У.бр.19/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 07.10.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 59 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/ 2014, 44/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/ 2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019 и 13/2020).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Решението на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Стручна служба – филијала Куманово ФП бр.03100333920 од 16.06.2017 година
– Решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен Уп.бр.0701-803 од 20.10.2017 година
– Пресудата на Управен суд У-4.бр.1002/2017 и У-4.бр.265/2018 од 07.03.2019 година
– Пресудата на Виш Управен суд УЖ-2.бр.625/2019 од 14.11.2019 година.

3. Лидија Дионизовиќ од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 59 од Законот означен во точката 1 од ова решение, како и за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 59 од Законот, врз чија основа биле донесени решенијата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и одлуките на Управен и Виш Управен суд, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 35 став 1 и член 54 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во наводите на иницијативата се цитираат горенаведените уставни одредби и според подносителот, законодавецот правел дискриминација на „живиот брачен другар“ односно ги ставал во поповолна ситуација лицата кои според наведените критериуми имале можност да бидат родители (односно оние кои имале можност да вршат родителска грижа), додека лицата кои не биле родители биле исклучени од можноста да се стекнат со семејна пензија.

Според подносителот на иницијативата, оваа одредба донесена од законодавецот по предлог на Владата, била креирана така да со неа биле опфатени само дел од граѓаните на Република Северна Македонија и не ги опфаќала сите граѓани без разлика на нивната социјална определба (во случајов дискириминација по основ на родители и лица кои не можат да бидат родители), при што ваквата определба не била во духот на Уставот и правната сигурност на граѓаните.

Подносителот на иницијативата, го наведува Решението на Уставниот суд У.бр.43/2018 и издвоеното мислење на судијата Игор Спировски по предметот У.бр.47/2009 и иако согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, сепак ја поднесува оваа иницијатива, а особено поради фактот што овој закон имал 26 измени во период од 7 години, а претходниот закон од 1993 година имал 14 измени или во период од 27 години, два закони за пензиско и инвалидско осигурување биле изменети 40 пати. Од овие причини, подносителот смета дека сите предлози на извршната власт, а усвоени од законодавната, не биле базирани на сериозни анализи со опфат на сите граѓани и содржеле елементи на дискриминација со што се повредувала правната сигурност во државата. Понатаму, пред подносителот на иницијативата се поставувало прашањето кое било образложението со сите измени на член 59 став 4, старосната граница првично да биде 42 години, па потоа истата да биде изменета на 45, па на 50 години, каде била тука правната уставно загарантирана сигурност.

На крај, во наводите на иницијативата, се цитираат членот 5 и членот 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019).

Од сето горенаведено, подносителот на иницијативата смета дека постоеле основи за поинакво одлучување и бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот, како и на конечните управни акти и пресуди.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 59 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/ 2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/ 2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019 и 13/2020), вдовец/вдовица стекнува право на семејна пензија, ако: 1) до смртта на осигуреникот, по кој основ тоа право им припаѓа, лицето наполнило 50 години живот; 2) до смртта на брачниот другар било неспособно за работа или таква неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на брачниот другар; 3) по смртта на брачниот другар останале едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар, а вдовецот/ вдовицата ги врши родителските должности спрема тие деца или 4) до смртта на брачниот другар имало наполнети 45 години, кога ќе наполни 50 години живот – или ако во тие години станало неспособно за работа.

Оспорениот став 2 од истиот член предвидува дека вдовецот/ вдовицата кој во текот на користењето на правото по основ на вршење на родителска должност од ставот (1) точка 3 на овој член стане неспособно за работа или наполнило 50 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија.

Според оспорениот став 3, вдовецот/вдовицата кој го загубил/а правото на семејна пензија по основ на вршење на родителска должност по наполнети 45 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 50 години живот.

Судот, исто така, на седницата утврди дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Стручна служба–филијала Куманово, со Решение ФП бр.03100333920 од 16.06.2017 година го одбил како неосновано барањето на вдовицата Дионизовиќ Лидија од Куманово, за остварување право на семејна пензија по покојниот брачен другар Дионизовиќ Светомир.

Управниот суд со Пресуда У-4.бр.1002/2017 и У-4.бр.265/2018 од 07.03.2019 година ја одбил тужбата на тужителката против Решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, како неоснована, а Вишиот Управен суд со Пресуда УЖ-2.бр.625/2019 од 14.11.2019 година, ја одбил жалбата на тужителката како неоснована и ја потврдил пресудата на Управниот суд.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Членот 30 од Уставот го гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност.

Согласно членот 40 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството (став 1). Правните односи на бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон (став 2).

Од наведените уставни одредби, произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување коешто е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Исто така, според Уставот, Републиката е обврзана да се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните, којашто се остварува врз основа на начелото на социјална праведност, при што прокламацијата на наведените уставни принципи произлегува и од социјалниот карактер на државата. Оттука, право е на законадавната власт, раководејќи се од уставните принципи и начела и од гарантираните слободи и права на граѓаните, да ги определи и пропише условите и постапката за остварување на правата од социјалната сигурност и социјалното осигурување на граѓаните.

Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (член 54 став 3).

Во Законот за пензиското и инвалидското осигурување којшто претходно бил во важност („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/ 1993, 3/1994, 14/1995…51/2011 и 11/2012), прашањето за правото на семејна пензија било уредено на тој начин што постоеле различни услови за стекнување на право на семејна пензија на вдовица и на вдовец.

Имено, вдовица стекнувала право на семејна пензија ако до смртта на брачниот другар наполнила 45 години живот, а вдовецот стекнувал право на семејна пензија ако до смртта на брачната другарка наполнил 55 години живот.

Поради различните услови за остварување на правото на семејна пензија на вдовица и вдовец, како спротивно на начелото на еднаквост по основ на пол, Уставниот суд со Одлуката У.бр.83/2009 од 15.09.2010 година ги укинал член 72 став 1 точките 1 и 4 и ставовите 2 и 3 и член 73 став 1 точките 1 и 4 и ставовите 2 и 3 од овој закон. Согласно Одлуката на Уставниот суд, во наредната измена на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.156/2010) се изедначени условите за стекнување на право на семејна пензија на вдовец и вдовица.

Во Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/ 2016, 35/2018, 220/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019 и 13/2020), меѓу другите прашања, се уредува и прашањето за семејната пензија, коешто е едно од основните права во пензискиот систем. Имено, со задолжителното пензиско и инвалидско осигурување во случај на смрт на осигуреникот, односно корисникот на пензија, се обезбедува семејна пензија за членовите на семејството.

Правата од пензиско и инвалидско осигурување се утврдени во членот 5 од Законот, меѓу кои, покрај другите права, е предвидено и правото на семејна пензија.

Со членот 6 од Законот е предвидено дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се неотуѓиви, лични материјални права и не можат да се пренесуваат на други лица (став 1). Правата од пензиското и инвалидското осигурување не можат да застарат освен пристигнатите, а неисплатените износи на пензии на други парични примања, во случаите утврдени со овој закон (став 2). Користењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, остварени според овој закон може да престане или да се ограничи само во случаи и под услови предвидени со овој закон (став 3).

Пензиското право воспоставува директна врска, односно зависност на пензиските права со бракот и семејството, само преку институтот на семејна пензија. Бракот и обврската за издржување помеѓу брачните другари и членовите на семејството претставуваат услов за стекнување на семејната пензија.

Тргнувајќи од членот 40 од Уставот, законодавецот во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, меѓу другото ги определува и општите и посебните услови за остварување на правото на семејната пензија како и лицата кои можат да го остварат ова право.

Така, со член 57 став 1 од Законот е утврден кругот на членовите на семејството кои можат да остварат право на семејна пензија. Според оваа одредба од Законот, семејна пензија можат да остварат членовите на семејството: брачниот другар; децата (родени во брак или надвор од брак или посвоени, посиноците кои ги издржувал осигуреникот, внуците и други деца без родители кои ги издржувал осигуреникот) и родителите (таткото и мајката, очувот и маќеата) и посвоителот, што ги издржувал осигуреникот.

Понатаму, во членот 58 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е утврдено дека семејна пензија се остварува, само доколку осигуреникот исполнил и одредени услови. Во ставот 1 е утврдено дека членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија ако умрениот осигуреник: 1) наполнил најмалку пет години стаж на осигурување или најмалку десет години пензиски стаж; 2) ги исполнил условите за старосна или инвалидска пензија или 3) бил корисник на старосна или инвалидска пензија.

Според ставот 2, ако смртта на осигуреникот настанала како последица од повреда на работа или од професионална болест, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија, без оглед на должината на пензискиот стаж на осигуреникот.

Согласно оспорениот член 59 став 1 од Законот, вдовец/вдовица стекнува право на семејна пензија, ако: 1) до смртта на осигуреникот, по кој основ тоа право им припаѓа, лицето наполнило 50 години живот; 2) до смртта на брачниот другар било неспособно за работа или таква неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на брачниот другар; 3) по смртта на брачниот другар останале едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар, а вдовецот/ вдовицата ги врши родителските должности спрема тие деца или 4) до смртта на брачниот другар имало наполнети 45 години, кога ќе наполни 50 години живот – или ако во тие години станало неспособно за работа.

Согласно ставот 2 од овој член, вдовецот/вдовицата кој во текот на користењето на правото по основ на вршење на родителска должност од ставот (1) точка 3 на овој член стане неспособно за работа или наполнило 50 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија.

Вдовецот/вдовицата кој го загубил/а правото на семејна пензија по основ на вршење на родителска должност по наполнети 45 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 50 години живот (став 3).

Имајќи го предвид уставното овластување со закон да се утврдат правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување и условите под кои тие права можат да се остварат, право е на законодавецот да ги определи условите за остварување и на правото на пензија, во случајов, на семејна пензија. Во таа смисла во Законот за пензиското и инвалидското осигурување се утврдени општите и посебните услови под кои брачниот другар и другите членови на семејството стекнуваат право на семејна пензија.

Во рамките на ова свое овластување законодавецот таксативно ги навел општите и посебните услови што треба да ги исполни секој член од семејството кој има право на семејна пензија, при што за секој од членовите на семејството се предвидени определени посебни услови (на пример: едни услови се предвидени за брачниот другар, други услови за децата, за внуците, родителите или другите членови на семејството, кои според Законот имаат право на семејна пензија). Притоа, според Законот за сите определени категориии на лица кои имаат право на семејна пензија важат истите услови предвидени за таа категорија и меѓу нив не се прави разлика во условите по кој било основ, што значи дека сите лица кои исполнуваат некои од предвидените посебни законски услови за таа категорија на членови на семејството – под еднакви услови можат да го остварат правото на семејна пензија.

Хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, коишто се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија загарантирани со член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот имаат универзално значење и примена и нивното остварување во практиката зависи од врската што постои помеѓу лицата. Како што односите помеѓу сопружниците се темелат на заемното помагање и солидарност, така законодавецот може да предвиди обврската за помагање и финасиска поддршка да продолжи и по престанокот на бракот, преку обврска за издршка на брачниот другар. Таквата обврска за издржување, со смртта на давателот на издржувањето се трансформира во право на издржуваното лице на семејна пензија и таа се однесува подеднакво на брачниот другар и на децата.

Во таа смисла со членот 59 од Законот, законодавецот предвидел дека вдовицата и вдовецот остваруваат право на семејна пензија, покрај другото, и ако наполниле 45 години живот во време не смртта на брачниот другар, а правото ќе го остварат кога ќе наполнат 50 години живот. Воедно, од законските услови за остварување право на семејна пензија (член 57 став 1) произлегува дека за членовите на семејството кои можат да остварат право на семејна пензија, па и за брачниот другар, неопходно е да биле издржувани од осигуреникот. Оттука, произлегува дека и брачниот другар за да оствари право на семејна пензија треба да биде издржуван од починатиот или да бил или станал неспособен за работа, односно да не е во работен однос или да врши друга дејност преку којашто остварува средства за самостојно издржување. Согласно членот 59 од Законот, законодавецот дава можност за стекнување право на семејна пензија и за брачните другари кои не се родители или не вршат родителска должност, ако истите биле издржувани од починатиот осигуреник односно пензионер и доколку исполнуваат еден од посебните услови предвидени во Законот (на пример: ако во времето на смртта на осигуреникот имале наполнето 45 година, а правото ќе го остварат кога ќе наполнат 50 години, ако биле неспособни за работа или таквата неспособност настанала во рок од една година од смртта на брачниот другар, ако по смртта на брачниот другар останале едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар итн).

Во однос пак на прашањето дали осигуреникот кој починал имал деца кои ги издржувал, тогаш децата под условите од членот 61 од Законот стекнуваат право на семејна пензија, а родителот кој го вршел родителското право, правото на семејна пензија може да го наследи кога тоа право ќе го загуби по основ на вршење на родителска должност по наполнети 45 години, а ќе го оствари кога ќе наполни 50 години живот.

Во конкретниот случај во време на поднесувањето на барањето согласно важечките законски одредби подносителката не ги исполнувала предвидените посебни услови за остварување право на семејна пензија. Притоа барањето до надлежните органи не и е одбиено затоа што немала деца и немала обврска за вршење на родителското право, туку затоа што во време на смртта на брачниот другар таа го немала исполнето условот во поглед на годините на старост.

Согласно членот 126 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување постапката за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување се поведува по барање на осигуреникот, односно на корисникот на пензија, а за остварувањето на право на семејна пензија и други права на членовите на семејството на осигуреникот, односно на корисникот на пензија по барање на членот на семејството.

Во член 140 став 1 е регулирано дека правата од пензиското и инвалидското осигурување утврдени со овој закон, се стекнуваат и пристигнуваат со денот на исполнувањето на условите, ако барањето е поднесено во рок од шест месеци од денот на исполнувањето на условите, а ако барањето е поднесено по истекот на тој рок од поднесувањето на барањето и за шест месеци наназад.

Оттука, произлегува дека рокот за поднесување на барање за стекнување на право за семејна пензија е 6 месеци од денот на исполнувањето на условите, при што подносителката на иницијативата не го поднела барањето во овој рок, туку после 11 години кога во важност е друг закон којшто предвидува поинакви услови за остварување на правото на семејна пензија особено во поглед на годините на живот на вдовицата и вдовецот во време на смртта на осигуреникот. Притоа, подносителката на иницијативата не ги исполнувала условите за стекнување на право на семејна пензија, во смисла на одредбите од Законот којшто важи во моментот на поднесувањето на барањето на подносителката, односно немала 45 години на денот на смртта на осигуреникот без оглед на тоа што барањето е поднесено после законскиот рок.

Од наведените законски одредби произлегува дека наводите во иницијативата според коишто лицата кои биле родители биле во поповолна ситуација од оние кои не биле родители во однос на стекнувањето на правото на семејна пензија, се неосновани. Ова од причина што во одредбата на членот 59 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, покрај општите услови, се наброени и посебните услови што треба да ги исполнат вдовец/вдовица за стекнување на право на семејна пензија, при што еден од условите е до смртта на осигуреникот, лицето да има наполнето 45 години живот, а правото ќе го оствари кога ќе наполни 50 години живот. Понатаму како посебен услов е условот по смртта на брачниот другар да останат едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар, а вдовецот/вдовицата да ги врши родителските должности спрема тие деца, но во тој случај правото го користат децата, вдовецот/ вдовицата кој во текот на користењето на правото по основ на вршење на родителска должност стане неспособно за работа или наполнило 50 години живот во тој случај тој станува корисник на правото при што трајно го задржува правото на семејна пензија.

Кога би се разгледувало прашањето покренато во иницијативата од аспект на член 54 став 3 од Уставот којшто уредува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, Судот оцени дека не постои ниту уставен, ниту деловнички основ за впуштање во анализа на покренатото прашање од овој аспект- дискриминација по основ на правото на семејна пензија, како што се потенцира во иницијативата.

Од сето горенаведено, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 59 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 35 став 1 и член 54 став 3 од Уставот.

6. Во однос на оспореното решение на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и оспорените пресуди на Управниот и Вишиот управен суд, како и од фактичката состојба Судот го утврди следново:

Подносителката на иницијативата, вдовицата Дионизовиќ Лидија, родена на 13.11.1963 година, до денот на смртта на брачниот другар имала 42 години живот, а по неговата смрт немала деца на школување поради што не остварила право на семејна пензија, а на денот на поднесувањето на барањето за право на семејна пензија (13.07.2017 година) имала 53 години старост. Од причина што не ги исполнувала условите согласно членот 59 од Законот, односно немала 50 години до денот на смртта на брачниот другар, а барањето го поднела 11 години после смртта на незиниот сопруг (15.06.2006 година), Фондот за пензиско и инвалидско осигурување го одбил нејзиното барање за остварување на право на семејна пензија како неосновано. Незадоволна од ваквото решение подносителката повела управен спор пред Управниот суд, којшто исто така донел пресуда со која ја одбил тужбата како неоснована, а Вишиот управен суд ја потврдил одлуката на Управниот суд и ја одбил жалбата како неоснована.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Пресудите и решенијата донесени во управна постапка, и во која било судска постапка се конкретни акти, засновани на конкретен правен настан, со нив се одлучува за правната работа на конкретни учесници во постапката, за прашања поврзани со примената на материјалното или процесното право и немаат карактер на пропис во смисла на цитираните уставни и деловнички одредби.

Во постапката пред Уставниот суд се бара оцена на уставноста и законитоста на: решение донесено од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, решение донесено до страна на Државната комисија за одлучување во управна постапка и пресудите на Управниот и Вишиот управен суд, но судските пресуди и решенија според формата, содржината и начинот на донесување немаат карактер на пропис и не подлежат на апстрактна контрола на уставноста и законитоста.

Во конкретниот случај, актите коишто се оспоруваат немаат карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, бидејќи од нивната содржина неспорно произлегува дека во случајов станува збор за поединечни конкретни акти со кои се регулираат односи inter partes. Со оглед дека оцената на уставноста и законитоста на поединечните, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, а во конкретниот случај станува збор токму за таков вид на прописи кои уредуваат односи inter partes, односно за поединечни акти, Судот оцени дека оспорените акти не се подобни за уставно-судска оцена.

Конкретниот поднесок не може да добие ниту третман на барање за заштита на слободите и правата, најнапред од причина што од Судот не се бара да спроведе ваков вид на постапка, а од друга страна Уставниот суд не е надлежен да одлучува за законитоста на донесените решенија и одлуки на надлежните судови согласно член 110 алинеја 3 од Уставот.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.19/2020
07.10.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати