Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 21 април 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Указот на претседателот на Република Северна Македонија бр. 8 од 18 јули 2019 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2019).
2. Драган Ковачки од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, претседателот на Републиката, прекршувајќи ја постапката од Законот за одбрана го разрешил полковник Ковачки Ѓорѓи Драган.
Во образложението на поднесокот се наведува дека согласно Законот за одбрана, полковникот Ковачки Драган со Указ бр.60 од 25 февруари 2019 година, како старешина бил поставен на формациско место генерал.
Полковникот ја примил должноста и истата ја извршувал согласно законските прописи. За истиот период е оценет со одлична оцена од неговиот претпоставен старешина. Според досегашната пракса сите старешини кои биле поставени на формациски места генерал како што е и подносителот на иницијативата или истиот ден кога биле поставени или во многу краток период биле и унапредени во формациски чин генерал односно станале генерали. Сепак полковникот не бил унапреден во чин генерал и со Указ бр.8 од 18 јули 2019 година полковникот бил разрешен од должност.
Согласно Законот за одбрана, претседателот поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали.Тоа значи претседателот поставува старешини (полковници и генерали) на формациски места, но разрешува само генерали. Претседателот нема законски основ да разрешува полковници.Согласно член 13 став 1 од Законот за служба во Армијата, старешините односно офицерите во чин полковник се во надлежност на министерот за одбрана и само тој или лице овластено од него може да ги разреши.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека според праксата претседателот со указ поставува полковник на генералско место и по одреден период му го доделува и чинот генерал. Дури откако ќе му го додели чинот генерал претседателот може да го разреши именуваниот кој бил унапреден од полковник во генерал.
Оттука, според подносителот, претседателот ја прекршил постапката при разрешувањето на полковник Драган Ковачки, односно не ја испочитувал процедурата за негово унапредување во чин генерал а потоа разрешување.
Бидејќи полковникот Драган Ковачки не е генерал и законски не можел да биде разрешен без да биде унапреден.
Со оглед на наведеното подносителот бара Уставниот суд да го поништи Указот бр.8 од 18 јули 2019 година.
3.Судот на седницата утврди дека претседателот на Република Северна Македонија со Указ бр. 8 од 18 јули 2019 година, врз основа на член 18, став 1, точка 11 од Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001, 73/2002, 78/2002, 5/2003, 58/2006, 110/2008, 51/2011 151/2011 и 215/2015), член 74 и член 75 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015, 71/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19) го разрешил полковник Ковачки Ѓорѓи Драган
Командант на 1.Механизирана пешадиска бригада, во здружената оперативна команда, во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
ФЧ: полковник, по формација бригаден генерал лична ВЕС: 31040
Овој указ да се изврши веднаш.
4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, Судот оцени дека оспорениот акт нема карактер на пропис поради што не е подобен за уставно – судска анализа.
Ова од причина што оспорениот акт не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, туку поединечен акт на претседателот за разрешување на полковник. Според тоа, Судот не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорениот акт со Уставот и со Законот за одбрана, од кои причини исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспорениот указ по својот карактер и содржина претставува поединечен акт поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
12. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Елена Гошева, Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.19/2021
21.04.2021 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати