уставниот Амандман XXV, со кој е заменет член 98 од Уставот, предвидено е дека судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во член 99 ставови 1 и 2 од Уставот е предвидено дека судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот и дека судијата не може да биде преместен против својата волја.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и “Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019) се предвидува дека судската власт ја вршат судовите и дека тие се самостојни и независни државни органи.

Во член 23 од Законот е утврдено дека основните судови се основаат за една или повеќе општини чие подрачје е определено со овој закон. Основните судови согласно со стварната надлежност судат во прв степен и се основаат како судови со основна надлежност и судови со проширена надлежност. Во рамки на основните судови со проширена надлежност задолжително се основаат специјализирани судски оддели што ќе постапуваат за одделни видови на спорови. Основните судови можат да имаат судски одделенија, да судат надвор од седиштето на судот, како и да имаат судски денови надвор од седиштето на судот.

Стварната надлежност на судовите е предмет на уредување на член 30 од Законот за судовите според кој основните судови со основна надлежност за подрачјата за кои се основани,се надлежни да одлучуваат во прв степен по кривични дела и прекршоци, и тоа:
– за кривични дела за кои со закон како главна казна е определена казна затвор до пет години, ако за некои кривични дела не е предвидена надлежност на друг суд,
– за кривични дела за кои со посебен закон е определена надлежност на суд со основна надлежност,
– за сите видови на прекршоци, освен за прекршоци кои со закон се ставени во надлежност на орган на државна управа или организација или друг орган што врши јавни овластувања и
– за жалби и приговори за постапките за кои се надлежни овие судови.

Според став 2 на истиот член од Законот, основните судови со основна надлежност се надлежни да одлучуваат во прв степен по граѓански спорови, и тоа:

– за спорови во имотно-правните и други граѓанско-правни односи на физички и правни лица, чија вредност е до 50.000 евра во денарска противвредност, доколку со закон не е предвидена надлежност на друг суд,
– за спорови за утврдување и оспорување на татковство, мајчинство,
– утврдување на постоење на брак, за поништување на брак и развод на брак,
– за законска издршка,
– за чување и воспитување на деца,
– за смеќавање на владение,
– за доживотна издршка,
– за надоместок на штета која не надминува 50.000 евра во денарска противвредност,
– во постапка за обезбедување и извршување,
– за работни односи,
– во спорови од наследно-правни односи,
– во вонпарнични и оставински работи и
– за други работи утврдени со закон.

Надлежноста на судовите со проширена надлежност е уредена со член 31 од Законот кој предвидува дека основните судови со проширена надлежност покрај надлежноста утврдена во членот 30 од овој закон за подрачјата за кои се основани, се надлежни да одлучуваат по кривични дела, и тоа:

– за оние за кои со закон е предвидена казна затвор над пет години и за кривични дела и прекршоци извршени од деца,
– да постапуваат по предмети за екстрадиција, трансфер на осудени лица, признавање и извршување на странски судски одлуки,
– по жалби и приговори за постапките за кои се надлежни и
– да решаваат за постапки за меѓународна правна помош утврдена со закон.

Во став 2 од истиот член од Законот е уредено дека основните судови со проширена надлежност покрај надлежноста утврдена во членот 30 од овој закон за подрачјата за кои се основани, се надлежни да одлучуваат во граѓански и трговски работи и тоа:

– за спорови во имотно-правните и други граѓанско-правни односи на физички и правни лица, чија вредност е над 50.000 евра во денарска противвредност, доколку со закон не е предвидена надлежност на друг суд,
– во трговски спорови во кои двете странки се правни лица или државни органи, како и спорови од авторски и други сродни права и права од индустриска сопственост,
– во постапка за стечај и ликвидација,
– во спорови за утврдување и обезбедување за присилно извршување и
– за спорови на домашни правни и странски лица кои произлегуваат од нивните меѓусебни стопански, односно трговски односи.

Во став 3 на истиот член наведени се следните основни судови со проширена надлежност: Основниот суд во Битола и за подрачјето на Основниот суд во Ресен, Основниот суд во Прилеп и за подрачјето на Основниот суд во Крушево, Основниот суд во Охрид за подрачјето на Основниот суд во Охрид, Основниот суд во Струга за подрачјето на Основниот суд во Струга, Основниот суд во Гостивар за подрачјето на Основниот суд во Гостивар, Основниот суд во Кичево и за подрачјето на основните судови во Кичево и Дебар, Основниот суд во Тетово за подрачјето на Основниот суд во Тетово, Основниот суд во Куманово и за подрачјето на основните судови во Крива Паланка и Кратово, Основниот суд во Кочани и за подрачјето на основните судови во Берово, Виница и Делчево, Основниот суд во Велес за подрачјето на Основниот суд во Велес, Основниот суд во Гевгелија за подрачјето на Основниот суд во Гевгелија, Основниот суд во Кавадарци и за подрачјетo на Основниот суд во Неготино, Основниот суд во Струмица и за подрачјето на Основниот суд во Радовиш и Основниот суд во Штип и за подрачјето на Основниот суд во Свети Николе.

Според член 38 став 1 од Законот, судиската функција ја вршат судии. Судијата се избира без ограничување на траење на мандатот.

Согласно оспорениот член 38-а од Законот за судовите, судија на основен суд со проширена надлежност со судиски стаж до две години, може да одлучува само во постапки од членот 30 од овој закон.

Распоредувањето, прераспоредувањето, преместувањето, односно упатувањето во друг суд на судиите е уредено во член 39 кој гласи:

Судиската функција судијата ја врши во судот во кој е избран.

Судијата по правило се избира да суди во соодветни области.
Судијата не може да биде преместен од еден во друг суд против негова волја.

Распоредот на судиите се врши со годишен распоред за работа кој го утврдува претседателот на судот по претходно прибавено мислење од седницата на судиите, односно општата седница на Врховниот суд на Република Македонија, водејќи сметка за определбата на судијата за специјализација по кривична, граѓанска, стопанска, управна и друг вид правна област.

При определувањето на претседатели на специјализираните одделенија и оддели се почитува судискиот стаж и резултатите во работењето.

Судијата не може да биде преместен од еден во друг судски оддел против негова волја.

Судијата може да бара преместување од еден во друг оддел.

По исклучок, судијата може да биде распореден во друг судски оддел против негова волја со писмено образложена одлука на претседателот на судот, а по претходно прибавено мислење од општата седница на Врховниот суд на Република Македонија, кога тоа го бара зголемениот обем и предметот на работа во судот, но најдолго за време од една година, но не повеќе од еднаш во текот на пет години. По истекот на времето за кое судијата е распореден во друг судски оддел задолжително се враќа во одделот во кој бил претходно распореден.

По исклучок, судија на апелационен суд и на основен суд може да биде времено упатен, но најдолго за време од една година да суди во друг суд од ист степен или во понизок суд или од еден во друг специјализиран оддел, кога поради спреченост и изземање на судија или поради значително зголемен обем на работа, намалена ажурност или поради сложеност на предметите е доведено во прашање тековното работење на судот, но не повеќе од еднаш во текот на пет години. Во случај на временото упатување, платата на судијата не смее да биде намалена. По истекот на времето за кое судијата е упатен да работи во друг суд или друг специјализиран оддел задолжително се враќа на работа во судот, односно специјализираниот оддел од кој бил упатен.

Временото упатување на судија од ставот 9 на овој член го врши Судскиот совет на Република Македонија со писмено образложена одлука и за тоа веднаш го известува претседателот на судот од кој се упатува и претседателот на судот во кој времено се упатува судијата.

Против одлуката од ставовите 4, 7 и 9 на овој член судијата може да вложи приговор во рок од три дена до општата седница на Врховниот суд на Република Македонија, кој е должен да одлучи по приговорот во рок од седум дена.

Против одлуката од ставот 8 од овој член судијата може да вложи приговор во рок од три дена до Судскиот совет на Република Македонија, кој е должен да одлучи по приговорот во рок од седум дена. Одлуката на Судскиот совет на Република Македонија е конечна.

Согласно член 40 од Законот, во случај на укинување или реорганизирање на суд (укинување на специјализиран оддел или префрлање на оддел од еден суд во друг), Судскиот совет на Република Македонија ќе го распореди судијата на тој суд во друг суд од ист или понизок степен, при што платата на судијата не смее да биде намалена. Во случај на распоредување од ставот 1 на овој член, судијата има право на приговор во рок од три дена до општата седница на Врховниот суд на Република Македонија, кој е должен да одлучи по приговорот во рок од седум дена од приемот на приговорот.

Според член 6 од Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2007, 103/2008, 161/2008, 153/2009, 67/2010, 97/2010, 135/2011, 231/2015 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024), платите на судиите се распоредени во шест групи изразени во коефициенти. Распоредувањето на платите се врши според видот на судот во кој судијата работи, и тоа:

– првата група ги опфаќа судиите и претседателите на судовите со основна надлежност,
– втората група ги опфаќа судиите и претседателите на судови со проширена надлежност,
– третата група ги опфаќа судиите и претседателите на апелационите судови, и судиите во специјализираното судско одделение во Основниот суд Скопје 1 Скопје надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија,
– четвртата група ги опфаќа судиите и претседателот на Управниот суд,
– петтата група ги опфаќа судиите и претседателот на Вишиот управен суд и
– шестата група ги опфаќа судиите и претседателот на Врховниот суд на Република Македонија.

Во член 72 став 1 од Законот е определено дека коефициентот за утврдување на платата на судиите изнесува од 2,43 до 3,21. Коефициентите од ставот 1 на овој член се определуваат според видот на судот во кој судијата работи и според сложеноста на задачите и овластувањата за извршување на дополнителните работи утврдени врз основа на закон:

а) во првата група од членот 6 став 2 алинеја 1 коефициентот изнесува за:
– судија 2,43 и
– претседател на судот 2,60;
б) во втората група од членот 6 став 2 алинеја 2 коефициентот изнесува за:
– судија 2,52 и
– претседател на судот 2,78.

Од наведените уставни одредби произлегува дека поделбата на власта на законодавна, извршна и судска претставува една од темелните вредности на уставниот поредок во чијашто основа и суштина се наоѓа самостојноста и независноста на судската од другите власти што е гарантирана со уставните одредби кои се однесуваат на судството. Со уставните одредби од глава V на Уставот се гарантира институционалната независност на судовите, а во неа се содржани и одредби со кои се гарантира и статусната, односно персоналната независност на носителите на судската функција – судиите (временски неограничен мандат, забрана на преместување на судиите против нивната волја, определување на основите за разрешување на судијата, имунитет, неспојливост на функцијата, забрана на политичко организирање и дејствување). Уставните гаранции за судската власт понатаму се разработени во Законот за судовите кој ги уредува видовите и надлежноста на судовите, како и статусот на носителите на судската функција – судиите. Од аспект на надлежноста на основните судови, Законот за судови прави разлика помеѓу судови со основна надлежност (надлежност што ја имаат сите основни судови во земјата) и судови со т.н. проширена надлежност кои судат за потешки кривични дела во кривичната област, за имотни спорови од поголема вредност во граѓанската област и други посебни видови на спорови. Иако Законот за судовите при пропишувањето на стварната надлежност на основните судови прави разлика помеѓу судовите со основна и судовите со проширена надлежност, од аспект на наводите во иницијативата, треба да се укаже дека при изборот за судија во основните судови, сите се избираат со статус судија на основен суд, независно од тоа дали се избрани за судија во основен суд со основна или со проширена надлежност. Разликите помеѓу судиите што произлегуваат од тоа дали судиската функција ја вршат во основен суд со основна надлежност или во основен суд со проширена надлежност доаѓаат до израз кога станува збор за нивните плати, така што судиите и претседателите на основните судови со проширена надлежност имаат за 0.09, односно 0.18 повисок коефиценет за утврдување на платата. Oва разликување е разумно и оправдано бидејќи е поврзано со објективни критериуми како што се различниот обем на работа помеѓу поголемите и помалите судови и тежината на предметите, така што не претставува противуставно ниту противзаконско разликување, односно не претставува дискриминација што е забранета со Уставот.

Единствениот аргумент со кој подносителот на иницијативата ја оспорува одредбата од член 38-а е дека таа различно ги третира судиите без за тоа да постои уставна основа, дека со неа се овозможува законодавната и извршната власт да се мешаат во судската власт преку избор на „подобни“ судии кои треба да ги судат предметите од надлежност на основните судови со проширена надлежност и дека истата била користена во практиката за преместување на судиите од основен суд со проширена надлежност во суд со основна надлежност спротивно на нивната волја.

Наводите на подносителот на иницијативата за неуставност на оспорената одредба, според мислењето на Судот, се неосновани од причина што оспорениот член 38-а воопшто не го уредува прашањето на преместување на судиите, туку има сосема друга содржина и цел. Имено, оспорената одредба се однесува на првото распоредување на судиите по нивниот избор за судија на основен суд, значи на оние судии кои по завршувањето на Академијата за судии и јавни обвинители, за прв пат се избираат за судии и тоа во основен суд со проширена надлежност, кој е надлежен за постапување во прв степен по сите судски предмети независно од нивната тежина и сложеност. Но, имајќи го предвид неискуството на новоизбраните судии од редот на Академијата за судии и јавни обвинители, со оспорената одредба законодавецот ги разграничил овие судии од нивните поискусни колеги, така што предвидел дека судиите со стаж до две години можат да постапуваат само во предметите од член 30 од Законот за судови (предмети кои се од полесна природа и кои се ставени во надлежност на основните судови со основна надлежност). На тој начин оспорената одредба има за цел да им се овозможи на овие судии кои немаат претходен судиски стаж и работно искуство како судии, да ја започнат својата судиска кариера со постапување во помалку сложени предмети како што се прекршочните предмети, полесните кривични дела или имотните спорови со вредност помала од 50.000 евра. Со тоа практично судиите со судиски стаж пократок од две години се оневозможени да постапуваат по сите предмети што се ставени во надлежност на основните судови со проширена надлежност. Меѓутоа, ова ограничување не може да се смета дека е дискриминаторско од причина што истото се однесува на сите, условно кажано, „млади судии“ со судиски стаж помалку од две години, тоа има објективна и легитимна цел – оспособување на младите и неискусни судии за стручно, професионално и квалитетно извршување на судиската функција преку постепено совладување на судиската материја од полесни кон посложени предмети, истото е разумно и пропорционално бидејќи е временски ограничено на најмногу две години по што овие судии можат рамноправно со другите да постапуваат по сите предмети што спаѓаат во стварната надлежност на основниот суд со проширена надлежност во кој се избрани за судии.

Забраната на преместување на судиите спротивно на нивната волја, што претставува уставна гаранција од член 99 став 2 од Уставот е нешто сосема друго, тоа е институт кој е предмет на уредување на други, посебни одредби од Законот за судовите (членови 39 и 40 од Законот). Во судската практика на Европскиот суд за човекови права (случај, Guðmundur Andri Ástráðsson v. Iceland [GC], апликација бр. 26374/18, пресуда на Големиот совет од 1 декември 2020, ставови 239-240) и во бројни меѓународни документи (Препорака CM/Rec(2010)12 на Комитетот на министри на Советот на Европа, за судиите: независност, ефикасност и одговорности (ставови 49-52); Листа за проверка на владеењето на правото CDL-AD(2016)033, Rule of Law Checklist, став 80; Мислење бр.1 на Консултативниот совет на европските судии (CCJE Opinion No. 1 (2001),став 57), забраната на преместување на судиите се смета дека е важна гаранција за независноста на судиите.

Подносителот на иницијативата сосема неосновано ја доведува во врска оспорената одредба од член 38-а со институтот преместување, односно трансфер на судиите кој е предмет на уредување во членовите 39 и 40 од Законот за судовите. За разлика од оспоренaта одредба за чија примена единствен критериум е да се работи за новоизбран судија за прв пат, со судиски стаж пократок од 2 години, одредбите за преместување на судиите се применуваат во сосема поинакви околности и за нив важат посебни услови и гаранции, согласно и со меѓународните инструменти од областа на судството и статусот на судиите, кои не се поврзани со судискиот стаж на судијата.

Преместувањето на судиите од еден во друг суд спротивно на нивната волја е исклучок кој се применува само во точно определени околности како што се зголемен обем на работа и предмети во судот, намален број на судии поради изземање на судија, намалена ажурност или поради сложеност на предметите е доведено во прашање тековното работење на судот (член 39 став 9 од Законот). Станува збор за времено упатување на судијата во друг суд од ист степен или во понизок суд, тоа е временски ограничено на една година и може да се примени еднаш во текот на пет години. За ваквото упатување одлучува Судскот совет и во случај на несогласување со одлуката на судскиот совет, засегнатиот судија има право на правен лек – приговор до општата седница на Врховниот суд. Покрај ова привремено упатување, постои и трајно упатување на судијата во друг суд (член 40), во случај на укинување или реорганизирање на суд односно судски оддел.

Оспорената одредба од член 38-а, пак претставува правило и таа важи за сите млади судии со стаж пократок од 2 години и има за цел нивно оспособување за работа и постепено навлегување во проблематиката на потешките и посложените судски предмети.

Мислењето на подносителот на иницијативата дека во практиката, врз основа на оспорената одредба од член 38-а од Законот за судовите, се врши прераспоредување на судии од судови со проширена надлежност во судови со основна надлежност со цел „подобни“ судии да ги судат предметите во надлежност на судовите со проширена надлежност не може да претставува основ и аргумент за уставно-судско проблематизирање на одредбата која има сосема друга цел и содржина. Евентуалната примена на оспорената одредба во практиката за вакви или за други цели, претставува прашање на примена на законот коешто прашање не е во надлежнст на Уставниот суд.

При одлучувањето, Судот го имаше предвид фактот дека Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите со кој е внесен оспорениот член 38-а, бил донесен на 25 февруари 2019 година, а објавен на 17 мај 2019 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, што значи спротивно на член 52 став 2 од Уставот кој предвидува дека законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Меѓутоа, поаѓајќи од содржината на сите законски одредби содржани во наведената измена на Законот за судовите, и имајќи го предвид фактот дека иницијативата не содржи какви и да било наводи и оспорувања во однос на рокот на неговото објавување, како и фактот што од донесувањето на оваа измена се изминати неколку години во текот на кои Законот бил во сила и примена и произведувал правни последици, Судот оцени дека од причини на правната сигурност на граѓаните и на субјектите на кои се однесуваат законските измени на Законот за судовите, не би било целисходно да се поведе постапка за оценување на целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019) само поради околноста што истиот не бил објавен во рок од 7 дена согласно член 52 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Поради наведеното, Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 38-а од Законот за судовите со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 99 и Амандман XXV од Уставот на Република Северна Македонија.

Во врска со предлогот истакнат во иницијативата Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба, имајќи го предвид ставот на Уставниот суд за неповедување постапка за оценување на нејзината уставност, Судот одлучи дека не се исполнети условите за примена на член 27 од Деловникот на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски