У.бр.170/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.170/2023
Скопје, 03.04.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 април 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на делот „ставот (5) на“ од член 95 став 7 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Mакедонија“ бр.15/2015, 98/2015, 193/2015, 226/2015, 31/2016, 142/2016 и 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.275/2019 и 101/2021) и Автентичното толкување на член 57 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште.

Образложение

I

Игорче Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на дел од член 95 став 7 и автентичното толкување на член 57 став 2 од Законот за градежното земјиште означен во диспозитивот на ова решение.

Иницијативата започнува со приказ на содржината на член 95 од основниот текст на Законот („Службен весник на Република Mакедо-нија“ бр.15/2015) и содржината на член 39 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019) со кој се направени измени во основниот текст на член 95 од Законот. Во продолжение на иницијативата се дава приказ на целосната, сегашна содржина на член 95 од Законот.

Според подносителот на иницијативата оспорениот дел од член 95 став 7 и Автентичното толкување на член 57 став 2 од Законот пропишуваат што треба да содржи Програмата за уредување на градежно земјиште, но во ниту еден момент не пропишуваат за тоа како ќе се враќа инвестицијата. Оттаму, оспорениот дел од законската одредба и автентичното толкување можат да доведат до заблуда при примената што не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што уставната одредба подразбира во правниот поредок да постојат јасни, прецизни и концизни норми, а оспорениот дел да упатува на примена која содржински и суштински треба да се надополнува или појаснува и да го содржи она што треба како би формирала правно логична функционална целина, што овде не е случај.

Упатувачката норма и нормата на која се упатува треба да се надополнуваат една со друга и да прават логична целина. Во спротивно може да дојде до арбитрарно толкување што не е дозволено во позитивното право и е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Поради наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, а потоа оспорениот дел и автентичното толкување да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека во став 7 од член 95 од Законот е предвидено дека во случаите од ставот 5 на овој член опремата, објектите и инсталациите преминуваат во сопственост на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје или на јавното претпријатие кои склучуваат договор со приватниот инвеститор за условите и начинот на враќање на инвестицијата, пред да почне изградбата на инвестицијата.

Одредбата се оспорува во делот „ставот 5 на“.

Врз основа на член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 5 мај 2021 година, даде Автентично толкување на член 57 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019) кое гласи „ Од 1 мај 2020 година, надлежностите за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија исклучиво ќе ги вршат општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје.“

Одредбата на член 57 став (2) од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија” број 275/19), треба да се толкува така што општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, задолжително е потребно претходно да ги исполнат законските услови за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија за да се стекнат со надлежност за вршење на работите со донесување на одлука од Владата на Република Северна Македонија и се во насока на завршување на процесот на децентрализација притоа исклучувајќи ја само можноста на Министерството за транспорт и врски да ги врши работите за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија, а определувајќи дека надлежноста ќе се врши исклучиво од страна на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, но со истите одредби не се исклучува примената на одредбите од членовите 99 и 101 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ број 15/15, 98/15, 193/15, 226/15, 31/16, 142/16 и 190/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 275/19).

Автентичното толкување е објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2021.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во конкретниот случај предмет на оспорување е дел од ставот 7 на член 95 од Законот за градежното земјиште и Автентичното толкување објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2021.

Целината на член 95 од Законот гласи:

Според став 1 од член 95 од Законот, уредувањето на градежното земјиште од членот 94 од овој закон го вршат општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје врз основа на Програма за уредување на Градежно земјиште што ја донесува советот.

Уреденоста на градежното земјиште од ставот 1 на овој член ја утврдува комисија формирана од општините, општините во Град Скопје и Градот Скопје, која е составена од три члена од редот на вработените во службата која го врши уредувањето на градежното земјиште, согласно со став 2 од одредбата.

Според ставот 3 од член 95 од Законот, работите од ставот 1 на овој член, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје ги вршат преку јавно претпријатие, трговско друштво или друго правно лице кое има овластување за вршење на комунална или јавна услуга согласно со закон. Работите за уредување на градежно земјиште општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје можат да ги вршат и во облик на учество на приватен партнер, односно со склучување на договор со приватен партнер, почитувајќи ги притоа принципите на транспарентност, јавност и еднаквост на учесниците.

За подрачјето на Градот Скопје уредувањето на градежното земјиште го вршат општините од подрачјето на Градот Скопје во делот на опремување на градежното земјиште со објекти од секундарната инфраструктура, а Градот Скопје во делот на опремување со објекти на основната инфраструктура, врз основа на програмата за уредување на градежно земјиште што ја донесуваат советите на општините во Градот Скопје, односно Советот на Градот Скопје, според став 4.

Во ставот 5 од член 95 од Законот е уредено дека Програмата за уредување на градежно земјиште особено содржи податоци за:
– просторот кој е предмет на уредување,
– обемот на работите за подготвување и расчистување на градежното земјиште,
– обемот и степенот на опремување на градежното земјиште со објекти на основната и секундарната инфраструктура,
– изворите за финансирање на програмата,
– пресметување на трошоците за уредувањето на градежното земјиште,
– висината на надоместокот за уредувањето на градежното земјиште и неговата распределба,
– начин на распределба на средствата за финансирање за изградба и одржување на инфраструктурата,
– динамика на извршување на програмата и
– објекти на инфраструктурата од јавен интерес за Република Северна Македонија и оцена за нивното влијание врз животната средина и природата, согласно со закон, што ги финансира Република Северна Македонија, односно инвеститорот на кого земјиштето му го отуѓила или дала под долготраен закуп Република Северна Македонија.

Според став 6 од член 95 од Законот, кога уредувањето на земјиштето се врши преку учество на приватен партнер истиот има право на враќање на вложеното на начин кој ќе го договори со општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, а особено преку уплатите на новите корисници на веќе поставените објекти.

Во ставот 7 од член 95 од Законот е определено дека, во случаите од ставот 5 на овој член опремата, објектите и инсталациите преминуваат во сопственост на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје или на јавното претпријатие кои склучуваат договор со приватниот инвеститор за условите и начинот на враќање на инвестицијата, пред да почне изградбата на инвестицијата.

Од сумарната анализа на член 95 од Законот произлегува дека оваа одредба е комплексна и определува дека општините, општините на Град Скопје и Град Скопје го вршат уредувањето на градежното земјиште врз основа на Програма за уредување на градежно земјиште што ја донесува советот; дека уреденоста ја утврдува трочлена комисија формирана од наведените субјекти; дека работите на уредување се вршат преку јавно претпријатие, трговско друштво или друго правно лице кое има овластување за вршење на комунална или јавна услуга согласно со закон или преку учество на приватен партнер, односно со склучување на договор со приватен партнер. Во одредбата е утврдено кои се податоци ги содржи Програмата за уредување на градежно земјиште. За приватниот партнер кој учествува во уредувањето е предвидено право на враќање на вложеното од средствата прибрани од уплатите на новите корисници на веќе поставените објекти. Општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје или јавното претпријатие склучуваат договор со приватниот инвеститор за условите и начинот на враќање на инвестицијата, пред да почне изградбата на инвестицијата.

Автентичното толкување, пак, се однесува само по однос на ставот 2 од член 57 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019) при што во споменатата одредба е предвидено од 1 мај 2020 година, надлежностите за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија исклучиво да ги вршат општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје. Со автентичното толкување, во врска со надлежностите за располагање, се појаснува дека претходно треба задолжително да се исполнат законските услови што се утврдуваат со одлука на Владата, а во насока на завршување на процесот на децентрализација при што не се исклучува примената на одредбите од членовите 99 и 101 од Законот за градежно земјиште како целина.

Од вака направената анализа произлегува дека подно-сителот на иницијативата нецелосно и неправилно ја согледува содржината на член 95 во кој е содржан оспорениот дел како и содржината на Автентичното толкување.

Имено, ставот 6 и ставот 7 од член 95 од Законот го уредиле токму она за кое подносителот тврди дека недостасува како регулатива или уредуваат како би се вратило она што претходно било инвестирано во уредување на градежното земјиште. Притоа, ставот 6 го утврдил самото право на враќање на инвестираното од приватниот партнер, а ставот 7 предвидел обврска за склучување на договор со приватниот инвеститор за условите и начинот на враќање на инвестицијата и тоа пред да почне изградбата на инвестицијата.

Инаку, барањето во иницијатива да се интервенира во одредба која не содржи она што подносителот смета дека треба да содржи излегува надвор од рамките на воспоставената надлежност на Уставниот суд од член 110 од Уставот, но во овој случај постои уреденост поради што Судот оцени дека има услови за впуштање во мериторна анализа и оцена.

По однос на оспореното автентично толкување, од неговата содржина произлегува дека се појаснува кога и на кој начин располагањето со градежното земјиште преминува на општините, општините во Град Скопје и Град Скопје и неговата тематика во никој случај не е уредувањето на кој начин ќе се врати претходната инвестиција доколку дојде до истек или раскинување на претходно склучен договор за уредување на градежното земјиште.

Оттаму, од аспектите на иницијативата нема повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во изреката на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска