У.бр.191/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 17 јуни 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 42/2020).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 на ова решение, во целина, во однос на процедурата при предлагањето на Законот.

3. Михајло Маневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот закон се повредувале:

– член 8 став 1 алинеја 3, член 91 став 1 алинеја 2, Амандаман X став 2, член 51 став 1 и член 52 став 3 од Уставот;
– член 170 став 1 алинеи 1 и 3 и членот 132 од Деловникот на Собранието и
– членовите 95, 96 и 103 и членот 65 од Деловникот на Владата

Во иницијативата поодделно се образложуваат причините поради кои е поднесена истата, и тоа:

1. Поради повреда на Уставот и процедурата при предлагање на Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители

Владата на Република Северна Македонија со писмо бр.44-1356/1 од 09.02.2020 година, како овластен предлагач на закон, до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, врз основа на член 91 алинеја 2 од Уставот и членовите 132, 137 и 170 од Деловникот на Собранието, поднела Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители, по скратена постапка, што го утврдила на седницата одржана на 09.02.2020 година.

Наведениот предлог-закон бил подготвен од Министерството за правда и доставен до Владата, исто така, на 09.02.2020 година.

Предлог-законот бил предложен на дневен ред за 134. седница на Собранието, закажана за 10 февруари 2020 година во 17 часот. На таа седница на дневен ред биле ставени предлозите на законите за измените и дополнувањата на Законот за Советот на јавни обвинители и за Јавното обвинителство.

Седницата на Собранието не започнала во 17 часот, како што била закажана, ниту во 18 часот, како што била презакажана, туку дури во 21,13 часот, а завршила во 21,21 часот.

На реакција на опозиционите пратеници дека цел ден чекале и дека само на неколку минути пред 21 часот добиле известување за повлекување на Законите и доставување на нов корегиран текст на Законите и за закажување на нова 135 седница, претседателот на Собранието, кој претседавал со седницата, изјавил:

„Тоа се материјали за нова седница, а пошто сами кажавте точките се повлечени, јас само можам да констатирам, како што е процедурата, дека точките се повлечени и седницата 134-та со тоа се затвара“.

Тој констатирал: „Бидејќи Владата на Република Северна Македонија ги повлече овие предлози, констатирам дека Предлог на законите се повлечени. Со тоа тој констатирал дека 134 седница на Собранието на Република Северна Македонија е завршена и ги повикал пратениците на новата 135 седница со почеток во 22 часот“.

Со оглед на тоа што Владата ги повлекла предлог-законите за кои била закажана седницата на Собранието, претседателот на Собранието, кој претседавал со седницата, правилно констатирал дека 134 седница е завршена.

На 10.02.2020 година, околу 16 часот, во Собранието пристигнало писмо потпишано од техничкиот премиер Оливер Спасовски, во кое се наведувало дека „Владата на Република Северна Македонија го повлекува од собраниска постапка Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, по скратена постапка, што ви е доставен со наше писмо под горниот број и датум.“

Во писмото, исто така, се наведувало дека: „Владата на Република Северна Македонија Ви доставува нов корегиран текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, по скратена постапка, што го утврди на седницата одржана на 09.02.2020 година“.

Со ставање на дневен ред на нов корегиран текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, по скратена постапка, сторена била повреда на Уставот, Деловникот на Владата и Деловникот на Собранието.

Деловникот на Владата не познавал одредби за нов корегиран текст. Според членот 65 од Деловникот, материјалите за разгледување на седниците на Владата ги подготвуваат предлагачите и ги доставуваат до Владата јазично редактирани (лекторирани) во облик на: предлог за донесување закон, нацрт-закон, предлог-закон, на друг пропис или акт, анализа, извештај, осврт, информација или друг материјал, односно предлог.

Според членот 136 од Деловникот на Собранието, ако предлогот на закон не е подготвен во согласност со одредбите на овој деловник, претседателот на Собранието, пред да го достави на пратениците, ќе побара од предлагачот да го усогласи со одредбите на овој деловник. Ако предлагачот не го дополни предлогот на законот во рок од 15 дена од барањето на претседателот на Собранието, се смета дека предлогот на законот не е поднесен.

И самиот претседавач на 134. седница на Собранието, при затворањето на истата, изјавил дека доставените материјали биле за нова седница и дека материјалите што се доставени до пратениците биле за нова седница.

Закажувањето на 135 седница по повлекувањето на доставените закони било спротивно на член 91 алинеја 3 од Уставот и член 132 од Деловникот на Собранието, бидејќи Собранието ставило на дневен ред предлог-закони кои не биле предложени од овластен предлагач. Новиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, по скратена постапка, доставен на 10.02.2020 година не бил утврден на седница на Владата, а Предлог-законот од 09.02.2020 година бил повлечен.

Во писмото потпишано од Оливер Спасовски, како технички претседател на Владата, јасно се гледало дека се доставува нов предлог-закон. Ниту повлекувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, по скратена постапка, ниту доставување на нов предлог-закон, не биле разгледувани на седница на Владата, ниту на седница на Владата бил утврден нов текст на Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, по скратена постапка (првиот предлог) од 09.02.2020 година и вториот нов предлог од 10.02.2020 година, имале битно различна содржина. Имено, првиот предлог имал 27 члена, а вториот предлог имал 28 члена. Споредени првиот и вториот предлог, се забележувало дека во вториот предлог имало сосема нови решенија (во членовите 1,2,19, 20,113). Од наведените примери сосема било очигледно дека не биле истоветни текстовите на повеќе одредби од предлог-законите.

Предлог-законот којшто бил доставен од Владата и кој бил повлечен, се сметало дека воопшто не бил поднесен. Владата можела да одлучи да повлече закон од собраниска процедура, но во таков случај при носење на нов текст на предлог-закон, тој морало да биде утврден на седница на Владата.

Во конкретниот случај, новиот текст што повторно бил доставен предвидувал сосема нови решенија, кои не биле утврдени на седница на Владата. Оливер Спасовски не бил Влада. Тој ја претставувал Владата и ги потпишувал актите што ги донесува Владата, но тој не можел самиот да одлучи да повлече или да предложи закон без да биде утврден на седница на Владата, ниту Собранието можело да расправа или да донесе закон кој не бил доставен од овластен предлагач.

Новиот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, по скратена постапка, доставен на 10.02.2020 година, не бил утврден на седница на Владата, поради што бил доставен спротивно на член 91 алинеја 3 од Уставот и членот 132 од Деловникот на Собранието.

На третото продолжение на 135. седница на Собранието одржана на 15.02.2020 година, бил разгледан Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители и по исцрпената листа на пријавени пратеници, претседателот на Собранието констатирал дека општиот претрес по Предлог-законот бил завршен и закажал гласање за 16.02.2020 година во 11 часот.

На 16.02.2020 година, откако на барање на претседателот на Собранието службите утврдиле дека во салата биле присутни 74 пратеници, тој ги потсетил пратениците дека: „законот се гласа со мнозинство пратеници од вкупниот број пратеници. Се подразбира 61 минимум за, и со двојно мнозинство, со Бадентер“.

Потоа, претседателот ги повикал пратениците да гласаат и откако гласањето завршило и резултатот од гласањето бил покажан на екранот во салата на Собранието, констатирал дека вкупно гласале 73 пратеници, од кои 73 гласале „за“, воздржани нема, против нема и констатирал дека Собранието го донело Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители.

Гласање по Бадентер не било спроведено, иако г.Џафери најавил дека овој закон се донесува со Бадентерово мнозинство. Бидејќи дневниот ред бил исцрпен, констатирал дека 135. седница на Собранието била завршена.

2. Материјално-правни одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители спротивни на Уставот

– Одредбата од член 1 став 2 за соодветна примена на Законот за употреба на јазиците

Постојниот Закон за јавното обвинителство и Законот за Советот на Јавни обвинители биле донесени на седница на Собранието на 03.12.2007 година. На истата седница на Собранието бил донесен и Законот за комитетот за односи меѓу заедниците.

Потписникот на иницијативата, како тогашен министер за правда, ги подготвил законите и како претставник на Владата во Собранието ги образложил и ги бранел решенијата предвидени со законите. Овие три закони биле донесени на наведената седница на Собранието и објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 од 12.12. 2007 година.

Во членот 11 од Законот за комитетот меѓу заедниците, точно биле наведени 47 закони што се донесуваат со Бадентерово мнозинство. Во овој член биле предвидени два закони од областа на правосудството, и тоа: Законот за судскиот испит и Законот за академија на судии и обвинители. Во оваа одредба не биле предвидени Законот за јавното обвинителство и Законот за Советот на јавни обвинители.

Во Амандманот X на Уставот, во ставот 2 се предвидувало дека: „За закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците“.

Тоа значело дека за сите закони, освен оние изречно предвидени во членот 11 од Законот за комитетот за односи меѓу заедниците, кои ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучувало со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што морало да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.

Бидејќи во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители во членот 1, во новиот став 2 се предвидувало дека Советот на јавни обвинители во вршење на своите функции соодветно ги применува одредбите од Законот за употреба на јазиците, тоа значело дека во Законот се предвидувала одредба за употреба на јазик и според Амандманот X на Уставот, Законот морало да се донесе и со Бадентерово мнозинство.

На 16.02.2020 година во 19,55 часот, Кабинетот на претседателот на Собранието официјално, преку Агенцијата МИА известил дека: „при образложувањето како се носи овој закон претседателот на Собранието, Талат Џафери направил грешка“.

Понатаму, од Кабинетот на Талат Џафери се повикувале на член 11 став 3 од Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците, каде што се наведени законите што се гласаат со Бадентер, а меѓу нив го немало Законот за Советот на јавни обвинители. „Законот се носи со обично мнозинство, бидејќи за овој закон според Уставот и Деловникот на Собранието не е предвидено посебно гласање, односно гласање по Бадентер“, изјавиле за МИА од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Ова било тотално негирање на уставната обврска дека за закони коишто директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието да одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Сите процесни закони со кои се уредува постапката пред судовите за различни видови спорови содржеле одредби за употреба на јазикот на кој се води постапката. Употребата на јазикот во постапка пред судовите било уредено со Законот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка, Законот за управните спорови, Законот за прекршоците, а во управната постапка со Законот за општата управна постапка и други процесни закони.

Наведените процесни закони биле системски и биле донесени по усвојувањето на уставните амандмани со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието, од коишто најголемиот број во времето од 2008 до 2015 година.

Со Законот за јазиците се воведувала двојазичност во водењето на судските постапки и со тие одредби во целост се прекршувале одредбите за уставното уредување на судскиот систем и водењето на судските постапки во Македонија.

Тоа што се предвидувало соодветна употреба на Законот за употреба на јазиците за водење на судските постапки и во Советот на јавните обвинители во вршењето на своите функции, немало никаква уставна основа.

Мислењето на Венецијанската комисија било сосема јасно и тоа мислење морало да се почитува, како што се почитувало во 2007 година кога Законот за јавното обвинителство и Законот за Советот на јавни обвинители биле на мислење пред Венецијанската комисија, а подносителот на оваа иницијатива, како тогашен министер за правда, ги образложил законите пред Комисијата и во натамошната постапка ги вградил сите забелешки, мислења и сугестии.

Од изнесените причини, Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители бил неуставен закон со којшто се кршеле темелни уставни вредности за владеење на правото и грубо кршење на деловничката процедура.

Поради тоа, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на овој закон и по спроведената постапка, истиот да го поништи.

Исто така, се предлага врз основа на членот 27 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд да донесе Решение за запирање на примената на Законот, бидејќи со неговото спроведување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

На крајот, подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да ги изведе како доказ стенографските записници и аудио-визуелните снимки од 134 и 135 седница на Собранието, во повеќе продолженија.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, кој се оспорува со иницијативата, има 28 члена.

Според член 1 став 2 од Законот, Советот на јавните обвинители во вршењето на своите функции соодветно ги применува одредбите од Законот за употреба на јазиците.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 3 од Уставот, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Според Амандман X точка 1 на Уставот (со овој амандман се заменува членот 69 од Уставот), Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинството од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Според точката 2 на истиот амандман, за закони коишто директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.

Согласно член 91 алинеја 2 од Уставот, Владата на Република Северна Македонија предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието.

Според точка 1 ставови 5, 7 и 8 на Амандманот XXX (со кој се заменуваат ставовите 2 и 3 на членот 106 од Уставот и се брише членот 107 од Уставот), јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот. За разрешување на јавните обвинители одлучува Советот. Надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.

Во согласност со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со Законот за советот на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 100/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020) се уредуваат надлежноста, составот и структурата на Советот на јавните обвинители на Република Македонија (во натамошниот текст: Советот), мандатот на неговите членови, основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот, како и основите и постапката за избор и престанок и разрешување на јавните обвинители и други прашања во врска со работата на Советот (член 1).

Со иницијативата се оспорува уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020), од аспект на повреда на процедурата при предлагање на Законот, како и посебно се оспорува уставноста на член 1 став 2 од Законот со кој се упатува на соодветна примена на Законот за употреба на јазиците.

6. Во однос на наводите од иницијативата коишто се однесуваат на повреда на процедурата при предлагањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020), Судот го имаше предвид следното:

Од анализата на наведените и другите одредби на Уставот на Република Северна Македонија, произлегува дека Уставот пропишува какво мнозинство на гласови е потребно за донесување на одделни закони, и тоа: мнозинство на гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници; мнозинство од вкупниот број пратеници или двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Посебно, Уставот определува дека во одделни случаи, постои и услов законот да биде донесен со двојно гласање, односно покрај наведеното мнозинство, да бидат обезбедени и мнозинство на гласови од пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Републиката.

Уставните одредби не ја регулираат постапката која им претходи на донесувањето на законите и прашањата како што се: од кого е потпишан предлог-законот, колку пати бил разгледуван и од кои матични тела на Собранието, дали се носи во скратена или редовна постапка, колку читања на законот имало, дали е во прашање закон со таканаречено европско знаменце или не, и така натаму. Тоа се прашања за организацијата и функционирањето на Собранието коишто Уставот упатил да бидат разработени со Деловникот на Собранието. Оттука, произлегува дека овие прашања не се прашања за уставно-судска анализа од страна на Уставниот суд, бидејќи би значело да се врши оцена на согласноста на конкретен закон по однос на неговата согласност со Деловникот на Собранието, кој во главата IX. ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНИ И ДРУГИ АКТИ (членови 132-162) ја разработува постапката за носење на законите.

Истото важи и за одредбите на Деловникот на Владата, во кој, во согласност со Уставот и со Законот за Владата и други закони, се уредува начинот на работа на Владата и на нејзините работни тела, како и други прашања од значење за работата на Владата, при што во главата IV. СЕДНИЦИ НА ВЛАДАТА (членови 64-67) се разработува постапката за подготвување на материјали за седница на Владата. Оцената на согласноста на конкретен закон по однос на одредби од Деловникот на Владата, според уставно утврдените овластувања на Уставниот суд, не спаѓа во надлежност на Судот. Имено, Уставот јасно определува дека Уставниот суд, кога се во прашање закони, одлучува за согласноста на законите со Уставот, а додека пак формалниот аспект на донесување на Законите, односно нивната претходна процедура за донесување ги надминува рамките на ингеренциите на Уставниот суд за уставно-судска анализа во оваа насока.

Оттаму, од уставен аспект предмет на уставно-судска анализа при оценката на уставноста на постапката за донесување на конкретен закон може да биде само прашањето дали тој закон во фазата на гласање го добил потребното, со Устав предвидено мнозинство гласови или не. Уставниот суд нема надлежност да цени дали постапката за донесување на оспорениот закон е во согласност со Деловникот на Собранието или со Деловникот на Владата и нема надлежност да ја преоценува работата на надлежните органи во процедурата што претходела на донесувањето на законот, што е став на Судот изразен во постапките по предметите У.бр.161/2011, У.бр.20/2013, У.бр.53/2013 и други.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020), е донесен на седницата на Собранието одржана на 16 февруари 2020 година, по предлог на Владата и за него гласале 73 пратеници.

Со оглед дека Законот за Советот на јавните обвинители се донесува според Амандман XXX точка 1 став 8 од Уставот, произлегува дека Уставот не пропишал посебно мнозинство за донесување на овој закон, односно пропишал дека истиот се носи со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници (Амандман X точка 1). Оттука, и Законот за измени и дополнувања на Законот за Советот на јавни обвинители се носи на ист начин, поради што не спаѓа во групата закони за кои Уставот предвидува посебно мнозинство за донесување и не се гласа по принципот на Бадентер, утврден во Амандман X точка 2 од Уставот.

Имајќи предвид дека Уставниот суд нема надлежност да цени дали процедурата што претходела на донесувањето на законот е во согласност со Деловникот на Собранието и со Деловникот на Владата и нема надлежност да ја преоценува работата на надлежните органи во таквата процедура, а со иницијативата уставноста на Законот во целина се оспорува единствено од овој аспект, Судот оцени дека иницијативата во делот кој се однесува на наведеното, треба да биде отфрлена согласно член 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд.

7. Во однос на наводите од иницијативата кои се однесуваат на оспорување на уставноста на член 1 став 2 од Законот, Судот го имаше предвид следното:

Оспорената одредба гласи:

„(2) Советот на јавните обвинители во вршењето на своите функции соодветно ги применува одредбите од Законот за употреба на јазиците.“

Поаѓајќи од анализата на оспорената одредба произлегува дека истата не го уредува прашањето на употреба на јазиците во вршењето на функциите на Советот на јавните обвинители, туку упатува на соодветна примена на одредбите од Законот за употреба на јазиците, од каде оваа оспорена одредба нема уредувачка туку има упатувачка содржина.

Целисходноста на законското решение според кое за употребата на јазикот при вршење на функциите на Советот на јавните обвинители се упатува на примена на Законот за јазиците, како посебен закон (lex specialis) е проценка на законодавецот и не значи повреда на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.

Со оглед на тоа што станува збор за упатна норма, а не за норма којашто уредува односи во правото, наводите во иницијативата дека со истата се повредувал Амандман Х став 2 на Уставот, се неосновани.

Прашањата, пак, дали со одредбите на Законот за употреба на јазиците се излегува надвор од уставната рамка, какви проблеми предизвикува во примената и слично се прашања коишто можат да бидат предмет на разгледување при оценување на уставноста на тој закон, а не на Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители.

8. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 на Деловникот на Уставниот суд, за прифаќање на барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот закон.

9. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.191/2020
17 јуни 2021година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска