У.бр.167/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.167/2024
Скопје, 20.06.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 јуни 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 38 став 2 во делот „Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис“ од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015 и 65/2018).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот дел на членот 38 од Законот за општата управна постапка се упатува на примена на одредби од пропис кој сметано од 22.08.2020 година не е во правниот поредок, што е во спротивност со начелото на владеењето на правото предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Имено, Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис престанал да важи со член 77 и 78 од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019 и 275/2019). Оттука, според наводите во иницијативата оспорениот дел на член 38 став 2 од Законот за општата управна постапка е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот од причина што упатува на примена на Закон кој е надвор од правниот поредок и како таква истата е нејасна и неприменлива со што се доведува во прашање правната сигурност на граѓаните.

Поради наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од член 38 став 2 од Законот за општата управна постапка.

II

На седницата Судот утврди дека во член 38 став 1 од Законот за општата управна постапка е предвидено дека во случаите кога законот наложува потпис, актите во хартиена форма се потпишуваат своерачно. Според став 2 на член 38 од Законот електронските исправи се комплетираат со отпечатено име на потписникот и се поврзуваат со општо прифатен електронски потпис во согласност со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис.

III

Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Подносителот на иницијативата го оспорува член 38 став 2 во делот „Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис“ од Законот за општата управна постапка, бидејќи упатувал на примена на Закон кој бил отстранет од правниот поредок.

Имено, со оспорениот дел на член 38 став 2 од Законот за општата управна постапка се упатува на примена на Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис кој со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019) е отстранет од правниот поредок.

Така, во член 77 од наведениот закон се предвидува дека со денот на започнувањето на примената на овој закон престанува да важи Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис („Службен весник на Република Македонија“ број 34/2001, 6/2002, 98/2008 и 33/15).

Во член 78 од истиот закон се предвидува дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 септември 2020 година, освен одредбите од глава II. Електронски документ кои ќе започнат да се применуваат од 20 декември 2019 година.

Подносителот со иницијативата бара, Уставниот суд, преку уставните механизми, да изврши корекција на цитираниот закон, со укинување на оспорениот дел „Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис” содржан во оспорениот член во иницијативата од Законот за општата управна постапка. Меѓутоа, според Судот, тоа е во надлежност на законодавецот кој ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно преку своите механизми, врши и технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски